Saturday, April 16, 2005

ГУРМАН
Кинески ресторан “Шангај” - Скопје
Несекојдневни вкусови од Шангајскиот кантон
Васко Марковски

Еден од неколкуте кинески ресторани кои се појавија во Скопје во последниве десетина години е ресторанот “Шангај”, кој во текот на шестгодишното постоење работеше и под името “Златен пат”. Сопственици на ресторанот се искусни угостители од Шангај, Народна Република Кина, од каде што се и готвачите, кои работат во ресторанот уште од отворањето.

Ентериерот е во модерен кинески стил, во кој доминираат сината и белата боја, слики од познати современи кинески уметници, рачно изработени лустери од махагони и стакло и лесна кинеска поп музика.

Специфичност на шангајските јадења е комбинирањето на вкусовите, најчесто луто со кисело и слатко со кисело. Јадењата, пред се, се комбинации од зеленчук и пилешко, говедско или свинско месо, риба, ракови и патка, главен зачин е сојата, приготвена на разни начини. Од зеленчуците најчесто се употребува спанаќ, тиквички, пиперки и модар патлиџан, неколку видови кинески печурки. Кинеската кујна е блиска со макробиотската и речиси е незамисливо во јадењата да нема ориз. Боопшто не се употребуваат млеко и млечни производи, но, се користи сирење од соја. Често се употребува чили, кари, сусамово масло, морска сол, разни видови бибер, зачини од скаменети цветови и специјални зачини за јадења од патка.

Најпознато предјадење е шангајска патка - варена патка со соја сос, која се служи како ладно предјадење, еден од главните деликатеси во шангајската кујна (480 ден.). Се послужува со црвено вино и се комбинира со зеленчук. Од листата на предјадења би ги издвоиле и бадем во овошен шеќер (230 ден.) и слатко-кисела зелка со чили (90 ден.).

Од главните јадења ни препорачаа сотиран мешан зеленчук (150-200 ден.), исклучиво од свеж зеленчук, риба во соја - се приготвува со соја сос, кинески печурки, праз и корен од бамбус (290-560 ден.), пилешко во слатко-кисел сос - зиме се комбинира со ананас, налето со зеленчук (многу барано јадење, 290 ден.) и ориз со зеленчук и ситно сецкано говедско месо (330-350 ден.).

Како десерт земете пржен сладолед во тесто или овошна салата. Што се однесува на пијалоците, Кинезите главно со јадењето пијат кинески чај, во текот на целото јадење, кој брзо ја разложува храната и прави телото да се чувствува пријатно. Сепак, во посебни пригоди претпочитаат да се напијат цветни вина или од кинеското меко пиво чинг дао.

Адреса: Ленинова 38, на половина пат од Соборен храм “Свети Климент - Охридски” до пазарче “Буњаковец”
Работно време: понеделник-петок од 11.00 до 23.00, сабота-недела 12.00 до 24.00.
Резервации и нарачки за доставување дома: телефон 02 / 32 28 100.
Начин на плаќање: во готово, граѓански чекови, Мастерс кард, Маестро кард.
Пристап за луѓе во количка: проблематичен - неколку скали на влезот.

Friday, April 15, 2005

ГУРМАН
Четири-пет чоколадни бонбони - подарок за паметење

Васко Марковски

Сте тргнале од Гимназија “Јосип Броз” накај “Рекорд”, но ве фатило “црвено” на семафорот кај “Палома бјанка”. Разгледувате наоколу чекајќи “зелено”, а вниманието ви го привлекува жолта светлечка реклама оддесно. Можеби ова ви се случило веќе неколку пати, а уште не сте откриле каков дуќан се крие зад натписот “Леонидас”. Обидете се еден ден да тргнете неколку минути порано и, погледнете во излогот. Ќе се соочите со слика како од бајките и чудна “магнетна привлечност” што ќе ве натера да влезете внатре. Не е куќата на Ивица и Марица, туку е првата продавница на прочуените чоколадни бонбони “Леонидас”, познати како белгиски пралини, или како оригинално белгиско чоколадо.

