Monday, December 07, 2009

Земја со визија


Нема да ви биде нужно да прочитате отчет од Владата и Министерството за туризам за да видите дека Црна Гора знае што прави. Ќе биде доволно само неколку дена да престојувате во земјата. Лесно ќе забележите кој сектор од економијата им е најзначаен и дека целото општество е мобилизирано за оствравување на таа визија

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Филип ПОПОВСКИ

ЦРНА ГОРА - Овие луѓе знаат што прават и несомнено ќе го направат тоа што го наумиле! Лесно ќе го заклучите ова ако патот ве однесе првпат или по долго време во Црна Гора, сакајќи да видите што има да им понуди на туристите земјата на мрзеливите Црногорци, како што велат предрасудите на кои и ден-денес им веруваме.

Но, не бидете изненадени кога ќе видите нешто сосем различно, нешто што ни најмалку не им прилега на сеќавањата или сликите што ви ги создале вашите блиски раскажувајќи за социјалистичките, синдикални летувалишта во Црна Гора, во која ви се нудат диво море, место да преспиете, скромни продавници, кафулиња и ресторани со мрзеливи келнери.

Ќе биде доволно само да го поминете патот од југот кон северот на земјата или обратно и да поминете неколку часа престој в место за да сфатите нешто сосем друго - овие луѓе знаат што прават! Решиле да живеат од туризам и тоа ќе го направат. Знаат што имаат, знаат што сакаат да направат од тоа што го имаат, знаат кому сакаат да му го продадат тоа што го создаваат и, знаат како да го направат тоа!

ЛИДЕР НА МЕДИТЕРАНОТ ДО 2020


Визијата на Црна Гора за развој на туризмот, најдобро ќе ја согледате во воведните поглавја на црногорската Националната стратегија за развој на туризмот до 2020 г., но, тоа што најмногу ќе ве изненади е дека не мора да одите толку длабоко во вашите истражувања за да го дознаете тоа. Доволно ќе биде да поразговарате со првиот стопанственик или со првиот човек што ќе го сретнете на улиците во која и да е дестинација од туристичката мапа на Црна Гора. Ќе чуете нешта на кои ќе им се радувате како да сте чуле амбициозна, добро осмислена и остварлива визија за својата земја.
Разгледувајќи ја Стратегијата, најпрвин ќе бидете изненадени од самодовербата на црногорското општество кога си ги поставило пред себе целите што сака да ги постигне.

Според документот, кој, движењето низ теренот ќе ве увери дека не е само текст на хартија, туку начин на размислување на Црногорците, визијата на Црна Гора е до 2020 г. да израсне во лидер во туризмот на Медитеранот - пазар што е ориентиран кон висок квалитет, а туризмот да биде главен генератор на работни места и приходи.

Имајќи го ова на ум, лесно ќе ги препознаете и конкретните нешта што веќе се направени или почнале да се прават за да се стигне до оваа амбициозна цел, колку и да ви личи навидум претенциозна.

Ако имате предвид дека си поставиле цел Црна Гора да стане силна висококлалитетна туристичка дестинација на глобално ниво, туризмот да биде сектор што ќе ја движи економијата, ќе креира доволно работни места и раст на животниот стандард, а државата да добива приходи на стабилен и сигурен начин, лесно ќе сфатите дека секој можен новоизграден објект што ќе го средните на патот и секој новоизграден или реновиран хотел во туристичките места е дел од таа визија. Лесно ќе забелжите дека, на пример, елитните хотели во Колашин или во Будва се дизајнирани токму така, за да бидат провокација и за најпребирливите глобтротери, на кои не им е проблем да извадат картичка од џебот и да платат патување какво што ќе посекаат, на било кој дел од планетата, во било кој дел од годината.

За да се оствари тоа, како што вели Стратегијата, клучно е да пораснат приходите од туристичкото стопанство, за да може да се излезе на крај со дополнителните инвестиции и вообичаеното ниво на заработка кај соседите од ЕУ-Средоземјето. Имајќи го предвид малиот капацитет на плажите на црногорскиот брег, стопанството на Црна Гора не треба да се стреми кон пораст на бројот на гости, туку преку поголеми инвестиции да дојде до целогодишна разновидна понуда. За да се постигне тоа, квалитетот треба непрестано да се подобрува, а разновидноста на понудата да се зголемува. Заради стабилност на системот, треба да се создадат колку што е можно повеќе работни места со полно работно време, и на оние што работат да им се дадат можности дополнително да се заработуваат - директно или индиректно, преку туризмот.

Што се однесува на понудата, потребни се производи кои можат да се користат во текот на целата година, што е важно и поради климатските карактеристики на земјата - на приморјето за време на зимите е дождливо, а зимските центри можат да останат без снег. За да се избегнат таквите ризици, треба да се развијат производи кои не се условени од временските прилики, кои, истовремено, ќе бидат конкурентни на понудата меѓународниот пазар, кои ќе биде тешко да се копираат, односно, со самото тоа - производи што ќе бидат трајни.

