Friday, August 14, 2009

Паркот на поезијата


Ако сте од оние што не се нашле себеси во поезијата и кои поезијата не ја нашле во себе, струшкиот парк го доживувате како обичен градски парк, кој питомо ќе ви понуди лад од летното сонце. Но, сè станува поинакво, кога ќе ги ставите волшебните очила на поезијата и почнувате да лутате меѓу дрвјата

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Александар МЕХАНЏИЕВ


Неговото име најчесто го слушаме само еден ден во годината, како локација поврзана со дел од протоколот за отворањето на Струшките вечери на поезијата. Во листата на активности за утрото пред свеченото отворање на Фестивалот, два часа пред прес-конференцијата на лауреатот, како по правило ќе прочитате: 10:00 - Садење дрво во Паркот на поезијата. И, толку. Настанот накусо ќе биде одбележан во опширните дневни извештаи на репортерите на весниците, радијата и телевизиите; фотографите и снимателите ќе ја искористат приликата да уловат малку поинспиративна слика за илустрирање на дневниот дел од настаните, наспроти седачкиот амбиент на прес-конференциите и - толку. Ќе се присетиме на нив, ако некогаш, случајно патот не однесе покрај Домот на културата, сакајќи да скратиме пат до улицата со кафулињата и - толку. Но, дали е само - толку?

Повторно сме во Струга. Ве водиме во Паркот на поезијата, место какво што ретко ќе најдете каде и да е во светот, Ако не единствениот, еден од ретките паркови во светот, засадени од плејада светски поети.

ОЧИЛАТА НА ПОЕЗИЈАТА

Тешко ќе најдете податоци за почетоците на струшкиот парк, кој, ако сте од оние што не се нашле себеси во поезијата и кои поезијата не ја нашле во себе, го доживувате како обичен градски парк, кој питомо ќе ви понуди лад, кога сварени од летното сонце итате во непознат правец, препуштајќи му се на внатрешното чувство да ви помогне да пронајдете сенка. Но, кога веќе сте ја пронашле поезијата во себе, и кога веќе сте се нашле себеси во неа, веќе сè се менува, сè станува поинакво. Ги ставате волшебните очила на поезијата и почнувате да лутате меѓу дрвјата, небаре Волт Витмен во песната Супермаркет во Калифорнија на Ален Гинзберг.

Не очајувајте ако не го најдете дрвото на Гинзберг, како што ќе се намачите да го најдете и дрвото на Роберт Рождественски, кое, кажано со јазикот на војниците на ЈНА - ако постои, би требало да се прогласи за џомба над џомбите, кое досега пречекало 42 дрвја-гуштери (кажано со стилот на синтагмите на Ференц Јухас) и, кај да е, за пет-шест дена ќе му го каже куќниот ред дрвото на годинашниот лауреат, словенецот Томаж Шаламун.

Клупите во Паркот ни се видоа одлично место за да ги пролистаме ливчињата во кои некогаш, откривајќи ја поезијата на лауреатите на Струшките вечери, сме ги запишувале впечатоците и новите сознанија што ни се виделе интересни.

Седнати на една од клупите близу црквичката Свети Никола, веднаш наспроти главниот влез на киното, го читаме следново:

"Фазил Хисни Даглраџа. Поранешен капетан во Турската армија. Во седумдесеттите години, по 15 години служба, ја напушта армијата и станува трудов инспектор. Кога ќе заситил и од тоа, отворил книжарница и станал издавач и уредник на месечно списание. Во 1974 добива Златен венец во Струга".
Тргнуваме накај парчето тревник, каде што некогаш сме ја виделе плочката со неговото име. Сакаме одблизу да го видиме дрвото што го засадил, блиску до влезот на црквичето Свети Никола, пред кое, едно време, кога и да поминеш, седеа две-три бабички на бели коклици.

Токму така. Меморијата не не излажала - има листови како листот на знамето на Канада, најверојатно е јавор. Го разгледуваме одблизу и продолжуваме со ливчињата. Ја бараме песната Виењето на старото дрво, од која Дагларџа меланхолично ни вели: Децата повеќе не ме каменуваат / Вљубените не врежуваат срца по мене / Јас, дрво без лисја / Едно од измамените.

Решивме да провериме и најдовме интересен демант. Потпис на некоја Ива и, малку подолу, цртички и рески налик на логото на американската панк-рок дружина Dead Kennedys.

Хмм.. Знаела ли Ива за тагата на Дагларџа и, чул ли некогаш Дагларџа за подвигот на Џело Бијафра и Dead Kennedys.

Но, што е поезијата ако не провокација за умот, импулс што ќе ве натера да ставите едно до друго две навидум неспојливи нешта, да замислите една невозможна ситуација и да видите дека тоа и не е така лоша идеја, дека можеби токму таквото размислување ќе ве доведе до клучот на светот!?

МУАБЕТ СО СОСЕДИТЕ

Продолжуваме понатаму. Веднаш до Дагларџа, ги здогледуваме неговите први комшии - дрвјата што во 1972 и 1979 ги засадиле Пабло Неруда и Мирослав Крлежа, повторно правејќи возможна една навидум невозможна ситуација. Иако нивните домови биле оддалечени на илјадници километри еден од друг, во Паркот на поезијата се е возможно, па дури и нивната поезија и нивниот дух да бидат први комшии.

Доволно е само да ги ставите невидливите очила на поезијата.

Каде и да ве одведе прошетката низ Паркот на поезијата ќе бидете фасцинирани какви сè невозможни ситуации се отвораат пред вас. Независно дали ќе тргнтете од скаличките што ненаметливо се издвојуваат укосо од шеталиштето покрај Дрим или откај улицата со кафулињата, откај Комитетот во кој се кроела партиската политика на локалниот еднопартизам или откај градското кино од кое некогаш излегуваа кунг-фу мајстори и карате-кидови по некој одгледан филм со Брус Ли или Џеки Чен.

Од каде и да појдете - ве пречекува неизвеснот и пријатно изненадување, кое повторно и повторно ќе ве повикува назад, за повторно да излезете од паркот со бура од идеи и ковчеже креативни решенија за предизвиците што ги носи секојдневието. На пример, тргнете од влезот покрај Дрим. Одлево ве пречекува енциклопедијата на космосот, Унгарецот Ференц Јухас, замуабетен со советскиот Чуваш Генадиј Ајги, најубавиот човек што некогаш би можеле да го видите, во чиј лик ќе го изодите патот до крајот на Универзумот и безбедно ќе се вратите дома за само десетина секунди. Вниманието ви го одзема дружината на десетина метри понапред, и разговорот што го водат Јапонецот Макото Оока, расприкажан за мистериозноста на зелената боја, инспириран од коментарот што претмалку го кажал шпанскиот темперамент на Хусто Хорхе Падрон, повторувајќи дека за него Струга е како дрога.


И, така до бескрај! Тука застануваме. Ќе се вратиме наскоро, да видиме во чие друштво ќе влезе дрвото што деновиве ќе го засади Томаж Шаламун. Со чија поезија ќе биде прв сосед неговата; што ли ќе врежат во неговата кора струшките тинејџери; и, каква поезија ќе изроди нивното живеење едно меѓу други? Здравје, ќе видиме!

Tuesday, August 04, 2009

Струшките скокачи

За стружани, скокањето од мостовите на Дрим е задоволство без кое не може да поминат дестството и младешките години на речиси секој стружанец. За случајните минувачи тие се провокација која ве тера да подзастанете и да ги погледате, и по цена облеката да ви ја направат 'жива вода'

Пишува: Васко МАРКОВСКИ

Фото: Александар МЕХАНЏИЕВ

Среќни се стружани. Имаат и езеро и река. И тоа не кое било езеро и која било река, туку - еден од најпитомите делови на брегот на Охридско Езеро и најубавата и најчистата река за капење во Македонија, Дрим.

Поразговарајте со вашите пријатели од Струга или со кој било стружанец што ќе го сретнете - Македонец, Влав, Турчин или Албанец. Секој ќе ви го каже истото. Тешко дека ќе најдете некој што барем

неколку лета во детството не поминал скокајќи од некој од мостовите и тешко дека ќе најдете некој што не ужива во капењето во Дрим исто онолку колку што ужива кога се капе во Езерото.

Овој пат одиме таму, на мостовите на Дрим, местото каде што се негува една малку позната традиција, традицијата на скокање од мостовите на Дрим.

ДРИМ Е ДРУГ ФИЛМ

Летувањето на брегот на Охридското Езеро, во нашата перцепција обично се врзува за трендовските плажи на охридскиот дел од ривиерата, до кои се пробивате низ колони од возила и до кои тешко се стигнува без автомобил, мотоцикл или автобус. Ако малку подразмислиме, ќе се сетиме и на Струга, каде што плажите се на стотина чекори од куќите и градските хотели или - плажите на автокамповите и хотелите на неколку километри од двата излеза на градот. Но, прашајте ги стружани и ќе ви кажат дека нашиот впечаток секогаш ќе биде некомплетен, се’ додека забораваме на Дрим, реката без која не можат да ги замислат летата.

"Дрим е сосем поинаков, тотално пооткачен филм. Тешко дека ќе најдете стружанец што нема некаков посебен однос кон Дрим. На Дрим (како што велат стружани), капењето е сосем поинакво. Уште од деца откривате дека таму е поинтересно, се борите со водата што ве влече, се тркате со другарите кој попрв ќе преплива од едната до другата страна и, секако - скокањето, задоволство што го нема на плажите", ни рече пријателот Климе Матоски, веб-дизајнер во Скопје, кого го најдовме во Струга додека ги трошеше деновите од годишниот одмор.

Разговорот со него не’ потсети дека речиси истите зборови, пред неколку години, ни ги кажаа група од 7-8 стружанчиња што што еднаш го привлекоа нашето внимание со нивните скокови од Дрвениот мост. Ни раскажаа дека три пати во денот се на плажа и, незамисливо е барем еднаш во денот да не се искапат на Дрим.

"Од на езеро - на Дрим, и - дома. Едно без друго не чини. Кога си помлад, секое одење на плажа завршува на Дрим, а посебен ќеф е скокањето. Тешко е да се одговори кога се почнува со скокање од мостовите. Некаде на возраст околу 5-6 години почнуваш да скокаш од кејот, и одвај чекаш да наполниш околу 15 години, за да почнеш да скокаш од мостовите. И, се’ така е до почетокот на зрелоста, кога полека-полека, повозрасните им ги остапуваат мостовите на помладите. Некој престанува порано, некој подоцна - кому како ќе му дојде умот или кому кога ќе му помине меракот", ни раскажаа следните стружани што ги запрашавме за капењето во Дрим.

ЛАСТА, ЧУПЧЕ, ТАКЛА..

Патот не’ води накај Мостот на поезијата, каде што забележуваме група тинејџери качени на оградата од мостот. Решивме да ги погледаме одблиску. Го прашуваме Матоски за неговото искуство со скокањето.

"Порано скокав многу. Сега - не. А би сакал. Некако без везе ми е сега, стар сум. Кога почнував, отпрво се плашев, бев дете, имав 9-10 години. Така, прво почнав да скокам од кеј, ама по првото скокање од мост, не можев да престанам, кога видов колку е заразно! Значи, за скокачите, кејот е нешто како Припремно одделение. Љубовта кон скокањето обично се раѓа низ игра, со другарите. Доаѓавме друштво и обично игравме брканица, околу Мостот на поезијата - еден брка, другите бегаат како знаат. Има разни стилови, но, најмногу се скока ласта, чупче и такла, а повозрасните знаат да се пофалат и со понекое салто", ни раскажа Климе.

Повозрасните стружани се сеќаваат на времињата кога одвај чекале да дојдат странците и посебно странкињите, да подзастанат на некој од мостовите, љубопитни да ги погледаат како скокаат. Тогаш била вистинската прилилка да се покаже кој колку ја усовршил мајсторијата за скокање ќупче (или чупче, како што го нарекуваат скок стружани, со специфичното струшко ч) - прилика да се покаже кој колку вода може да фрли накај мостот.

Таквото гостопримство спрема странците, како што ни раскажаа нашите соговорници, најчесто биле предизвик за реонските милицајци да покажат кој колку строг умее да биде, но како што велат, времињата веќе се променети, па - и полицајците се потолерантни спрема скокачите, а и скокачите се пообѕирни кога скокаат чупче накај туристите на мостот.

ТРАДИЦИЈА ШТО ТРЕБА ДА СЕ ЗАЧУВА

Листата на скокови може да се дополни со уште десетина други скокови, што донесени од гостите во градот, кои се охрабриле да скокнат од некој од мостовите, што настанати со експериментирање на генерации и генерации стружани. Го прашавме Климе за културолошкото значење и интимното значење на скокањето во Дрим во животот на стружани.

"Овие начини на скокање се пренесуваат од генерација на генерација и се запаметени уште од времето од кога постојат мостовите на Дрим. Скоковите се дел од традицијата на Струга и би било убаво да се организира традиционален натпревар во скокање. Од една страна, тоа ќе помогне да се зачуваат и да се усовршат традиционалните скокови, од друга страна таквиот турнир би можел да биде убава провокација за да се дојде во Струга", ни рече Климе на испраќање.

Ја загризавме јадицата. Си ветивме дека следниот пат и ние ќе се обидеме.



П.С. Непосредно пред да го предадеме текстот на печатење, на интернет ја најдовме веста дека на 28 јули во Мостар се одржало 443 издание на турнирот во скокови од Стариот мост на Неретва. Фасцинантно!

Wednesday, July 01, 2009

Чуварот на Галичник


Замина Гаца, последниот жител на Галичник, чуварот на селото, чуварот на галичките обичаи, котвата на галичани

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Александар МЕХАНЏИЕВ

Ден на жалост во Галичник. Замина Гаца, Галина Кутреска, чуварот на селото и последниот постојан жител на Галичник. Ја погребале претходниот ден, неколку часа откако агенциите јавија дека заминала засекогаш - прв погреб на гробиштата во Галичник по речиси 50 години. Историски момент, кој бара да го забрзаме планот да направиме репортажа од Галичник. Овојпат одиме таму, во мијачкиот дел од Непозната Македонија.

Немаме многу време, па оставаме за другпат да ја видиме потопената црква во Маврово. Можеби на враќање, ако остане време, ќе видиме колкав е водостојот сега, колку е потопена.

Лесно ги поминавме серпентините низ убавите шуми. Веќе сме на Бистра. Правиме куса пауза за фотографирање кај Тони Вода и продолжуваме. Имавме среќа да ги видиме коњите. Сигурно веќе завршиле работа, го пренеле сирењето или млекото, што ли - ќе дознаеме другпат. Како што се приближуваме, имавме впечаток дека се околу нас и пред нас се стишува, се стишува природата, а и коњите се потивки и помирни, како никогаш дотогаш. Раката спонтано ни оди врз тркалцето на ЦД-плеерот. Го намалуваме звукот и ги одложуваме за друг пат песните на Абас Цаноски, кому овојпат му падна редот да ни го приближи амбиентот на реканско-дримколскиот крај.

Но, пред очи ни идеше сликата што очекувавме да ја видиме и зборовите на пријателите од Галичник, кои ги побаравме претходниот ден, кога агенциите ја објавија веста за заминувањето на последниот жител:

"Селото е во голема тага, луѓето се попарени".

