Одењето во Преспа секогаш е посебно дожувување. Круната на тоа чувство е октомври - месецот кога насекаде ве следат дрвца полни јаболка
Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фотографии: Милан СТРЕЗОВСКИ
Го делите ли впечатокот дека Преспа и Охрид редовно ги доживуваме во пакет, како нешто неразделно, нешто слично: езеро ваму - езеро таму, одморалишта ваму - одморалишта таму, Галичица ваму - Галичица таму. Но, токму Галичица е пресвртната точка, што прави да ја видите разликата, небаре некакво забрането јаболко што обично не наоѓаме храброст да го пробаме, доследни и послушни на нашиот конформизам и летаргијата што ни ја носи секојдневието!
Поминете ги оние 27 километри од Трпејца до Стење и веднаш ќе ви стане јасно - преминувајќи на преспанската половина песокот на брегот станува жолт, по небото нон-стоп шпартаат птици, погледот кон езерото спонтано ви се фокусира кон островот Голем град, пејзажот го чувствувате како попитом, а темпото на животот попријатно.
Октомври е идеалниот период да ја почувствувате круната на оваа разлика - недогледен хоризонт со овоштарници полни со јаболка. Овој пат ве одиме во родниот крај на прочуените преспански јаболка.
ПОД КОНЕЦ
Првата станица на нашето патување по патот на преспанското јаболко се насадите на семејството Ѓоргиоски во село Грнчари. Ги замоливме за краток разговор во неколкуте паузи додека береа од годинашниот род ајдаред и златен делишес.
Во краткиот курс за одгледување јаболка, научивме дека се почнува со засадувањето млади гранчиња фиданки и оттогаш - или си ја земате белјата на грб или сте се фатиле за благородна работа - во зависност кој како гледа на нештата.
"Најпрвин земјата треба убаво да се изора, да се направи ситна како песок и постојано да се рамни. Откако теренот убаво ќе се израмни, се земаат работници, најпрвин со колчиња и коноп се бележат идните редови јаболкници и откако ќе се обележат редовите, се копаат дупки на растојание од 2,5 до 3 метри. Во дупките се засадуваат гранчиња, млади фиданчиња. Ставаш, засадуваш и - почнуваш со редовна нега - ѓубрење, орање, кроење, прскање, полевање, берење", ни рекоа домаќините.
Во одгледувањето на јаболката, како што научивме, нема разлика дали се грижиш за големо или за мало дрво, за стар или за нов насад. Се' е исто, само количините се различни. Два пати годишно им даваш ѓубриво и ги прскаш најмалку 10 пати во годината. Прскањето треба да ги заштити од штетници, од болести, од вошки, пајаци, флеки и пепелница. Со ваква заштита плодовите се поиздржливи додека се развиваат, но и подолго траат откако ќе се наберат. Ако не ги прскате, ќе траат еден-два месеца по берењето, а ако се прскани, можат да траат до следната сезона.
Голем дел од процесот може да го работат и луѓе без поголемо искуство во земјоделските работи, но, некои работи, како што ни рекоа Ѓорѓиовци, се работи што се резевирани за мајстори. Една од нив е кастрењето, кога се поткаструваат неплодните гранчиња.
"Секој не знае да кастри, кастрењето е занает, а бара и време. Луѓето што кастрат си знаат која пупка е плодна, која не е и ги насочуваат гранките за да бидат рамномерно распоредени. Најмногу се кастри од март до април, но има луѓе што си работат и по цела зима. До 15 април треба да е се' скроено, пред да се појават ливчињата".
Според видовите на насадите, во најголемиот дел од преспанските овоштарници се засадени ниски дрвца, пилар-систем, кои се полесни за берење и се покажале како поиздржливи. Од некогашниот класичен насад, овоштарници со високи јаболкници, денес останало многу малку. Засадените јаболкници почнуваат да даваат род по петтата година од засадувањето и се до крајот на животниот век, на 20 до 25 години, со добра нега, даваат во просек по 50 килограми јаболка годишно. Плодноста најмногу зависи од надворешните услови, а многу влијае дали ќе фатат мраз и дали ќе има доволно вода.
БЕЗ ВОДА НЕМА ЖИВОТ
Но и најревносната грижа за јаболката не е гаранција дека ќе имате добар род. Потврда за тоа годинава ќе најдете во многу преспански села, од кои многумина загубиле голем дел од насадите поради неработењето на централниот систем за наводнување.
"Водата влијае на се', како и кај човекот. Без вода нема живот. Системот за наводнување годинава не' уништи. Јаболкниците што со години раѓаа јаболка од прва класа, големи - што се вели како тикви, годинава родија ситни јаболчиња, втора класа", ни рекоа одгледувачите од Грнчари и од Бела Црква.
