ГУРМАН
Ресторан “Ново Скопје - Берлин”
Лек за душата и очите
Васко Марковски
Ресторанот “Ново Скопје” кој им е добро познат на жителите на Берлин, кои 35 години имаа можност да уживаат во македонските национални јадења од неговото мени. Од неодамна тоа задоволство го имаат скопјани, а берлинците што го знаат од порано не пропуштаат прилика да го посетат кога се во Македнија.
Објектот е граден по моделот на традиционалните македонски куќи, со впечатлива ѕидарија од обработен камен. Ја изработиле мајстори од Мала Преспа, кои беа ангажирани и за изградбата на манастирот “Плаошник” во Охрид. Просторот е опремен со истиот мебел кој бил вграден во Берлин. Доминираат фолклористички детали од сите делови на Македонија. Маси со чаршави од Пиринска Македонија, сушени стебла од пченка, сушена слама и бадникови гранчиња, низи од суви пиперки, дрвени и бакарни садови за домаќинството, графики со мотиви од “Тешкото” и тивка и пријатна музика, исклучиво стара македонска. Со својата едноставност просторот изгледа импозантно и заедно со македонските специјалитети е вистински мелем за националната самодоверба.. Време е за јадење!
“Ново Скопје - Берлин” е замислен како ресторан за сечиј џеб. Во него доаѓаат и луѓе од дипломатскиот кор и луѓе од политиката и луѓе што дошле на семеен ручек. Менито е обемно, но, она што треба да го пробате се јадењата од македонската кујна.
За почеток земете домашна туршија и парче пита со чашка ракија од визбата на ресторанот. Менито нуди и голем избор од топли предјадења и интересни чорби. Како главно јадење ви препорачуваме да земете една од разновидните тави, подготвени од комбинации на зеленчук, печурки и месо. Но, не пропуштајте да земете од прочуениот специјалитет на куќата, зубовски колбаси со тавче грав. Ќе бидете пријатно изненадени колку убав шмек може да им даде на јадењата биберот во зрна. Вреди да се каже дека и колбасите и поголемиот дел од тавите се приготвуваат по традиционални семејни рецепти од село Зубовце, Гостиварско, а месото е од свињи хранети исклучиво со коприви и друга природна храна.
Со јадењето ни препорачаа црно вино од визбата на ресторанот, а интересни да се проба црно пиво и германското бело пиво.
Десертите се, пред се, од германската кујна и се, навистина, примамливи.
За крај, уште еден детал што ретко се среќава: во времето на еднодневните и на големите православни пости ресторанот подготвува специјална храна, а секојдневно се приготвува и храна за вегетаријанци.
Адреса: Јужен булевар б.б. - Скопје
Работно време: понеделник-четврток од 10 до 24, петок и сабота од 10 до 1 по полноќ, недела од 10 до 24 ч.
Резервации: телефон 02 / 32 96 415 и 070 / 38 00 97.
Начин на плаќање: во готово и граѓански чекори.
Пристап за луѓе во количка: проблематичен - пет скали на главниот влез; ресторанот е во една рамнина.
No comments:
Post a Comment