Читајќи ја библијата на црногорскиот туризам, ќе сфатите колку е сè меѓусебно поврзано - од транспортот до сместувањето, од квалитетот на услугата до ширењето на убавиот глас за земјата. За да може да се воспостави економична авио-врска со најважните изворни пазари, важно е хотелските и другите угостителски капацитети да бидат доволно големи и атрактивни и да можат да се користат во текот на целата година, а сите гости што ќе дојдата во земјата, да се вратат дома задоволни - "задоволниот гостин е клучната алка во маркетингот за дестинацијата, која ќе влијае оние што некогаш ја посетиле дестинацијата, да се насочат и кон други производи што таа им ги нуди", читаме во Стратегијата.

ЦРНОГОРСКАТА ПОУКА

Решеноста на Црна Гора да убеди што повеќе луѓе да ја посетат и да го испрати секој гостин задоволен ќе ја забележите уште пред да дојдете таму. Доволно е да го посетите националниот веб-порталот на Националната туристичка организација (НТО) и да сфатите дека си имате работа со туристичка земја која ќе направи сè за да дојдете да ја видите. Портал со едноставна адреса, лесна за паметење, www.montenegro.travel, кој ќе нема да ве пушти да го затворите прозорецот без да надјете нешто за себе.

Но, не само сервис за посетителите, туку и портал каде што угостителите можат да го надградуваат своето знаење или бесплатно да ги рекламираат своите производи на место каде што сите ќе можат да ги видат.

А, што ќе видите во Црна Гора и која е нејзината уникатност, ќе можете да дознаете уште од првата средба препознатливо туристичко лого на земјата, пропратено со препознатлив и едноставен слоган, кус и полн со значење: MONTENEGRO, Wild beauty.

Лесно ќе забележите и кому се обраќаат. Погледнете го јазичното мени во горниот десен агол на порталот или видете на кои јазици се отпечатени квалитетните промотивни материјали. Националната туристичка организација (НТО), локалните туристички организации и претставништвата во Франкфурт, Сараево и Белград ќе направат сè за да го чуете гласот за тоа што ви го нуди Црна Гора, но, истовремено, на располагање имате сервис кој ќе ви помогне да го организирате вашето патување од излегувањето од домот, до повторното враќање назад.

За да видиме дека е мобилизирано целото општество, ќе биде доволно да го разгледаме пресекот на активностите што биле преземени од Владата, општините, Националната туристичка организација и стопанствениците од туристичкиот сектор за да се организира успешна сезона и во услови на светска криза, објавен од Министерството за туризам на Црна Гора.

Свесни дека им претстои кризна година за туризмот, секој од своја страна презел по нешто.

Државата ги намалила данокот на физички лица и даноците и придонеси на платите, обезбедила субвенции за електрична енергија за малите и средните претпријатија. Исто така, биле укинати давачките што влијаат на цената на горивата и надоместокот за користење градежно земјиште. Во исто време, со полна пареа се градат нови патишта, се модернизираат аеродромите и граничните премини, сè со цел да се склуси времето на чекање на граничните порти, а патувањето низ Црна Гора да биде поудобно, побезбедно и да ви одземе помалку време. Истовремено, Националната туристичка организација презела интензивни промотивни кампањи на домашниот, регионалниот и глобалниот пазар. Понудата се презентира на прецизно одбрани саеми за туризам, а понудата се рекламира на медиумите што им се најблиски на луѓето што сака да ги угости Црна Гора.

Перформансите велат дека секторот туризам покажал висок степен на виталност во кризна година, при што бил унапреден квалитетот на понудата и имиџот на Црна Гора на меѓународниот пазар - категоризирани 48 хотели (3.200 нови кревети), 19 плажи "Сино знаменце", категоризирани 6 марини, обележани 6.000 километри патеки за планинарење и велосипедизам.

Дека преземените мерки даваат резултати, сведочат и бројните репортажи за туристичката понуда на Црна Гора, во кои земјата на мрзеливите, како што вели нашата заблуда, е опишана како една мала држава која во услови на рецесија ќе им понуди на љубителите на скијањето нешто што не можат да го добијат во своите земји или во популарните скијачки центри низ светот - сето тоа, за помалку пари, со поквалитетна и уникатна услуга.

Гледајќи го сето тоа, се радувате како на успеси на својата земја. Свесни дека имате што да понудите, посакувате истото да ви се случи и вам. Би било неправедно на слепо да речеме дека Македонија нема стратегија за развој на туризмот, но, ако ја има, кое е фајдето од неа, ако обичниот човек не го живее во духот на нејзината визија, ако не ја види шансата за себе во неа.

Црногорската поука е голема. За почеток, да расчистиме што сакаме да направиме со себе, како што тоа го направиле Црна Гора и Црногорците. Една турска поговорка вели: Кога ќе се затркала тркалото, има патот кој да го покаже.