"Имам огромна финансиска штета. Од 350 садници, годинава ми се исушија 200 дрвца, стари 3-4 години. В година требаше да бидат полни со род. Но, со нив е готово - крај! Годишно давам 1.000 евра само за запрашување. Колку сум во загуба само од таа бавча што ми се исуши!? Но, пак, не можеш да бидеш рамнодушен. Одиш во твојата бавча и гледаш дека се суши! Не можеш да бидеш рамнодушен! Носев буриња со вода - да спасам колку што можам да спасам, иако однапред знаеш дека не можеш многу да смениш. Надеж! Гледаш дека ти се упропастува имотот што си го создавал со години. Гледаш како, не по твоја вина, поради некаква општа неорганизираност, ти пропаѓа нешто што го создавал дедо ти, татко ти, па и самиот си продолжил да го создаваш", ни рече еден преспанец што живее во Скопје, кого го затекнавме на еден од неговите насади.
РАЈСКА ГРАДИНА
И покрај поплаките и проблемите, разговорот спонтано го насочивеме накај поведрите теми. Не' интересираше што е тоа што го мотивира еден млад човек, со успешна кариера како професионалец во Скопје, да двои дел од слободното време и да доаѓа во Преспа да одгледува јаболка.
"Доволно е барем еднаш, напролет да дојдете во Преспа, во времето кога цутат јаболкниците. Кога ќе погледнете од горе откај Битола, Преспа личи како да е целата покриена со снег. Не сте виделе таква убавина! Како рајска градина! Насекаде мириса на полен, пчелите си зујат - вистинска рајска градина!", ни рече еден од нив.
На нашето прашање како се снаоѓа со работата, дали не му е напорна, дали е кондициски подготвен, беше посебно мотивиран да одговори.
"Овде се одморам - таму се исцрпувам, во Скопје. Ова ме одмора. Таму е исцрпувачки - секој ден пред компјутер, состаноци.. Доаѓањето овде ми е рехабилитација. Доволно е само еднаш длабоко да земеш здив овде - нема телефон, нема притисок, нема стрес.. Физички ќе се изморам, вечерта кога ќе се приберам нозете не ме држат, ама кога ќе легнам заспивам како јагне и - утредента сум нов човек, подготвен за работа, за се'. Еве, сега сум тука, работам шест дена, секој ден. Знаеш како се чувствувам? Супер, можам да летнам! Во Скопје, ќе отидам дома после работа - не можам да заспијам, цел ден сум под стрес.. Селаниве мислат дека тоа е цел ден седиш - земаш плата.. но, не е така. Овде, ако ти се спие, можеш да станеш и во 6:30 и во 8.. никој ништо нема да ти каже. Таму - задоцни една минута - директорот веќе ти е на врат! Ако гледаме објективно, од јаболката може добро да се заработува. Да можам да бирам, дали да работам во Скопје или ќе работам овде - јас би одбрал овде. Но, сега не е така едноставно - веќе имам фамилија, работата ни е во Скопје..", ни рече еден инженер, објаснувајќи какво задоволство нашол во јаболкарството.
"Ние ова го правиме од љубов кон предците, колку да не ја прекинеме традицијата. Инаку, трошоците се големи, а јаболката бараат многу трчање", ни рекоа други скопјани, кои замолија да не им ги објавуваме имињата.
Пред заминување, побаравме објаснување зошто токму Преспа е поднебјето за кое велат дека има идеални услови за одгледување јаболка.
"Јаболкото успева во специфични услови и не можеш секаде да одгледаш убаво јаболко. И во Скопје можеш да посадиш јаболко, ама ќе биде без вкус, ќе биде блуткаво. Преспанското јаболко не е за џабе преспанско. Јаболка има и во Тетово и во Охрид, ама, ако не ги продадеш за две недели - скапуваат. Преспанското има сок до мај следната година. Тоа ти е исто како да споредиш тетовски грав и ресенски грав. И овде има грав, ама тоа е тетовски грав", ни рекоа на испраќање.
НАЈВКУСНАТА СОРТА
Заминувајќи од Ресен накај накај Скопје, во мислите ни се вртеа имињата на сортите јаболка што ги слушнавме од соговорниците - ајдаред, муцо, грин-смит, мело-розе, глостер, чадел, јонагол, јонатан, шампањ, кожарки - сето тоа се одгледува во Преспа. Но, заборавивме една од најважните сорти, на која се сетивме возејќи покрај една од многуте плантажи натежнати од црвенкасто-жолтите плодови што не' следеа насекаде покрај патот.
Кое е најубавото јаболко? Прашајте го првото дете што ќе го сретнете. Сигурно знае! Најубаво јаболко - украдено јаболко. Погледнавме налево-надесно и си набравме по едно-две.





