Звучи “грчки”, а е од Белгија!? Да. Леонидас е името на господин Кестекидес, кој на почетокот на дваесеттиот век, како грчки иселеник во Америка, ги удрил темелите на денешната компанија со неколку фабрики и 1700 дуќани ширум светот. Непосредно пред Првата светска војна освоил златна и бронзена плакета за квалитет на белгиските саеми за прехранбни прозиводи, по што решил својот бизнис целосно да го пресели во Белгија. Неговото присуство таму го “забетонирала” љубовта со една девојка Брисел, со која подоцна ќе се ожени. Така, во 1913 година почнува традицијата, која се развива под мотото “луксуз достапен за секого”.
Пралините се изработуваат исклучиво со путер од какао, а како “полнење” се употребуваат разни свежи кремови, млечен крем, лешници и овошни додатоци во најразлични комбинации. Ќе најдете пралини полнети со крем од путер, пралини со посебен крем или со ганаш, со крем од ликер, со карамела, со пралине, пралини полнети со чисти ликери.. Сите се изработуваат во три варијанти: “облечени” во црно, во класично или во бело чоколадо. Истото важи и за неколкуте видови “манон”, пралините што му го донесле најголемиот успех на Леонидас, а не ги одминувајте и слатките од кандирано овошје и марципан - особено погодни во деновите на Велигденските пости.
За да го доживеете вистинскиот вкус, се препорачува да се чуваат на темно, на температура од 15 до 20 Целзиусови степени и да се консумираат максимум една недела од денот на купувањето. Затоа, нека не ве чуди ако ви застуди додека се премислувате што да одберете. Дополнителна гаранција за квалитетот е и специјалниот жиг на долната страна на секое бонбонче.
Една од работите што најмногу импресионираат се и специјалните кутии во кои се пакуваат пралините - поголеми или помали “кутии за накит”, разни теглички, метални кутии со играчка, познати бриселски згради, во кои ќе спакувате одлични подароци како изненадување за вашите сакани, за роденденската журка за која сте разбрале “во пет до дванаесет”, но и да се почестите себеси по некој убав повод. Не плашете се од цените - квалитетот и од четири-пет пралини ќе направи подарок што ќе се памети.
Адреса: Даме Груев 16, локал 5, Скопје - ТЦ “Палома Бјанка”
Информации и нарачки: телефон 02 / 32 31 441
Начин на плаќање: во готово, граѓански чекови, Дајнерс

Sunday, April 10, 2005

ГУРМАН
Ресторан „Витториа“
Достоен наследник на ресторан “Победа”
Васко Марковски


Скопје се поиталијанчува, ми рече гневно еден мој пријател кога на местото на некогашниот Плоштад Слобода беше отворен кафе-барот “Piazza Liberta”. Инспириран од Црвените бригади беше наумил да земе спреј црвена боја и врз прозорците на барот да напише “Плоштад Слобода”. Еве, деновиве можеби повторно ќе добие таков порив - пред еден месец некогашниот ресторан “Победа” воскресна, под ново име - ресторан “Vittoria”.
Сепак, како добар пријател, ќе го посоветувам да не прави такво нешто, ќе го нагрди најубавиот ентериер што до сега сум го видел во скопските угостителски локали. Архитектите на студиото “ДСЦ дизајн” го конципирале како место за разни пригоди и направиле место во кое ќе ви биде пријатно да прочитате весник “уз доручек”, да се напиете кафе со пријатели, да отидете на семеен или деловен ручек. Просторот е поделен на ресторански дел, кафетерија, ВИП-салон, винарска визба и шанк Доминираат црвената и сивата боја, комбинирани со луксузни гарнитури за седење, луксузно осветлување и тивки италијански канцони.
На менито доминираат италијански јадења, а на винската листа има стотина видови вино, од македонско, италијанско, француско, шпанско, аргентинско, чилеанско, американско потекло.
За почеток земете италијанско мешано предјадење со италијанска пршута, мортадела, пармезан, сирење рокфорд, кајмак, тикви и модри патлиџани, и чашка жесток пијалок или вино. Како топло предјадење ви препорачуваме шпагети со морски плодови, ракчиња, лигњи, октопод, школки и шкампи.
Како главно јадење ни препорачаа пица четири годишни времиња или четири сирења, кремендала од лосос или од ајкула со вариво, или фјорентина - телешка кременадла со коска, гарнирана со ориз.
Меѓу најбараните десерти се туфахиите и палачинките, но на првото место е панакота - карамел-крем, од млеко, желатин и хопла, прелеан со овошно слатко. За крај земете дигестив, на пример, оригинална италијанска грапа и шолја кафе, на пример, италијанско еспресо.
Сево ова ќе ве чини од 800 до 1100 денари на човек. Цените на виното се движат од 5 до 300 евра за шише.
Адреса: Мито Хаџивасилев - Јасмин 36, Скопје
Работно време: понеделник-четврток од 9 до 24, петок и сабота од 9 до 1 по полноќ, недела од 9 до 24.
Резервации: телефон 02 / 32 27 266 и 070 / 510 888 (Зоран)
Начин на плаќање: во готово, граѓански чекови, Мастер кард, Маестро кард.
Пристап за луѓе во количка: проблематичен: приземје - во една рамнина, кат - непристапен.

Saturday, March 19, 2005

ВИКЕНД НА ХУМАНОСТ
Дарува крв по секоја цена

Васко Марковски

Милиони луѓе им ги должат своите животи на луѓе што никогаш нема да ги запознаат, на луѓе што подариле дел од својата крв по сопствена волја и без надомест.

Можност да запознаеме дел од нив е прославувањето на Меѓународниот ден на крводарителите, 14 Јуни, кога се прославува роденденот на нобеловецот Карл Ландштајнер, творец на системот на крвните групи А, Б и 0-нулта.

Македонските крводарители во четвртокот го прославија својот втор празник, Денот на крводарителите на Македонија, 17 март.

Меѓу нив има луѓе што даваат крв одвреме-навреме, кога крводарителските карвани ќе дојдат во нивната фирма или во нивното училиште, но и повеќекратни крводарители на кои дарувањето крв им станало дел од животот.

НЕОБИЧНО СПАСУВАЊЕ ЖИВОТ

Витомир М. Илиќ е поротник во Основниот суд Скопје 1. Пред две години се пензионирал, по триесет и две години работа во судските органи. Тој е активист во Општинската организација на Црвениот крст - Чаир, автор на прирачник за крводарување и пасиониран крводарител. Неговата крвна група е А1-позитив и досега ја има дарувано 105 пати.

Идејата за дарување крв му блеснала уште во детството, кога бил сведок на необично спасување живот со еден марифет што го направила баба му.

- Кога бевме деца, еден мој другар, мислејќи дека јаде шеќер, изеде полна тегла каустична сода. Веднаш му се слоши и почна да повраќа пена. Како за среќа, тука беше баба ми - некогаш соработувала со комитите и колку толку знаеше да лекува. Во дворот, каде што беше другар ми, чувавме пајки. Веднаш го легна детето, грабна една пајка и и го скина вратот. Како што бликна крв, му го затна носот и му накапа од крвта. Детето се спаси и уште оттогаш ми се врежа во умот дека крвта нешто помага - раскажува Витомир.

Неговиот крводарителски подвиг почнал во 1957 година, кога првпат во Кичево дошла екипа за собирање крв.

- Бев гимназијалец и прв се јавив да пробам, бидејќи таков сум по карактер, сакам се’ да пробам прв. И во тоа време луѓето велеа дека по давањето крв ќе ти се лоши и кажуваа други такви приказни, но ништо не ми беше и оттогаш почнав да давам редовно, секогаш кога ќе дојдеше екипа во Кичево - вели тој.

Во 1965 година се преселил во Скопје, по што почнал неговиот подвиг. Крв дава се’ почесто и не чека докрај да помине пропишаната пауза меѓу две дарувања.

ДВЕ КРВОДАРИТЕЛСКИ КНИШКИ

Според светските стандарди, крв може да дадат лица на возраст од 17 до 61 година. Во Македонија, за способни се сметаат лицата на возраст од 18 до 65 години, за кои исто така важи светскиот стандард да бидат во добра здравствена состојба и да имаат минимум 50 килограми телесна тежина.

Мажите, според прописите, можат да даваат крв четири, а жените три пати годишно, но Витомир не внимава секогаш на нив.

- Ми се случи, на 27 јануари 1999 година. Бев на работа и на радио чув повик за дарување крв од мојата крвна група, било потребно за операција на некоја жена. Веднаш отидов, дадов. Вечерта ми јавија дека починала тетка ми во Кралево. Отидов на погреб и следното утро, додека пиевме кафе, ја прекинаа емисијата на радио. Повик, требало крв за детенце од три години. Пред очи ми се појави внука ми - и таа имаше три години. Се јавив и отидов. Ги прекршив прописите, но само кога е во прашање дете - раскажува нашиот соговорник.

