Showing posts with label Собрание на Република Македонија. Show all posts
Showing posts with label Собрание на Република Македонија. Show all posts

Saturday, April 19, 2008

Собранието под рендген

Во празничниот велигденски двоброј Форум ве води на прошетка низ просториите на македонскиот Парламент.

Пишува. Васко МАРКОВСКИ
Снимил: Милан СТРЕЗОВСКИ

Минувате покрај Собранието и се прашувате каде е таа и таа просторија што ја знаете од телевизија, од вестите за седници на собраниските комисии, од преносите на седниците на Парламентот. Ви се случува да се прашувате што има зад вратата од која излегуваат пратениците од собраниската сала? Љубопитни сте од каде доаѓаат пратениците кога се симнуваат по скалите покрај синото платно за давање изјави?

Овој пат решивме да ви го пренесеме тој дел од непозната Македонија, нашата рентген-снимка на зградата на Собранието, сметајќи дека најзгоден период да го направиме тоа е периодот од самораспуштањето на претходниот до конституирањето на идниот состав на Парламентот.

ДОМ НА ДВЕ ИНСТИТУЦИИ

Зградата на Собранието, како што ни објасни нашиот водич низ законодавниот дом, архитект Билјана Ивановска, била изграден во 1938 г., по проект на чешкиот архитект Виктор Худак, како седиште на тогашната локална управа, Вардарската бановина. Тогаш биле изградени централната сала за седници и петоаголникот, комплекс од неколку меѓусебно поврзани згради кои формираат објект во форма на неправилен петоаголник, со внатрешен двор во средината. Од ослободувањето по Втората светска војна до осамостојувањето на Република Македонија во 1991 г. во објектот биле сместени и претседателот на Републиката и Извршниот совет, Собранието и Врховниот суд. Од осамостојувањето на Република Македонија во зградата се сместени две институции - Собранието и Претседателот на Република Македонија.

Зградата е составена од приземје и два ката. Приземјето е составено од свечен дел и просториите во кои се сместени собраниските служби. Најголемиот дел од просториите на првиот кат ги користи претседателот на републиката, а тука се сместени и кабинетите на претседателот, потпретседателите и генералниот секретар на Собранието. На вториот кат се канцелариите на пратениците, на пратеничките групи и на дел од службите на Собранието.

Од изградбата во 1938 г. до денес се направени неколку реконструкции и доградби на објектот, а неодамна беше промовиран проектот за надградба на Собранието за еден кат. Пред неколку години во сите делови на Собранието беа поставени специјални платформи и лифтови, со кои законодавниот дом стана целосно пристапен за луѓе во количка.

ПАРЛАМЕНТАРНА САЛА

Најпознатата просторија во Собранието е Салата 1, во која се одржуваат собраниските седници. Првпат била реновирана во 1954 г., а денешниот изглед го добила со реконструкцијата во 1999 г. Ентериерот го красат четирите мозаици над вратите од кои влегуваат пратениците и претставниците на владата, изработени од македонскиот мозаичар, професор Газанфер Бајрам. Над задниот крај на салата е сместена галеријата, на која има посебна ложа за претседателот на републиката, која со посебен ходник е директно поврзана со неговиот кабинет. Од галеријата седниците ги следат и новинарите, снимателите и фоторепротерите, а на свечените седници таму седат претставниците на дипломатскиот кор.

Од посетата дознавме дека низ вратата оддесно, гледано накај говорницата, се стигнува до првото фоаје на Парламентарната сала, а другата врата, од левата страна, води до второто фоаје, кое е единствената просторија во која е дозволено пушењето. Оваа просторија, како што ни потврдија и луѓето од собраниското обезбедување, важи за простор во кој не важат партиските разлики, во која пратениците знаат да го запалат лулето на мирот дури и по жестоки спротивставени дискусии зад вратата, во салата за пленарни седници.

ВЛАДИНА САЛА

Веднаш зад второто фоаје е сместена Владината сала, наменета за состаноци на Владата за време и во функција на одржувањето на седниците на Парламентот. ТВ-гледачите ја знаат просторијата како место за седници на Советот за безбедност и за средби на претседателот на државата со странски гости. Фоторепортерите и внимателните читатели ќе забележат дека луѓето што се фотографирани во оваа просторија најчесто излегуваат со црвени очи.

САЛА 2

Првото нешто што ви паѓа на памет кога ќе ја видите оваа просторија е дека многу ве потсетува на Парламентарната сала пред реновирањето во 1999 г. - истите столици, истите клупи, иста маса за претседателот. Салата е изградена во 1954 г., како сала за вториот дом од некогашното тродомно собрание и е сместена веднаш зад Салата 1. Граѓаните ја паметат како сала за комеморативни седници или за семинари за македонските пратеници. Планирано е салата во иднина да биде претворена во собраниска библиотека.

