Од некои работи нема спас! Останувате беспомошни колку и да се обидувате да се справите со нив и колку и да се инвентивни решенијата што ги носите. Сигурно барем еднаш во неделата ви доаѓа преку глава од џанк мејлот што ви го троши времето и ви одзема дел од трпението кога очекувате важна и-мејл порака.. Зар не ви доаѓа преку глава од спамот во поштенското сандаче, во весниците, под брисачите на автомобилите, или СМС пораките со кои операторите ве известуваат за најновите добрини што наумиле да ви ги направат..Но, и покрај тоа, зар не ви се случува да се фатите себеси како инстинктивно меѓу пристигнатите и-мејл пораки најпрвин почнувате да го прегледувате џанкот? Па, и зошто да не? Ѕирнете и видите кој се’ редовно мисли на вас, кому се’ му го вртите грбот, а толку луѓе и институции очајно се обидуваат да го привлечат вашето внимание, сакајќи да ви кажат радосна вест. Проверете дали е залудно што во текот на еден месец некој потрошил 2.230 грама хартија, едно цеде и 86 и-мејл пораки за вас.
Така ќе видите дека ниту овој месец не ве заборавил г. Винсент Ченг, претседател на Банкарската корпорација на Хонг Конг и Шангај, кој ве информира дека истекува шест-годишниот рок за преземање на депозитот од 24.500.000 долари што му припаѓање на нивниот покоен клиент Ген Заики Таха Абдел, кој загинал во Ирак, од експлозија на бомба, заедно со жена му и ќерка му. Бидете му благодарни за ажурноста и на г. Афолаби Ојо, директор за операции во странство на Централната банка на Нигерија, кој бара да потврдите дали извесна госпоѓа што се обратила до неговите службеници, навистина е овластена од вас да изврши трансфер на 7.500.000 долари на ваша сметка. Ако не ги отворите, нема да знаете дека треба да му заблагодарите на љубезниот Мартин Нина од Црквата на Ирска, кој ве известува дека нивната добротворна организација ве избрала да ви додели донација од 850.000 долари за школување и за развој на личен бизнис.
Да ѕирнеме малку и во спамот што пристигнал во поштенското сандаче. Супермаркетите повторно ве потсетуваат дека за сметка над 501 денар ќе добиете комплет прибор за јадење за еден човек или филџан за чај. Ако купите некој од производите на сликичките и ако одговорите на наградното прашање, можеби токму вие ќе бидете скреќниот што ќе го пратат на одмор во елитните европски летувалишта. Па и да не ве извлечат не грижете се. Веќе во следниот флаер банката ќе ви даде идеја кој кредит е најдобар за вас, а и како да ги научите децата да штедат, па после - ај нека ви побараат пари ако смеат. Немајте гајле ако рекламата за новата станица за технички преглед на автомобили ве потсети дека треба да најдете пари за регистрација, или ако следниот леток ве потсети дека треба да ги смените прозорците.. Ако нема соодветен кредит за тоа, следниот спам ќе ви го открие единствениот начин како да се ослободите од негативните ефекти на стресот, стравот, депресијата и несигурноста.
Не потценувајте го и спамот од весниците. Можеби токму во спамот на месецот, книгата со телефонски броеви на 680 странци, ќе најдете милион идеи као да заработите пари, како што може да ви помогне и ЦД-РОМ-от со 8.000 англиски зборови што ви паднал на скутот сакајќи да прочитате весник.
Којзнае!? можеби навистина г. Ченг, г. Афолаби Ојо и љубензиот Мартин Нина ви мислат добро!? Можеби антивирусот е во заблуда кога ви вели: оваа порака е блокирана за твое добро!? Ваљда и земјоделците со време го засакуваат плевелот!?
No comments:
Post a Comment