Thursday, December 03, 2009

Љубов на прв поглед!


Не сме свесни колку е Црна Гора слична
на Македонија и колку е природно да се чувствуваат како дома луѓето што првпат патот ќе ги однесе во Црна Гора

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Филип ПОПОВСКИ
СЕВЕРНА ЦРНА ГОРА - Не сме свесни колку сме блиски и слични со Црногорците. Не сме свесни колку е Црна Гора слична на Македонија и колку е природно да се чувствуваат како дома луѓето што првпат патот ќе ги однесе во Црна Гора, барем неколку часа повеќе од минувањето низ земјата на шумите од црн бор на пат од северниот Јадран накај Македонија.
Не е потребно многу за да го сфатите тоа. Се гледа уште од авион - не е клише, најсериозно! - како што ќе забележите уште веднаш кога авионот ќе се искачи на околу 8.000 метри височина и кога некаде меѓу Тетово и Гостивар ќе ја напушти земјата, движејќи се над планините на Албанија,северозападно, накај Скадарско езеро и аеродромот во Подгорица.

Гледајќи одгоре, спонтано се впуштате во аматерска геолошка анализа на теренот, која, исто така спонтано, ќе заврши со анализа на поврзаноста на геолошките специфики на теренот со духот на луѓето што милениуми подоцна ќе го населат. Сличностите ги препознавате уште од слетувањето во Подгорица, по неочекувано куси 35-40 минути летање - тамам колку да го испиете коктелот од утринско кафе и црногорска убавина на стјуардесите на Монтенегро ерлајнс.
Слични во сè - геологија, аеродром, пејзаж, голем дел од табиетот на луѓето, историскиот амбиент низ голем дел од историјата на двата народа, но и во денешнината, кога спонтано ќе почнете да го откривате црногорското богатство од културна, религиска и етничка разноликост.
СЕКОЈА РЕКА - РАДИКА
Прва средба со мапата на Црна Гора, една од првите хартии по која посегнавме од пакетчето со промотивни материјали со кои не пречекаа нашите домаќини, Александра Крговиќ, советник за односи со јавноста во Министерството за туризам и Јелена Поповиќ, претставник на Националната туристичка организација на Црна Гора. Сличноста меѓу двата народа и двете земји уште еднаш ја потврдува и мапата, каде што среќавате изобилство од слични топоними - Колашин - Колешино, Бјеласица - Беласица, Скадарско Езеро - Скудриње, Петровац - Петровец, Пресјека - Пресека - но, и патот од Подгорица кон Колашин, низ кањонот на реката Морача - уживање многу слично на патувањето низ западна Македонија, покрај брегот на Радика.
Пред нас се час и половина возење, во кои ловиме слики низ стаклата на автобусот, податоци од кажувањата на нашиот водич, и по нешто од песните на Владо Георгиев, Бојан Маровиќ, или, кој и да беше, од поновата генерација црногорски пејачи.. кои ни се видоа згодни за да уловиме барем нешто од црногорскиот бит, став и однос кон љубовта, љубовниот чин, прељубата или - евентуалниот мачоизам на Црногорците.
Слушајќи го поздравното обраќање на Јелена до гостите од Македонија, сфаќаме дека пред нас се четири дена интензивна програма, во кои ќе видиме голем дел од националната гордост на Црногорците - планините, реките и националните паркови во северот на Црна Гора - национално богатство кое се цврсто решени да го стават во полза на развојот на земјата што ја сакаат. Дека е така, ќе сфатите веќе кога ќе завлезете подлабоко во кањонот, кога ќе почнат да се нижат новите тунели и "трети ленти" што биле изградени во последните неколку години, кои, стратешки гледано, треба да им го олеснат патувањето на луѓето од Црна Гора, но, многу повеќе - на луѓето што Црногорците ги чекаат со раширени раце и отворени срца да ја посетат нивната земја.
Пристигнуваме во Колашин, се сместуваме во хотелот Bianca Resort & Spa, угостителски центар за кој, како што ќе дознаеме подоцна, речиси никој не спори дека е најдобриот хотел во планинскиот туризам во Црна Гора. Дека е еден од најдобрите можевме да се увериме веднаш по пријавувањето на рецепција, кога одблиску можевме да видиме колку визионерски било сè до детаљ осмислено, за некогашниот социјалистички хотел Бјеласица да прерасне во елитен хотел, во кој е постигната хармонија меѓу високата технологија, материјалите од околната природа и вкусовите на современите глобтротери, како што ни потврди подоцна и директорот на хотелот, Милан Павичевиќ, за време на кафе-средбата со новинарите од Македонија.

