Tuesday, May 13, 2008

Град на кули и мостови

Доволно е само еднаш да отидете во Кратово. Додека си заминувате од таму, веќе правите план повторно да се вратите. Град кој секогаш има нови приказни да ви открие - кулите и мостовите се само дел од нив

Пишува. Васко МАРКОВСКИ

Снимил: Милан СТРЕЗОВСКИ

Кратово е град кој не ве остава рамнодушни. Тоа е љубов на прв поглед. Кратово е како дрога. Еднаш ќе го пробате и никогаш нема да ве остави целосно на мир, едно зрнце од вашата свест и потсвест секогаш ќе мисли на него и постојано ќе ве повикува назад, макар и на час-два.

Доволно е на прегратката што ви ја нуди Кратово да и’ пристапите со отворено срце. Другото ќе го направат енергијата од смирениот вулкан, што ја чувствувате насекаде околу, срдечните кратовци и шармот на средновековните кули и мостови.

ГРАД ВРЗ КРАТЕР

Една од најчестите погрешни предрасуди за овој град е дека Кратово е безлично рударско гратче, кое нема што да понуди освен правливи улици и невпечатлива архитектура.


Но, не бидете наивни. Влегувајќи во Кратово, влегувате во град што бил изграден врз вулкански кратер, низ кој течат три реки, поврзани со мостови од камен, кои уште од првата средба засекогаш ќе останат во вашата меморија. Но, тоа не е се’. Влегувајќи во Кратово, влегувате во град изграден на темелите на древна рударска населба што првпат била спомната во историјата пред 27 векови, како рударска населба во Хомеровата Илијада. Шесте средновековни кули, меѓусебно поврзани со подземни ходници, ќе ве потсетат на времето кога од кратовското среброто се ковале пари за европските-градови држави и кога редонвни гости на градот биле трговците од Истокот и од Западот.

МАЈСТОРИ НА ЅИДАРИЈАТА

Не изненадувајте се ако останете без зборови и ако се фатите себеси во разговор со себе кога ќе тргнете да ги разгледувате кратовските мостови. Шетањето од мост до мост истовремено ве восхитува и отвора пред вас безброј прашања. Ќе бидете вчудовидени од градителските решенија и од врвната изработка и ќе се прашувате себеси колку мајстори ги граделе, колку камен потрошиле и колку време било потребно за да се изгради еден мост. Разгледувањето на мостовите е доволно голем предизвик и кога тоа го правите самите со себе, но овој пат решивме да побараме водич.

ТАЈНИОТ ЈАЗИК НА МОСТОВИТЕ

Седумте камени мостови, како што ни објасни од Стевче Доневски од Општинскиот центар за карпеста уметност, биле изградени во 18 и во 19 век. Чаршискиот, Грофчанскиот, Јокширски мост и Горномаалскиот мост ја премоствуаат Табачка река, а другите два, Аргулички мост и Радин мост се над Манцева река.

"За секој мост има по неколку приказни и секој мост со својата форма носи некаква скриена порака. Грофчанскиот мост има два свода со отвор на средината и за него се вели дека го прикажува ликот на градителот, кој немал носна коска. Најтежок да се изгради бил Јокширскиот мост или Свински мост (на кратовски јокшир е свиња). Едното предание зборува дека мостот го градела цела армија ѕидари, за кои биле заклани многу свињи за да се нахранат, па оттука го добил и името. Според другото предание, толку било тешко да се направи мостот, што го чувствувале како ѕвер, кој морале да го нахранат со многу свињи за да можат да го изградат", ни раскажа Доневски.

Најпрочуениот меѓу денешните кратовски мостови е Радин мост на Манцева река. Според една народна песна, мостот го граделе деветмина браќа, но тоа што ќе го изѕидале преку ден, преку ноќ се уривало. Така било се’ додека во темелите на мостот не ја заѕидале невестата на најмалиот брат, Рада, која дошла да да им донесе ручек на мајсторите.

ЕДНА КУЛА - ЕДНА ПЛАНИНА

Прошетката ја продолживме кај Симиќевата кула, една од шесте средновековни кули што можете да ги видите денес во Кратово. Изградени се во периодот од 1365 до 1380 година и служеле како живеалишта и како трезори за чување на парите што се ковале по нарачка во кратовските ковачници.

Во разгледувањето не’ водеше Драган Ѓеорѓиевски, директор на Музејот на градот Кратово, кој ни раскажа дека во градот некогаш имало 13 кули. Денес од нив се останати Симиќевата кула, Златкова кула или Кула на Асан Ефенди, Саат кулата, Крстева кула, Еминбегова кула и Хаџи-Костова кула. Од нив во најдобра состојба е Саат кулата, во која е поставена изложба на тема Кратово низ вековите.

Во кулите се случувале сите зделки со кои се нарачувале пари од кратовските ковачници, а поради безбедноста што ја нуделе истовремено биле и трезори во кои се чувале скапоцените метали и изработените кованици. Дека биле речиси неосвоиви можете и самите да почувствувате гледајќи ја масивноста на ѕидовите и пушкарниците што ги гледате на сите четири страни додека се искачувате од кат до кат.

"Само за изградба на една кула биле потребни околу 2.600 кубни метри обработен камен, што е колку една планина од камен. Кулите биле речиси неосвоиви. И да успеел некој да им се доближи и да се пробие низ вратите, тешко дека ќе можел да се качи во трезорите, зашто по скалите го пречекувале огнени топки од стопено олово и борова смола", ни рече Доневски.

Најголемата тајна на безбедноста на средновековно Кратово ја видовме на заминување. Под секоја кула некогаш имало тајни ходници за евакуација, кои завршувале на периферијата на градот, кај Радин мост, низ кои некогаш се спасила убавата Сара бегајќи од Турците.

Сакате да ги видите? Појдете во Кратово. Ќе ги најдете во ресторанот под Емин Беговата кула.

Wednesday, May 07, 2008

Каменот што носи деца

Стотици луѓе секоја година на Ѓурѓовден го браат Говедаров камен, големата карпа кај Свети Николе за која се верува дека им дава пород на жените што не можеле да забременат.

Ни дожд, ни кал до колена. Ништо не може да ги предомисли луѓето што веруваат дека големата карпа на тромеѓето меѓу светиниколските села Ерџелија, Пиширово и Амзабегово ќе им помогне да добијат дете, откако на разни начини се обиделе да најдат решение со методите на класичната медицина. Така беше и годинава, на Ѓурѓовден, кога стотици луѓе од сите делови на Македонија, од соседните и од подалечните земји дојдоа на Говедаров камен верувајќи дека големата карпа, свети Ѓорѓија и ритуалите ќе им помогнат нивнинте снаи, ќерки или сопруги да добијат дете.


Saturday, April 19, 2008

Собранието под рендген

Во празничниот велигденски двоброј Форум ве води на прошетка низ просториите на македонскиот Парламент.

Пишува. Васко МАРКОВСКИ
Снимил: Милан СТРЕЗОВСКИ

Минувате покрај Собранието и се прашувате каде е таа и таа просторија што ја знаете од телевизија, од вестите за седници на собраниските комисии, од преносите на седниците на Парламентот. Ви се случува да се прашувате што има зад вратата од која излегуваат пратениците од собраниската сала? Љубопитни сте од каде доаѓаат пратениците кога се симнуваат по скалите покрај синото платно за давање изјави?

Овој пат решивме да ви го пренесеме тој дел од непозната Македонија, нашата рентген-снимка на зградата на Собранието, сметајќи дека најзгоден период да го направиме тоа е периодот од самораспуштањето на претходниот до конституирањето на идниот состав на Парламентот.

ДОМ НА ДВЕ ИНСТИТУЦИИ

Зградата на Собранието, како што ни објасни нашиот водич низ законодавниот дом, архитект Билјана Ивановска, била изграден во 1938 г., по проект на чешкиот архитект Виктор Худак, како седиште на тогашната локална управа, Вардарската бановина. Тогаш биле изградени централната сала за седници и петоаголникот, комплекс од неколку меѓусебно поврзани згради кои формираат објект во форма на неправилен петоаголник, со внатрешен двор во средината. Од ослободувањето по Втората светска војна до осамостојувањето на Република Македонија во 1991 г. во објектот биле сместени и претседателот на Републиката и Извршниот совет, Собранието и Врховниот суд. Од осамостојувањето на Република Македонија во зградата се сместени две институции - Собранието и Претседателот на Република Македонија.

Зградата е составена од приземје и два ката. Приземјето е составено од свечен дел и просториите во кои се сместени собраниските служби. Најголемиот дел од просториите на првиот кат ги користи претседателот на републиката, а тука се сместени и кабинетите на претседателот, потпретседателите и генералниот секретар на Собранието. На вториот кат се канцелариите на пратениците, на пратеничките групи и на дел од службите на Собранието.

Од изградбата во 1938 г. до денес се направени неколку реконструкции и доградби на објектот, а неодамна беше промовиран проектот за надградба на Собранието за еден кат. Пред неколку години во сите делови на Собранието беа поставени специјални платформи и лифтови, со кои законодавниот дом стана целосно пристапен за луѓе во количка.

ПАРЛАМЕНТАРНА САЛА

Најпознатата просторија во Собранието е Салата 1, во која се одржуваат собраниските седници. Првпат била реновирана во 1954 г., а денешниот изглед го добила со реконструкцијата во 1999 г. Ентериерот го красат четирите мозаици над вратите од кои влегуваат пратениците и претставниците на владата, изработени од македонскиот мозаичар, професор Газанфер Бајрам. Над задниот крај на салата е сместена галеријата, на која има посебна ложа за претседателот на републиката, која со посебен ходник е директно поврзана со неговиот кабинет. Од галеријата седниците ги следат и новинарите, снимателите и фоторепротерите, а на свечените седници таму седат претставниците на дипломатскиот кор.

Од посетата дознавме дека низ вратата оддесно, гледано накај говорницата, се стигнува до првото фоаје на Парламентарната сала, а другата врата, од левата страна, води до второто фоаје, кое е единствената просторија во која е дозволено пушењето. Оваа просторија, како што ни потврдија и луѓето од собраниското обезбедување, важи за простор во кој не важат партиските разлики, во која пратениците знаат да го запалат лулето на мирот дури и по жестоки спротивставени дискусии зад вратата, во салата за пленарни седници.

ВЛАДИНА САЛА

Веднаш зад второто фоаје е сместена Владината сала, наменета за состаноци на Владата за време и во функција на одржувањето на седниците на Парламентот. ТВ-гледачите ја знаат просторијата како место за седници на Советот за безбедност и за средби на претседателот на државата со странски гости. Фоторепортерите и внимателните читатели ќе забележат дека луѓето што се фотографирани во оваа просторија најчесто излегуваат со црвени очи.

