Tuesday, April 08, 2008

Домино

Чајџилницата Ат-Ал во скопската Стара чаршија е едно од ретките места каде што се’ уште се игра домино, една од друштвените игри што веќе сме ги заборавиле.

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Милан СТРЕЗОВСКИ

Често го случаме изразот домино ефект кога некој сака да укаже дека еден избрзан и погрешен чекор може да предизвика серија негативни последици од кои може да настрада поширок простор отколку што се прептоставува. Исто така, често пати првата претстава кога ќе го чуеме зборот домино ни е низа од плочки наредени една зад друга, подготвени за некој да ги поттурне и да ни приреди необично шоу со вешто наредени форми. Но, најретко ни иде пред очи самата игра домино - купче плочки наредено на маса, змијулеста низа од плочки наредени една до друга и неколку играчи што размислувајќи ги кријат еден од друг плочките што им се паднале при извлекувањето. Можеби и нам никогаш немаше да ни текне на таа можност, ако случајно патот не не’ одведеше во чајџилницата Ат-Ал во близина на скопската Стара чаршија.

ЧАД И ВРЕВА

Првиот впечаток кога ќе влезете во чаџилницата ви го формираат гласните разговори со пријателски тон и прекумерната доза чад од цигари. Додека се соземате и додека размислувате каде да се сместите, станувате свесни дека еден необичен звук постојано се слуша од речиси сите краеви на локалот. Нешто подоцна ќе сфатите дека од сите страни се слуша тропањето на домино плочките, одвреме-навреме измешан со ѕвонливиот звук на лажичињата што го мешаат шеќерот во новата тура турски чај, штотуку послужен на некоја маса. Решивме да им се придружиме на тројцата мажи кои штотуку ги измешаа плочките на масата во аголот лево од влезната врата.

"Играме одамна. Ова е губење време, но и забава. Играме секојдневно, особено откако останавме без работа. Почнавме да играме одамна, пред повеќе од 30 години - порано ретко, но сега играме секој ден", ни рече Даут Мустафа, човекот што ни го посочија како еден од мајсторите, кој прифати прв да ни одговори на нашата љубопитност.

Чекајќи да му дојде редот за следниот круг, ни кажа дека негови соиграчи се Исамедин Кајоли и Гани Исљами, но не играат секој за себе, туку тој и Исамедин, ортачки, против Гани, кој важи за добар играч и решил да игра сам.

За да не им пречиме во играњето, решивме десетина минути само да ја набљудуваме играта и така да се обидеме да се потсетиме на правилата што некогаш сме ги знаеле.

МАРИФЕТ И ИШАРЕТИ

Снимајќи што се случува, брзо забележавме дека Исамедин некогаш ги отвора новите плочки силно тропајќи со нив по масата, а некогаш ги остава многу тивко, речиси незабележително за другите. Некогаш нешто им дофрла на другите играчи, а некогаш потпевнува по некоја песна на албански. Не беше тешко да сфативме дека и тоа е дел непишаните правила на играта - дека со песните и со дофрлањата го провоцира Гани, а со тропањето му дава знак на Даут, неговиот ортак, какви плочки му одговараат, а какви - не.

"Многу е важно да ги следиш плочките што ги ставаат другите. Така можеш да дознаеш кој што има и кому што му фали" ни рече Гани во една од паузите, откривајќи дел од неговата тактика.

Ни рече дека е важно да ги следиш плочките што ставиле противниците, па решивме да му направиме една блиц-проверка на крајот на партијата. И, навистина - веднаш знаеше дека плочката што му ја посочивме, пет и шест, ја ставил Исамедин, како што знаеше и дека плочката четири-три ја ставил Даут.

Целта на секој играч, како што ни објасни еден од луѓето што ја набљудуваа играта, е да ја заврши турата со што помалку плочки и со што помал број поени. Затоа секој се стреми што поскоро да ја затвори играта во моментот кога ќе види дека во рацети има плочки со мали бројки, како што пред еден миг направи Исамедин.