КОЛАШИН 1450


Куса пауза во хотелот. Агендата е прилично набиена. Веднаш тргнуваме накај ски центарот Језерине, од неодамна брендиран како "Ski resort Kolasin 1450", на десетина километри од Колашин. Патот од време на време ни го попречуваат асфалтерите и валците на Црнагорапут, забрзани да го закрпат патот пред да почне сезоната годинашниот снег - прилика да фрлиме по некој поглед на новите мини населби од дрвени куќички, дел на продажба, дел за изнајмување.
Бевме љубопитни како би можеле гостите од Македонија да рерзервираат нешто за себе, ако решат да дојдат на скијање во Колашин. Дознавме, а подоцна и се уверивме, дека Црна Гора многу внимава на достапноста на информациите до луѓето што сакаат да ја посетат и оти ќе биде доволно да го посетат националниот портал за туризам www.montenegro.travel или да се јават на дежурната линија на Туристичкиот инфо-сервис, на бројот што лесно се памети, 35-00.
Домаќините од Kolasin 1450 го одбраа најдобриот начин да нè запознаат со тоа што им го нудат на посетителите. По кусата обиколка на ресторанот, терасата, Центарот за ски-опрема и Школата за скијање, веќе сме на еден од врвовите, до кој нè доведе ски-лифт шестосед, со капацитет да пренесе 6.200 скијачи на час - идеален транспорт за скијачите, доволно брз пред телото загреано од скијање да почне да се лади (како што ни рекоа колегите искусни, пасионирани скијачи).

Седнуваме во ресторанот Бјеласица, од темелот до врвот изграден од дрво и природни материјали, како и сите други објекти во ски-центарот. Пред нас е обилна трпеза, која ќе нè направи толку мрзеливи, до толку што спас ќе биде само 20 минутното искачување со ски-лифтот двосед, до врвот Ќупови на 1900 метри надморска височина. Посебно доживување! Место од каде што ќе можете да ги видите сите врвови на стотици километри од вас - доволен предизвик за луѓе што не се нашле себеси во скијањето - но, и одлични терени за скијање, кои, е многу веројатно да ве натераат да почнете да го правите тоа.

СПЕЦИЈАЛЕН ПОЗДРАВ ЗА НАШИТЕ МА
КЕДОНЦИ!
Од утринската прошетка низ Колашин дознаваме дека сме дошле во убаво уредено, мало гратче, опколено со планини, со градска гаража, во кое селективно се собираат отпадоците. Разгледувајќи ги околните планини, набргу ќе сфатите зошто речиси сите такси возила се со погон на четири тркала. Низ празните плочници, кои навечер се исполнети со звуците на гласните кафулиња и млади луѓе тргнати во ноќен живот, се слушаат само гласовите на ретките минувачи, п
оздравувајќи се со срдечно: Добро јутро! Од спомен-плочата пред Роднокрајниот музеј на Колашин, дознаваме дека градот, за време на Втората светска војна, 23 пати паѓал од раце во раце, 80 пати бил бомбардиран, првпат бил ослободен на 17 јули 1941, од Италијаните. Шетајќи по уличките, лесно ќе сфатите дека и тука не се реткост традиоционалните куќички со дрвени кровови, иако, како и кај нас, новите градби често посегнуваат по помодарски архитектонски решенија.
Ако утринското разгледување е прилика да бидете самите со себе и со градот, ноќните прошетки се нешто сосема друго. До полноќ почнува загревањето по локалните кафулиња. За мало место, изборот е прилично широк - од џем-сешн со рок-класици, до аудио-видео седенки пред плазма со концерт на Тиесто и лумпувања со црногорски поп и турбо фолк по ноќните клубови, места каде што, и покрај музиката, ќе се чувствувате убаво што сте од Македонија, изненадени од срдечноста што ќе ви ја приредат Црногорците.
И, да, како би можеле да го заборавиме најголемиот доказ за тоа - тоа што му се случи на колегата Мачки, снимателот од МРТ.
Штотуку прибрани од едно такво патешествие низ колашинските клубови, пред нас се појавува Мачки, насмеан до уши, прашувајќи дали знаеме каде ќе се журкаме следниот ден? Ни раскажа долга приказна, за да стигне до клучевите што ги мафташе низ рака. До толку им тргнал муабетот со сопственикот на кафеаната каде што седел, што се нашле толку блиски, небаре браќа. Паднало збор за следниот ден. Сопственикот ќе бил зафатен, имал куќна слава и најверојатно немало да го отвори кафулето на Свети Аранѓел, но, тоа не било причина Мачки да остане лишен и тој ден да појде во неговото кафуле.
"Моето кафуле, е твое кафуле! Земи го клучов, прави што ќе правиш - кафеаната е твоја!", ни раскажа Мачки, изненаден и самиот.
Речено, строено! Следниот ден, ноќта ни почна во нашата кафеана, сред Колашин.