КОРЕН, ТЕМЕЛ, КОТВА..

Не можевме да и’ побегнеме на мислата дека не’ очекува таков ден, тивок и меланхоличен, сосем различен од претходниот петок, кога Галичник не’ пречека со силно сонце, појдени да набереме фотографии од убавата архитектура и складната композиција на селото. Ни на крај памет не ни беше дека би требало да се обидеме да поразговараме со Гаца, за која галичани ќе ви речат дека вешто одбирала кон кого ќе биде отворена за разговор - само со луѓе за кои ќе проценела дека доаѓаат со чиста мисла и чесна намера, во што многу и’ помагале изострените сетила, изострени од самотијата.

Пристигнуваме во Галичник, на главното собиралиште во селото, под црквата Свети Петар и Павле, до прочуената чешма Упија, далеку од телевизија, далеку од светските настани. Ни на крај памет не ни беше дека во истиот момент светот се простуваше од Мајкл Џексон, а неговите поклоници веќе ги исполниле плоштадите на светските метрополи, оплакувајќи го неговото заминување.

Продолжуваме накај хотелот Неда, каде што не’ очекуваше Елена Камиловска, менаџер на хотелот, галичанка по татко, мажена за галичанец, која ни ја потврди веста за Гаца.

"Многу се потресов. Со неа имав посебна комуникација. Таа беше таков тип, што не комуницираше со секого. Едноставно, секогаш знаеше да оцени со кого сака да раговара. Кога држевме кафеана во Галичник, често знаев да и’ наполнам кесичка со храна, овошје. Таа, секогаш скромно ќе велеше: нејќу мајке, не треба. Беше тивка, беше многу мудра. Не зборуваше многу, но тоа што ќе го кажеше, беше - кажано. Не комуницираше, не се дружеше со секого, едноставно, самата одбираше со кого сака да си направи муабет", ни рече Елена обидувајќи да ни ги пренесе впечатоците од претходниот ден.

Ја замоливме да ни го опише моментот кога ја чула веста што ги потресе галичани.

"Бев дома и перев. Одеднаш чув како ѕвони камбаната. Дојде сопругот и ми рече: Гаца починала! Не можам да ви опишам колку ми беше тешко, колку ми беше мачно. Пред црквата имаше многу народ. Сите што се најдоа во селото беа пред црквата. Веста навистина ме потресе, зашто - таа беше Галичник. Таа беше чуварот на клучевите на Галичник. Таа беше коренот на Галичник, темелот на Галичник, котвата на Галичник. И - тоа ќе биде и во иднина. Таа е таа што останува тука. И во иднина ќе биде чуварот на клучевите на Галичник. Секогаш и’ се воодушевував. Жена која што зборуваше многу малку, но која со своите постапки и својот живот кажуваше многу за тоа каков треба да биде навистина човекот. Кога ќе отидеш во град, кога ќе отидеш да живееш во град - сето тоа се изместува. Затоа таа и не сакаше да оди да живее во град. Одлука за почит! Доволно е да седиш овде само една недела и - да видиш, да почувствуваш што е тоа што го создала мајката природа", ни раскажа Камиловска.

Пред да слеземе накај Упија, да поразговараме и со другите галичани што се затекнале во селото, ја замоливме да ни каже нешто повеќе Гаца - како личност, како човек што оставил белег на Галичник.

"Имавме специфична комуникација. Се разбиравме и без зборови. Тоа не може да се опише со зборови. Таа го гледаше човекот како личност. Таа можеше лесно да оцени кој е кој, со кого има работа. Воопшто не беше излезена од Галичник. Целиот живот го помина во Галичник, со овците. Кога си сам, самата дивина, самата природа ги прави многу сетилата на човекот поинтензивни. Беше многу чиста и - затоа бираше со кого ќе разговара, со кого - не. Беше многу работлива. Била прогласена за најдобар работник во задругата - ударник. Во Музејот има фотографии, сликана со Едвард Кардељ, како ја прогласува за ударник. Немаше фамилија. Овците и беа како деца. Си ги негуваше, си ги хранеше, а ништо не користеше од нив. Беше како волчица-самотница. Немаше страв од ништо, ни од човек, ни од ѕвер. Знаеше да рече: поголем ѕвер од човек - нема. Ова не се ѕверови, ова се жителите - и мечката и волкот и зајакот, тие си се дома", ни рече Елена, жалејќи што не можела да појде на погребот, откако и’ јавиле да организира ручек за луѓето после закопот.

"Галичник ќе се смени. Галичник беше жив со неа, додека беше жива Гаца. На влезот во Галичник од пред десетина -петнаесет години живеат и други луѓе, маж и жена, зиме-лете, вратени од Скопје, но Гаца беше - Гаца. Чуварот на клучевите на Галичник, на сите тајни, на сите убавини, на сите свадби, на се’ што се случувало со години наназад. Беше чуварот на тадицијата, на се’", ни рече на испраќање.

Ниските облаци и ветерот што ги вееше пердињата во тремот на хотелотскиот ресторан најавуваа невреме. Колку-толку не’ охрабри ритамот на птиците што џивкаа на терасата, опоменувајќи не’ дека треба да побрзаме.