САЛА 2

Првото нешто што ви паѓа на памет кога ќе ја видите оваа просторија е дека многу ве потсетува на Парламентарната сала пред реновирањето во 1999 г. - истите столици, истите клупи, иста маса за претседателот. Салата е изградена во 1954 г., како сала за вториот дом од некогашното тродомно собрание и е сместена веднаш зад Салата 1. Граѓаните ја паметат како сала за комеморативни седници или за семинари за македонските пратеници. Планирано е салата во иднина да биде претворена во собраниска библиотека.

"Сепак, планираме да го зачуваме автентичниот изглед", ни рече архитект Ивановска.

СВЕЧЕН ДЕЛ

Откако ги заокруживеме Парламентарната сала и просториите околу неа, ве водиме водени од една друга перспектива. Овојпат наместо преку ТВ екраните, влегуваме низ е главниот влез во зградата. Ако некогаш сте се прашале дали луѓето што протестираат пред Собранието се свртени лице в лице кон луѓето што решаваат за нивната судбина - одговорот е точен! Тоа го дознавме запознавајќи го свечениот дел на Парламентот, односно делот од петоаголникот веднаш зад главниот влез. Веднаш зад вратите ве пречекува една многу позната слика - собранискиот хол или просторот што го знаеме како место за сликање семејни фотографии на новоизбраните влади, скалите со гардистите што стојат зад претседателот над државата додека дава изјава со странски колега или, по тажните моменти од историјата, кога зад нив стоеше одарот на покојниот претседател Борис Трајковски или покојниот премиер Никола Кљусев.

КРИСТАЛНА САЛА

Оваа сала, нарекувана и како Свечена сала е повеќенаменска просторија и најчесто се користи за свечени вечери или големи конференции што ги организираат претседателот на државата или претседателот на Собранието. ТВ-гледачите го препознаваат како просторот во кој се доделуваат големите државни награди. Гледано однадвор, од Жена парк накај Собранието, свечената сала е во делот меѓу од главниот влез и десниот крај на објектот.

Името Кристална, како што најчесто се нарекува, салата го добила по големите лустери што се изработени со кристали Сварофски. Салата е изградена во 1954 г. во внатрешниот двор на Собранието. Денешниот изглед ентериерот го добил со реконструкцијата во 2001 г., а од неодамна просторот го краси и релјефот во дрво Сердарот изработен од академскиот скулптор Боро Митриќески. Од некогашниот ентериер останале големите огледала, поставени по целата површина на левиот ѕид, кои важат за најкавлитетните огледала што се вградени во Република Македонија воопшто.

"Јас мислам дека ова е најубавата сала во Македонија воопшто. Такво нешто не сум сретнала во ниту еден хотел, во ниту една институција. Лустерите и акустиката се посебна приказна", ни рече архитект Ивановска.

Оние што доаѓаат првпат во салата, како што ни рече Ивановска, најчесто наседнуваат на оптичката илузија дека просторот продолжува зад огледалата.

ОХРИДСКА

Следејќи ги собраниските седници често слушаме дека бил одржан координативен состанок на претседателот на Собранието со претседателите на пратеничките групи, дека на координација било договорено тоа и тоа. Ова е салата во која се одржуваат координативните состаноци и е една од највпечатливите сали во законодавниот дом.

Таквиот епитет го заслужува поради ексклузивниот ентериер изработен од длабока резба, а името го добила според мајсторите-резбари, кои биле од Охрид. Сместена е на десниот крај од зградата, гледано од Жена парк.

Оној што одбрал токму овој простор да биде местото за закопување на воените секири на политички ривали го направил вистинскиот избор - ентериерот на оваа сала не ве остава рамнодушни, со гаранција ќе ве направи потолерантни и поконструктивни. Но, на крајот на краиштата, се’ зависи од софтверот - од луѓето што биле на состанокот и од нивните политички цели.

СТРУШКА

На другиот крај од фронталната фасада на Собранието е сместена просторија што е своевидно огледало на Охридската сала. И Струшката сала, како и Охридската, името го добила според мајсторите што ја изработиле.

Оваа просторија најчесто се користи за средби на странските гости што се во официјална посета на Собранието со претставниците на пратеничките групи. Нејзините резби, за разлика од резбите во Охриската не се толку спектакуларни, но совршено одговараат на една друга намена на просторијата, која се користи и за кус одмор на странските гости меѓу протоколарните активности. Минимализмот на ентериерот совршено одговара за средување на мислите, а едноставните фотељи се совршено удобни за мал одмор.

ПРОШЕТКА БЕЗ КРАЈ

Желбата да ви пренесеме колку што е можно покомплетна рентген снимка на зградата на Собранието, сепак, мора да си ги постеле нозете колку што е долга чергата на просторот што е предвиден за оваа репортажа. Оставаме за другпат да ви раскажеме нешто повеќе за Спомен собата со главните документи за државноста од Крушевскиот манифест до денес, за Банкет салата со исклучително вредните уметнички слики од првата и втората генерација македонски сликари, за Уставната сала која е една од салите што најчесто сте ги гледале на телевизија, или за Малиот свечен салон во кој претседателот на државата ги прима акредитивните писма од новите амбасадори и кој важи за една од најтивките сали во Собранието.

Tuesday, April 15, 2008

Гевгелија без Грци

До самитот на НАТО во Букурешт беше речиси невозможно да најдете место за паркирање на уличките околу гевгелискиот пазар од паркирани грчки автомобили. Денес место ќе најдете многу лесно, дури и во четвртоците, кога е пазарен ден. Грците ги нема.

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Андон ДАВЧЕВ


За луѓето што првпат ја посетуваат Гевгелија, до неодамна, еден од најинтересните моменти во запознавањето со градот беше впечатокот колку неговите жители секојдневно комуницираат со Грците од соседните населени места и колку неговата економија е поврзана со Грција. Одговорот ќе го најдете кај секого што ќе посакате да го прашавте за тоа - секој ќе ви каже дека кај луѓето што живеат покрај граница владее друга психологија и оти за нив границата е можност повеќе, а не хендикеп. Но, ако првпат сте биле во Гевгелија пред неколку месеци и ако ви се случило за вторпат повторно да ја посетите деновиве, веднаш ќе забележите една разлика - Грците ги нема.


ПАЗАРОТ СЕ ИЗПРАЗНИ


Сакајќи да видиме дали грчкото вето на самитот на НАТО во Букурешт променило нешто на теренот, во секојдневниот живот на луѓето што живеат покрај македонско-грчката граница, решивме да појдеме во Гевгелија, на пазарен ден, во четврток, денот во кој до неодамна не можеше да се најде место за паркирање околу пазарот од паркирани грчки автомобили. Барајќи го одговорот дали нешто се променило по грчкото вето во Букурешт најпрвин отидовме на пазарот.


"Ги нема. Од пред еден месец се’ помалку доаѓаат Грци, а од Самитот во Букурешт речиси воопшто не доаѓаат. А и прометот се преполови", ни рече нашиот прв соговорник, Топлица Пешиќ од Кавадарци, кој секој четврток продава грниња, тави и глинени садови на пазарот во Гевгелија.


Следниот пазарџија со кој поразговаравме беше Ване Костов, од Струмица, кој во четвртоците доаѓа во Гевгелија да продава текстил.


"Вака е месец и пол. Дали поминаа два-тројца денеска? А и тие што доаѓаат се од блиските села. Се зборува дека локалните медиуми во Грција ги заплашувале луѓето да не доаѓаат, дека може да бидат нападнати. Се зборува и дека на нивната граница не ги пуштале да доаѓаат во Македонија. Не знам дали ќе се вратат брзо. Со нив ништо не се знае, а и со нас, да бидеме искрени. Кај мене оди така-така, средно, ама поголем проблем си имаат луѓето што продаваат зеленчук и супермаркетите, зашто Грците најмногу доаѓаа по храна и зеленчук ", ни рече Костов.


Движејќи се меѓу тезгите со храна и зеленчук застанавме на тезгето со ориз, грав, леќа, ореви и штавел на Зорица Грамбозова од село Вељуса, Струмичко, која ни кажа дека пазарот е слаб но не само поради тоа што ги нема Грците.


"Денеска слаб е пазарот - уште не е префрлена пензијата. До следниот четврок луѓето ќе земат пензија - ќе биде подобро, нема пари народот. Ќе земат пола кило грав, пола кило ориз и - толку. Се’ е на пола кило. Грците идат, сега помалку, ама и тие се ценкаат. Оревите се 360 денари - тие сакаат да ги земат за пет евра. Не доаѓаат како порано. Некни, пак, имаше, денеска - не. Дали се плашат, дали не не’ сакаат - нешто има!? Тешко е, сине", ни рече Грамбозова.


ЗНААТ МАКЕДОНСКИ, АМА СЕ КРИЈАТ


Иле Досков, од Гевгелија продава зеленчук. И тој вели дека се помалку Грци доаѓаат на пазарот, главно откако повторно почнале тензиите околу името, но чудно било што во Гевгелија ги нема, а колку-толку ги има на пазарот во Богданци.


"Таму е пазарен ден во недела, па одат повеќе зашто во недела се послободни. Тие што се слободни идат и овде, ама малку се", ни рече Досков.


Го замоливме да направи споредба на цените, какви муштерии се Грците, на кој јазик се разбираат и што е тоа што ги мотивирало да ја преминуваат границата за да пазаруваат во Гевгелија.


"Едно време ние одевме да купуваме кај нив сега тие доаѓаат овде, ама - се’ помалку ги има. Обично купуваат храна, зеленчук - се’ што им треба за една недела. Некому му е скапо, некому евтино. Им спуштаме, ама најчесто бараат уште поевтино. На пример, кај нив плаќаат едно евро за три лукчиња - јас им давам шест врзопчиња (18 лукчиња) за евро. Малку им било - бараат уште едно. Компирот е 25 денари за кило - ним им го давам пет кила за две евра, ама сакаат да го земат за помалку. Не им попуштам многу - ако сакаат нека земат, ако не, нека одат кај друг. Сите знаат македонски, ама се кријат. Се разбираме некогаш на грчки, некогаш на македонски. Понекогаш им кажувам цените на македонски - се’ разбираат. Не знам зошто не доаѓаат во последно време. Тука е мирен народот. Никој ништо нема да им направи - ни ним, ни на колите", ни рече.


ПРАЗНИ СЕ И СУПЕРМАРКЕТИТЕ


Разговорот го продолживме со Александар Србов, шеф на супермаркет во Гевгелија. Вели дека и кај нив прометот не е како што бил до пред самитот во Букурешт.