КОЛОРАДО, ПА - ТАРА!
Тргнуваме на пат низ кањонот на Тара, реката надалеку прочуена како одличен терен за рафтинг, или, како што вели фактографијата - реката најдлабокиот и најдолгиот кањон во Европа, втор во светот, по кањонот на Колорадо во Америка. Патуваме кон градот Жабљак. Веднаш до него се Националниот парк Дурмитор и Скијачкиот центар Савин кук. Првото што ќе ве изненади додека патувате накај Жабјак е сознанието дека Тара тече кон север, спротивно од очекувањето што ви го наметнало патувањето покрај Морача. Од богатството од материјали во кесичето, дознаваме и се потсетуваме дека Тара се влева во Пива, во северозападна Црна Гора и од нив се формира Дрина, а Морача завршува во Скадарско Езеро.
Уредни села покрај патот. Веќе добивате осет за "мапата на Црна Гора". Одвнатре нешто ви вели: нова љубов на повидок - колку убава земја! Покрај патот ве пречекуваат уредни селца, домаќински, вредно стокмени ѕитчиња од цепени дрва, уредни, тазе искосени гробишта. Маглина врз зелени лото околу куќите, врз копите сено, врз сивите тренерки што се сушат закачени на јаже пред една од куќите. Како да сте во своја земја, од време на време се јадосувате кога повторно ќе ви се врати впечатокот дека колку повеќе навлегуваме кон северот, толку повеќе има отпадоци покрај патот. Повторно ни се враќаат мислите за геологијата. Би можеле да се пожалиме дека патиштата се кривулести, на места - кривулести и застрашувачки тесни - но, возете внимателно и погледнете ги од ведрата страна - ќе сфатите дека пред вас е патување низ една поинаква убавина.
Море од магла во процепот меѓу високи планини. "Локаторот" на мобилниот телефон вели: Tara. Патот продолжува низ пејсаж од шуми како шумата на полпат меѓу Маврово и Галичник. Од време на време среќата ќе почести со убаво осветлени жолтеникави карпи низ маглината, под кои, длабоко-длабоко, откривате раскошен кањон и, навидум тивка, достоинствена, сино-проѕирна река, решително тргната кон север. Распенавени потоци се спуштаат во реката, вода што од којзнае каде тргната пробива низ процеп во карпите, од онаа страна на реката, наспроти нас. Крајпатни спомен-плочи на цели семејства загинати во провалиите под кривините. Кањон на Тара. Возете внимателно, не брзајте!
КАДЕ ШТО СПИЈАТ БОГОВИТЕ
Минуваме низ Жабљак, одиме накај Дурмитор. По десетина минути возење нè пречекува огромно пространство што личи на Тони вода, пространството што ве пречекува непосрдно пред Галичник. Пред нас е Дурмитор, една од планините со кои се гордеат Црногорците, местото каде што спијат боговите, како што вели легендата што ни ја кажа Данило, нашиот водич од Жабљак. Научивме дека Дурмитор е планината со најмногу снежни врнежи во текот на годината на просторот на поранешна Југославија, а скијалиштето Савин кук е особено популарно за љубителите на екстремно скијање и сноубординг.
Патот нè води на едно преубаво место, Црното Езеро (Црно Језеро), во кругот на Националниот парк Дурмитор, уште една причина што ќе направи уште повеќе да се распламти вашата нова љубов. Го заобиколувате газејќи по уредни, обележани патеки, со чувство како да сте со години далеку, како одамна да сте ги заборавиле забрзаниот град, магливиот асфалт и свирежите на автомобилите. Во водата го гледате отсјајот на високите врвови и небото, исшарано од млазни авиони - знак дека сте многу високо над Морето, 1.430 метри, веднаш под врвот каде што спијат боговите.
Уште еден обилен црногорски ручек. Вкусови што до крајот на денот ќе ви останат на непцето - чадено јагнешко и - одлична јаболкова ракија. Се враќаме во Колашин. Нè чека нов, долг ден, а дотогаш - ново патешествие по колашинските кафулиња и клубови.
ПРАШУМАТА НА БИОГРАДСКО ЈЕЗЕРО
Не. Навистина не би можеле да замислиме дека толку убава земја имаме на 40 минути летање зад планините зад Шар Планина. Секое следно завлегување во дивината на Црна Гора беше само доказ повеќе за тоа. Третиот ден го одбележаа впечатоците од Националниот парк Биоградска гора, еден од петте национални паркови на Црна Гора, во кој е една од последните три прашуми во Европа. Пристигнуваме во место каде што височината ќе ви го помести осетот за пропорција. Зимзелени дрвја високи по 60 метри, врвови високи по 2.000 метри и Биоградско Језеро, езеро сред недопрена природа - до толку недопрена, што и дрвјата што ќе паднат остануваат оставени на местото каде што се нашле.


Се заборавате од пешачење, тотално несвесни дека веќе долго сте навлегле во територија што ненаметливо, но со интензивен третман, ви ги прочистува белите дробови и мислите, ве лекува стресот кој владее на неколку стотини километри од вас, над асфалтот на вашето секојдневие. Заборавате на сè, освен на луѓето што би сакале наскоро да ги донесете тука, да им ја покажете вашата нова љубов и да ја споделите радоста што ве плени, гледајќи како вашите соседи со далекугледа визија и трудољубивост - далеку од предрасудите што ги носите со себе за Црногорците - ја негуваат својата природа и ведри, не се штедат да ви ја покажат и да ве испратат спокојни дека направиле сè за повторно да им се вратите.
Тоа го чувствувате и во кафеаната Коноба во Колашин, ресторан-музеј каде што се служат прекрасни црногорски јадења, и во градската сувенирница, натежната од сувенири и промотивни материјали, и во приватните куќи во нашиот град-домаќин, каде што, во една од нив, би можеле да најдете сместување кај човек од Љубаништа, кој не штеди пари и љубезност за да испрати задоволни гости.
ДО СКОРО ВИДУВАЊЕ!
До заминувањето дома ни останува уште малку време, толку што веќе помисливме дека веќе сме виделе сè што би можело да нè плени. Но, агендата нè потсетува да зачуваме уште малку сила и концентрација.
На пат накај аеродромот во Подгорица, стигнуваме во Манастирот Морача, на дваесетина минути возење од Колашин. Кога ќе го видите од надвор, како што му се наближувате по патот, добивате впечаток дека е убаво негуван, манастир во висините над брегот на Морача, кој ќе биде убаво доживување ако го одберете како место за одмор од патувањето. Инзенадувањето следува подоцна, кога ќе влезете во манастирската црква, Успение на пресвета Богородица. Првиот шок доаѓа кога ќе влезете во припратата, кога ќе го здогледате живописот. Шарајќи со очите по него, оддолу нагоре, ќе ја доживеете вистинската димензија на храмот - културолошка, духовна, метричка. Си ветуваме дека ќе биде неизоставна точка за одмор за време на нашата следна посета на Црна Гора.
Продолжуваме накај Подгорица. Од нашата прва средба одблиску со градот, во теферот наоѓаме запис:
"Не сум знаел, не ми паѓало ни на крај памет дека Подгорица е град, низ кој тече река како Радика - град на кањон!".
Останува уште-кафе пауза во еколошкиот угостителски центар Плавница, на Скадарско Езеро - место каде што се бакнуваат модерното и природата. Времето е прекусо за да можеме прописно му го видиме ќефот. Уште една цртка во тефтерот и неколку фотографии во мобилниот за да ги кандисаме нашите блиски полесно.

До скоро видување!

Tuesday, November 10, 2009

Вкусовите на Стара чаршија

Скопската Стара чаршија ќе најде илјада начини да ви покаже дека е место каде што се среќаваат световите. Една од таквите средби е средбата на вкусовите на Истокот и Западот, кои ве демнат на секое сокаче по кое ќе зачекорите

Фотографии: Љубомир Стефанов
Вкусови што дошле од друго време, од други светови. Небаре затворени во кутија со спомени, живеат свој живот. Нема да ги загрози ни глобализација, ни Хасап-систем. Вкусот на Ориентот - од појадок до легнување. Ве демнат отсекаде. Од каде и да тргнете. Вкусови што се таму низ вековите. Вкусови што е потребно само еднаш да ги пробате и никогаш повеќе без нив да не можете. Ве водиме таму, на прошетка низ скопската Чаршија, чекор по чекор по патот на вкусовите.

ТЕЖОК ПОЧЕТОК

Не пропуштајте сараевски бурек
 во 
бурекџилница „Елида“,  ТЦ Мавровка
Тргнуваме низ денот. Уште од самиот почеток Чаршијата нè пречекува со тешка задача. Што да одберете за појадок, од убавите нешта што ве предизвикуваат? Бурек, симит-погача, ѓеврек, сараевски бурек - со јогурт, чај, ајран, кафе? Одберете решително. Што и да биде вашиот избор, нема дапогрешите. Секогаш ќе останат непробани неколку нешта што наскоро ќе веповикуваат назад во чаршијата.

Денот е пред нас. Се движиме низ сокаците, обидувајќи се да ги оживеемевремињата врежани врз фасадите и плочниците. Кој пат да го фатиме? Накајкоја учичка да тргнеме? Што велите за дуќанчето со чудни инструменти иапарати за научни лаборатории, веднаш зад Безистен? Или, лимарот на полпатмеѓу стара Слога и првите тезги на Бит-пазар? Каде и да решите да појдете, ќедојде време да пивнете нешто за освежување. Каде и да ве води патот, по патбездруго ќе сретнете лимонада, боровница или боза. Каде и да тргнете по пат ќе најдете нешто што ќе ве згрее додека ѕемнете шетајќи од сокаче во сокаче, по работа или од задоволство - чај, кафе, салеп, оралет.