ШТО НЕ ДОЈДОВТЕ ПРЕД ЕДНА НЕДЕЛА?

Појдовме кон Упија со исто толкава желба да дознаеме и да ви пренесеме колку што можеме повеќе за последниот жител на Галичник, но, по којзнае кој пат заборавивме дека есапот што сме го направиле дома не излегува ист со есапот на пазар. Ни на крај памет не ни беше дека ќе наидеме на класичната ситуација, кога е човек на мака, најлесно да му биде да им најде маана на новинарите.

"Ова што го правите, за мене е многу подло. Каде бевте да дојдете пред една недела? Туку, сега си најдовте приказна што ќе ви го зголеми тиражот, што ќе ви продаде повеќе весници..", ни рече еден од галичаните што ги сретнавме пред куќите на главната уличка, револтиран што во еден ден Галичник го посетиле две новинарски екипи, кои во заминувањето на Гаца виделе момент што не смее да се пропушти или повод да го посетат селото.

Беше залудно да инсистираме да го прифати нашиот повик за кладба, да го увериме дека токму пред една недела сме биле во Галичник, како што беше залудно и да го кандисаме да погледне на нашиот разговор низ очите на неговите внуци, кои можеби ќе го прочитаат некаде по архивите, кога ќе поминат 50 години или повеќе. Сепак, најдовме и луѓе што не’ пречекаа помеко.

"Среќа што се случи кога имаше луѓе во Галичник. На сите ни е жал. Галичник нема да биде истиот без Гаца. Кога и да дојдеме, знаевме дека има некој да не’ пречека, да не’ понуди со чај, да ни каже: добар ден!", ни рече една галичанка.

"Ни падна чудно - претходниот ден не ја видовме попладнето, светлото пред врата светеше нон-стоп, помисливме дека нешто не е во ред. Повикавме луѓе, видоа дека нешто не е в ред - повикавме полиција. Полицајците влегоа - ја најдоа умрена. Викнавме поп од Дебар, преку месната заедница организиравме погреб и - така, ни замина Гаца", ни се придружија и други во разговорот.

Моравме да побрзаме. Ги замоливме да ни ја покажат куќата на Гаца и да ни покажат каде ја погребале. Телото било пронајдено еден-два дена по умирањето, па морале да ја закопаат веднаш по полициските процедури. Не можејќи да стигнеме на време за погребот, посакавме барем да и’ го видиме домот и вечното почивалиште.

Но, не било к'смет. Гробиштата се од онаа страна, на ридот наспроти Галичник, близу до Аџиевска ливада, раминката што се гледа наспроти хотел Неда.

Кој пат и да го фатевме - невремето ќе беше побрзо. За пеш - имавме многу одење, по тесна патека, низ ридовите околу Галичник, а со автомобил, како што ни рекоа - тешко дека ќе стигнеме до таму. Минатиот ден се истурило од врнење, па - или ќе заглавевме во кал со автомобилот, или, многу веројатно, некаде ќе залутавме. Решивме да постапиме разумно, и покрај силната желба да си ја завршиме работата докрај.


Тргнуваме накај Тони Вода, уште малку да поуживаме во глетката. Дури и по силно невреме, ридовите - по кои, велат, некогаш паселе 4.000.000 овци - изгледаат прекрасно.

Wednesday, June 24, 2009

Срцето на Свети Наум

Манастирот Свети Наум е едно од неколкуте места што ќе ги наброиме на прсти ако некој штотуку разбудени сред ноќ не’ запраша да ги наброиме најубавите места во Македонија - вечно почивалиште на Свети Наум Охридски и еден од најубавите предели


Пишува: Васко МАРКОВСКИ

Фото: Александар МЕХАНЏИЕВ

Најчесто не стигнуваме до таму. Најчесто нешто не’спречува да стигнеме до таму, до 29-тиот километар - колоните возила што одат накај трендовските плажи, рестораните кај Трпејца или пријателите воЉубаништа? А, сите би сакале некогаш да го видиме. Одамна беа ученичките екскурзии на крајот научебната година, кога првпат сме го виделе местотона кое му се восхитуваме секогаш кога доцна ноќеќе ја видиме одјавната шпица на некој од каналитена националната телевизија. Сите би сакале да им седоближиме на црквата со гробот на Свети Наум Охридски, на изворите на Дрим, на кои последенпат им се восхитувавме гледајќи еден ТВ портрет на Вања Лазарова, за време на паузите на преноситеод седниците на Собранието. Овој пат одиме таму, наедно од неколкуте места што ќе ги наброиме на прстиако некој штотуку разбудени сред ноќ не’ запраша даги наброиме најубавите места во Македонија , СветиНаум.

К
УЛТУРНА РИЗНИЦА

Барајќи соговорник од манастирот, кој ќеможе да ни пренесе автентично иверодостојно нешто повеќе за животот иподвизите на Свети Наум, повторнонаидовме на монашкиот стремеж да семолчи, малку да се зборува. Ниблагословот што го имавме од владикатаТимотеј не беше доволен за да годобиеме за соговорник игуменот, отец Нектариј. Единственото што ни останабеа брошурите од излогот напродавницата и, евентуално, меѓутуристите да најдеме некој од мештанитекој ќе ни раскаже што се зборува меѓу народот за животот, подвизите иманастирот на Свети Наум.

Од брошурата дознаваме дека црквата ја подигнал Свети Наум Охридски, во 900 година и им ја посветил на Светите архангели. Во манастирот ги поминалпоследните 10 години од животот ирешил токму во манастирот да си гоподигне вечниот дом. Иконостасот важи за извонредно уметничко остваруваење, работен според нацртите на резбарските работилници од Света Гора. Фрескоживописот е најголемата зачувана сликарска целина на доцновизантиски живопис во Македонија од 18 век и почетокот на 19 век. На фреските се претставени сцени од подвизите на Свети Наум Охридски и неговите современици од Моравската мисија и Охридската книжевна школа. Од неговите почетоци, во 10 век, до крајот на 19 век манастирот бил центар на просветната дејност во овој дел на Македонија.

Помош побаравме и во записите на колегата Марко Аросовски, од чиирадиорепортажи некогаш го учевме занаетот. Дознаваме дека низ историјатацрквата неколку пати била уривана и обновувана, а под името Свети Наум првпат се спомнува под името во руски документи во 1630 година. Градбатапочнала во 16 век, а иконостасот и празничните престолни икони биле изработени во 1711 година.

ТИВКИ
ОТ ПРОСВЕТИТЕЛ

Во нашата перцепција, ликот на Свети Наум обичного доживуваме како тивкиот просветител, еден однајважните ученици на Свети Кирил и Методиј, неразделен од Свети Климент Охридски. Можебиоттука потекнува и претпоставката дека токму тој билмонахот кој се потпишал како Црноризец храбар, кој аргументирано и мудро застанал во одбрана на богослужбите на словенски јазик.

Просветителската дејност на Свети Наум главно се поврзува за Моравската мисија на Свети Кирил и Методиј, но, малку се знае дека неговата дејност почнува уште со Сараценската мисија, кога како учествува во дипломатска мисија на византискиот двор во Багдад, преговарајќи за размена на заробениците и заштита на христијанските поданици што живееле во Багдатскиот калифат. Следните неколку години ги минуваат во тишината на манастирот на Свети Методиј на планината Олимп во Мала Азија, каде што работат на усовршувањето на словенската азбука и преведуваат и препишуваат црковни книги за богослужба на словенски јазик. Во 860 година патот ги води покрај бреговите на Црно Море, каде што ја извршуваат Хазарската мисија, убедуваЈќи голем дел од Хазарите да го прифатат христијанството.

Во учебниците по историја и ќе прочитаме дека Свети Наум бил еден од најистакнатите ученици на Свети Кирил и Методиј за време на просветителската мисија во Велика Моравија, Заедно со Свети Климент, Сава, Горазд и Ангелариј помогнале да се рашири богослужењето на старословенски јазик, ширење на просветителска и преведувачка дејност, и покрај силните притисоци од германските свештеници. Нивниот притисок се зголемува во 867 г., со заострувањето на одностите меѓу Источната и Западната црква, а го достигнува врвот по упокојувањето на Свети Методиј во 885 година, кога наместо Горазд, како што благословил Методиј, на чело на Панонската архиепископија доаѓа Германецот Вихинг, кој почнува отворена војна против словенското свештенство.

Прогонувани и измачени, успеваат да се спасат само неколкумина. Климент и Наум успеваат да пребегнат на територијата на Бугарија, каде што добиваат заштита од кнезот Борис Михаил. Климент добива мисионерска работа во областа Кутмичевица, во околината на Охридско Езеро. Ја формира Охридската книжевна школа, која ќе ја развие до ниво на прв словенски универзитет, низ кој се образувале 3.500 учители, свештеници, книжевници и уметници. Со доаѓаењто на престолот на новиот бугарски владетел, Симеон, Климент бил поставен за епископ на Величката епархија, во околината на делови од Мала Преспа и Корча, каде што добива имот и раскошни дворци за да развие просветителска дејн

Тивериопол, денешна Струмица, а неговата учителска дејност бил повикан да ја продолжи Наум, кој дотогаш бил активен во Преславската книжевна школа, кому му биле доделени богати поседи на брегот на Охридското Езеро.

МЕЧКА ВО
ПЛУГ

Во календарот на Македонската православна црква Свети Наум е опишан како мудар учител, раководител на монасите, решителен во подвизите, чудотворец со неговите молитви и духовник. Знаел многу јазици и бил неуморен преведувач и поттикнувач на преведувачка дејност од грчки на словенски јазик - Светото писмо и важни црковни книги. По враќањето од Моравската мисија, со помош на цар Борис Михаил основал манастир на јужниот брег на Охридско Езеро, каде што му се придружиле монаси од сите страни на Балканот. Манастирот бил извор на чудотворна сила, засолниште за болните и луѓето што биле во неволја.

Свети Наум правел чуда и за време на животот и по смртта, а од неговите чудотворни мошти се исцелиле многу луѓе со тешки болести и излекувале многу луѓе заболени од лудило. Поради овие заслуги, православната црква му посветила два празника, денот на Преподобен Наум Охридски Чудотворец - 5 јануари и денот на упокојувањето, 3 јули.

Но, чудотворец не се нарекува само во црковниот календар. За неговите чуда сведочат и фреските во манастирската црква, житијата, но и многу народни преданија, запишани од преродбениците.

Едно од нив опишува Кузман Шапкарев:

"Едно време, кога орачите од светинаумовиот си орале на нивите, им дошла една мечка иим изела еден од орачките волови. Ралото илиплугот, им останало со еден вол, па не можелеповеќе да ораат. Орачот со трчање дошол воманастирот и му кажал на игуменот дека мечкатадошла на нива, па му го изела едниот вол. манастир

- Сега немам - рекол орачот - со што да си ја доорам нивата.
- Оди си ти на нивата - му рекол игуменот - таму ќеси го најдеш волот во плугот, впрегнат во јаремот.

Орачот отишол на нива, кога видел - што ќе види? Чудо големо! Мечката што го изела волот, билавпрегната на плугот, во јаремот, заедно со другиот вол. Орачот си ја доорал нивата со едниот вол и сомечката до него, впрегната во јаремот. И до ден денеска тоа чудо стоинасликано на иконата светинаумова и на камењата од страните на мостот наДрим, блиску до манастирот", запишал Шапкарев.

СРЦЕТО
БИЕ ДО ДЕНЕС?

Барањето мештанин што ќе ни раскажешто се зборува меѓу народот за СветиНаум се покажа успешно. На стотинаметри од манастирот го најдовме Владе Мојаноски, од соседното село, Љубаништа, кој превезува со кајчетуристи низ малото езерце кај изворитена Црн Дрим.

"Имат. Имат многу приказни за чудата на Свети Наум, сигурно ја видовте фрескатасо мечката на орање. Се зборува декаСвети Наум знаел да ги припитомуваживотните, да лекува од разни болести, лудило. Многу луѓе доаѓаат во манастирот да најдат лек за неротки во фамилијата. Палат свеќи и се молатврз гробот. Сигурно веќе сте чуле, многу луѓе ја ставаат главата врз гробот, потпрена врз раката, за да го чујат срцето на Свети Наум и за да си кажат во себе молитва за нешто што им е многу важно. Многумина пробале, имногумина велат дека и ден-денес може да се чуе како бие. Но, не може секојда го чуе и не може секој секогаш да го чуе срцето на Свети Наум. За тоа епотребен благослов, да бидеш духовно подготвен, па да можеш да го чуеш", ни раскажа Владе.

Се обидовме и ние. Повторно сме воманастирот. Клекнати на колена, гиставивме увото и раката врз црвенотокадифе послано врз надгробната плоча. Обидувајќи се да го препознаеме звукотшто требаше да го чуеме, се сетивме назборовите на Владе. Веројатно не ни едојден мигот. А, можеби и не евистинскиот момент да се обидеме да гочуеме. Можеби треба да дојдеме ранонаутро, или доцна приквечер, когагрупите туристи веќе се заминати накајплажите, рестораните илиодморалиштата. Којзнае?

Многумина велат дека го чуле. И тие што веруваатдека е тоа срцето на Свети Наум, и тие што велат дека всушност водата одезерото удира под карпата, како што низ магла ни велат другарчињата одосновното училиште кои еднаш одамна успеаа да го чујат.



Thursday, May 28, 2009

Циронки

Кога се во езеро, или кога се свежи, пржени или печени се 'преспански белвици'. Но, кога ќе ги исушиш, посолени, пресувани, стануваат циронки - деликатес на селата од западниот брег на Преспанско езеро - Стење и Коњско, подготвени според уникатен традиционален рецепт за чувување риба до следната риболовна сезона


Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Андон ДАВЧЕВ

Би било некоректно од нас ако не ве предупредиме читањето на оваа репортажа да ја оставите за некој од оние мигови кога толерантно се прекоруваме себеси дека сме изеле повеќе од што било нужно, моментите кога задембелени во некој лад би сакале да прочитаме што има по неделниците и магазините. Овој пат ве водиме во Стење, на западниот брег на другото езеро, Преспанското, да видиме како се прават циронките, сушените рипчиња што одвреме-навреме, во летните месеци, ги гледаме на картонските кутии на пазарџиите од Мала Преспа, исто така од западниот брег, веднаш зад границата со Албанија.

СЕГА ИМ Е ВРЕМЕТО

И овојпат тргнавме преку Охрид, уште еднаш да се почестиме да ја видиме Галичица, да бидеме изненадени од другото, поинаквото езеро, додека се оддалечуваме стрмнините над Трпејца. Уште сто пати нека ни кажат преспанци дека побргу се стигнува преку Велес, Прилеп и Битола!


Стигнуваме во Стење. И овојпат доцниме, како по правило - онолку минути колку што ни биле потребни за борбата со себе, да се одлепиме од магнетизмот на панорамите на патот меѓу двете езера.


"Ве чекав порано, до десет и пол, ама појќе не можев да чекам. Времето е жешко, не можеш многу да одложуваш, па почнав да работам", ни раскажа стариот познаник Ванчо Стојаноски, кој веќе почнал да ги средува рибите што ги уловил претходната ноќ.