Во доверба ни кажа дека секогаш наоѓа начин да ги избегне прописите. Една од неговите "финти" е користењето две крводарителски книшки, така што, ако последниот пат дал крв со едната, следниот пат може да даде со другата.

МЕ СПАСИ ДРУГ КРВОДАРИТЕЛ

Неговиот личен мотив да го прави тоа е свеста дека помага да се спаси нечиј живот, а животот направил и неговиот живот да биде спасен од крводарител.

- Имам осетено на своја кожа што значи да примиш крв. Во 2000 година ми прсна внатрешен чир и ме задржаа 28 дена во болница. Првите денови не примав храна, ќе станев од кревет и ќе се срушев. Лекарите ми препишаа три кеси крв. Ги примив во три дена и веднаш бев како нов човек - раскажува Витомир.

Дарувањето е анонимно, така што примателот не може да дознае кој е дарителот. Дури ни "врските" и познанствата што ги има во крводарителските организации не му помогнале на нашиот соговорник да го најде човекот чија крв му го спасила животот.

- Како крводарител, успеав да го најдам името, но наместо адреса беше напишано име на фирма. Кога ја побарав, фирмата веќе не постоеше и, така, немав можност да му се заблагодарам на човекот што ми помогнал - вели тој.

Покрај стравот од вртоглавици, втората главна причина што ги одвраќа луѓето од давањето крв е стравот од дебелата игла, која, според искусниот Витомир, се става во местото каде што е најбезболно. На неискусните, тој им ја нуди својата формула со која го надминувал стравот како млад крводарител.

- Во мигот кога се става иглата помислете на иглата што во тој момент внесува крв во телото на некој човек во болничка соба, ништо нема да осетите.

ПРИРАЧНИК ЗА КРВОДАРИТЕЛИ

Своите искуства тој ги собрал во брошурата "Прирачник за крводарители", во која се дава одговор на сите прашања што си ги поставуваат потенцијалните крводарители во врска со предизвикот да се даде крв или не.

Една од неговите задачи како активист на организацијата на Црвениот крст во Општина Чаир е борбата за бенефициите што ги примаат крводарителите од државата и изработка на нормативните акти со кои се регулираат нивните права.

Крводарителите некогаш имале големи повластици, меѓу кои право на целосна бесплатна грижа за забите, бесплатно бањско лекување и повластени цени при набавка на лекови, но тие се укинуваат или се надградуваат, зависно од волјата на надлежните функционери. Новиот предизвик на крводарителските организации е донесување нови закони за правата на крводарителите. Тоа, според нив, ќе биде дополнителен поттик за нови дарувања.

Пред нашиот херој постои нов предизвик. Пред некоја година си поставил задача крводарителското патешествие да го заврши со сто првото дарување. Но, се случило да го надмине. Сега неговиот предизвик е да заокружи на три единици, 111. Последен пат дал крв на 23 октомври минатата година во Врање. Следниот пат ќе оди во Куманово. Им ветил на пријателите од кумановскиот Црвен крст, но му излегла работа, не отишол. А зборот си е збор, вели Витомир, со двете книшки в џеб.

http://217.16.71.24/vikend/default.asp?pBroj=356&stID=978

Tuesday, March 15, 2005

ГУРМАН
Ресторан “Ново Скопје - Берлин”
Лек за душата и очите

Васко Марковски

Ресторанот “Ново Скопје” кој им е добро познат на жителите на Берлин, кои 35 години имаа можност да уживаат во македонските национални јадења од неговото мени. Од неодамна тоа задоволство го имаат скопјани, а берлинците што го знаат од порано не пропуштаат прилика да го посетат кога се во Македнија.


