![]() |
| Фото: Васко Марковски |
Се појави во “Ван Гог”, во доцните 80-ти. Набргу забележавме дека е секојдневен гостин, исто како нас - редовни гости кои најубаво се чувствуваа кај “ложата”, на ѕидчето отспротива, кај бараките на Општина Центар. Со секое следно доаѓање во “Ван Гог”, веќе знаевме - кај да е ќе се појави, на поплочениот тротоар, откај плоштатчето, неколку чекори по Тони Мичевиќ и дружината, доцнејќи зад нив колку да го заклучи темносиното “рено 9”. Секогаш беше тука некаде. Речиси немаше вечер да не дојде. Сфативме дека тоа е другар на Мичевиќ, блескавиот гитарист кој штотуку го бевме откриле по скопските клубови. А, кај беше Мичевиќ, таму беше и тој, Драган, другарот што им помагаше за инструментите, да се донесат до “Ван Гог” - да се приберат од “Ван Гог” по свирките.
Набргу станавме свесни дека Скопје доби еден нов, поинаков ноќен живот, со бендови што ги свират во живо музиките што нè возеле низ годините, што допрва ги откривавме. Веќе имаше и да се бира. “Вуду” на Мичевиќ и Лопе, “Банкрот блуз бенд” на Гиш, Харе и Ренџов, или - џезерските бендови на Ачек и Сале Икономов.
Веќе се навикнавме. Како урбани номади, ги следевме во новите локали каде што настапуваа - толку често, толку интензивно, што веќе “нè фаќа склерозата” кога ќе се обидеме да ги наброиме: “Три секунди” во салата на “Работнички”, кај Гранит од “Патика” во “Капан ан”, во “Арт”, “Сабвеј”… “Која ли беше таа формација кога ги гледавме таму-и-таму”, залудно се обидуваме.
Еден ден нè изненади. Роки се појави зад микрофонот. Тој беше пејачот. Повеќе не беше пријателот на Мичевиќ и дружината кој уживаше отстрана во нивната музика. Се појави како темпераментен изведувач, жар кој тлеел. Но, не било за изненадување. Ни биле потребни дваесетина години да го дознаеме тоа, неодамна, кога се видовме со повод. Со идејата да има бенд, да свири на концерти, се занесувал уште од шесто-седмо одделение, кога му купиле хармоника. Но, жарот тлеел. Се будел секаде каде што ќе го однесел животот - во Алжир, каде што живеел две години како средношколец, син на секретар на воено аташе; во Белград - нова прекоманда на татко му; во населба Аеродром, каде што се преселил од старото маало во Скопје (кај Зоолошка), каде што ги запознал Мичевиќ, Лаки и луѓето со кои ќе почне да свири по бендови - од првите настапи, со “Woman Haters” во “Ван Гог”, до големата сцена, како член на придружниот бенд на Тоше Проески.
Еден од луѓето со кои соработувал во разни периоди е Трајко Симоновски - Таци, некогаш басист во “Woman Haters”, подоцна еден од незаменливите членови на “Блу фанки индивидуалс”. За него Роки е “супер тип, извонредно интелигентен човек, музички наслушан, голем мераклија за музика, кој сака џез, но е рокер во крвта”.
![]() |
| Трајко Симоновски - Таци |
Валентина Ѓоргиевска, новинарка која одблиску ја следеше кариерата на Тоше Проески, имала прилика одблиску да го биде сведок на “другото лице” на Роки, како член на “Бендот на Тоше”, како човек кој настапувал на голема сцена - на балканските турнеи и на изборот на Песна за евровизија во Истанбул.
![]() |
| Валентина Ѓорѓиевска Парго |
Игор Целески е еден од многуте луѓе чија младост и период на созревање често во фон ја имале музиката од настапите на Роки низ скопските клубови и кафулиња. Настапите на “Хејтерс” и “Индивидуалс” за него, на некој начин, биле компензација за светските бендови што не сме можеле да ги гледаме кај нас - бендови кои ни помогнале да ја доживееме отсвирена во живо музиката на хероите што не сме имале прилика да ги гледаме.
![]() |
| Игор Целески |
Што прави Роки денес? Рокер засекогаш. Сакате повторно да чуете со каков жар ја пееше “Соулмен” од “Блуз брадрс” или “Хард ту хендл” од “Блек Кроус”? Лесно ќе го најдете.



