Сепак, не беше толку доцна. Имавме прилика да фатиме од се што требаше да видиме, за да видиме одблиску како се прават сушените преспански белвици, циронки, како што ги нарекуваат во Преспа.


Најпрвин бевме љубопитни за името - циронки, но, ниту Ванчо, ниту повозрасните од неговата околина, ниту пак кој и да е од повозрасните стенчани што ги прашавме, не знаеја да ни објаснат што значи и од каде потекнува.


Седнавме спроти Ванчо и почнавме да редиме од полесните прашања.


Научивме дека циронките се прават од мај до јули, кога езерото е најбогато со белвица, а времето најпогодно за сушење на низите со риби.


"Како оди сонцето, така одиме и ние. Низите секогаш треба да бидат на сонце и мораш да внимаваш да не заврне", ни рече Ванчо, покажувајќи дека веќе е време да се поместат неколкуте низи белвици што се сушеа покрај ѕидот на другиот крај на дворот.


Со следниот одговор научивме дека би биле наивни ако помислиме дека така обесените низи би можеле да бидат добра гозба за мачките од Стење. Рибите се толку солени, што дури и мачките можат да им одолеат, особено во Коњско, каде што циронките ги прават уште посолени, за да станат уште побели.

ОД СТАРИ, ПРАСТАРИ..

Додека Ванчо ни покажуваше што се’ треба да им се направи на уловените риби, љубопитноста ја привлече да ни се придружи и баба Ангелина Стојаноска, мајката на Ванчо. Ја искористивме приликата да ја распрашаме да ни раскаже од кога ги памети циронките, од каде потекнува името, кој и како ги подготвувал кога била дете.


"Ова' работа е од напред (демек, од времиња!), од стари, престари.. Со векови е ова. Напред немаа мрежи, одеа со пезул (вид мрежа што се носи на рамо). Се ловеше и од на нога и од чунки, сред езеро. Големите одеа на работа, в поле, ние помалите, децата си нижевме циронки. А името - не знам. Откако знам за себе, ги викаме: циронки. Зошто, како - не знам да ви кажам", ни рече баба Ангелина.


Рибите најпрвин се чистат (се вадат) од мрежата. Откако ќе се исчистат се солат, малку по малку, во тепсија. Откако ќе се посолат, се редат во буриња или во канти, најгоре се покриваат со блостур (растение со зелени листови, како штавел) и врз блостурот се става нешто тешко, обично камени плочи, за да држат тежина врз рибите, да се испресуваат. Врз бурето се става капак и така затворени стојат седум дена.


До тогаш седум пати ќе се сврти кругот. Додека рибите убаво да се испресуваат во бурето и додека убаво да попримат од солта, домаќинот секоја вечер, со првиот мрак, околу девет часот навечер, оди в езеро, со мрежите и кајчето.


"Ова се рибите што се фатени денес, преспанска белвица. На 10 кила риби се става едно кило од крупната сол. Се суши и крап и скобуст, ама, најногу се сушат белвици. Откако убаво ќе се исушат, низите се прибираат во хартиени вреќи и така исушени можат да се чуваат до следната година, до следната сезона за правење циронки, ни раскажа домаќинот.


НАЧУЛЕНИ НАД ЕЗЕРОТО

Бевме љубопитни за ловењето. Од Ванчо и од баба Ангелина дознавме дека денес се лови поразлично и дека се’ помалку стенчани го паметат ловењето со сакови и со пезул, сред езеро или покрај брегот.


"Како и да ловиш, најважно е да бидеш тивок и да го следиш движењето на рибите. Тој што е искусен го слуша шумот од рибите, додека се мрестат. Самиот звук ќе каже каде се рибите. Мрежите се фрлаат малку подалеку и се оставаат така околу шест часа. Ловењето е многу интересно, здравје, ќе дојдете. Пред да ја фрлиш, мрежата треба да е обрибена, да мириса на риба. Не смееш да ја допреш со рака, ако ја допираш, можеш да ја допреш само со чисти раце. Рибите се многу осетливи - веднаш ќе побегнат. Езерото е богато со белвица и ноќе е полно со рибари, се’ докај три часот наутро, пред да се појават пеликаните. Ако се задржиш повеќе од што треба, ќе ти ги направат парче мрежите и ќе ти ги изедат рибите пред очи", ни раскажа Ванчо.

ЗВУЧИ ВКУСНО?

Рибите што биле уловени претходната ноќ веќе се наредени во кантата, покриени со блостур, поклопени со тежина. Наоколу во дворот веќе се сушат низите со рибите што биле уловени пред седум-осум дена. Им останува уште малку пат до трпезата.

Откако ќе се исушат, може да се јадат и живи, но преспанци ќе ви кажат дека циронките се највкусни кога се потпечени. Се подготвуваат на неколку начини и се вкусно мезе за со вино или со ракија. Некои ги сакаат потпечени на плотна, зачинети со лук, магдонос, црвен пипер и масло, но, често се јадат и пропржени во тавче, со масло, црвен ппер и лук.


Звучи вкусно? Прашајте ги вљубениците во Преспа и сите ќе ви го кажат истото - тоа мора да се проба. Тогаш, палете кола и тргнете накај Преспа. Како што ни рекоа стенчани, во Стење нема куќа што не прави циронки.