Showing posts with label Демир Хисар. Show all posts
Showing posts with label Демир Хисар. Show all posts

Wednesday, September 24, 2008

Буковец

Можете ли да замислите скара или ќебапи без буковец? Тешко. Тогаш, бидете им благодарни на жителите на битолското село Буково, зашто, да не беа тие, немаше да го има ни буковецот

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фотографии: Милан СТРЕЗОВСКИ

Колку ситните нешта ги прават вкусни јадењата обично сфаќаме кога ќе седнеме на маса и кога ќе видиме дека ни фали некое од нив. Така обично ни текнува дека салатата не е салата без оцет и без зејтин, рибата е многу поубава кога се служи со парчиња лимон, а шпагетите се незамисливи без пармезан, како што пицата не може без кечап, а баклавата не би личела на ништо ако не е попарена со шербет

Зар не ви се случило да појдете да правите скара во природа, да ја направите, одвај да дочекате да биде готова додека мезите со салата и ракија, но токму кога ќе и' дојде редот на скарата да сфатите дека го немате клучниот елемент - буковец!

Е тоа е веќе проблем! Тогаш вреди да запалите кола и да тргнете по буковец, колку и да е далеку најблиската ќебапчилница, најблискиот пазар или најблиската викендичка со љубезни домаќини.

Овојпат ве водиме во родниот крај на буковецот, битолското село Буково, за кое малку се знае дека е местото по кое сувиот пипер го добил името.

НЕ Е СОФРА АКО НЕМА БУКОВЕЦ

Прва станица во нашата потрага по родниот крај на буковецот беше Демир Хисар, местото што многу угостители ни го посочија како поднебје во кое се произвдува квалитетен буковец.

Еден од производителите на буковец во овој крај е Веле Јолески, родум од соседното село Вардино. Ни раскажа дека Демир Хисар и околните села имаат идеални услови за одгледување пиперки, па оттука, да не нe' чуди што во овој крај се произведува и толчен пипер, прочуен како буковец. Годишно прави по 50-60 килограми буковец, од кои поголемиот дел им го продава на рестораните, а тоа што ќе остане го носи на пазар.

"Поднебјето е погодно за пиперки и обично немаме проблеми со пласманот, но свежите пиперки и буковецот не можат едно без друго. Дали суровите пиперки, дали сувиот пипер - едното ќе ми ги покрие трошоците и ќе донесе печалба. Ако ми остане од суровиот, имам што да му направам. Го толчам и правам буковец, а за буковецот се наоѓа пазар. Буковецот на пазар оди по 200 денари за кило или 20 до 40 денари за чашка. Низалките одат по 150 денари. Некако се врзува крај", ни рече Јолески.

Во краткиот курс за правење буковец дознавме дека нижењето почнува на крајот на август, се сушат до октомври, зависно од временските услови, а најубаво место за сушење се чардаците и другите делови од куќите каде што има провев. Откако убаво ќе се исушат, сувите пиперки се потпекуваат во фурна за леб. Процесот завршува со толчењето, најчесто во аван од издупен трупец од дрво.

"Ова го научив од старите, од татко ми и мајка ми. Тие научиле од нивните родители - од дедовци, прадедовци.. од мене ќе учат внучињава.Ќе правам дури сум жив и здрав. Не можам ни да замислам да седнам да ручам, а на масата да нема буковец", ни рече Веле објаснувајќи го потеклото на буковецот во Демирхисарско.

Пред да заминеме накај Буково, го прашавме дали ги признава буковчани како поголеми мајстори.

"Нема збор, прават убав пипер, но им признаваме само за естетиката, за изгледот, но не и за квалитетот. Нашиот е подобар. Тоа ќе ви го каже секој демирхисарец", ни рече на испраќање.

БУКОВО

Со прашување - до Стамбол! Што друго ви преостанува, кога ќе излезете на патишта без патокази. До Битола, не беше тешко, но тешко ќе го најдете патот за Буково без помош од случајните минувачи. По две три минувања, веќе ја препознавме архитектурата што можевме да ја видиме во резултатите од пребарувањата на интеренет додека се подготвувавме за репортажата.

Еден од првите мештани што ги сретнавме беше Љупчо Радевски, кој штотуку се вратил од пазар во Битола, каде што продава зеленчук, откако останал без работа по затворањето на фабриката Битолатекс.

По кусиот разговор на улица, не повика кај него дома, за да ни ги покаже алатките и просториите за правање буковец.

"Буково порано беше село со 800 фамилии. Големо е Буково. Еден цел ден можеме да го шетаме. Ама, дојде она време, шеесеттите години - многу луѓе се иселуваа, кој во Америка, кој во Австралија", го почна разговорот со одговор на нашата забелешка дека не очекувавме да видиме толку големо село, иако знаевме дека во времето на кралска Југославија било два пати посетено од кралот Александар Први, откако било прогласено за најубаво уредено село во краљевината.

"Слушај сега. Сe' ќе ти кажам, ама едно не ти кажувам. Пиперките се берат ова време, наесен. Се сушат по чардаци, подоцна се ставаат во мала просторија, сушална, целата затворена и внатре се гори соба (демек - се пали печка), се сушат, четири-пет дена и најпосле се толчкаат (значи - се толчат). Мораш убаво да ги исушиш за да можеш да ги толчкаш, ама во толчкањето се клава нешто, за да биди убава пиперта, ама не ти кажувам што се клава", ни рече Љупчо, одважно сакајќи да го сокрие марифетот на буковчани.

Работата околу правањето на пиперот, како што ни рече, не е тешка и колку-толку е исплатлива. Единствено ни се пожали дека е непријатно да толчиш буковец од лути пиперки.

"Ќе киваш везден", ни рече низ смеа.

ВИСТИНСКИОТ РЕЦЕПТ

Тргнавме низ селото да побараме уште некој соговорник, со надеж дека ќе најдеме некој што ќе ни пренесе барем за нијанса поинакво искуство, поинаква школа. Но, не можевме ни да претпоставиме колку тешко ќе ни оди тоа што сме го наумиле.

Ги поминавме и куќите на баба Менка, на Зорка, на Танчевци, но - или не се дома, берат пиперки, или одбиваат да разговараат со новинари, небаре им се појавиле чудовишта на врата. Како новинар повторно ја барате грешката во себе, во вашиот еснаф - којзнае во каква каша ги ставил некој колега некогаш, па сега дуваат и на јогуртот!?

Но, и лутањето секогаш носи некаков ќар. Како инаку ќе разберевме дека најчестиот пејсаж низ прозорците на буковчани се бетонските кратери на РЕК Битола, кои ни се појавија зад бандерата со некролози, во далечните рамницата под селото.

Тука некаде го најдовме следниот соговорник, кој, како за разлика од другите, реши да поразговараме, но не сакаше да го фотографираме и да ни го каже името. Штета, од него го слушнавме можеби најубавиот и најсистематичниот опис на процесот на правење буковец.

"Денес се прави многу помалку во споредба со тоа колку се правеше некогаш. Некогаш земјиштето го користевме само за садење пипер и кромид, но пред 10-15 години пиперките ги нападнаа болести и денес се прави многу помалку. Буковската пипер сега се прави и во Бистрица и на други места, но тоа не е вистинската буковска пипер, зашто нашата, оригиналната буковска пипер е толчена, а таму ја мелат на машини за сточна храна.

Пиперот, откако ќе се исуши, се става да се досуши во фурна за леб. Откако ќе се извади лебот, пиперот се става, така, како што е нанижан, и останува на топло сe' додека да се олади фурната. Откако ќе се извадат од фурната, пиперките се вадат од низите, им се вадат дршките, се ставаат во дрвен аван и се толчат со дебело железо. Таквата буковска пипер беше убава, зашто во неа излегуваше и скробот што го содржи семето, кој му дава на пиперот глаткост и вкус.

Зависно од вкусот, подоцна може семето да се одвои од готовиот пипер. И денес многу фамилии си прават пипер дома. Ако одгледуваат и самите пиперки, си прават пипер од свои пиперки, ако немаат - како кај нас дома - си купуваат и си прават пипер со купени пиперки. Алатот е тука и речиси секоја куќа има фурна што им останала од некогаш", ни рече соговорникот, уште еднаш замолувајќи да не го фотографираме.

Сепак, решивме да тргнеме во нова екскурзија, да најдеме куќа со низи пиперки обесени насекаде низ дворот и домаќини што ќе прифатат да не примат да поразговараме. Пак истата приказна: некои ќе ви речат појди кај Танчевци, некои ќе ве пратат кај баба таа и таа, некои велат дојди подоцна, не сакам да ме снимаш.. некои пак, си прават шеги дека дошле да ги снимаат за Сељак на годината. Сепак, на крајот повторно ни се насмевна среќата.

Семејството Главевски беше љубезно да ни го покаже нивниот двор во кој се сушеа 200 низи пипер, а среќата направи да ги најдеме сред работа, па имавме прилика да видиме како се нижат пиперки. Ни ги покажаа и фурната, и алатките за толчење, и сувите пиперки и готов производ - ланска буковска пипер. И таму ни рекоа дека буковска пипер се прави на многу места, како во Бистрица и во Демир Хисар, но, правата буковска пипер, како што ни рекоа, секогаш ќе биде буковецот од Буково.

Ни остана уште да пробаме и лично да се увериме кој е во право, со мострите што ги земавме од Буково и Демир Хисар. Нашето патешествие заврши во еден од ретките ресторани што прават ќебапи на Широк сокак во Битола и, навистина е тешко да се пресуди меѓу двете. Можеби сепак навиваме за буковскиот. Зашто, ако не појдевме таму, можеби никогаш немаше да дознаеме каков шмек добива буковецот кога ќе го помешате со нане.