За малку ќе заборавев дека ќерка ми ми порача порано да ја земам од градинка, откако се договоривме што музика ќе слушаме по пат од дома до градинката. Веќе бев далдисан во работа кога брат ми ми јави дека завршил работа, направил сe' што требало со човекот што се пазариле да го купи стоеденот. Завршиле сe' - и кај нотар, и во станица за технички преглед - му останало време уште колку да го фотографира, како што му порачав.
Стоеденот! Не знаев дека разделбата со него ќе ме натера да подзастанам, да ги одложам за малку обврските над работната маса и да подразмислам што сe' значеше тој автомобил во мојот живот и во спомените на моето семејство.
Умот ми отиде во 1977 година, еден топол летен ден, кога татко ми, ненајавено, ме зема порано од градинка. Излеговме и, без било што да очекувам, ми покажа нешто ново - нов автомобил, стоеден, трева-зелен, со портокалови тапацири, заштитени со најлони. Го погледнав подзачудено, па ми кажа дека пред малку купил автомобил и дека тој стоеден е наш - неговиот прв автомобил, поточно - нашиот прв автомобил, како што претпочиташе да ги нарекува работите што ги поседуваше.
Врати, капии, порти.Секоја од нив зад себе крие по еден свет, различен од другите. Нивното надворешно лице сведочи за времето во кое биле направени, зборува за луѓето што живеат зад неа и за настаните што се случувале пред и зад нив.
Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Снимил: Милан СТРЕЗОВСКИ
Секојдневно минуваме низ нив. Минуваме низ толку врати, што дури не можеме ни да изброиме низ колку врати во денот сме поминале. Меѓу нив има врати за кои и во сон би можеле да кажеме на која страна се отвораат, на кој агол од отворањето почнуваат да чкрипат, која колку силно треба да ја поттурнеме, а да не биде премногу.
Но, среќаваме и илјадници други врати низ кои никогаш не сме поминале, а кои секогаш ја будат нашата љубопитност, оставајќи ни ги неодговорени прашањата како: кој живее тука, каков јазик се зборува зад оваа врата, кој мајстор изработил ваква убавина или кој член на семејството ја одбрал токму оваа боја за вратата?
Ако сте од оние што уживаат во набљудувањето на вратите, ве водиме на уште едно патување низ непозното покрај кое секојдневно минуваме.
ВРАТАТА НА РАЈОТ
Би било преамбициозно да се бара одговорот кога и како настанала првата врата. Затоа, како мала утеха нека ни послужи податокот дека најстарите врати во историјата на човештвото биле забележани на египетските хиероглифи, а за најстара дрвена врата во историјата се смета вратата на храмот на царот Соломон, изработена од маслиново дрво. Многу почесто низ историјата се споменуваат градските порти, околу кои се случувале главните настани од заедничкиот живот на градовите и чие затворање го означувало почетокот на ноќта и времето кога секој требало да се прибере во своите домови и преноќишта. За најпрочуени важат вратата на пеколот и вратата на небесното царство, за кои говори Христос во Евангелието според Матеј, или вратата на рајот, опеана во мега-хитот на поп-иконата Боб Дилан, Knocking on the Heavens door.ОД МАНДАЛО ДО БЛИНДОР
Трагајќи по историјата на вратите во Македонија патот ќе ве одведе во најстарите археолошки наоѓалишта, каде што нема да можете да видите како изгледале плочите што го одвојувале внатрешниот од надворешниот свет, но нема да останете покусо за задоволството да ѕирнете низ прагот и да видите барем дел од она што се криело зад нив. Таква возбуда зад себе кријат праговите на Куќата на Партение или на коцкарницата во Стоби, изградени во периодот од 4 до 6 век.Шетајќи низ постарите маала, ќе го сретнете феноменот комши-капиџик - малечката врата меѓу соседните дворови која некогаш била шорткат за побрза и поедноставна комуникација меѓу соседите, кои живееле со почит и доверба, независно од верските и етничките разлики.
Движејќи се кон поновата историја, ќе дојдете до индустриските, кофекциски врати, главно произведени во дрвните комбинати.
Во нивниот асортиман ќе сретнеме внатрешна, надворешна еднокрилна или двокрилна врата, гаражна врата со или без далечинско упраување, но и некогашниот хит - шибер или хармоника врата. Така доаѓаме до денешните автоматски врати со фотокелија, до смртниот непријател на клучарите - вратите што се отвораат со картичка и блиндираните врати зад кои, според рекламите, никој ништо не ви може.
ПОЧЕТОК НА ПРИВАТНОСТА
Колку и да се разликуваат, сепак има нешто што е заедничко за сите врати низ кои и покрај кои поминуваме.
Секоја врата зад себе крие по еден свет, различен од другите, свет за себе. Нејзиното надворешно лице го симболизира времето во кое била направена, зборува за луѓето што живеат зад неа и за многуте настани на кои била сведок. Вратата е местото каде што завршува улицата и местото каде што почнува приватниот живот, премин од меѓу внатрешното и надворешното.
Никој не може со сигурност да каже што ќе види кога ќе премине низ нив.
Заеднички за сите се и елементите од кои се составени. Макар и да е мрежа за заштита од комарци, нема врата без шарки или пафти - оските, или зглобовите со кои вратата е прицврстена за касата и за ѕидот.
Можеби нема на сите да најдете резе, рајбер, брава или мандало, но, тешко ќе најдете врата на која нема квака или некаква рачка за да можете да ја отворите. Така доаѓаме и до занаетите и занимањата што се поврзани со постоењето на вратите. Да немало вати, немало да има ниту клучари, бравари, столари, вратари или луѓе што продаваат од врата на врата.
ВРАТА ОТВОРЕНА
Но, не само физички. Вратите се присутни во нашите животи и преку многуте изрази од македонскиот јазик што се поврзани со зборот врата.
Во разговор ќе чуете како некој некому му ја покажал вратата, некој друг некому му ја треснал вратата, или некој некого исфрлил низ врата. Помислувате, подобро ќе било да бацел врата, или да отидел некаде каде што му е врата отворена. Или, си велите дека можеби и не е така трагично, дека и тој што го избркал набрканиот кога-тогаш ќе тропне на негова врата. Само да не се погоди токму тогаш да мора да оди на некој состанок зад затворена врата.
http://www.forum.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=172&ArticleID=5369&EditionID=171&Page=1
Римскиот форум во Стоби, ја менува историјата на градот.Според најновите откритија на археолозите, остатоците од објектот кој бил ѕверски разрушен при налетот на Хуните сведочат дека историјата на градот почнува порано.Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Снимил: Милан СТРЕЗОВСКИ
Се чувствуваате непријатно зашто на централниот плоштад во главниот град на државата немаме ниту еден споменик што ќе можете чувствувајќи се големи да им го покажете на деловните соработници или на пријателите од странство. Се чувствувате понизно кога размислувате како изгледаат илустрациите на прилозите за Македонија што ги емитуваат телевизиите на соседните земји кога известуваат за актуелностите во регионот. Но, не е се’ така црно. Сте знаеле ли дека некогаш, на стотина километри јужно од Скопје имало градски плоштади од глава до петици од мермер, со позлатени статуи вградени во мермерот? И тоа го имало, како што покажаа годинашните археолошки истражувања на Римскиот форум во Стоби.
ЅИДОВИ ОД МЕРМЕР И СТАТУИ ОД ЗЛАТО
Информацијата дека завршуваат годинашните истражувања на Римскиот форум во Стоби, не не’ остави рамнодушни, закотвени зад компјутерите близу до радијаторите во редакцијата. Кусиот разговор што неодамна го водевме со дел од археолзите што се вклучени во истражувањата беше посилен од прогнозите на УХМР дека ни претстои студен бран, со значително пониски тепмератури.
Студот не’ пречека на стариот влез на локалитетот, каде што требаше да го побараме Антонио Јакимовски, археологот кој раководеше со теренските истражувања.
Денот, како што ни кажа кога се договаравме да дојдеме, беше планиран за пакување на позначајните наоди од ископувањата, пред да ги пренесат во конзерваторските лаборатории на Музејот на Македонија.
"Уште малку ни остана. Го подготвуваме објектот за зимата, да довршиме со земјените работи, па ќе почнеме да се пакуваме", ни рече човекот што ни го посочија како Антонио.
Лесно се договоривме, пред да одиме да го видиме Форумот, разговорот да го продолжиме некаде на затворено, каде што ќе можеме да се сокриеме од студениот северен ветер. Го одбравме лапидариумот, депото со археолошките наоди од камен и од мермер.
"Тука ги чуваме најинтересните работи од ова истражување. Ова е целиот материјал што беше пронајден во ископувањата на Римскиот форум. Тука ќе ги видите најексклузивните наоди од овие истражувања. Имаме две статуи, машка и женска, делови од други статуи, делови од рељефи резбани во мермер. Има многу богат материјал, но, штета, најголемиот дел од нив биле икршени во пустошењето и пожарот во периодот од 267 до 268 година, кога градот го нападнале Хуните. Најпрвин го разурнале форумот, а подоцна го запалиле", ни рече Антонио, покажувајќи кон гајбите со искршени делови од мермер, наредени по подот како под конец.
Чекајќи да ни се придружи раководителот на истражувањата, Мила Шурбановска, советник-кустос во Музејот на Македонија, имавме прилика да видиме што е тоа за што ни зборуваше Јакимовски. Ако гајбите со фрагменти од камен не беа доволен предизвик, за нас, тоа сигурно беа камените статуи, сместени во соседната просторија.
"Откривме фрагменти од пет-шест статуи, но овие две се најзачувани. Погледнете, на некои делови од нив уште можете видите траги од злато. Видете, па размислете каков град бил Стоби во тоа време, штом имал таков објект, целиот од мермер, украсен со позлатени статуи", ни рече.
"ПОСТАР ОД ШТО МИСЛЕВМЕ"
Патот низ времето можеби не е никаков проблем за археолозите, но нам некако нагло ни дојде патот од 2007 во 267 година. Затоа се договоривме да почнеме од почеток, од почетоците на Стоби, кој живеел таму, каков град бил Стоби..
"Градот бил основан во периодот од 7 и 6 век пред наша ера, а во 3 век веќе се спомнува како развиена населба. Римскиот историчар Тит Ливиј, забележал дека во 197 година македонскиот крал Филип V дошол во Стоби пред почетокот на првата римско-македонска војна, за да го обезбеди градот од варварските напади. Во тоа време градот бил најсеверната точка на римската провинција Македонија. Околу 50 година од наша ера, градот добива форма според римската урбанистичка шема - со две главни улици поставени под прав агол, обиколен со ѕид, а паралелно со тоа добива статус на муниципиум, со што му било дозволено да кова свои пари и да води сопствена економија. Во тоа време Стоби бил најсеверниот град што тргувал со сол, кога солта била еден од најважните производи за тргување. Ние го истражуваме Форумот, кој бил изграден во 100-та година од наша ера", ни рече Јакимовски.
Првите истражувања на оваа локација биле извршени во периодот од 1972 до 1974 година, како американско-југословенски проект. Тогаш бил откриен само мал дел од градбата, а првите систематски истражувања почнаа во 2003 година, под покровителство на Музејот на Македонија. Годинашните истражувања се проект на италијанската невладина органиација ЦИСС - Центар за меѓународна соработка Југ-Југ, која ги обезбеди ги обезбеди парите преку локалната власт на градот Палермо и италијанското Министерство за надворешни работи
"Со овие истражувања веќе се менува и се дополнува хронологијата на градот. Стоби во стручната јавност е познат како развиен богат, доцноримски град, но ова покажува дека градот бил голем и значаен центар уште во раниот период. Сега имаме потврда дека Стоби бил значаен политички, административен, културен и трговски центар уште во раноцарскиот период на Рим. Со ваква градба, можеме да оцениме дека градот држел чекор со другите значајни градови во времето на интензивниот подем на империјата, со која тогаш владеел императорот Август", ни се придружи Шурбановска.
За големината и значењето на Стоби, како што вели, укажува самата градба, но и фасадите и раскошната архитектура што ги откриле.
"Такво нешто не се гради во некој безначаен град или мала населба. Токму во тој период Стоби го добил статусот на муниципиум, што значи - град со највисок статус по колонија. Со статусот на муниципиум, граѓаните на Стоби добиле римско граѓанско право и биле ослободени од данокот што го собирал Рим", вели Шурбановска.
СРЕДБА СО ДРЕВНИОТ ЛИК
Колку и да се вредни и колку да е возбудлива средбата со предметите што ги откопале археолозите, чувството е уште поголемо ако го видите и местото каде што биле откопани. Појдовме на самото место, ин-ситу како што велат археолозите.
"Еве го мермерот. Стои цел на местото каде што бил некогаш. Канелурите, камените бордури што ги видовме во лапидариумот, стоеле тука, на предната страна од столбовите. Според фагментите што ги највовме, претпоставуваме дека во секоја ниша меѓу два столба стоела по една статуа. Но, сето тоа било дивјачки разурнато и запалено со доаѓањето на Хуните. Затоа и деловите од статуите ги наоѓаме расфрлани насекаде низ форумот", ни раскажа Јакимовски.
Бевме изненадени дека и ден-денес се видливи трагите од големиот пожар при разурнувањето на градот. Земјата во подолните слоеви останала црна и исчадена до денешен ден.
"Токму тука, во црнилата, ја најдовме женската статуа", ни рече Антонио, гледајќи не’ вчудовидени.
Посакавме да сподели со нас дел од возбудата на археолозите кога ќе откријат нешто важно, нешто ретко."Не може да се опише тоа чувство. Работите и одеднаш сте очи в очи со лик од далечното место. Тоа не може да се опише", ни рече Антонио, споделувајќи ја средбата со ликот од женската статуа.
За нас останаа неодговорени уште милион прашања, но моравме да ги оставиме нашите домаќини да си ја довршат работата. Како што чувме од телефонските разговори на Антонио и Мила, комбето што требаше да ги одведе ексклузивните наоди во Музејот на Македонија, веќе беше на пат кон Стоби.
http://www.forum.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=172&ArticleID=5259&EditionID=167&Page=1
Црно тиквешко, неготинска жолта, куќи ѕидани од кал и од вино - сте помислиле ли кога и како почнало сето тоа?
Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фотографија: Милан СТРЕЗОВСКИ
Не е ништо ново да се каже дека грозјето и виното се првото нешто што ни доаѓа пред очи кога ќе помислиме на Тиквеш, на Кавадарци, на Неготино или на Демир Капија, но дали сте помислиле кога и како почнало сето тоа, кои биле првите лозари од тој крај, зошто и како почнале тиквешани да ја одгледваат виновата лоза. Сакајќи да најдеме одговор на оваа загатка тргнавме на пат за Тиквеш.
ДИОНИС И БАХУС Каде да почне трагањето по овие одговори ако не од археолошкиот локалитет Стоби, на местото на најстариот град во тиквешкиот регион, сместен на утоката на Еригон во Аксион, на денешна Црна Река во Вардар.
"На вистинската трага сте. Винарството во Тиквеш постоело од памтивек, уште во времето на свеченостите во чест на богот Дионис и од времето на баханалиите, кога се луѓето од Стоби одржувале свечености во чест на богот на виното, Бахус", не’ охрабри археологот Стефан Данев, управник на локалитетот, пред да не’ препушти на кустосот Методија Ѓуровски.
Во петнаесетте минути, колку што беше слободен пред да замине на состанок, Ѓуровски не’ однесе во депото со камени спомеици, лапидариумот, да го фотографираме мермерниот фрагмент од споменик од 5 век со претстава на пехар за вино и два грозда и накусо ни објасни како да ги најдеме другите артефакти што укажуваат кога и каде почнало лозарството во Тиквешијата.
Пред да се разделиме, ни покажа уште еден доказ, рељеф со гроздови издлабен на камено седиште во Северната базилика, од 5 и 6 век. Таму ни објасни дека лозарството многу било присутно и во претхристијанскиот период, но оти неговиот развој се зголемил со појавата на христијанството и причестувањето, поврзано со христовите зборови "Пијте вино, тоа е мојата крв".
"Само една работа да знаете. Македонците и Грците различно го пиеле виното. Грците го мешале со вода, Македонците го пиеле чисто - многу работи го кажуваат тоа, но за тоа ќе ви кажам следниот пат", ни рече Ѓуровски.
Штета, но овој пат не можевме да ги видиме гроздовите на мозаикот во Перистерината палата, за кои ни рекоа дека блескаат како да се изработени од стакло. Во моментов таму се вршат нови ископувања, под површината на мозаикот, па затоа композицијата била тргната на страна, превртена наопаку заради заштита.
Но, ако решите да појдете по трагата на грозјето, достојна утеха ќе ви бидат камените споменици кај полукружниот плоштад до Епископската базилика. Таму ќе најдете мермерен постамент за споменик, врз чии страници се изгравирани три птици, со гроздови и лозови гранчиња.
ПЛАЌАЛЕ СО ВИНО Решивме да продолжиме кон Кавадарци, во градскиот Музеј. Според договорот таму не’ чекаше Петре Камчевски, директор на Музејот, автор на монографијата Лозарството и винарството во Тиквешијата низ историјата.
"Такви докази ќе најдете на многу локалитети во Тиквешкиот регион, но голем дел и најубавите од нив биле однесени во националните музеи во Белград и во Софија, во времето на Балканските и Првата светска војна. Само во периодот 1924-25 г. во Белград биле однесени околу 20 капители од локалитетот Еударис (или Девол, како што се нарекува од средниот век наваму), антички град кај денешното село Дреново", ни рече Камчевски.
Од него дознавме дека во времето на античка Грција и стара Македонија секоја година два пати годишно се одржувале Дионисови денови во чест на виното и во чест на грозјето. Тоа биле големите и малите Дионисии, на кои, заедно со славењето, се пишувало и се читало поезија во чест на виното и грозјето .Подоцна во времето на Римската империја се одржувале Баханалии, се’ до вториот век, кога биле забранети откако луѓето почнале масовно да се опиваат и да прават нереди за време на славењето во чест на богот Бахус.
Еден од најважните археолошки наоди што сведочат за долгата традиција на винарството во Тиквеш е Бабино корито, камен сад во близина на локалитетот Белград, најпознатиот локалитет и лозарско-винарски предел во тиквешкиот крај.
"Луѓето што живееле во античкиот период во тој крај вдлабиле камено корито за гмечење на грозјето во огромна карпа. Во горниот дел карпата е рамна површина и таму исклесале корито со две дна, со димензии од 2,5 на 2 метра. Луѓето од тој крај имале голем пиетет кон виновата лоза. Толку многу произведувале вино и толку голема била цената на виното, што го користеле како платежно средство, со кое го плаќале данокот. Од друга страна, виното било пијалок на сите сталежи - го пиеле и богатите и сиромасите, и робовите и слободните граѓани", ни раскажа Камчевски.
ВИНАРИ БЕЛОГРАЃАНИ Плаќањето со вино не беше едниственото што ни го насочи разговорот кон народната песна Билјана платно белеше. Од Камчевски научивме дека сме биле во заблуда кога сме мислеле дека винарите белограѓани од песната биле од градот-метропола Белград, во соседна Србија. Како што ни кажа, Белград е најпознатиот локалитет и лозарско-винарски предел во тиквешкиот крај. Луѓето од тој крај одгледувале винова лоза уште во античкиот период, за што сведочи Бабиното корито.
Лозарството непрекинато се развивало и низ средниот век. Охридскиот архиепископ Теофилакт во запишал дека во 9 и 10 век, црквите и манастирите имале огромни виници, биле најзначајните центри за производство на грозје и вино лоза, а игумените, како најголема тајна ја чувале формулата за приготвување виното.
Голем развој лозарството постигнало во 14 век со донесувањето на Которскиот кодик, законик во кој многу прецизно било одредено како треба да се одгледува виновата лоза, почнувајќи од садењето и времето за ѓубрење, до растојанието меѓу лозниците и берењето. Развојот на лозарството бил прекинат со доаѓањето на Османлиите на крајот на 14 век. Тогаш значително се намалува производството на грозје, иако Коранот забранувал само употреба на алкохолни пијалаци, но не и производство на грозје. Од друга страна, Турците биле големи љубители на слатки работи, така што од малоазиските колонии на империјата донеле нови сорти десертно грозје, како афусали, чафкариче, чауш и сири чибук. Според пописите на Ќустендилскиот санџак, под кој спаѓале и тиквешките населби, речиси немало место во Тиквешијата каде што не се одгледувало грозје и во кое луѓето не плаќале данок на шира, ушур.
КУЌИ ОД ВИНО И КАЛ Многу патеписци пишувале за лозарството во тиквешкиот регион, а еден од најподатливите е записот на спрскиот антропограф Јован Цвејиќ. Тој забележал дека во средината на 19 век само градот Кавадарци во родна година произведувал до 2 милиона оки грозје."Тоа било огромна количина. Луѓето не знаеле што да прават со виното и со грозјето. Имало толку родни години, што луѓето го мешале виното што останувало непродадено со глина и правеле плитари од кои граделе куќи. За тиквешкото вино се велело дека е толку густо и квалитетно што може да се носи и во крпа, или, во шарвета, како што се вели во Тиквешијата", ни објасни директорот на Музејот во Кавадраци.
По пуштањето во употреба на железничката пруга Белград-Скопје-Солун, во 1874 г. почнува масовен извоз на виното и грозјето во Србија и се формираат првите големи семејни визби.
Меѓу нив најпрочуена е винаријата Тиквеш, основана од кавадарчанецот Александар Велков во 1885 г. Во визбата на Велкови се произведувале огромни количини врвни црно и бело вино, ракии и ликери, за што имале големо признание од солунска визба Метакса од Солун, со која имале голема размена на пијалаци.Се појавиле и други фамилии што произведувале големи количини грозје и вино, но целиот развој наеднаш бил прекинат во времето по Балканските војни и по Првата светска војна, кога се појавувила болеста филоксера, или рак на виновата лоза, како што ја нарекуваат тиквешани. Потребни биле десетина години планско обновување на лозовите насади за да може оваа традиција да го продолжи својот пат. Но, само што зачекорило во новиот живот, лозарството повторно било пред ново искушение - национализацијата и основањето на големите винарски гиганти, врз темелите и со опремата на некогашните семејни винарии.
ВЕЛКОВИ Таму каде што застанале неговите претци, основачи на некогашната семејна винарија Тиквеш, продолжил кавадарчанецот Коле Велков, кој денес како шумарски инженер во пензија го следи аманетот на неговиот прадедо (Александар) Сандо Велков. Во подрумите на семејната винарија, од која подоцна бил формиран комбинатот-гигант Тиквеш, ни ги раскажа основните работи што треба да ги знае секој што сака да се занимава со винарството.
"Виното не трпи хемикалии. Се лаже секој оној што ќе помисли дека со хемикалии ќе го подобри квалитетот на виното. Виното е сунгер и затоа не смее да има ништо друго во просторијата каде што стојат бочвите со вино. Виното има свој јазик и треба да знаеш да го слушаш - буквално, со увото врз бочвата. Тоа ќе ти каже кога што треба да направиш - кога да го пресечеш, кога да го преточиш.. Црвено вино секој може да направи - белото е мајторл'к. Основно нешто за квалитетно вино е - користи чисти садови", ни откри дел од семејните винарски тајни Коле Велков.
За среќен пат не’ испрати со чаша годинашна кратошија. Тоа мора да се проба. Вкусот, бојата и густината на лекот, како што го нарекуваат Велкови, долго се паметат.
http://www.forum.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=1&tabid=172&EditionID=156&ArticleID=4852&Page=1
Сте помислиле ли каков каталог на кутлурата, историјата и на природните убавини на Македонија носите в џеб, кога во паричникот имате ќе ви се најде по еден примерок од македонските монети и банкноти?
Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фотографија: Милан СТРЕЗОВСКИ
Зар не сте понекогаш носталгични за гатанките, сказните и преданијата што ви ги раскажувале вашите баби и дедовци во времето пред да станеме заробеници на телевизијата, кога главниот збор и главниот извор на забава беа седенките со постарите членови на семејствата. Можеби многумина од вас на тие моменти се присетуваат само низ магла, но, зарем не зар не ви иде топлина на душата кога ќе сретнете по некоја гатанка во списанијата или во учебниците на вашите деца.
Ако е така, обидете се да ја решите оваа.
Две кучиња - пастрмка. Пет кучиња - риба. Пет кучиња - мачка дива. Две диви мачки - пауница. Пет пауници - светец. Два светца - пенџере. Пет пенџериња - црвен цвет. Два цвета - икона. Пет икони - гранка смокви. Што е тоа?
Во право сте ако помисливте на македонските денари, ако ги препознавте во гатанката шарпланинецот, пастрмката, рисот, архангелот, афионот или керберот од монетите и банкнотите. И не случајно решивме преку гатанка да ве присетиме на нив и на тоа какви слики и сознанија ни пренесуваат банкнотите и монетите што секојдневно ни врват низ рацете. Зашто многу бргу може да се случи да заборавиме и на нив, кога се’ повеќе ќе плаќаме со платежни картички или ако еден дојде ред да си купиме паричници што ќе бидат доволно големи да ги соберат еврата и ќе имаат доволно прегради за чип-картички.
ДИНАРИ, БОНОВИ, ДЕНАРИ Денешните македонски денари се третата серија од банкноти што ги објави Народната банка од монетарното осамостојување на Македонија во 1992 година. Ако сте ги подзаборавиле банкнотите од втората серија, на кои првпат беше отпечатено името на валутата денар, сигурно ги паметите првите книжни пари, боновите, ако не по друго, барем по тоа што беа пари без име, лесно се кинеа и по банкнотата со необична вредност, 25. Со пуштањето во оптек на втората серија пари на македонската држава се воведува и името на валутата денар, кое го предложила Македонската академија на науките и уметностите, според името на античките римски монети денариус, кои се користеле на територијата на денешна Македонија. Во најтесната конкуренција за името на валутата бил и називот статер.
Парите што ги користиме денес беа промовирани на Денот на независноста - 8 септември. Во оптек се монети од 50 дени, 1, 2 и 5 денари и банкноти од 10, 50, 100, 500, 1000 и 5000 денари. Оттогаш промени во дизајнот и во изработката се внесени само во банкнотите од 500 и од 1000 денари, во 2003 година, кога им беа додадени дополнителни елементи како заштита од фалсификување.
Монетите се коваат од округли плочки рондели и најголемиот дел се изработени во ковачницата за пари на поранешната фабрика Сувернир од Самоков. Ронделите за метални пари од 1, 2 и од 5 денари се излеани од легура на бакар, никел 3 и цинк 17, а монетите од 50 дени се од легура на бакар и цинк 15.
Еден од најголемиот предизвик кога се подготвувале банкнотите бил која печатница да се одбере, за да се добијат максимални перформанси на заштита од фалсификување, издржливост и квалитет на печтотот на банкнотите. Комисијата што била формирана да го избере најдобриот понудувач решила банкнотите од 10, од 50 и од 100 денари да ги печати прилепската печатница 11 Октомври, а парите со апоени од 500, 1000 и од 5000 денари да се печатат во некоја од врвните светски компании што изработуваат вредносни хартии. Изборот паднал на печатницата Томас де ла Ру во Лондон, основана во 1821 година, која изработила технологија на заштита и печатела банкноти за 150 национални валути. Најпозната валута што се печати таму е британската фунта.
МУЗЕЈ ВО ПАРИЧНИКОТ Еден од најдобрите осврти на содржините што се отпечатени на македонските банкноти го даваат д-р Вирџинија Хјуит од Британскиот музеј од Лондон и д-р Тим Анвин од Универзитетот на Лондон во публикацијата Создавањето на македонскиот денар - видувања и сеќавања што ја издаде Народната банка на Македонија во 2002 година.
Говорејќи за тоа како биле одбрани содржините што се претставени на банкнотите, Хјуит и Анвин потсетуваат дека од учесниците на Конкурсот за избор на дизајнерско решение било побарано на уметнички начин да креираат дизајни кои ќе се однесуваат на македонската култура и историја, за да се избегнат несогласувањата што може да настанат при изборот на историски личности чии портрети би биле оптечатени на парите..
"Во изборот на археолошки артефакти и објекти, Македонија создаде високо индивидуални банкноти, исклучителни по тоа што на нив нема исторски портрети, со употребата на архитектонски детали наместо претстави на цели градби, со убавината на претставите и на нивните живи бои.
Конечниот резултат е една од најубавите и најнеобичните серии банкноти кои содржат теми од минатото, претставени на изразено индивидуален начин. Наместо претстави на портрети или значајни архитектонски објекти, на банкнотите се претставени археолошки предмети, средновековни икони и архитектонски детали, сите насликани во блескави бои. Исклучок е задната страна на банкнотата од 500 денари со многу изразена претстава на црвен афионов цвет. Неговата интензивна боја отсликува и една неформална национална карактеристика, љубовта кон оваа боја", заклучуваат Хјуит и Анвин.
Еден од заклучоците на нивното истражување е дека една од темите кои се најчесто третирани се духовните претстави, кои се протегаат до назад во историјата, се’ до античките верувања.
"Банкнотата од 10 денари ја содржи претставата на прекрасното мермерно торзо на египетската божица Изида, како мајка на природата, со моќ да ги смири сите бури и да ги излечи сите страдања. Таа е, најверојатно, адекватно божество за банкнотите на земјата што се наоѓа во политички нестабилен регион", оценуваат Хјулите и Анвин.
ДОРИАН Автор на дизајнот на македонските денари е Билјана Унковска, македонска дизајнерка која живее и работи во Словенија. Во нејзината исповед за тоа како го создавала дизајнот на парите, во монографијата по повод дестгодишнината од монетарната независност на Македонија, се присетува дека воопшто и не помислила да се пријави на конкурсот за избор на дизајнерско решение што го прочитала во некогашна Нова Македонија во далечната 1996 година.