Објектот е граден по моделот на традиционалните македонски куќи, со впечатлива ѕидарија од обработен камен. Ја изработиле мајстори од Мала Преспа, кои беа ангажирани и за изградбата на манастирот “Плаошник” во Охрид. Просторот е опремен со истиот мебел кој бил вграден во Берлин. Доминираат фолклористички детали од сите делови на Македонија. Маси со чаршави од Пиринска Македонија, сушени стебла од пченка, сушена слама и бадникови гранчиња, низи од суви пиперки, дрвени и бакарни садови за домаќинството, графики со мотиви од “Тешкото” и тивка и пријатна музика, исклучиво стара македонска. Со својата едноставност просторот изгледа импозантно и заедно со македонските специјалитети е вистински мелем за националната самодоверба.. Време е за јадење!
“Ново Скопје - Берлин” е замислен како ресторан за сечиј џеб. Во него доаѓаат и луѓе од дипломатскиот кор и луѓе од политиката и луѓе што дошле на семеен ручек. Менито е обемно, но, она што треба да го пробате се јадењата од македонската кујна.
За почеток земете домашна туршија и парче пита со чашка ракија од визбата на ресторанот. Менито нуди и голем избор од топли предјадења и интересни чорби. Како главно јадење ви препорачуваме да земете една од разновидните тави, подготвени од комбинации на зеленчук, печурки и месо. Но, не пропуштајте да земете од прочуениот специјалитет на куќата, зубовски колбаси со тавче грав. Ќе бидете пријатно изненадени колку убав шмек може да им даде на јадењата биберот во зрна. Вреди да се каже дека и колбасите и поголемиот дел од тавите се приготвуваат по традиционални семејни рецепти од село Зубовце, Гостиварско, а месото е од свињи хранети исклучиво со коприви и друга природна храна.

Со јадењето ни препорачаа црно вино од визбата на ресторанот, а интересни да се проба црно пиво и германското бело пиво.

Десертите се, пред се, од германската кујна и се, навистина, примамливи.

За крај, уште еден детал што ретко се среќава: во времето на еднодневните и на големите православни пости ресторанот подготвува специјална храна, а секојдневно се приготвува и храна за вегетаријанци.

Адреса: Јужен булевар б.б. - Скопје
Работно време: понеделник-четврток од 10 до 24, петок и сабота од 10 до 1 по полноќ, недела од 10 до 24 ч.
Резервации: телефон 02 / 32 96 415 и 070 / 38 00 97.
Начин на плаќање: во готово и граѓански чекори.
Пристап за луѓе во количка: проблематичен - пет скали на главниот влез; ресторанот е во една рамнина.
ГУРМАН
Ресторан “Кварнер” - Скопје
Архипелаг на вкусна храна
Васко Марковски

Понудата на национални јадења во Скопје од пред три месеци е збогатена со специјалитети од хрватското крајбрежје на Јадранското море. Станува збор за рибниот ресторан “Кварнер”, во кој се готви со риба и морски плодови, уловени во околината на истоимениот архипелаг. Мотив да се отвори ваков ресторан сопствениците нашле во заситеноста на рибните ресторани во Скопје со риба од Егејското море, а, истовремено, поттик им биле егзотичните далматински јадења.


Во “Кварнер” главно се служи “дива риба”, уловена во подалечните води, пред с? орада, бранцин, ковач, шкрпина, пиц, фратар и кавала. Јадењата од риба се сервираат со блитва - растение слично на спанаќ, во комбинација со компири и маслиново масло.

На менито има и разновидни јадења од каписанти, остриги, лигњи и сипи. Специфично за јадранските лигњи е што се големи и се вкусни за полнење и за печење на скара, по што се преливаат со сос од вино. Голем дел од јадењата се комбинирани од тестенини - шпагети со морски плодови, зелени резанки со морски плодови или фужи со шкампи. Како состојка на овие јадења се употребува и печурката тартуфа. Специјалитетит на куќата е црното рижото со сипа, кое се подготвува од италијански ориз, сипа и комбинација од зачини.

Покрај јадења од риба, морски плодови и тестенини во “Кварнер” се подготвуваат и специфични далматински јадења од месо. Меѓу нив се бифтек на скара, бифтек со тартуфи, бифтек во сос од зелен бибер и пилешки гради во сос од лимон.

Од поинтересните салати би ги издволе медитеранската салата со марула, туна, јајце и маслинки и кварнерската салата од марула, домати, солени рипчиња инчуи, зачин капри и пченка. Ресторанот располага со голем избор висококвалитетни жестоки пијалоци и вина од хрватските виногорја, а јадењето ќе ви го направат пријатно далматинска музика и ведро уредениот простор. Сепак, кога ќе дојде ред да си ја платите сметката може и да ви се стемни. Храната е навистина добра, но цените се ексклузивни и задоволството не може да си го дозволи секој. “Прописно” јадење би ве чинело 1.400 до 1.500 денари по човек.

Адреса: Андон Дуков бр. 27 - хотел “Скопски мерак”, кај Зоолошката градина во Скопје.
Работно време: понеделник - четврток од 9 до 24 ; петок и сабота од 9 до 1 по полноќ; недела од 9 до 24 ч.
Резервации: телефон 02 / 30 90 752.
Начин на плаќање: во готово; граѓански чекови; Мастер кард, Виза, Американ експрес и Дајнерс.
Пристап за луѓе во количка: една скала на влезот; во една рамнина.

Sunday, February 20, 2005

ГУРМАН
Гостилница КАНУ - Кратово
Чувствувајте се како кај братучед на гости
Васко Марковски


Првиот впечаток кога го чув името на гостилницата “кану” беше дека станува збор за уште едно неинвентивно име за угостителски локал, но не сум бил во право. Името го смислиле кратовските мајтапчии и се пишува со четири големи букви, КАНУ, со значење Кратовска академија на науките и уметностите. И не е далеку од вистината. Во гостилницата свратуваат луѓе од секакви профили: универзитетски професори прочуени низ светот, уметници, новинари, активисти на невладини организации и сиот нормален свет.

Ресторанот истовремено е и богат етнолошки музеј во мало. Ѕидовите и секое слободно ќоше се исполнети со тематски збирки на пасиониран колекционер: бакарни ѓумови и садови, носии од кратовскиот крај, стари фотографии со кратовски мотиви, колекции од пазарџиски железни ваги, сабји, јатагани и димсикии, стар “застанат” часовник.. и, највпечатливото, лустери од расклопен казан за печење ракија. Додека разгледувате што с? има, од стар звучник тивко “пеат” Александар Сариевски, Нина Спирова и Кирил Манчевски, а душата дополнително ви ја грее оган од печка на дрва.

Во ваков амбиент најдобро ќе “ви легнат” јадења од македонската кујна и кратовските специјалитети.

Како предјадење земете мешана салата, комбинација од свежо цвекло и моркови, туршија и кисела зелка, а за отворање апетит убаво ќе ви дојде ајвар или лутеница со потпечен леб. Понудата на аперитиви е стандардна, а она што не можете да го пробате на друго место е домашната ракија на КАНУ.

Како главно јадење гостилницата нуди разни видови скара, печено месо и тави. Можете да пробате и кратовска пастрмајлија, или, по кратовски пастрмајка - од велешката, штипската и пробиштипската се разликува по тоа што се прави со чадено месо. Она што не смеете да го пропуштите е тава со праз и свинско месо. Такво нешто ретко се пробува, а за комплетно уживање земете од домашното вино на батко Блаже, чии очи уште од вратата ви велат: овде чувствувајте се како кај братучед на гости.

Долго ќе ги памтите вкусовите на јадењата и благоста во очите на домаќините. Заедно со прочуените кратовски мостови и кули, гостилницата е доволно голем повод за да го видите овој град. Цените се прифатливи за секого.

Адреса: ул. Гоце Делчев б.б. - Кратово, до мостот кај Домот на културата
Резервации: 031 / 483 313 и 070 / 38 44 55 (Блаже).
Начин на плаќање: во готово, граѓански чекови.
Пристап за луѓе во количка: одличен; во една рамнина.

Tuesday, February 15, 2005

ГУРМАН
Ресторан “Национал”
Veni, Vidi - Vici?
Васко Марковски

Ресторанот Национал е пристојно решение кога ви треба згодно место за приватен или деловен ручек во центарот на Скопје. Нуди македонски национални специјалитети, разни видови скара, јадења од риба, тестенини, пици, пастрмајлии, домашна пита и варива.

Дел од понудата е и убавиот ентериер, кој е главниот адут на ресторанот: камени сводови, ѕидовите со топли бои, стара врата со впечатливо изработена железарија, гипсени релјефи со антички мотиви, репродукции на теракотни икони, бронзен аван со толчник, стара дрвена матарка и дискретно светло.

Според името на ресторанот можеби очекувате голем избор на национални јадења, но во менито доминираат јадења од интернационалната кујна.

Ви препорачуваме веднаш да порачате и главно јадење, бидејќи чекањето може да потрае подолго. Многу време може да ви земе и разгледувањето на преобемното мени, затоа, побарајте помош од персоналот.

За почеток, имате избор од дваесетина ладни и десетина топли предјадења и десетина видови чорби и супи, како и голема листа домашни и увозни аперитиви, безалкохолни и жестоки пијалоци.

Од главните јадења како репрезентативни за ресторанот ни ги препорачаа специјалитетите национална кула, македонска тава, аргатска закуска, Александар Македонски, вардарско грне, скопска вешалица, комбинации од неколку видови месо, печурки и заленчук, и тавче гравче со ребра. Од поинтересните додатоци, што го оправдуваат името Национал можете да земете домашна погача, пинџур или ајвар. Со главното јадење можете да се напиете пиво, точено или флаширано, или вино. Изборот е голем - речиси сите марки вино од домашните производители, а цените се прифатливи. Како десерт можете да одберете торта, палачинки, баклави.

За да не прегладнете дури чекате и за убаво да ви “легне” аперитивот, не пропуштајте да земете соленки форнарина и салата.

Во вечерните часови амбиентот го дополнуваат Миле Кузмановски, двајца инструменталисти и синтисајзерска матрица. На моменти нема да можете да ги чуете вашите соговорници, а репертоарот ќе ве натера повторно да се запрашате на која нација се однесува името на ресторанот. Персоналот е внимателен - ќе ви донесе, на пример, специјален пепелник за пура, но и толку љубезен што ќе ве одврати од помислата да реагирате поради бавноста, недонесената чаша вода или попрактична чаша за вино.

Наше мени: узо, грчка салата, соленки форнарина, аргатска закуска -нешто како селско месо во лепиња, точено пиво или мало шише “Т'га за југ”, парче торта, палачинки или баклава и македонско кафе - она што во другите ресторани се нарекува турско. Ќе ве чини околу 700 денари. Совет: побарајте аргатската закуска да е позачинета.

Адреса: Никола Русински 3А-1/1 - во близина на хотелот “Холидеј ин”, спроти влезот за подземната гаража кај Градскиот трговски центар
Работно време: понеделник-четврток од 9 до 24, петок и сабота од 9 до 1 по полноќ, недела од 9 до 24.
Резервации: телефон 02 / 32 14 200.
Начин на плаќање: во готово, граѓански чекови, Мастер кард, Маестро кард.
Пристап за луѓе во количка: проблематичен - една скала за пристап до кафе-пицеријата, дваесетина скали до главниот ресторански простор.




Thursday, February 10, 2005

ГУРМАН
АРАПСКИ РЕСТОРАН „УМ ЗИНА“
Али Баба познат и по убави нешта
Васко Марковски

Она­му ка­де што зас­та­на рес­то­ра­нот СФ во 90-ти­те го­ди­ни, пред две го­ди­ни про­дол­жи рес­то­ра­нот Ум Зи­на, смес­тен во цен­та­рот на гра­дот. Тие на скоп­ја­ни им овоз­мо­жи­ја да ужи­ва­ат во спе­ци­ја­ли­те­ти­те на арап­ска­та куј­на.

На вле­зот ве пре­че­ку­ва лет­на те­ра­са со ма­си од “теш­ко” др­во и фон­та­на што жу­бо­ри во лет­ни­те “пус­тин­ски” жеш­ти­ни. Три­те де­ла на рес­то­ра­нот - глав­ни­от са­лон, лет­на­та те­ра­са и се­па­ре­то, не­на­мет­ли­во се де­ко­ри­ра­ни со пред­ме­ти од арап­ски­от свет: бам­бу­со­ви теп­сии, бе­ду­ин­ски но­сии и пер­ни­чи­ња за се­де­ње “об­ле­че­ни” во ара­бе­ски. Ако има­те сре­ќа, ам­би­ен­тот ќе ви го до­пол­ни и не­кој гос­тин со нар­ги­ле. Ком­плет­на­та сли­ка мо­же­те да ја до­би­е­те во пе­ток на­ве­чер, ко­га на прог­ра­ма­та се и сто­мач­ни тан­ци.

