Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Александар МЕХАНЏИЕВ
Ден на жалост во Галичник. Замина Гаца, Галина Кутреска, чуварот на селото и последниот постојан жител на Галичник. Ја погребале претходниот ден, неколку часа откако агенциите јавија дека заминала засекогаш - прв погреб на гробиштата во Галичник по речиси 50 години. Историски момент, кој бара да го забрзаме планот да направиме репортажа од Галичник. Овојпат одиме таму, во мијачкиот дел од Непозната Македонија.Немаме многу време, па оставаме за другпат да ја видиме потопената црква во Маврово. Можеби на враќање, ако остане време, ќе видиме колкав е водостојот сега, колку е потопена.
Лесно ги поминавме серпентините низ убавите шуми. Веќе сме на Бистра. Правиме куса пауза за фотографирање кај Тони Вода и продолжуваме. Имавме среќа да ги видиме коњите. Сигурно веќе завршиле работа, го пренеле сирењето или млекото, што ли - ќе дознаеме другпат. Како што се приближуваме, имавме впечаток дека се околу нас и пред нас се стишува, се стишува природата, а и коњите се потивки и помирни, како никогаш дотогаш. Раката спонтано ни оди врз тркалцето на ЦД-плеерот. Го намалуваме звукот и ги одложуваме за друг пат песните на Абас Цаноски, кому овојпат му падна редот да ни го приближи амбиентот на реканско-дримколскиот крај.Но, пред очи ни идеше сликата што очекувавме да ја видиме и зборовите на пријателите од Галичник, кои ги побаравме претходниот ден, кога агенциите ја објавија веста за заминувањето на последниот жител:
"Селото е во голема тага, луѓето се попарени".КОРЕН, ТЕМЕЛ, КОТВА..
Не можевме да и’ побегнеме на мислата дека не’ очекува таков ден, тивок и меланхоличен, сосем различен од претходниот петок, кога Галичник не’ пречека со силно сонце, појдени да набереме фотографии од убавата архитектура и складната композиција на селото. Ни на крај памет не ни беше дека би требало да се обидеме да поразговараме со Гаца, за која галичани ќе ви речат дека вешто одбирала кон кого ќе биде отворена за разговор - само со луѓе за кои ќе проценела дека доаѓаат со чиста мисла и чесна намера, во што многу и’ помагале изострените сетила, изострени од самотијата.
Продолжуваме накај хотелот Неда, каде што не’ очекуваше Елена Камиловска, менаџер на хотелот, галичанка по татко, мажена за галичанец, која ни ја потврди веста за Гаца.
"Многу се потресов. Со неа имав посебна комуникација. Таа беше таков тип, што не комуницираше со секого. Едноставно, секогаш знаеше да оцени со кого сака да раговара. Кога држевме кафеана во Галичник, често знаев да и’ наполнам кесичка со храна, овошје. Таа, секогаш скромно ќе велеше: нејќу мајке, не треба. Беше тивка, беше многу мудра. Не зборуваше многу, но тоа што ќе го кажеше, беше - кажано. Не комуницираше, не се дружеше со секого, едноставно, самата одбираше со кого сака да си направи муабет", ни рече Елена обидувајќи да ни ги пренесе впечатоците од претходниот ден.Ја замоливме да ни го опише моментот кога ја чула веста што ги потресе галичани.
"Бев дома и перев. Одеднаш чув како ѕвони камбаната. Дојде сопругот и ми рече: Гаца починала! Не можам да ви опишам колку ми беше тешко, колку ми беше мачно. Пред црквата имаше многу народ. Сите што се најдоа во селото беа пред црквата. Веста навистина ме потресе, зашто - таа беше Галичник. Таа беше чуварот на клучевите на Галичник. Таа беше коренот на Галичник, темелот на Галичник, котвата на Галичник. И - тоа ќе биде и во иднина. Таа е таа што останува тука. И во иднина ќе биде чуварот на клучевите на Галичник. Секогаш и’ се воодушевував. Жена која што зборуваше многу малку, но која со своите постапки и својот живот кажуваше многу за тоа каков треба да биде навистина човекот. Кога ќе отидеш во град, кога ќе отидеш да живееш во град - сето тоа се изместува. Затоа таа и не сакаше да оди да живее во град. Одлука за почит! Доволно е да седиш овде само една недела и - да видиш, да почувствуваш што е тоа што го создала мајката природа", ни раскажа Камиловска.
