![]() |
| Еден од последните два „Лејланда“, фотографиран во депото на ЈСП во Влае |
Тоа се можеби првите автобуси што некогаш воопшто сме ги виделе, илјадници од нас. Црвени „четвртасти“ кутии, со питом изглед, одозгора бели, како на нив да напаѓале триесетина сантими снег. Можеби не можеме да се сетиме што точно, но имаше нешто што правеше да ни бидат различни, помили од другите автобуси што се појавија подоцна.
![]() |
| „Мајсторе, задња!“ (Фотографии: Васко Марковски) |
![]() |
| Стојче Чанговски, механичар: „Сега стави му клуч, ќе запали од прва!“ |
„И ден-денес кога ќе се расипе автобус слушам луѓе како велат: подобри беа 'Лејландите'. И, навистина, се покажаа поиздржливи, помалку се расипуваа, од сите други што дојдоа подоцна. Беа со полуавтоматски менувач, што ги правеше поедноставни за возење, без *кумплуг*. Имаа издржливи мотори. Сега стави му клуч, ќе запали од прва. Имаа издржлив мотор. Нека крене температура и до 100 степени, нема гајле, вози. Сите цевки му се од бакар. Толку беа издржливи, до скоро само 'Лејланд' користевме за влечење кога ќе ни останеа поновите автобуси 'дефект'. Моторите им се оригинал, англиски, а каросериите ги склопуваа во Нови Сад. ЈСП имаше околу 400. Единствена маана што имаа - воланот имаше послаб аншлак, па за вртење бараа повеќе маневри“, се сеќава Чанговски.
Влегуваме внатре. Срцето веќе трепери. Во разговорот со домаќините забележуваме една позната акустика: празен „Лејланд“, пред тргнување, на почетна станица. Ги разгледуваме податоците од сообраќајната дозвола: СК-504-РР, Лејланд 680, произведен во 1969, боја на каросеријата - крем 45 и светло црвена 71, 23 места за седење, 77 за стоење. Датум на прва регистрација: 16 април 1969 година. По улиците на Скопје извозел 2.400.000 километри. Светнат, како нов. Ги здогледуваме рачките кои некогаш сме мечтаеле да ги достигнеме, кои правеле да се чувствуваме големи откако веќе досегаме до нив. Познат распоред на седиштата и детаљ кој посебно ни се допаѓал, споредено со другите - се' е во една рамнина, ја нема „дупката“ на крајот на автобусот, местото каде што секогаш беше 'празно', како што сакаа да не' убедат возачите за да ја расчистат турканицата кај влезната врата. И, уште еден детаљ, неодминлив за феноменолошката историја на градот - капакот на механизмот за автоматско отворање (и затворање) на вратите: „Мајсторе, задња!“.
![]() |
| Јанко Јанков, возач: „Од 1975 до 1980 се возеа само 'Лејланди'. Сите сакавме да ги возиме.“ |
„Кога дојдов во ЈСП имаше само два ФАП-а од старите, тие ги чуваа за пробно возење, кога не' тестираат за нови возачи. Се' друго беа 'Лејланди'. Од 1975 до 1980 се возеа само 'Лејланди'. Имаше два типа 'Лејланд'. На почетокот имаше неколку донесени од Англија, им се отвораа и шофершајбните. Сите што дојдоа подоцна беа склопувани во Нови Сад. Имаше само два со хидрауличен волан - сите сакавме тие да ги возиме. Во тоа време немаше многу линии со угорници, но, таму каде што имало, без проблем искачуваа. Само, малку ми беше страв со кочниците. Мислам дека не беше баш добар системот. Нема линија на која не сум ги возел. Кога ќе се сетам, најтешки за возење ни беа 19-ка и 5-ка, особено од 1980 до 1985. Секој гледаше да фати некоја селска линија, порастоварена“, ни раскажа Јанков.
| Виктор Поповски |
„Супер е 'Лејланд'. Имам многу сеќавања. 'Лејландите' ми останале во сеќавање како симпатични, но повеќе се сеќавам на 'броевите', односно - линиите, како специфични патувања низ градот, секоја свој филм. На пример, имам едно чудо сеќавања од 19-ка. Секогаш преполна. Ќе успееш некако да седнеш, за накај Топанско, по некоја станица ќе застане над тебе некоја жена од Шутка. Ќе ти рече да станеш, ама, некогаш си расположен да стоиш, некогаш не. Е сега, ако решиш да не станеш, веќе имаш шоу: 'Ќе видиш ти во Шутка кога ќе дојдеш!'. Има милион 'дешавки' од 19-ка! Се сеќавам, еднаш од автобус се симнав директно во вода, насред Топаанско. Добар момент ми бил, на пример, кога ќе се качев во 6 наутро, во 3-јка. Јас се возев од прва до последна
станица. Редовно се среќававме со Иво Блузмен, јас за во 'Дистрибуција', тој - за во 'Кожара'. Се разбира, секое сабајле, во исто време во истиот автобус. Секој си го знае своето место и си седнува како што е ред. До 'Рекорд' веќе секој си фаќа место, си го знае местото и не менува. Истите луѓе, со години. 'Лејландите' ги памтам i по 50-ка, кога одев во школо, накај 'Коце'. Ги памтам 'скокчињата' на асфалтот пред 'Континентал'. Е, кој беше повисок, немаше шанси да не си ја удри главата од таванот, ако автобусот беше 'Лејланд', на пример како мене или како Тегла, кој редовно се возеше во 50-ка“, ни раскажа Виктор.
Хмм.. Се изнамачивме обидувајќи се да го најдеме вистинскот да како да ја завршиме приказната за „Лејландот“. Што и да кажеш, те следи чувството дека кажуваш „Збогум“ на едно убаво време, за кое некогаш сме мислеле декеа никогаш не го заборавиме, а веќе сме почнало да ни бледее сеќавањето. На крајот, сепак се појави и податокот кој нафрли доза ведрина. Последниот „Лејланд“ е во гаражата во Ѓорче, стокмен како кутивче, подготвен за изнајмување, за тури низ Скопје. Па, да се организираме?




