Од некои работи нема спас! Останувате беспомошни колку и да се обидувате да се справите со нив и колку и да се инвентивни решенијата што ги носите. Сигурно барем еднаш во неделата ви доаѓа преку глава од џанк мејлот што ви го троши времето и ви одзема дел од трпението кога очекувате важна и-мејл порака.. Зар не ви доаѓа преку глава од спамот во поштенското сандаче, во весниците, под брисачите на автомобилите, или СМС пораките со кои операторите ве известуваат за најновите добрини што наумиле да ви ги направат..Но, и покрај тоа, зар не ви се случува да се фатите себеси како инстинктивно меѓу пристигнатите и-мејл пораки најпрвин почнувате да го прегледувате џанкот? Па, и зошто да не? Ѕирнете и видите кој се’ редовно мисли на вас, кому се’ му го вртите грбот, а толку луѓе и институции очајно се обидуваат да го привлечат вашето внимание, сакајќи да ви кажат радосна вест. Проверете дали е залудно што во текот на еден месец некој потрошил 2.230 грама хартија, едно цеде и 86 и-мејл пораки за вас.