БОСАНЦИТЕ ИГРААТ ПОИНАКУ

Бевме љубопитни од каде дошло доминото, како се игра, од што се направени плочките..

На Википедија дознавме дека играта потекнува од Кина, но во чајџилницата не најдовме некој попрецизен одговор за потеклото на доминото. Според некои од луѓето што ги прашавме, доминото е индиско, според друг - арапско, а трет дофрли дека го измислле Евреите

"Не сум сигурен, ама старите кажуваа дека играта ја измислиле Евреите додека лежеле затвор. Некои кажуваа дека било измислено за војниците, за да го развиваат чувството за воена стратегија", ни рече еден од нив.

Од Исамедин, кој ни остави впечаток дека е најголем лутко во играта, разбравме дека во Македонија се игра домино со 28 плочки, означени со празни полиња и со бројки од 1 до 6. Додека ги запишуваше резултатите од последната тура, ни кажа дека некогаш играле со старите, црни дрвени плочки, но денес речиси сите играат со бели плочки, од мермер, од тврда пластика или од слонова коска.

"Кај нас се игра со овие, но Босанците играат поинаку. Тие играат со 45 плочки, на почетокот секој зема по 7 камења, а плочките се означени со бројки од 1 до 9", ни објасни Исамедин.

Кога го прашавме за лутењето, ни кажа дека лутината трае само додека трае играта, по што секој си оди дома опуштен и исполнет.

"Секој си ја гледа играта и разговорите главно се вртат околу играта. Нема политика и кога ќе излезеш од овде барем знаеш дека главата не ти е тапан од политика", ни рече.

АЏИ ШАЌИР

"Оваа партијата најдобро му оди на Гани, ама Даут важи за еден од најголемите мајстори во Ат-Ал", ни рече Шерафеттин Бислим кој дојде да ги гледа Исамедин, Даут и Гани откако одигра три партии на една од соседните маси. Чека да му дојде редот, или - чека бољи пар, како што се вели со јазикот на играчите.

Гани се покажа како добар мајстор, но неговите соиграчи велат дека Шеки е поголем мајстор и очекуваат дека со него играта ќе им оди потешко. Шеки, како што го викаат на прекар Шерафеттин, почнал да игра домино уште од дете. Оттогаш игра секојдневно. Најпрвин главно место за играње домино била чајџилницата Слога, на местото на денешната чистинка пред влезот на Чифте амам.

"Слога ја урнаа и ни се расипа друштвото. Оттогаш доаѓаме овде, во Ат-Ал", вели Шерафеттин.

Сепак, сите се согласуваат дека за најголем мајстор во Ат-Ал важи стогодишникот аџи Шаќир, татко на сопствениците на чајџилницата. Некогаш чувал овци, дошол во град, се оженил четири пати, а откако бил на аџилак во Мека, секој го именува како аџи Шаќир.

НЕ Е ЗА АМАНЕТ

Пред да заминеме и да ги оставиме да играат на раат, ги прашавме дали би сакале и нивните деца да играат домино и ја продолжат традицијата што и самите ја наследиле од нивните предци. Бевме изненадени што речиси никој не им го посакуваше тоа на неговите деца и никој не би им оставил на децата аманет да ја продолжат традицијата.

"Не би ги учел децата да доаѓаат овде. За нив е најважно да учат и да работат. Ако и тие, не дај Боже, останат како нас без работа - нека играат. Но, најважно е да учат и да работат - не им треба домино" ни рече Даут.

На зборот се придружи и Шеки, кој се согласи дека не би сакал неговите деца да доаѓаат на домино во чајџилница, но, оти играњето има незаборавни убави моменти, какви што се маратонските партии за време на рамазанските пости.

Зад нас ги оставивме звукот на плочките, чадот и вревата од пријателски разговори на прочуениот чајџилница ленгвиџ, на кој речениците почнуваат на еден јазик, продолжуваат, а завршуваат на трет - македонски, албански или турски - во сите можни комбинации. Ветивме дека наскоро ќе се вратиме, да свртиме и ние некоја партија со нив.

No comments: