Tuesday, January 29, 2008

Не сме тука мечките да не’ изедат!

Можеби се’ уште му робуваме на старото табу дека е срамота ако некој повозрасен член од нашето семејство живее во дом за старци, но таквите предрасуди полека-полека попуштаат. Дека е така, се уверивме по неодамнешната средба со управникот на домот за стари и изнемоштени лица во скопско Злокуќани и разговорот со дел од луѓето што се згрижени таму

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Милан СТРЕЗОВСКИ

Сигурно ја паметите старата македонска песна за дедото што го пратиле в планина - мечките да го изедат, со скриена порака дека старите не им се од корист на помладите, но дека нивното искуство ќе направи да се справат со новите предизвици, како во подоцнежните стихови од песната, кога дедото успеал да се справи со предизвиците, па - ете го кај иде со полна торба мечиња и женчиња.

ВО НОВ ОБЈЕКТ СЕ’ БИ БИЛО ПОДОБРО

На песната не’ потсети нашата неодамнешна посета на домот за стари лица Мајка Тереза во скопско Злокуќани, кој бил подигнат една година по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, како дел од Геронтолошкиот завод Скопје.

"Имаме проблеми, но, сепак, успеавме да создадеме една домашна атмосфера. Домот има идеална местоположба, на неколку километри од центарот на градот, мир и чист воздух и добри сообраќајни врски до градот. Сепак, локацијата на некој начин и ни е проблем. Домот е сместен во бараки што се стари веќе 44 години, но иако се дотраени не можеме да направиме некаков посериозен зафат, зашто спаѓаме во заштитната зона на античкиот локалитет Скупи", ни рече управникот на домот Никола Матевски, посакувајќи ни добредојде.

Бараките во кои се сместени 100 луѓе, главно од Скопје, се подарок од владата на Шведска и, како што ни рече Матевски, го имаат препознатливиот шведски квалитет, но и покрај грижата за нив, веќе се дотраени и плачат за реновирање.

"Поради Скупи, не не’ оставаат да копнеме подлабоко од 20 сантиметри. За се’ треба посебна дозвола и поради тоа ни се врзани рацете за било каква посериозна интервенција или реновирање. Единственото што можевме да го направиме е што ги реновиравме бањите и тоалетите. Но, се’ се тоа привремени решенија", ни се пожали управникот.

Најдоброто решение, според Матевски, е да се изгради нов објект, на друга локација, кој ќе им понуди на луѓето што ги згрижува домот подобри услови за живеење и повеќе содржини во нивното секојдневие.
"Веќе се менува и структурата на корисниците. Мораме да имаме на ум дека ни иде нова генерација стари луѓе, кои во нивните домови веќе имаат добри услови за живеење, но поради некои околности решиле да дојдат да живеат во домот. Кога ќе видат добри услови за живеење, нема многу да размислуваат дали да одат да живеат во дом. Во Белград, на пример, има домови со кино, со трговски центар и со други содржини, во кои луѓето не се изолирани од нормалните животни текови. Ова решение, можеби било добро за времето во кое бил изграден домот, но сега треба да создадеме услови за луѓе што јадат со нож и со вилушка", вели управникот.

ДОБРО СЕ ГРИЖАТ ЗА НАС

Додека разговаравме со Матевски имавме прилика да слушнеме неколку телефонски повици од граѓани што сакаа да се информираат за условите и за цената на сместувањето во домот.

"Дневно имаме по четири-пет повици и се’ почесто во послендиве неколку години имаме јавувања од луѓе што по своја волја бараат место во домот. Сместувањето чини 390 денари дневно или 12.000 денари месечно. Со доаѓањето во домот луѓето добиваат сместување во двокреветна соба, три оброка дневно, постојана здравстена грижа, психолог и социјални активности кои им помагаат да негуваат еден позитивен дух. Собите и другите простории се загреваат со централно парно греење, во целиот период на грејната сезона, храната се подготвува во консултација со нутриционистите од Заводот за унапредување на домаќинството, а секој што сака да оди в град добива бесплатни автобуски билети", ни раскажа Матевски.

Нешто подоцна можевме и самите да се увериме во тоа, од разговорите со луѓето што ги сретнавме во мензата, во лекарската ординација, низ дворот или во собите, каде што не’ поканија некои од луѓето што се сместени во бараките.

"Меѓу тие активности за негување на позитивнот дух е работната терапија, со која се трудиме да ги мотивираме секој според неговите желби и способности да си најде некаков ангажман што ќе му причинува задоволство. За жените имаме катче за везење, плетење и за изработка на ракотворби. Други наоѓаат задоволство да си го негуваат дворчето - садат цвеќиња, се грижат за зеленилото.. Ракотворбите што ги изработуваат жените во работилницата ги продаваме, и на тој начин имаме пари за повторно да купиме материјал за работа, а дел од парите им ги даваме како награда на тие што ги изработиле", ни рече Весна Рајковска, работен терапевт во домот Мајка Тереза, покажувајќи ги ракотворбите во работилницата.

Дел од социјалниот живот се и редовните читања и гостувањата на луѓе од естрадата, ученици од скопските училишта, вероучители и лекари-консултанти.

"Еднаш во неделата во мензата ги собираме сите што се заинтересирани за дружење. На таквите дружења обично читаме текстови за здравјето, религијата, обичаите и други работи што ги интересираат и ги предлагаат самите. Тоа е најдобрата терапија со која ќе ги натераме за нешто да размислуваат, зашто најголемото зло за стариот човек е монотонијата. Ако ги завладее монотонија им доаѓаат тага и црни мисли, кои можат да им го влошат здравјето или, не дај Боже, да ги доведат до самоубиство, како што ни се случи пред 17 години", ни рече управникот додека ни ги покажуваше другите делови од домот.

ОВДЕ СИ ГО НАЈДОВ МИРОТ

Пред една од бараките сретнавме две жени, кои ни се претставија како тетка Вера и тетка Васка. Веднаш прифатија да не’ одведат во нивната соба, која ја делат во последниве две години.

"Јас сум овде две години, а дада, како што ја викам тетка Васка (лево), дошла во домот пред седум години. Навистина немам на што да се пожалам откако сум овде. Ич не ми е гајле што ќе речат луѓето што сум дошла да живеам во дом и ги советувам и моите деца така да се чувствуваат. Јас сум веќе во години, децата и внуците си имаат своја работа и не сакам никому да му бидам на товар. Овде имам луѓе со кои се дружиме, сместувањето е добро и им советувам на сите што размислуваат дали да дојдат во дом - да дојдат. Ако сакаат да си го најдат мирот, само овде ќе го најдат", ни рече тетка Вера.

Задоволството не го криеше ни тетка Васка, иако беше забележливо дека не зборува со истата ведрина.

"Немам што да се пожалам, само не ми е раат душата кога ќе помислам дека децата ми се без работа. Имаат деца за школување - како ќе врзат крај со крај", ни рече тетка Васка.

Ни заблагодарија за посетата и срдечно не’ испартија. Ветивме дека повторно ќе ги посетиме.

Додека шетавме, бевме љубопитни дали се случува некој од луѓето во домот да си најде животен сопатник токму тука.

"А, имаме и такви. Ако сакате, веднаш ќе ги прашам дали ќе сакаат да ве примат", ни рече Матевски.

Не поминаа ни минута-две, од бараката некој ни викна - ајде, повелете!.

Така се запознавме со Мица и Данило, кои се сместени во домот седум години. Најпрвин биле сместени посебно, во женскиот и во машкиот дел, но подоцна меѓу нив се развило специфично пријателство.

"Се најдовме блиски и решивме да живееме заедно. Овде ни е добро и многу добро се разбираме и си живееме", ни рекоа како од еден глас.

Нешто подоцна управникот ни објасни дека и друг пат се случувале такви врски, но оти не дозволува маж и жена да живеат заедно без тоа да го одобрат нивните роднини што го потпишале договорот за згрижување во домот.

ВОЛОНТИРАЊЕТО МОЖЕ МНОГУ ДА ПОМОГНЕ

Едно од прашањата што го оставивме за крајот беше како би можеле граѓаните да помогнат за домот, штом рацете на Управата и’ се врзани, а според најавите, изградбата на нови старски домови, според владината програма, е предвидено да почне во 2010 година.

"Штета е што кај нас не е развиена свеста за волонтирањето. И самите видовте колку многу им значи мало внимание, мал разговор на луѓето што се сместени овде. Каков товар би било за еден млад човек да купи еден литар сок и едно чоколадо и да дојде да помине час-два да поразговара со луѓето овде. Многу бев пријатен пред некоја година, кога едно семејство решило работите што требало да ги раздава за задушница на гробишта, да ги донесе кај нас, за луѓето што се сместени овде. Не можам да ви ја опишам нашата радост", ни рече Матевски на испраќање.

Пред да влеземе во автомобилот, посакавме да тркнеме преку улица, за да видиме колку навистина блиску е Скупи до Мајка Тереза. Се уверивме дека има зошто земјиштето на домот да биде со специјален статус. Домот, очигледно лежи на главната улица на Скупи, за што сведочи и базиликата што била откопана на задната страна од дворот.

Monday, January 28, 2008

Господи сполај ти што су' вевчанец

Два дена апсолутна слобода на духот. Така вевчанци ќе ви го опишат василичарскиот карневал, што се одржува веќе 1.400 години за празниците Стара нова година и Свети Василиј. Оние што го знаат карневалот од порано, со нетрпение чекаат да видат со какви маски ќе изненадат вевчанци годинава, оние што доаѓаат првпат веќе прават план кого да донесат во Вевчани следната година.

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Снимил: Милан СТРЕЗОВСКИ

Така ќе беше и годинава, да не одекнеше жалната вест, за хеликоптерот на АРМ што падна кај Катланово. Наместо по нови вести за трагедијата што се случи, и годинава на 14 јануари ќе ги очекувавме нестрпливо весниците, за да видиме во што се претвориле и кои политички настани ги коментирале вевчанските василичари. Но, не било к'смет!


Но, не напразно Вевчани го бие глас дека е свет за себе, Република Вевчани, како што вели и легендата што ќе ви ја раскажат вевчанци кога ќе ги прашате како настанало селото. Ќе ви раскажат дека водат потекло од човекот што го оставил Свети Наум покрај вевчанските извори, по сите неуспешни обиди да го воспита и да го скроти.

"Жалиме за ова што се случи, но вевчанци живеат за овој ден и ништо не може да ги спречи да го празнуваат. Така е од пред 1.400 години, уште кога настанало селото", ни рекоа многумина што ги запрашавме по пристигнувањето во селото.

Уште од влегувањето во Вевчани ќе забележите дека има зошто да кружи толкава фама околу овој топоним. Веднаш ќе го забележите домаќилакот - се гледа кога ќе ги погледнете куќите, тротоарите или црквата Свети Спас, заштитникот на селото, што ве пречекува уште на влезот. Домаќините ќе ви раскажат дека речиси нема куќа од која не родила мајстор и оти нема куќа од која барем еден не заминал на печалба, главно во Словенија, што направило селото да биде богато. Исто така, уште веднаш ќе ви кажат дека жителите се сложни како на ниедно друго место во Македонија, што направило не само куќите, туку и селото да биде домаќински уредено.

ВАСИЛИЧАРИ ВО КРВТА

Што чувствуваат вевчанци за карневалот, прва ни раскажа нашата домаќинка, Спаса Парталоска, чии гости бевме за време на нашиот престој во селото.

"Карневалов го памтам откога постојам, откога знам за себе. Цел живот, одвај чекам да се разбудам на 13 јануари. Кога ќе се разбудам, за мене тоа е најубавиот ден во животот и во годината. Затоа 12-ти спијам повеќе, за да го дочекам одморена со целосна енергија", ни рече Спаса послужувајќи не’ мезе и ракија.

Веројатно почувствува дека не ни беше најјасно, па се обиде да ни објасни.

"Не може секој да го сфати тоа. Вевчани, буквално, живее за карневалот - на пример, наутро кога одиме кај изворите на вода, нешто ќе ти подзастане во душата додека се пее Оди неста на вода. Ние живееме за овој ден! На 13-ти и 14-ти не сакам гости, не сакам никакви обврски. На тие што ми се блиски им оставам отворена куќа, самите нека се грижат за себе. Се’ што им треба - тука е. Има една изрека што си ја кажуваат вевчанци барем еднаш во годината, на Свети Василја кога си велат секој за себе: Господи сполај ти што су’ вевчанец!", ни раскажа Парталоска.

СИВИ ДОМ

Дека нема нешто што ќе ги предомисли вевчанци да го откажат карневалот ни рекоа нешто подоцна и членовите на василичарската група Сиви дом, кои ги посетивме додека ги подготвуваа маските со кои требаше да настапат следниот ден.

Разлгедувајќи наоколу низ собите, сфативме дека сме на гости кај дружината чија маска Трпеза со човечки глави беше најчестата фотографија насловните страници пред две-три години. Уште еднаш се уверивме дека не постои нешто што може ги запре василичарите.
"Карневалот ни е во гените, во црвените крвни зрнца. Кога бев во војска, на пример, имаше немири на Косово, па не сакаа да ме пушат дома за карневалот. Јас уште веднаш им реков на претпоставените дека ако не ме пуштат дома за василица, јас ќе се напрам василичар макар и во затвор. И, така беше. Еден од другариве, цела ноќ низ касарната во Битола пеел По мене, бабо, по мене.. зашто не го пуштија дома за да биде василичар. Така било 1.400 години, така ќе биде секогаш. Нема нешто што може да ги запре василичарите", ни рече Ѓорѓи Парталоски - портпаролот на Сиви дом.

Дружината е формирана од 11 вевчанци од горно и од долно маало - нешто што некогаш било незамисливо. Според преданијата, некогаш било многу ризично да се сретнат две групи василичари од горно и од долно маало, но денес се маскираат заедно. Како што видовме и на исечоците од весници, залепени по ѕидовите, групата е една од дружините што знаат да извадат повпечатливи маски, како што ни рече и Спаса кога ни вети дека ќе не носи кај интересни василичари.

За дваесетина години, колку што се заедно, членовите на групата настапиле под маските Бушава азбука, Свадба, Летечки килими, Штрумфови, Даски за пеглање, Хитлер и дружината, Вевчански мажоретки, Пингвини.. и Џуџиња.
"За утре спремаме маска што ја нарековме Заробеници на мрачните сили. Се работи за оптичка мамка - секој од нас ќе се облече во чудовиште носи човек в кафез. Сега ги правиме последните подготовки", ни рече Јован Шекуткоски, еден од луѓето што во моментот беа со алатка в раце, откако му ветивме дека никому нема да откриеме каква маска подготвуваат.

"Нема што не сме биле - овој, на пример, беше Хитлер и ептен го личеше", дофрли на шега човекот што ни го кажаа како КГБ (Калајџиевски Горан - Берберот), наздравувајќи со шише пиво в раце.

СРЕД НОЌ НА ВОДА

Додека бевме со нив, ја искористивме можноста и од нив да научиме нешто за обичаите и за протоколот. Главни маски на карневалот се две групи составени од Глупи Август, ѓаолите, зетот и невестата (машко) - по една група за двете маала, горно и долно. На 13 јануари околу 14 часот двете групи се собираат на влезот на селото, заедно со василичарите од двете маала. На чело одат ѓаолите и Глупи Август, кои треба го истераат злото од пред зетот и невестата, а на селото да му отворат пат за нови свадби. Веднаш зад нив се носи василичарскиот бајрак, а по бајрактарот се редат зурлите и тапаните и маскираните групи, најпрвин од горна, а подоцна од долна маала. Дефилето завршува на сред село, каде што се собираат сите маски заедно. Нешто подоцна, зетот и невестата од двете маала одат од куќа до куќа, каде што им даваат пари, а веднаш по нив одат групи од по пет-шест деца, пеејќи ја песната По мене, бабо, по мене со која ги благословуваат домовите за плодност. Обичаите продолжуваат на 14 јануари, рано наутро, кога невестите се носат на вода на вевчанските извори, како што се носат вистинските невести на вода, првиот ден по свадбата.
"Тогаш цело село оди кај изворите - носиме ѓумчиња за вода, лепчиња и киски (китки) од босилек, трн василичарка и гранчиња од дрен, врзани со црвен конец. Босилекот ја симболизира духовноста, трњето да го запрат злото, дренот за да бидат здрави - црвениот конец го симболизира животот. Од извор дома се враќаме со вода и со киската, а од водата замесуваме пита или леб", ни се вклучи во разговорот Спаса.

Празнувањето продолжува откако ќе се раздени. Тогаш, со зетот и невестата на чело, се оди на визита кај Василовци и Васковци.

200 ЧАШИ РАКИЈА

Разговарајќи дојдовме и до муабетот за пиењето. Забележавме дека секаде каде што одиме, се потврдува гласината дека во вевчани многу се пие. Решивме за тоа да ги прашаме и домаќините, па дојдовме до фрапантен податок.
"Се пие масовно. Пие и старо и младо. Но, важен е тренингот. Во вевчани си имаме олимпијада, што почнува уште од Митровден и трае до Свети Василја", ни рече Ѓоко портпаролот.

"Ама, најтешко им е на зетот и на невестата. Тоа го имам лично искусено, зашто пред неколку години и самиот бев василичарски зет. Влегуваш во 600 куќи во Вевчани, па сега рачунај. Само во 10 отсто од нив да се напиеш по една ракија - тоа се 60 чаши ракија, или кој што пие. Моето искуство беше - 200 чаши ракија. Но, во трчањето се’ испарува, а и веќе немаш гајле после толку чашки", ни раскажа КГБ наздравувајќи.

Дека тоа не е од вчера подоцна ни раскажа и тетка Мара, мајката на Спаса, со која поразговаравме за нејзините впечатоци од карневалот.

"Утре ќе имат најгрди зборови за секој политичар, за све живо. Милиц-јата само си врвит, си прајт, не смејт никој никого да го ѓибнит. А трезно ништо не можиш да најш - ќоро е машко, женско. Дур не се ќоросат, дур не се удајт во алкохол - тој не се облеквит и не излегвит", ни раскажа тетка Мара.

ЖУРКА ЗА ПРОЧИСТУВАЊЕ

Ни остана уште да го почувствуваме тоа за што сме слушале и што ни го раскажаа нашите домаќини. Незаборавни ќе останат спомените од дружењето со жонглерите од дружината Фазбабл кру од Скопје, германскиот стрит-артист Really wonder, Суперхикс и Оркестар Серчук и DJ Rootboy. Организаторот навистина се погрижил во програмата да влезат артисти што ќе направат журка за сите генерации истовремено. Неповторливо доживување беше да се видат како се журкаат сите заедно играјќи чочек или шизејќи на насловната композиција од филмовите Џемс Бонд, на чочек-изведба на Бафало Солџер од Боб Марли, или на The Ace of Spades од Моторхед.

А карневалското дефиле - тоа мора да се види и да се почувствува. Другото нека го кажат фотографиите.








Monday, January 21, 2008

Влез во внатрешниот свет

Врати, капии, порти.Секоја од нив зад себе крие по еден свет, различен од другите. Нивното надворешно лице сведочи за времето во кое биле направени, зборува за луѓето што живеат зад неа и за настаните што се случувале пред и зад нив.

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Снимил: Милан СТРЕЗОВСКИ

Секојдневно минуваме низ нив. Минуваме низ толку врати, што дури не можеме ни да изброиме низ колку врати во денот сме поминале. Меѓу нив има врати за кои и во сон би можеле да кажеме на која страна се отвораат, на кој агол од отворањето почнуваат да чкрипат, која колку силно треба да ја поттурнеме, а да не биде премногу.

Но, среќаваме и илјадници други врати низ кои никогаш не сме поминале, а кои секогаш ја будат нашата љубопитност, оставајќи ни ги неодговорени прашањата како: кој живее тука, каков јазик се зборува зад оваа врата, кој мајстор изработил ваква убавина или кој член на семејството ја одбрал токму оваа боја за вратата?



Ако сте од оние што уживаат во набљудувањето на вратите, ве водиме на уште едно патување низ непозното покрај кое секојдневно минуваме.

ВРАТАТА НА РАЈОТ

Би било преамбициозно да се бара одговорот кога и како настанала првата врата. Затоа, како мала утеха нека ни послужи податокот дека најстарите врати во историјата на човештвото биле забележани на египетските хиероглифи, а за најстара дрвена врата во историјата се смета вратата на храмот на царот Соломон, изработена од маслиново дрво.


Многу почесто низ историјата се споменуваат градските порти, околу кои се случувале главните настани од заедничкиот живот на градовите и чие затворање го означувало почетокот на ноќта и времето кога секој требало да се прибере во своите домови и преноќишта. За најпрочуени важат вратата на пеколот и вратата на небесното царство, за кои говори Христос во Евангелието според Матеј, или вратата на рајот, опеана во мега-хитот на поп-иконата Боб Дилан, Knocking on the Heavens door.

ОД МАНДАЛО ДО БЛИНДОР

Трагајќи по историјата на вратите во Македонија патот ќе ве одведе во најстарите археолошки наоѓалишта, каде што нема да можете да видите како изгледале плочите што го одвојувале внатрешниот од надворешниот свет, но нема да останете покусо за задоволството да ѕирнете низ прагот и да видите барем дел од она што се криело зад нив. Таква возбуда зад себе кријат праговите на Куќата на Партение или на коцкарницата во Стоби, изградени во периодот од 4 до 6 век.


Шетајќи низ постарите маала, ќе го сретнете феноменот комши-капиџик - малечката врата меѓу соседните дворови која некогаш била шорткат за побрза и поедноставна комуникација меѓу соседите, кои живееле со почит и доверба, независно од верските и етничките разлики.


Движејќи се кон поновата историја, ќе дојдете до индустриските, кофекциски врати, главно произведени во дрвните комбинати.

Во нивниот асортиман ќе сретнеме внатрешна, надворешна еднокрилна или двокрилна врата, гаражна врата со или без далечинско упраување, но и некогашниот хит - шибер или хармоника врата. Така доаѓаме до денешните автоматски врати со фотокелија, до смртниот непријател на клучарите - вратите што се отвораат со картичка и блиндираните врати зад кои, според рекламите, никој ништо не ви може.

ПОЧЕТОК НА ПРИВАТНОСТА

Колку и да се разликуваат, сепак има нешто што е заедничко за сите врати низ кои и покрај кои поминуваме.

Секоја врата зад себе крие по еден свет, различен од другите, свет за себе. Нејзиното надворешно лице го симболизира времето во кое била направена, зборува за луѓето што живеат зад неа и за многуте настани на кои била сведок. Вратата е местото каде што завршува улицата и местото каде што почнува приватниот живот, премин од меѓу внатрешното и надворешното.


Никој не може со сигурност да каже што ќе види кога ќе премине низ нив.

Заеднички за сите се и елементите од кои се составени. Макар и да е мрежа за заштита од комарци, нема врата без шарки или пафти - оските, или зглобовите со кои вратата е прицврстена за касата и за ѕидот.


Можеби нема на сите да најдете резе, рајбер, брава или мандало, но, тешко ќе најдете врата на која нема квака или некаква рачка за да можете да ја отворите. Така доаѓаме и до занаетите и занимањата што се поврзани со постоењето на вратите. Да немало вати, немало да има ниту клучари, бравари, столари, вратари или луѓе што продаваат од врата на врата.

ВРАТА ОТВОРЕНА

Но, не само физички. Вратите се присутни во нашите животи и преку многуте изрази од македонскиот јазик што се поврзани со зборот врата.

Во разговор ќе чуете како некој некому му ја покажал вратата, некој друг некому му ја треснал вратата, или некој некого исфрлил низ врата. Помислувате, подобро ќе било да бацел врата, или да отидел некаде каде што му е врата отворена. Или, си велите дека можеби и не е така трагично, дека и тој што го избркал набрканиот кога-тогаш ќе тропне на негова врата. Само да не се погоди токму тогаш да мора да оди на некој состанок зад затворена врата.


http://www.forum.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=172&ArticleID=5369&EditionID=171&Page=1

Кожуф Партенкирхен

Најновиот македонски ски-центар пред десетина дена ги отвори вратите за скијачите од Македонија и од Грција. Според сопствениците на комплексот, Кожуф ќе израсне во елитен скијачки центар, што ќе им ја земе славата на балканските зимско-рекреативни одморалишта.

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Снимил: Милан СТРЕЗОВСКИ

Сте помислиле ли колку малку го познаваме оној дел од географската карта на Република Македонија на потегот од Гевгелија кон Битола, јужно од пословично непознатото Мариово, веднаш до границата со Грција. Би можеле ли да наброите барем пет топоними од тој крај, или да се присетите со каква боја беше обоен тој терен на мапите? Но, оставете ја сега географијата за подоцна. Би сакале ли да скијате во на стотина-двесте километри од дома, на патеки од кои не сте заситени уште од дете, а да не ви треба виза? Тоа го имате на Кожуф, новиот македонски скијачки центар, чии сопственици имаат амбиција од него да направат елитен комплекс, со понуда што ќе му ја земе од раце славата на хит ски-центарот Банско во Бугарија.

ПОЛЕСНО Е СО ЏИП

Нашата прва средба со Кожуф беше во последниот четврток од 2007 година, три дена пред официјалниот почеток на скијачката сезона во центарот. Единствениот пат да се стигне до таму, засега води преку Гевгелија. Оттаму патот ве води кон населбата Смрдлива вода, до каде што се стигнува по асфалтен пат широк колку две коловозни ленти. Одроните на патот прават да им поверувате на гласините дека теренот уште не е подготвен како што треба, а дополнително ве обесхрабрува снегот на коловозот кога ќе ја одминете Смрдлива вода, на 25 километри од Гевгелија.

"Каде одите? Најавени ли сте? Нагоре има снег, не верувам дека ќе ви успее да се качите", ни се обрати машинистот на возилото за чистење снег, кој излезе од кабината штом забележа дека автомобилот ни пролизга и се мачи да се искачи по серпентините.

Решивме да го послушаме, и да им се обратиме за помош на нашите домаќини од менаџментот на ски-центарот, кои ни се понудија да пратат џип по нас ако имаме проблем со качувањето.

"Денес е тешко за искачување за лесни возила. Сега го чистев патот, ама има многу снег и ќе треба време за да го растопи солта. Оваа сезона ќе биде вака, за следната, здравје, ќе имаме нов пат, поширок, целиот асфалтиран и полесен за искачување", ни рече машинистот Ненад додека чекавме да дојде џипот.

ГРЦИЈА Е ЗАД ПЛАНИНАТА

Чекајќи, имавме време да поразговараме за местоположбата на ски-центарот, за близината до Грција и за табиетот на облаците и маглата околу Кожуф.

Ненад е од Криволак и е еден од седумтемина вработени во сообраќајната патрола на ски-центарот. Нивната задача е да се грижат за проодноста на патот и безбедноста на посетителите.

"Со новиот пат ќе биде многу полесно, а уште полесно ќе биде кога ќе се изгради патот од Неготино до Кожуф. Од таа страна на планината теренот е поблаг, а патот ќе биде педесетина километри покус", ни рече Ненад.

Лесно можевме да насетиме дека сме блиску до Грција. Сакајќи да слушнеме временска прогноза и извештај за состојбата на патиштата полесно ни беше да ги најдеме грчките радиостаници. Во тоа се уверивме и кога се обидевме да прашаме во Скопје дали уште паѓа снег и каков пат не’ чека за враќање, но - мрежата беше падната, а од седумте мобилни оператори, колку што ни беа достапни, четири беа грчки.

Набрзо дојде нашата лада-нива, со налепници Професионална служба за спасување.

"Не чудете се. Грција е веднаш зад планината", ни рече Игор, вработен во службата за спасување, во чија руска машина се згреавме до нашето одредиште.


НЕДОПРЕНА ПРИРОДА

Но, ни остана уште една грижа за чие решение не зависеше од нас и од нашите домаќини. Како што одевме нагоре и маглата се проретчуваше, но не доволно за да можеме да се вратиме во Скопје со фотографии. Но, надежда последна умира, па не не’ напушти вербата дека времето ќе се отвори додека разговараме со луѓето што ги планиравме.

Според договорот, таму не’ пречека еден од четворицата сопственици на компанијата Ски центар Кожуф, гевгеличанецот Ангел Наков. Во моментот кога пристигнавме го најдовме кај дрвената ќуќа над чиј влез за некој ден требаше да биде поставен натпис "Ресторан Момна чука".

"Имаме многу снег, но работиме како сред лето. Сега ги поставуваме елементите во кујната, имаме за монтирање еден преграден ѕид и - речиси сме готови. За в сабота, се’ мора да биде подготвено", ни рече Ангел по срдечниот поздрав.

За да ја одбегнеме вревата од столарските машини решивме веднаш да се спуштиме накај скијачките терени. Одејќи натаму неизбежно беше да ги видиме новите машини за тапкање снег, кои пристигнале пред ден-два.

"Оваа машина е ролс-ројс категорија за машини за тапкање скијачки патеки. Има мотор од 400 коњски сили и систем за движење по сајла. Со неа ќе можеме да работиме и на стрмнини под агли и до 90 степени", ни се пофали домаќинот.


Посакавме да ни ја раскаже приказната за ски-центарот Кожуф, па од него разбравме дека се наоѓаме на место кое до доцните 80-ти години од минатиот век било напуштено по немирите во пограничниот појас за време на граѓанската војна во Грција. Низ планината се движеле само овчари, кои на коњи се пробивале до планинските бачила, јавајќи по стари воени патишта од Првата светска војна.

"Каде да чепнеме наоѓаме нешто од војниците што се бореле на Солунскиот фронт. Покрај скијањето, имаме одлични услови за историски туризам, маунт-бајкинг, јавање коњи, параглајдерство и пешачење и за лов и речен риболов. Планираме и богат ноќен живот со клуб за 700-800 луѓе, казино и друг вид забава - нон-стоп нешто ќе се случува", објаснува Наков.

НАЈГОЛЕМ СКИ-ЦЕНТАР НА БАЛКАНОТ

Идејата почнала се развива од 1990 година. Најпрвин направиле испитувања на климатските услови за изградба на ски-центар и студија за природните богатства на планината. Оттогаш компанијата финансирала да се подготват генерален и детален урбанистички план, во 2002 компанијата купила 55 хектари земјиште, а само минатата година вложила вложивме 9.000.000 евра за изградба на жичницата, за подземен далновод и за патот од Смрдлива Вода до Ски центарот Кожуф.

"Годинава, први на Балканот, изградивме жичница-шестосед, од врвен австриски производител. Од поблиските земји, поголема има само во Австрија, осмосед. Сакаме да градиме врвен центар и затоа решивме да изградиме нешто што денес е тренд во светот. Сега имаме капацитет да пренесуваме по 3.000 скијачи за еден час до врвот на жичницата", вели Наков.

И навистина, како што проверивме подоцна, такви шестоседите ги имаат само врвни ски-центри, како прочуените Мадона ди Кампиљо и Гармиш Партенкирхен.

Една од најамбициозните задачи што им престои, како што ни кажа, е изградбата на викенд населбата, хотелите и чаршија со продавници и угостителски објекти.

"До 2010 година планираме да ги изградиме викенд-населбата, чаршијата и хотелите. Планираме до тогаш да изградиме најмалку два хотела, со капацитет за 3.500 луѓе. Веќе преговараме за изградба на три-четири помали хотели со капацитет до 50 легла и бараме партнери за два поголеми хотела, од светски познати хотелски ланци, со капацитет од 100 до 150 легла", ни рече Ангел.


Додека разговааравме времето се подотвори, па се успокоивме што можевме да се вратиме во Скопје со две картички фотографии. На заминување ни кажа дека е убеден дека проектот ќе успее и оти Кожуф ќе биде престижно место на кое најмногу ќе доаѓаат грчките скијачи.

"Само Солун има 100.000 рекреативни скијачи, а ние сме најблиску. Во тоа се убедени и нашите партнери од Стопанска банка, која ја водат Грци. Кога им го претставивме нашиот бизнис план, тие рекоа: 'Да, тоа е тоа!'", ни рече Ангел.

Според планот, од 29 декември центарот ќе биде отворен за скијање во петок, сабота и во недела од 8:30 до 15:30 часот. Во тој период ќе работат жичницата, двата ски-лифта, ресторанот Момина чука и бачилото Маркова колиба (пијалаци, храна и бар). Сообраќајот ќе биде ограничен со специјален режим - од 6 до 12 часот на пладне ќе се пуштаат само возилата што ќе одат кон центарот, а од 12 до 18 часот ќе биде отворен само за спуштање кон Гевгелија.