Глав­ни сос­тој­ки на ја­де­ња­та од арап­ска­та куј­на се на­у­тот, та­а­нот, раз­ни жи­тар­ки, бун­гурл, ориз и раз­ни ви­до­ви зе­лен­чук. Ја­де­ња­та се под­гот­ву­ва­ат со мас­ли­но­во мас­ло, а се за­чи­ну­ва­ат со ка­ри, ко­ри­јан­дер, су­мак, за­тар и хел. Хра­на­та се пе­че на јаг­лен, за да не се ме­ша­ат вку­со­ви­те. Глав­ни­те гот­ва­чи во Ум Зи­на се од арап­ско по­тек­ло, со по­ве­ќе­го­диш­но ис­ку­ство. Не­о­бич­ни­те ими­ња на ме­ни­то мо­же да ги збу­ни тие што во рес­то­ра­нот до­а­ѓа­ат прв­пат. Но пер­со­на­лот е вед­наш ту­ка да ви по­мог­не во из­бо­рот.

Лис­та­та на пи­ја­ла­ци е стан­дар­дна, но има и тур­ски или арап­ски чај и чај од на­не. Це­ни­те се во­о­би­ча­е­ни. Апе­ри­ти­ви­те, “жес­то­ки­те” пи­ја­ла­ци и ви­на­та од ма­ке­дон­ско­то ви­но­гор­је би мо­же­ле да би­дат мал­ку по­ев­ти­ни. Про­бај­те ги по­ав­тен­тич­ни­те пи­ја­ла­ци: ај­ран - со­лен јо­гурт со сит­но исеч­ка­ни лив­чи­ња на­не и арап­ско­то бе­ду­ин­ско ка­фе - слич­но на тур­ско­то, но по­из­ври­е­но и за­чи­не­то со хел. Од де­сер­ти­те, ку­ќа­та ги пре­по­ра­чу­ва арап­ска­та ту­фа­хи­ја - пе­че­но ја­бол­ко пол­не­то со фил од ур­ми, ко­ла­чот зи­на - сув ко­лач со ја­бол­ко и бак­ла­ва со ф'ста­ци.
Но, тоа е на кра­јот.

Стар­ту­вај­те со ме­зе од фе­ла­фел - ќоф­ти­ња од на­ут, ху­мус - пас­та од на­ут и та­ан со до­ма­ти. До­бар из­бор е и адес-чор­ба - ве­ге­та­ри­јан­ска чор­ба од цр­ве­на ле­ќа со ка­ри. Спе­ци­ја­ли­тет на ку­ќа­та е али ба­ба-пор­ци­ја, што е ме­ша­ви­на од по­ве­ќе ја­де­ња: пи­леш­ки ра­жен­чи­ња, шиш-ќе­бап - го­лем приб­лиж­но ка­ко пет ќе­ба­пи од скоп­ски­те ќе­бап­чил­ни­ци, куб­бе - не­кол­ку ви­до­ви ќоф­ти­ња од ком­пир, ориз, бун­гур, пол­не­ти со ме­ле­но ме­со, фе­ла­фел, ба­са­ма­ти ориз - вид дол­гна­вест ориз и гар­нир од свеж зе­лен­чук. Пор­ци­ја­та е до­во­лен об­рок за две до три ли­ца и чи­ни 800 де­на­ри. За це­лос­но за­до­вол­ство, со глав­но­то ја­де­ње мо­же­те да зе­ме­те и са­ла­та те­бу­ле - од маг­до­нос, бур­гул и до­ма­ти, или фе­туш - неш­то ка­ко “шоп­ска”, гар­ни­ра­на со кр­шен арап­ски лис­тест леб.

Во Ум Зи­на мо­же со­лид­но да се ру­ча за око­лу 500 де­на­ри (ска­ра, са­ла­та, ме­зе и еден пи­ја­лак), но за це­лос­но ужи­ва­ње би би­ло доб­ро да не ште­ди­те прем­но­гу. И за крај, еден со­вет: арап­ска­та хра­на се под­гот­ву­ва по­дол­го, за да не че­ка­те, по­доб­ро е да по­ра­ча­те пред да дој­де­те во рес­то­ра­нот. Се на­о­ѓа во цен­та­рот, до Аген­ци­ја­та за исе­ле­ниш­тво.

Ре­зер­ва­ции: тел. 02/ 3129 345 и 070/ 246 977 (во не­де­ла не ра­бо­ти).