"Многу помалку доаѓаат. Порано доаѓаа речиси секој ден - 30-40 проценти од муштериите беа Грци. Се жалат и колегите од другите супермаркети. Велат и по казината ги имало помалку. Општо, за нашиов крај, Грците се многу важни за економијата", ни рече Србов.


Го замоливме да ни објасни што е тоа што ги привлекувало да пазаруваат во гевгелиските супермаркетите.


"Разликата во цените, овде и кај нив, е многу значајна за нивниот семеен буџет. Овде за 50 евра ќе наполнат три колички, таму - нема да наполнат ни една. Исплатливо им е - доаѓаа да пазарат се’ што им е секојдневно потребно во домаќинството. Се зборува дека се плашат да доаѓаат, но не гледам причина, никој ништо нема да им направи. Се надевам дека брзо ќе се смени ваквата состојба", ни рече шефот на супермаркетот.


СПОРОТ НЕ Е ОД ВЧЕРА


Оптимистички прогнози и оптимистички тонови чувме и од градоначалникот на Гевгелија, Драги Делев, кој и официјално ни потврди дека е намален бројот на Грците што секојдневно доаѓаат во градот.

"Ги нема. Не доаѓаат. Периодот е прекраток и не можеме да ви понудиме никаква статистика, но се забележува дека многу е намалено. До пред месец-два влегуваа по 5-6.000 Грци неделно. Претежно доаѓаа во казината и на пазар. Секој втор автомобил низ градот беше грчки - но, сега ги нема. Многу посетени беа и стоматолошките ординации и супермаркетите, но и тие се жалат дека се’ помала е посетеноста. Сепак, добро е тоа што нема инциденти. Досега никој никому не му го изгребал или не му го оштетил автомобилот. Луѓето што имаат овде фабрики или погони редовно си доаѓаат и досега ништо не се пожалиле. Имаме 40 грчки фирми во Гевгелија, најголемиот дел од нив се мешовити, но има и фирми со 100 проценти грчки капитал. На гевгеличани не им е во интерес да прават било какви проблеми, затоа што така ќе ја нарушат својата егзистенција - од тоа живеат. Проблемот со името не е вчерашен и не очекувам нешто многу да се смени со самитот во Букурешт. Резултатот од Букурешт можеше да се претпостават и да се предвиди. На крајот повторно ќе треба да седнеме на маса и да се постигнеме некаков договор. Лично, не верувам дека скоро ќе се реши спорот, но тоа не значи дека до тогаш не треба да живееме заедно и да не соработуваме", вели градоначалникот Делев.

ИНАЕТОТ Е НА НАША ШТЕТА

Независно дали разговарате со пазарџиите, со случајните минувачи или со претставниците на локалната власт разговорот завршува со истиот заклучок - сите сметаат дека бојкотирањето на грчките производи и осудувањето на луѓето што планираат да одат во Грција на одмор може само да им наштети на гевгеличани и на Македонија, воопшто.


"Треба да се прави разлика. Поинаку размислуваат граѓаните што живеат далеку од границата, а поинаку мислат луѓето што живеат блиску до границата. Кога живееш на 100 метри од границата, не е пријатно чувството да живееш до затворена граница. Бевме изненадени од тоа што го гледаме на вестите од Скопје - летоци за бојкотирање, анкети во кои граѓаните се прашуваат дали ќе одат на одмор во Грција.. Никој нема корист од тоа", ни рече Кире Јанишлиев, советник за односи со јавноста на гевгелискиот градоначалник.

Friday, April 11, 2008

Независник


Заминувам. Заминувам. Те оставам, но не како порано. Овојпат засекогаш. Сега плачи - никогаш повеќе нема да ти дојдам. Ни кога врне дожд, ни кога тагата ќе ме совлада, ни кога лошо ми оди - никогаш, никогаш повеќе. Прости ми што можеби среќен ќе бидам, што ќе заборавам на сево ова што во овој момент толку многу ми значи. Дојдов да ти кажам дека заминувам.

Не, не, не сум паднал во севдах. Не ми е намерата со овие стихови на Бјело Дугме да и’ соопштам на некоја жена дека ми дошло преку глава од неа, па сум решил да се занимавам со друга. Овие стихови ми се видоа згодни за друга работа, иако најчесто ми се поткреваат цревата кога ќе помислам на лидерите на некогашниот чобан-рок,.

Решив да ги оставам цигарите. И - ги оставив. Преку глава ми дојдоа. Ќе ги поскапувале.., на кутиите ќе ставале сликички со бели дробови заболени од рак.., тотално ќе забранеле да се пуши на јавно место.., ќе го укинеле просторот за пушење во кафулињата и во баровите.., на работа многу ни биле и пет-шест квадратни метри простор за пушење на 14 луѓе.., ако пушам цигари купени од шиткачи ќе сум финансирал тероризам, ќе сум хранел подземје...

Tuesday, April 08, 2008

Домино

Чајџилницата Ат-Ал во скопската Стара чаршија е едно од ретките места каде што се’ уште се игра домино, една од друштвените игри што веќе сме ги заборавиле.

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Милан СТРЕЗОВСКИ

Често го случаме изразот домино ефект кога некој сака да укаже дека еден избрзан и погрешен чекор може да предизвика серија негативни последици од кои може да настрада поширок простор отколку што се прептоставува. Исто така, често пати првата претстава кога ќе го чуеме зборот домино ни е низа од плочки наредени една зад друга, подготвени за некој да ги поттурне и да ни приреди необично шоу со вешто наредени форми. Но, најретко ни иде пред очи самата игра домино - купче плочки наредено на маса, змијулеста низа од плочки наредени една до друга и неколку играчи што размислувајќи ги кријат еден од друг плочките што им се паднале при извлекувањето. Можеби и нам никогаш немаше да ни текне на таа можност, ако случајно патот не не’ одведеше во чајџилницата Ат-Ал во близина на скопската Стара чаршија.

ЧАД И ВРЕВА

Првиот впечаток кога ќе влезете во чаџилницата ви го формираат гласните разговори со пријателски тон и прекумерната доза чад од цигари. Додека се соземате и додека размислувате каде да се сместите, станувате свесни дека еден необичен звук постојано се слуша од речиси сите краеви на локалот. Нешто подоцна ќе сфатите дека од сите страни се слуша тропањето на домино плочките, одвреме-навреме измешан со ѕвонливиот звук на лажичињата што го мешаат шеќерот во новата тура турски чај, штотуку послужен на некоја маса. Решивме да им се придружиме на тројцата мажи кои штотуку ги измешаа плочките на масата во аголот лево од влезната врата.

"Играме одамна. Ова е губење време, но и забава. Играме секојдневно, особено откако останавме без работа. Почнавме да играме одамна, пред повеќе од 30 години - порано ретко, но сега играме секој ден", ни рече Даут Мустафа, човекот што ни го посочија како еден од мајсторите, кој прифати прв да ни одговори на нашата љубопитност.

Чекајќи да му дојде редот за следниот круг, ни кажа дека негови соиграчи се Исамедин Кајоли и Гани Исљами, но не играат секој за себе, туку тој и Исамедин, ортачки, против Гани, кој важи за добар играч и решил да игра сам.

За да не им пречиме во играњето, решивме десетина минути само да ја набљудуваме играта и така да се обидеме да се потсетиме на правилата што некогаш сме ги знаеле.

МАРИФЕТ И ИШАРЕТИ

Снимајќи што се случува, брзо забележавме дека Исамедин некогаш ги отвора новите плочки силно тропајќи со нив по масата, а некогаш ги остава многу тивко, речиси незабележително за другите. Некогаш нешто им дофрла на другите играчи, а некогаш потпевнува по некоја песна на албански. Не беше тешко да сфативме дека и тоа е дел непишаните правила на играта - дека со песните и со дофрлањата го провоцира Гани, а со тропањето му дава знак на Даут, неговиот ортак, какви плочки му одговараат, а какви - не.

"Многу е важно да ги следиш плочките што ги ставаат другите. Така можеш да дознаеш кој што има и кому што му фали" ни рече Гани во една од паузите, откривајќи дел од неговата тактика.

Ни рече дека е важно да ги следиш плочките што ставиле противниците, па решивме да му направиме една блиц-проверка на крајот на партијата. И, навистина - веднаш знаеше дека плочката што му ја посочивме, пет и шест, ја ставил Исамедин, како што знаеше и дека плочката четири-три ја ставил Даут.

Целта на секој играч, како што ни објасни еден од луѓето што ја набљудуваа играта, е да ја заврши турата со што помалку плочки и со што помал број поени. Затоа секој се стреми што поскоро да ја затвори играта во моментот кога ќе види дека во рацети има плочки со мали бројки, како што пред еден миг направи Исамедин.

БОСАНЦИТЕ ИГРААТ ПОИНАКУ

Бевме љубопитни од каде дошло доминото, како се игра, од што се направени плочките..

На Википедија дознавме дека играта потекнува од Кина, но во чајџилницата не најдовме некој попрецизен одговор за потеклото на доминото. Според некои од луѓето што ги прашавме, доминото е индиско, според друг - арапско, а трет дофрли дека го измислле Евреите

"Не сум сигурен, ама старите кажуваа дека играта ја измислиле Евреите додека лежеле затвор. Некои кажуваа дека било измислено за војниците, за да го развиваат чувството за воена стратегија", ни рече еден од нив.

Од Исамедин, кој ни остави впечаток дека е најголем лутко во играта, разбравме дека во Македонија се игра домино со 28 плочки, означени со празни полиња и со бројки од 1 до 6. Додека ги запишуваше резултатите од последната тура, ни кажа дека некогаш играле со старите, црни дрвени плочки, но денес речиси сите играат со бели плочки, од мермер, од тврда пластика или од слонова коска.

"Кај нас се игра со овие, но Босанците играат поинаку. Тие играат со 45 плочки, на почетокот секој зема по 7 камења, а плочките се означени со бројки од 1 до 9", ни објасни Исамедин.

Кога го прашавме за лутењето, ни кажа дека лутината трае само додека трае играта, по што секој си оди дома опуштен и исполнет.

"Секој си ја гледа играта и разговорите главно се вртат околу играта. Нема политика и кога ќе излезеш од овде барем знаеш дека главата не ти е тапан од политика", ни рече.

АЏИ ШАЌИР

"Оваа партијата најдобро му оди на Гани, ама Даут важи за еден од најголемите мајстори во Ат-Ал", ни рече Шерафеттин Бислим кој дојде да ги гледа Исамедин, Даут и Гани откако одигра три партии на една од соседните маси. Чека да му дојде редот, или - чека бољи пар, како што се вели со јазикот на играчите.

Гани се покажа како добар мајстор, но неговите соиграчи велат дека Шеки е поголем мајстор и очекуваат дека со него играта ќе им оди потешко. Шеки, како што го викаат на прекар Шерафеттин, почнал да игра домино уште од дете. Оттогаш игра секојдневно. Најпрвин главно место за играње домино била чајџилницата Слога, на местото на денешната чистинка пред влезот на Чифте амам.

"Слога ја урнаа и ни се расипа друштвото. Оттогаш доаѓаме овде, во Ат-Ал", вели Шерафеттин.

Сепак, сите се согласуваат дека за најголем мајстор во Ат-Ал важи стогодишникот аџи Шаќир, татко на сопствениците на чајџилницата. Некогаш чувал овци, дошол во град, се оженил четири пати, а откако бил на аџилак во Мека, секој го именува како аџи Шаќир.

НЕ Е ЗА АМАНЕТ

Пред да заминеме и да ги оставиме да играат на раат, ги прашавме дали би сакале и нивните деца да играат домино и ја продолжат традицијата што и самите ја наследиле од нивните предци. Бевме изненадени што речиси никој не им го посакуваше тоа на неговите деца и никој не би им оставил на децата аманет да ја продолжат традицијата.

"Не би ги учел децата да доаѓаат овде. За нив е најважно да учат и да работат. Ако и тие, не дај Боже, останат како нас без работа - нека играат. Но, најважно е да учат и да работат - не им треба домино" ни рече Даут.

На зборот се придружи и Шеки, кој се согласи дека не би сакал неговите деца да доаѓаат на домино во чајџилница, но, оти играњето има незаборавни убави моменти, какви што се маратонските партии за време на рамазанските пости.

Зад нас ги оставивме звукот на плочките, чадот и вревата од пријателски разговори на прочуениот чајџилница ленгвиџ, на кој речениците почнуваат на еден јазик, продолжуваат, а завршуваат на трет - македонски, албански или турски - во сите можни комбинации. Ветивме дека наскоро ќе се вратиме, да свртиме и ние некоја партија со нив.

Tuesday, April 01, 2008

Шпанецот

Не е некој супермодерен или супербрз воз, какви што гледаме на телевизиските прилози од Франција или од Јапонија, но, сепак, на патниците им е посебно драг. Ретко кој го нарекува со фицијалното име - двомоторна дизел гарнитура, 712 - МАКОСА. За патниците тоа е, едноставно - "Шпанецот".

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Милан СТРЕЗОВСКИ

Можете ли да се сетите кога последен пат сте патувале со воз низ Македонија. Тешко? Не сте единствените. Но, во исто време не сте ни единствените што пропуштаат едно посебно доживување - релаксирано патување, без згрченоста во која ве ставаат големите брзини на патиштата, итајќи за да можете да стигнете десетина минути порано дома или до местото каде што сте тргнале на викенд. Пропуштате да се освежите и од вечно истите пејзажи, што ги гледате пробивајќи се кон вечно истите планински превои, кон истите наплатни станици за патарина или кон вечно истите места за починка. Сакате промена? Земете билет и качете се во Шпанецот, омилениот воз на патниците што одат за Кичево или накај Кочани.

НЕМА ВЕЌЕ КАРТОНЧИЊА

Сакајќи повторно да ја почувствуваме некогашната возбуда од патувањето со воз, решивме да се качиме во возот за Кичево што поаѓа од Скопје во 15:30 попладне. Не ни требаше многу за веднаш да почнат да навираат убавите спомени од некогашните патувања од новата Железничка станица. Чекајќи во редот за билет, се присетивме како некогаш со восхит сме ја гледале големата машина за печатење билети, со сите попатни станици испишани вертикално и хоризонтално, од која за миг излегуваше малото картонче кое некогаш кондуктерите го поништуваа со дупчалка. Денес тоа е поинаку. Билетите излегуваат од игличен печатач, а кондуктерите со себе носат автоматски печат.

Ги зедовме билетите и појдовме на перонот број 5, каде што не’ чекаше Златко Пецаков, ревизор на Македонски железници АД Транспорт, нашиот придружник за време на патувањето.

Таму го дочекавме Шпанецот.

Задачата на Пецаков, како што ни објасни, е да го контролира работењето на кондуктерите и нивниот однос спрема патниците.

"Влегуваме во возот ненајавено и следиме што се случува за време на патувањето, дали секој патник има билет, каков е односот на кондуктерите спрема патниците и дали патниците се однесуваат во возот според куќниот ред. Кога ни дозволува времето знаеме и да седнеме, да поразговараме со патниците со кои се гледаме често. Внимаваме да упаднеме во возот кога кондуктерите најмалку не’ очекуваат, а секогаш кога сме во возот сме тука и да им помогнеме на машиновозачите, ако нешто им затреба", ни раскажа Пецаков.

БЕА ДВАЕСЕТ, ОСТАНАА ДВА

Додека машиновозачот ги подготвуваше моторите за поаѓање, а кондуктерите ги проверуваа билетите, седнавме на едно од седиштата и имавме можност да поразговараме со кичевци што се неколку децении вработени од Македонски железници од Кичево, кои по работните обврски во Скопје патуваа кон дома, нормално, со воз. Подоцна од ревизорот дознавме дека разговараме со еден од најголемите стручњаци за железнички сообраќај во Македонија.