"Помислив - баш ќе биде среќен тој што ќе ги прави. Таква можност се појавува можеби еднаш на 100 години", напиша Унковска.
Сепак, како што вели, мислата на Конкурсот два месеца не ја оставила на мир. Се почесто одела во Народната универзитетска библиотека во Љубљана од каде што црпела информации за предизвикот, почнувајќи од македонска читанка за 1 одделение се’ до научни трудови по историја, уметност, археологија и за природните убавини."Најдов материјал за 1000 банкноти, но како да одбере што е најубаво за 12", се присетува Унковска.
Го подготвила дизајнот и го испратила до конкурсната комисија во НБРМ. Во периодот додека да се објават резултатите, животот и’ продолжил со нормалниот тек, но мислата постојано и’ била во Скопје.Едно утро, подготвувајќи го синот Дориан за на училиште го здогледала факсот во кој конкурсната комисија ја известила дека на конкурсот победил трудот под шифрата "Дориан".Тогаш се отворил нов предизвик - како да го запази дизајнот, а истовремено да се применат и техниките на заштита од фалсификување, но што е тоа спроти возбуда кога ги видела првите табаци што излегле од печатарските преси во Лондон.Десет години подоцна, запрашана во едно интервју како денес гледа на македонските пари и дали нешто би променила вели дека е задоволна од сработеното."Со самиот факт дека сум постара и поискусна нешто би додала, но мотивите и елементите што се на парите сигурно би останале исти, бидејќи тие се некоја вечна убавина, која била пред 2.000 години и ќе биде секогаш".
ПАТ НИЗ МАКЕДОНИЈА Веројатно ќе биде тешко да се најде некој што барем еднаш не воздивнал искрено дека парите се отепувачка, кој не го заклучил тоа гледајќи ги вестите на телевизија, среќавајќи приказни како приказната од драмскиот текст на Ристо Крле, или некој што не ги проколнувал, барајќи начин да ги заработи за да ги задоволи и најелементарните животни потреби. Сепак, зарем не ви се случува понекогаш и да им се восхитите на нивната убавина и на приказните што ги кријат во себе македонските денари. Зарем не сте биле некогаш љубопитни што е тоа што е исковано или насликано на нив, па дури и тоа да биде повод да тргнете на пат и да ги видите оригиналните фигури, статуи, мозаици, икони или фасади што се претставени на банкнотите.
Водени од оваа идеја тргнавме на пат низ просторот и низ времето и најдовме повод одново да ги видиме Музејот на Македонија и црквата Свети Пантелејмон во Скопје, Света Софија и Галеријата на икони во Охрид, црквата Свети Ѓорѓи во Курбиново, Градскиот музеј и античкиот град Хераклеа Линкестис во Битола и античкиот локалитет Стоби кај Градско. Пробавме и - верувајте, не зажаливме, зашто долго време во нас ќе трепери возбудата од средбите со фреската на Архангел Гаврил во Курбиново, што секојдневно ја гледаме на лицето на педесетденарката, средбата со Керберот од петиљадарката во Хераклеја, фасадата на Григориевата галерија на црквата Света Софија во Охрид или паунот од десетденарката на подот од крстилницата на Епископската базилика во Стоби.
МОНЕТИ ОД 10 И ОД 50 ДЕНАРИ
Народната банка на Македонија ги потврди сознанијата на Форум плус дека наскоро ќе бидат пуштени во оптек монети од 10 и од 50 денари. Како што се наведува во одговорот од Кабинетот на гувернерот, Петар Гошев, новите монети се очекува да бидат пуштени во оптек во првите три месеци од 2008 година.
"Главната предност на употреба на монетите е што нивниот рок на траење е значително поголем во однос на рокот на употреба на банкнотите и со добра употреба би бил практично неограничен. Како резултат на тоа и трошоците за овие апоени се помали во однос на банкнотите", велат во НБРМ.
МЕТРО В ЏЕБ
Покрај тоа што од банкнотите на македонските денари можете многу да научите за културното наследство на Македонија, сте знаеле дека во џебовите носите и практична алатка што може да ви се најде за разни нешта. На пример, дали сте знаеле дека со банкнотата од 10 денари можете лесно да измерите должина 7 или од 14 сантиметри, зависно дали ја користите помалата или поголема страна на правоаголникот.http://www.forum.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=172&ArticleID=4726&EditionID=151&Page=1