Каде и да седнете, добро ќе ви дојде турски
чај. Ви ја препорачуваме чајџилницата
под Свети Спас
Кај и да е, набргу ќе ве задеси "ниедно време" - доцна за појадок, рано заручек - доцна за ручек, рано за вечера. Но, Чаршијата секогаш има решение - лахмаџун со ајран, леблебија или топли кикирики.
Ви паднал шеќерот, а уште ви се чини рано да влезете во слаткарница? Подзастанете во леблебџилницата и разгледајте ги големите тегли сошеќерчиња, бонбони какви што некогаш одамна сте гледале во маалскатабакалница. Чаршијата е местото што ќе ве потсети на времето кога сте јабарале дневната доза банки, динарчиња или денарчиња од повозрасните, доволни за да си купите парче радост од теглите со отвор накосо.

Во Чаршија сте а да не пробате ќебапи? Не
бива. Побарајте го вашето омилено место!
Време за ручек. Чаршијата мириса на скара, тавче гравче и вкусни јадења одакчилниците. Одвреме-навреме тон ќе им дадат штотуку ставените лутипиперчиња врз скарата, нестрпливо чекани од гостите да се потпечат. Повторно, што и да одберете - нема да погрешите. Повторно го правитевистинскиот избор - заминувајќи со грст вкусови во себе што нестрпливо ќе веповикуваат назад во чаршијата.

Пред вас е долг ден за прошетки. Ќе ви треба сила и бистар ум за да разгледате се што ќе ви ги подлаже очите. Обидете се со чашка-две турски чај - формула што секогаш се покажува успешна. Седнете на теферич, под Свети Спас или веднаш под јорганџиите, уживајќи во убавите мисли и раздвиженоста на улиците што станува сè помрзелива. Ако ве задеси вторник или петок - полна капа! Тркнете до Бит-пазар, натежнат од свежо овошје. Ќе ви треба свежина за нови пустоловини низ чаршијата.

ТАМАМ

Од некаде ќе ве изненади мирис на тазе

печени леблебии, кикирики. Брцнете по

ситни пари во џебовите!
Еден по еден, се јавуваат оџите што повикуваат на молитва. Кај да е, и камбаната на Свети Спас ќе заѕвони. Се движиме накај излезот - еден од многуте. Време е да си земеме сувенир на денот, нешто што ќе нè испрати до денешно Скопје. Тркнете до првата слаткарница и седнете на казан-диби - пудингот од дното на казанот, каков што нема да најдете на друго место. Би било убав гест да однесете нешто и дома, на домашните. Побарајте да ви спакуваат некое парче ф'ст'к баклава. Сувенир нека бидат фишек печеникостени и споменот на убавите вкусови што ќе ве повикува назад вочаршијата. Сè е тамам!
За крај - баклава. Тамам за овојпат?

Friday, August 14, 2009

Паркот на поезијата


Ако сте од оние што не се нашле себеси во поезијата и кои поезијата не ја нашле во себе, струшкиот парк го доживувате како обичен градски парк, кој питомо ќе ви понуди лад од летното сонце. Но, сè станува поинакво, кога ќе ги ставите волшебните очила на поезијата и почнувате да лутате меѓу дрвјата

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Александар МЕХАНЏИЕВ


Неговото име најчесто го слушаме само еден ден во годината, како локација поврзана со дел од протоколот за отворањето на Струшките вечери на поезијата. Во листата на активности за утрото пред свеченото отворање на Фестивалот, два часа пред прес-конференцијата на лауреатот, како по правило ќе прочитате: 10:00 - Садење дрво во Паркот на поезијата. И, толку. Настанот накусо ќе биде одбележан во опширните дневни извештаи на репортерите на весниците, радијата и телевизиите; фотографите и снимателите ќе ја искористат приликата да уловат малку поинспиративна слика за илустрирање на дневниот дел од настаните, наспроти седачкиот амбиент на прес-конференциите и - толку. Ќе се присетиме на нив, ако некогаш, случајно патот не однесе покрај Домот на културата, сакајќи да скратиме пат до улицата со кафулињата и - толку. Но, дали е само - толку?

Повторно сме во Струга. Ве водиме во Паркот на поезијата, место какво што ретко ќе најдете каде и да е во светот, Ако не единствениот, еден од ретките паркови во светот, засадени од плејада светски поети.

ОЧИЛАТА НА ПОЕЗИЈАТА

Тешко ќе најдете податоци за почетоците на струшкиот парк, кој, ако сте од оние што не се нашле себеси во поезијата и кои поезијата не ја нашле во себе, го доживувате како обичен градски парк, кој питомо ќе ви понуди лад, кога сварени од летното сонце итате во непознат правец, препуштајќи му се на внатрешното чувство да ви помогне да пронајдете сенка. Но, кога веќе сте ја пронашле поезијата во себе, и кога веќе сте се нашле себеси во неа, веќе сè се менува, сè станува поинакво. Ги ставате волшебните очила на поезијата и почнувате да лутате меѓу дрвјата, небаре Волт Витмен во песната Супермаркет во Калифорнија на Ален Гинзберг.

Не очајувајте ако не го најдете дрвото на Гинзберг, како што ќе се намачите да го најдете и дрвото на Роберт Рождественски, кое, кажано со јазикот на војниците на ЈНА - ако постои, би требало да се прогласи за џомба над џомбите, кое досега пречекало 42 дрвја-гуштери (кажано со стилот на синтагмите на Ференц Јухас) и, кај да е, за пет-шест дена ќе му го каже куќниот ред дрвото на годинашниот лауреат, словенецот Томаж Шаламун.

Клупите во Паркот ни се видоа одлично место за да ги пролистаме ливчињата во кои некогаш, откривајќи ја поезијата на лауреатите на Струшките вечери, сме ги запишувале впечатоците и новите сознанија што ни се виделе интересни.

Седнати на една од клупите близу црквичката Свети Никола, веднаш наспроти главниот влез на киното, го читаме следново:

"Фазил Хисни Даглраџа. Поранешен капетан во Турската армија. Во седумдесеттите години, по 15 години служба, ја напушта армијата и станува трудов инспектор. Кога ќе заситил и од тоа, отворил книжарница и станал издавач и уредник на месечно списание. Во 1974 добива Златен венец во Струга".
Тргнуваме накај парчето тревник, каде што некогаш сме ја виделе плочката со неговото име. Сакаме одблизу да го видиме дрвото што го засадил, блиску до влезот на црквичето Свети Никола, пред кое, едно време, кога и да поминеш, седеа две-три бабички на бели коклици.

Токму така. Меморијата не не излажала - има листови како листот на знамето на Канада, најверојатно е јавор. Го разгледуваме одблизу и продолжуваме со ливчињата. Ја бараме песната Виењето на старото дрво, од која Дагларџа меланхолично ни вели: Децата повеќе не ме каменуваат / Вљубените не врежуваат срца по мене / Јас, дрво без лисја / Едно од измамените.

Решивме да провериме и најдовме интересен демант. Потпис на некоја Ива и, малку подолу, цртички и рески налик на логото на американската панк-рок дружина Dead Kennedys.

Хмм.. Знаела ли Ива за тагата на Дагларџа и, чул ли некогаш Дагларџа за подвигот на Џело Бијафра и Dead Kennedys.

Но, што е поезијата ако не провокација за умот, импулс што ќе ве натера да ставите едно до друго две навидум неспојливи нешта, да замислите една невозможна ситуација и да видите дека тоа и не е така лоша идеја, дека можеби токму таквото размислување ќе ве доведе до клучот на светот!?

МУАБЕТ СО СОСЕДИТЕ

Продолжуваме понатаму. Веднаш до Дагларџа, ги здогледуваме неговите први комшии - дрвјата што во 1972 и 1979 ги засадиле Пабло Неруда и Мирослав Крлежа, повторно правејќи возможна една навидум невозможна ситуација. Иако нивните домови биле оддалечени на илјадници километри еден од друг, во Паркот на поезијата се е возможно, па дури и нивната поезија и нивниот дух да бидат први комшии.

Доволно е само да ги ставите невидливите очила на поезијата.

Каде и да ве одведе прошетката низ Паркот на поезијата ќе бидете фасцинирани какви сè невозможни ситуации се отвораат пред вас. Независно дали ќе тргнтете од скаличките што ненаметливо се издвојуваат укосо од шеталиштето покрај Дрим или откај улицата со кафулињата, откај Комитетот во кој се кроела партиската политика на локалниот еднопартизам или откај градското кино од кое некогаш излегуваа кунг-фу мајстори и карате-кидови по некој одгледан филм со Брус Ли или Џеки Чен.

Од каде и да појдете - ве пречекува неизвеснот и пријатно изненадување, кое повторно и повторно ќе ве повикува назад, за повторно да излезете од паркот со бура од идеи и ковчеже креативни решенија за предизвиците што ги носи секојдневието. На пример, тргнете од влезот покрај Дрим. Одлево ве пречекува енциклопедијата на космосот, Унгарецот Ференц Јухас, замуабетен со советскиот Чуваш Генадиј Ајги, најубавиот човек што некогаш би можеле да го видите, во чиј лик ќе го изодите патот до крајот на Универзумот и безбедно ќе се вратите дома за само десетина секунди. Вниманието ви го одзема дружината на десетина метри понапред, и разговорот што го водат Јапонецот Макото Оока, расприкажан за мистериозноста на зелената боја, инспириран од коментарот што претмалку го кажал шпанскиот темперамент на Хусто Хорхе Падрон, повторувајќи дека за него Струга е како дрога.


И, така до бескрај! Тука застануваме. Ќе се вратиме наскоро, да видиме во чие друштво ќе влезе дрвото што деновиве ќе го засади Томаж Шаламун. Со чија поезија ќе биде прв сосед неговата; што ли ќе врежат во неговата кора струшките тинејџери; и, каква поезија ќе изроди нивното живеење едно меѓу други? Здравје, ќе видиме!