Од нив дознавме нешто повеќе за историјата на железниците во Македонија. Научивме дека во 1966 матурирала првата генерација отправници на возови во Македонија, попознати како црвенкапи, односно, правата генерација службеници што го контролираат влегувањето и излегувањето на возовите во и од железничките станици.

Разговарајќи, бевме изненадени колку бргу стигнавме од централната железничка станица во Скопје до станиците во Железарница, Скопје Север или во Ѓорче Петров. Кој би рекол дека во времето на најголемиот сообраќаен метеж во градот, од 15:30 до 16 часот, можете за 4 минути да стигнете од Нова железничка до Железарница, за 8 минути до Скопје Север, за 16 во Ѓорче Петров или за 21 минута во Сарај.

Нашите соговрници ги замоливме и да ни кажат, за споредба, колку време се патува од Скопје до Кичево со воз, а колку со автобус, но додека помладите се обидуваа да пресметаат, повозрасните колеги ги посоветуваа дека нивниот одговор секогаш треба да биде - не знам, зашто не е од нивни интерес да прават таква споредби.

Муабетот го свртевме на историјата на Шпанците, сакајќи да разбереме нешто повеќе, штом имаме прилика да разговараме со толку искусни соговорници.

Така дознавме дека се возиме во двомоторна дизел гарнитура од серијата 712, произведена во фабриката МАКОСА во Барселона, Шпанија. Во периодот од 1975 до 1983 година, тогашни Југословенски железници набавиле 20 гарнитури, составени од управувачница, приколка и управувачница, од кои сите 20 биле наменети за патнички сообраќај во Македонија. Од некогашните 20, денес во употреба се само две гарнитури, кои сообраќаат на линиите Скопје-Кичево и Скопје-Кочани, а две се дадени во Фабриката за шински возила во Велес, каде што чекаат за преуредување на ентериерот.

ЛЕСНО КАКО ВЕЛОСИПЕД

Патувањето го продолживме во кабината на машиновозачот, каде што имавме прилика да поразговараме за техничките перформанси на Шпанецот.

На смена беше Борче Насковски, кој работи како машиновозач од 1983 година.

"Да управуваш со воз е исто толку едноставно како да управуваш велосипед, но потребна е голема концентрација и искуство", ни рече Насковски.

Машиновоозач е од 1983 година, долго време вози и автомобил, но многу поголема километража поминал со воз. Не му прави некаква разлика дали вози воз или автомобил, но како машиновозач има една предност - може вози и со скрстени раце. Го замоливме да ни ги објасни командите во кабината.

"Максималната брзина на Шпанците е 100 километри на час, но условите на пругата во моментов дозволуваат максимална брзина од 70 километри. Десната рака управува со сопирачките, а левата речиси постојано е на манипулаторот, со кој се регулира брзината. За разлика од автомобилите, свирката овде е на ножна педала, на левата нога на свирка, а десната нога е на еден уред што го нема кај автомобилите - уредот за животна контрола. Како што гледате, со десната нога на десетина секунди давам сигнал. Ако педалата е пасивна десетина секунди, се вклучува сигнал дека нешто не е во ред. Ако повторно не реагирам, возот самиот ќе застане. Тоа значи дека за да се движи возот морам постојано да давам сигнал со педалата", ни одржа краток курс за возење Шпанец.

Пред да го оставиме да работи на мир, го замоливме да ни каже за техничките проблеми при искачувањето на стрмнините, за кои некогаш многу често се жалеа патниците.

"Денес веќе го немаме тој проблем. Порано моторите беа поставени многу блиску еден до друг, па потешко се ладеа кога ќе се загрееа на стрмнините. Гарнитурите што ги користиме денес, во 1999 и во 2001 година беа реконструирани, при што им беа раздвоени моторите, така што веќе немаме таков проблем", ни рече.

ВТОР ЛА МАНШ

Нашето патување заврши на железничката станица во Гостивар, каде што стигнавме во 17 часот, по речиси час и половина патување. Додека не’ испраќаше, нашиот придружни, ревизорот Пецаков, ни укажа дека пропуштаме да видиме одлични пејзажи, но најмногу од се ќе се каеме што нема да го видиме тунелот меѓу селата Лакавица и Зајас, низ кој се патува седум до осум минути и кој бил вториот тунел по должина во поранешна Југославија.

Меѓу железничарите што ги сретнавме на станицата во Гостивар беше и отправникот Исмет Балта, кој не’ пречека интересна провокација, велејќи дека пругата покрај која стоиме може да биде значајна како каналот Ла Манш и подводниот тунел што ги поврзува Велика Британија и Франција.

Го замоливме да ни објасни.

"Ако може Франција да поврзе под вода со тунел 110 километри кај Ла Манш, Коридорот 8 ќе биде вториот Ла Манш, зашто ќе ги поврзе Истокот и Западот - од Сирија, Ирак и Иран, преку Турција - до Италија и другите делови на Европа. Луѓето од Македонија ќе добијат воз до Охрид или до Драч и ќе можат за малку време да стигнат удобно до езеро, до море и едноставно да се вратат по викендот дома", ни рече Балта.

Шпанецот го продолжи својот пат кон Кичево. Сакајќи поскоро да се вратиме во Скопје, со тешко срце, се качивме во автобус.