Пред да слеземе накај Упија, да поразговараме и со другите галичани што се затекнале во селото, ја замоливме да ни каже нешто повеќе Гаца - како личност, како човек што оставил белег на Галичник."Имавме специфична комуникација. Се разбиравме и без зборови. Тоа не може да се опише со зборови. Таа го гледаше човекот како личност. Таа можеше лесно да оцени кој е кој, со кого има работа. Воопшто не беше излезена од Галичник. Целиот живот го помина во Галичник, со овците. Кога си сам, самата дивина, самата природа ги прави многу сетилата на човекот поинтензивни. Беше многу чиста и - затоа бираше со кого ќе разговара, со кого - не. Беше многу работлива. Била прогласена за најдобар работник во задругата - ударник. Во Музејот има фотографии, сликана со Едвард Кардељ, како ја прогласува за ударник. Немаше фамилија. Овците и беа како деца. Си ги негуваше, си ги хранеше, а ништо не користеше од нив. Беше како волчица-самотница. Немаше страв од ништо, ни од човек, ни од ѕвер. Знаеше да рече: поголем ѕвер од човек - нема. Ова не се ѕверови, ова се жителите - и мечката и волкот и зајакот, тие си се дома", ни рече Елена, жалејќи што не можела да појде на погребот, откако и’ јавиле да организира ручек за луѓето после закопот.
"Галичник ќе се смени. Галичник беше жив со неа, додека беше жива Гаца. На влезот во Галичник од пред десетина -петнаесет години живеат и други луѓе, маж и жена, зиме-лете, вратени од Скопје, но Гаца беше - Гаца. Чуварот на клучевите на Галичник, на сите тајни, на сите убавини, на сите свадби, на се’ што се случувало со години наназад. Беше чуварот на тадицијата, на се’", ни рече на испраќање.Ниските облаци и ветерот што ги вееше пердињата во тремот на хотелотскиот ресторан најавуваа невреме. Колку-толку не’ охрабри ритамот на птиците што џивкаа на терасата, опоменувајќи не’ дека треба да побрзаме.
ШТО НЕ ДОЈДОВТЕ ПРЕД ЕДНА НЕДЕЛА?
Појдовме кон Упија со исто толкава желба да дознаеме и да ви пренесеме колку што можеме повеќе за последниот жител на Галичник, но, по којзнае кој пат заборавивме дека есапот што сме го направиле дома не излегува ист со есапот на пазар. Ни на крај памет не ни беше дека ќе наидеме на класичната ситуација, кога е човек на мака, најлесно да му биде да им најде маана на новинарите.
"Ова што го правите, за мене е многу подло. Каде бевте да дојдете пред една недела? Туку, сега си најдовте приказна што ќе ви го зголеми тиражот, што ќе ви продаде повеќе весници..", ни рече еден од галичаните што ги сретнавме пред куќите на главната уличка, револтиран што во еден ден Галичник го посетиле две новинарски екипи, кои во заминувањето на Гаца виделе момент што не смее да се пропушти или повод да го посетат селото.Беше залудно да инсистираме да го прифати нашиот повик за кладба, да го увериме дека токму пред една недела сме биле во Галичник, како што беше залудно и да го кандисаме да погледне на нашиот разговор низ очите на неговите внуци, кои можеби ќе го прочитаат некаде по архивите, кога ќе поминат 50 години или повеќе. Сепак, најдовме и луѓе што не’ пречекаа помеко.
"Среќа што се случи кога имаше луѓе во Галичник. На сите ни е жал. Галичник нема да биде истиот без Гаца. Кога и да дојдеме, знаевме дека има некој да не’ пречека, да не’ понуди со чај, да ни каже: добар ден!", ни рече една галичанка."Ни падна чудно - претходниот ден не ја видовме попладнето, светлото пред врата светеше нон-стоп, помисливме дека нешто не е во ред. Повикавме луѓе, видоа дека нешто не е в ред - повикавме полиција. Полицајците влегоа - ја најдоа умрена. Викнавме поп од Дебар, преку месната заедница организиравме погреб и - така, ни замина Гаца", ни се придружија и други во разговорот.
Моравме да побрзаме. Ги замоливме да ни ја покажат куќата на Гаца и да ни покажат каде ја погребале. Телото било пронајдено еден-два дена по умирањето, па морале да ја закопаат веднаш по полициските процедури. Не можејќи да стигнеме на време за погребот, посакавме барем да и’ го видиме домот и вечното почивалиште.Но, не било к'смет. Гробиштата се од онаа страна, на ридот наспроти Галичник, близу до Аџиевска ливада, раминката што се гледа наспроти хотел Неда.
Кој пат и да го фатевме - невремето ќе беше побрзо. За пеш - имавме многу одење, по тесна патека, низ ридовите околу Галичник, а со автомобил, како што ни рекоа - тешко дека ќе стигнеме до таму. Минатиот ден се истурило од врнење, па - или ќе заглавевме во кал со автомобилот, или, многу веројатно, некаде ќе залутавме. Решивме да постапиме разумно, и покрај силната желба да си ја завршиме работата докрај.

Тргнуваме накај Тони Вода, уште малку да поуживаме во глетката. Дури и по силно невреме, ридовите - по кои, велат, некогаш паселе 4.000.000 овци - изгледаат прекрасно.
