"Сепак, планираме да го зачуваме автентичниот изглед", ни рече архитект Ивановска.

СВЕЧЕН ДЕЛ

Откако ги заокруживеме Парламентарната сала и просториите околу неа, ве водиме водени од една друга перспектива. Овојпат наместо преку ТВ екраните, влегуваме низ е главниот влез во зградата. Ако некогаш сте се прашале дали луѓето што протестираат пред Собранието се свртени лице в лице кон луѓето што решаваат за нивната судбина - одговорот е точен! Тоа го дознавме запознавајќи го свечениот дел на Парламентот, односно делот од петоаголникот веднаш зад главниот влез. Веднаш зад вратите ве пречекува една многу позната слика - собранискиот хол или просторот што го знаеме како место за сликање семејни фотографии на новоизбраните влади, скалите со гардистите што стојат зад претседателот над државата додека дава изјава со странски колега или, по тажните моменти од историјата, кога зад нив стоеше одарот на покојниот претседател Борис Трајковски или покојниот премиер Никола Кљусев.

КРИСТАЛНА САЛА

Оваа сала, нарекувана и како Свечена сала е повеќенаменска просторија и најчесто се користи за свечени вечери или големи конференции што ги организираат претседателот на државата или претседателот на Собранието. ТВ-гледачите го препознаваат како просторот во кој се доделуваат големите државни награди. Гледано однадвор, од Жена парк накај Собранието, свечената сала е во делот меѓу од главниот влез и десниот крај на објектот.

Името Кристална, како што најчесто се нарекува, салата го добила по големите лустери што се изработени со кристали Сварофски. Салата е изградена во 1954 г. во внатрешниот двор на Собранието. Денешниот изглед ентериерот го добил со реконструкцијата во 2001 г., а од неодамна просторот го краси и релјефот во дрво Сердарот изработен од академскиот скулптор Боро Митриќески. Од некогашниот ентериер останале големите огледала, поставени по целата површина на левиот ѕид, кои важат за најкавлитетните огледала што се вградени во Република Македонија воопшто.

"Јас мислам дека ова е најубавата сала во Македонија воопшто. Такво нешто не сум сретнала во ниту еден хотел, во ниту една институција. Лустерите и акустиката се посебна приказна", ни рече архитект Ивановска.

Оние што доаѓаат првпат во салата, како што ни рече Ивановска, најчесто наседнуваат на оптичката илузија дека просторот продолжува зад огледалата.

ОХРИДСКА

Следејќи ги собраниските седници често слушаме дека бил одржан координативен состанок на претседателот на Собранието со претседателите на пратеничките групи, дека на координација било договорено тоа и тоа. Ова е салата во која се одржуваат координативните состаноци и е една од највпечатливите сали во законодавниот дом.

Таквиот епитет го заслужува поради ексклузивниот ентериер изработен од длабока резба, а името го добила според мајсторите-резбари, кои биле од Охрид. Сместена е на десниот крај од зградата, гледано од Жена парк.

Оној што одбрал токму овој простор да биде местото за закопување на воените секири на политички ривали го направил вистинскиот избор - ентериерот на оваа сала не ве остава рамнодушни, со гаранција ќе ве направи потолерантни и поконструктивни. Но, на крајот на краиштата, се’ зависи од софтверот - од луѓето што биле на состанокот и од нивните политички цели.

СТРУШКА

На другиот крај од фронталната фасада на Собранието е сместена просторија што е своевидно огледало на Охридската сала. И Струшката сала, како и Охридската, името го добила според мајсторите што ја изработиле.

Оваа просторија најчесто се користи за средби на странските гости што се во официјална посета на Собранието со претставниците на пратеничките групи. Нејзините резби, за разлика од резбите во Охриската не се толку спектакуларни, но совршено одговараат на една друга намена на просторијата, која се користи и за кус одмор на странските гости меѓу протоколарните активности. Минимализмот на ентериерот совршено одговара за средување на мислите, а едноставните фотељи се совршено удобни за мал одмор.

ПРОШЕТКА БЕЗ КРАЈ

Желбата да ви пренесеме колку што е можно покомплетна рентген снимка на зградата на Собранието, сепак, мора да си ги постеле нозете колку што е долга чергата на просторот што е предвиден за оваа репортажа. Оставаме за другпат да ви раскажеме нешто повеќе за Спомен собата со главните документи за државноста од Крушевскиот манифест до денес, за Банкет салата со исклучително вредните уметнички слики од првата и втората генерација македонски сликари, за Уставната сала која е една од салите што најчесто сте ги гледале на телевизија, или за Малиот свечен салон во кој претседателот на државата ги прима акредитивните писма од новите амбасадори и кој важи за една од најтивките сали во Собранието.