Saturday, March 19, 2005

ВИКЕНД НА ХУМАНОСТ
Дарува крв по секоја цена

Васко Марковски

Милиони луѓе им ги должат своите животи на луѓе што никогаш нема да ги запознаат, на луѓе што подариле дел од својата крв по сопствена волја и без надомест.

Можност да запознаеме дел од нив е прославувањето на Меѓународниот ден на крводарителите, 14 Јуни, кога се прославува роденденот на нобеловецот Карл Ландштајнер, творец на системот на крвните групи А, Б и 0-нулта.

Македонските крводарители во четвртокот го прославија својот втор празник, Денот на крводарителите на Македонија, 17 март.

Меѓу нив има луѓе што даваат крв одвреме-навреме, кога крводарителските карвани ќе дојдат во нивната фирма или во нивното училиште, но и повеќекратни крводарители на кои дарувањето крв им станало дел од животот.

НЕОБИЧНО СПАСУВАЊЕ ЖИВОТ

Витомир М. Илиќ е поротник во Основниот суд Скопје 1. Пред две години се пензионирал, по триесет и две години работа во судските органи. Тој е активист во Општинската организација на Црвениот крст - Чаир, автор на прирачник за крводарување и пасиониран крводарител. Неговата крвна група е А1-позитив и досега ја има дарувано 105 пати.

Идејата за дарување крв му блеснала уште во детството, кога бил сведок на необично спасување живот со еден марифет што го направила баба му.

- Кога бевме деца, еден мој другар, мислејќи дека јаде шеќер, изеде полна тегла каустична сода. Веднаш му се слоши и почна да повраќа пена. Како за среќа, тука беше баба ми - некогаш соработувала со комитите и колку толку знаеше да лекува. Во дворот, каде што беше другар ми, чувавме пајки. Веднаш го легна детето, грабна една пајка и и го скина вратот. Како што бликна крв, му го затна носот и му накапа од крвта. Детето се спаси и уште оттогаш ми се врежа во умот дека крвта нешто помага - раскажува Витомир.

Неговиот крводарителски подвиг почнал во 1957 година, кога првпат во Кичево дошла екипа за собирање крв.

- Бев гимназијалец и прв се јавив да пробам, бидејќи таков сум по карактер, сакам се’ да пробам прв. И во тоа време луѓето велеа дека по давањето крв ќе ти се лоши и кажуваа други такви приказни, но ништо не ми беше и оттогаш почнав да давам редовно, секогаш кога ќе дојдеше екипа во Кичево - вели тој.

Во 1965 година се преселил во Скопје, по што почнал неговиот подвиг. Крв дава се’ почесто и не чека докрај да помине пропишаната пауза меѓу две дарувања.

ДВЕ КРВОДАРИТЕЛСКИ КНИШКИ

Според светските стандарди, крв може да дадат лица на возраст од 17 до 61 година. Во Македонија, за способни се сметаат лицата на возраст од 18 до 65 години, за кои исто така важи светскиот стандард да бидат во добра здравствена состојба и да имаат минимум 50 килограми телесна тежина.

Мажите, според прописите, можат да даваат крв четири, а жените три пати годишно, но Витомир не внимава секогаш на нив.

- Ми се случи, на 27 јануари 1999 година. Бев на работа и на радио чув повик за дарување крв од мојата крвна група, било потребно за операција на некоја жена. Веднаш отидов, дадов. Вечерта ми јавија дека починала тетка ми во Кралево. Отидов на погреб и следното утро, додека пиевме кафе, ја прекинаа емисијата на радио. Повик, требало крв за детенце од три години. Пред очи ми се појави внука ми - и таа имаше три години. Се јавив и отидов. Ги прекршив прописите, но само кога е во прашање дете - раскажува нашиот соговорник.

Во доверба ни кажа дека секогаш наоѓа начин да ги избегне прописите. Една од неговите "финти" е користењето две крводарителски книшки, така што, ако последниот пат дал крв со едната, следниот пат може да даде со другата.

МЕ СПАСИ ДРУГ КРВОДАРИТЕЛ

Неговиот личен мотив да го прави тоа е свеста дека помага да се спаси нечиј живот, а животот направил и неговиот живот да биде спасен од крводарител.

- Имам осетено на своја кожа што значи да примиш крв. Во 2000 година ми прсна внатрешен чир и ме задржаа 28 дена во болница. Првите денови не примав храна, ќе станев од кревет и ќе се срушев. Лекарите ми препишаа три кеси крв. Ги примив во три дена и веднаш бев како нов човек - раскажува Витомир.

Дарувањето е анонимно, така што примателот не може да дознае кој е дарителот. Дури ни "врските" и познанствата што ги има во крводарителските организации не му помогнале на нашиот соговорник да го најде човекот чија крв му го спасила животот.

- Како крводарител, успеав да го најдам името, но наместо адреса беше напишано име на фирма. Кога ја побарав, фирмата веќе не постоеше и, така, немав можност да му се заблагодарам на човекот што ми помогнал - вели тој.

Покрај стравот од вртоглавици, втората главна причина што ги одвраќа луѓето од давањето крв е стравот од дебелата игла, која, според искусниот Витомир, се става во местото каде што е најбезболно. На неискусните, тој им ја нуди својата формула со која го надминувал стравот како млад крводарител.

- Во мигот кога се става иглата помислете на иглата што во тој момент внесува крв во телото на некој човек во болничка соба, ништо нема да осетите.

ПРИРАЧНИК ЗА КРВОДАРИТЕЛИ

Своите искуства тој ги собрал во брошурата "Прирачник за крводарители", во која се дава одговор на сите прашања што си ги поставуваат потенцијалните крводарители во врска со предизвикот да се даде крв или не.

Една од неговите задачи како активист на организацијата на Црвениот крст во Општина Чаир е борбата за бенефициите што ги примаат крводарителите од државата и изработка на нормативните акти со кои се регулираат нивните права.

Крводарителите некогаш имале големи повластици, меѓу кои право на целосна бесплатна грижа за забите, бесплатно бањско лекување и повластени цени при набавка на лекови, но тие се укинуваат или се надградуваат, зависно од волјата на надлежните функционери. Новиот предизвик на крводарителските организации е донесување нови закони за правата на крводарителите. Тоа, според нив, ќе биде дополнителен поттик за нови дарувања.

Пред нашиот херој постои нов предизвик. Пред некоја година си поставил задача крводарителското патешествие да го заврши со сто првото дарување. Но, се случило да го надмине. Сега неговиот предизвик е да заокружи на три единици, 111. Последен пат дал крв на 23 октомври минатата година во Врање. Следниот пат ќе оди во Куманово. Им ветил на пријателите од кумановскиот Црвен крст, но му излегла работа, не отишол. А зборот си е збор, вели Витомир, со двете книшки в џеб.

http://217.16.71.24/vikend/default.asp?pBroj=356&stID=978

No comments: