Tuesday, April 15, 2008

Гевгелија без Грци

До самитот на НАТО во Букурешт беше речиси невозможно да најдете место за паркирање на уличките околу гевгелискиот пазар од паркирани грчки автомобили. Денес место ќе најдете многу лесно, дури и во четвртоците, кога е пазарен ден. Грците ги нема.

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Андон ДАВЧЕВ


За луѓето што првпат ја посетуваат Гевгелија, до неодамна, еден од најинтересните моменти во запознавањето со градот беше впечатокот колку неговите жители секојдневно комуницираат со Грците од соседните населени места и колку неговата економија е поврзана со Грција. Одговорот ќе го најдете кај секого што ќе посакате да го прашавте за тоа - секој ќе ви каже дека кај луѓето што живеат покрај граница владее друга психологија и оти за нив границата е можност повеќе, а не хендикеп. Но, ако првпат сте биле во Гевгелија пред неколку месеци и ако ви се случило за вторпат повторно да ја посетите деновиве, веднаш ќе забележите една разлика - Грците ги нема.


ПАЗАРОТ СЕ ИЗПРАЗНИ


Сакајќи да видиме дали грчкото вето на самитот на НАТО во Букурешт променило нешто на теренот, во секојдневниот живот на луѓето што живеат покрај македонско-грчката граница, решивме да појдеме во Гевгелија, на пазарен ден, во четврток, денот во кој до неодамна не можеше да се најде место за паркирање околу пазарот од паркирани грчки автомобили. Барајќи го одговорот дали нешто се променило по грчкото вето во Букурешт најпрвин отидовме на пазарот.


"Ги нема. Од пред еден месец се’ помалку доаѓаат Грци, а од Самитот во Букурешт речиси воопшто не доаѓаат. А и прометот се преполови", ни рече нашиот прв соговорник, Топлица Пешиќ од Кавадарци, кој секој четврток продава грниња, тави и глинени садови на пазарот во Гевгелија.


Следниот пазарџија со кој поразговаравме беше Ване Костов, од Струмица, кој во четвртоците доаѓа во Гевгелија да продава текстил.


"Вака е месец и пол. Дали поминаа два-тројца денеска? А и тие што доаѓаат се од блиските села. Се зборува дека локалните медиуми во Грција ги заплашувале луѓето да не доаѓаат, дека може да бидат нападнати. Се зборува и дека на нивната граница не ги пуштале да доаѓаат во Македонија. Не знам дали ќе се вратат брзо. Со нив ништо не се знае, а и со нас, да бидеме искрени. Кај мене оди така-така, средно, ама поголем проблем си имаат луѓето што продаваат зеленчук и супермаркетите, зашто Грците најмногу доаѓаа по храна и зеленчук ", ни рече Костов.


Движејќи се меѓу тезгите со храна и зеленчук застанавме на тезгето со ориз, грав, леќа, ореви и штавел на Зорица Грамбозова од село Вељуса, Струмичко, која ни кажа дека пазарот е слаб но не само поради тоа што ги нема Грците.


"Денеска слаб е пазарот - уште не е префрлена пензијата. До следниот четврок луѓето ќе земат пензија - ќе биде подобро, нема пари народот. Ќе земат пола кило грав, пола кило ориз и - толку. Се’ е на пола кило. Грците идат, сега помалку, ама и тие се ценкаат. Оревите се 360 денари - тие сакаат да ги земат за пет евра. Не доаѓаат како порано. Некни, пак, имаше, денеска - не. Дали се плашат, дали не не’ сакаат - нешто има!? Тешко е, сине", ни рече Грамбозова.


ЗНААТ МАКЕДОНСКИ, АМА СЕ КРИЈАТ


Иле Досков, од Гевгелија продава зеленчук. И тој вели дека се помалку Грци доаѓаат на пазарот, главно откако повторно почнале тензиите околу името, но чудно било што во Гевгелија ги нема, а колку-толку ги има на пазарот во Богданци.


"Таму е пазарен ден во недела, па одат повеќе зашто во недела се послободни. Тие што се слободни идат и овде, ама малку се", ни рече Досков.


Го замоливме да направи споредба на цените, какви муштерии се Грците, на кој јазик се разбираат и што е тоа што ги мотивирало да ја преминуваат границата за да пазаруваат во Гевгелија.


"Едно време ние одевме да купуваме кај нив сега тие доаѓаат овде, ама - се’ помалку ги има. Обично купуваат храна, зеленчук - се’ што им треба за една недела. Некому му е скапо, некому евтино. Им спуштаме, ама најчесто бараат уште поевтино. На пример, кај нив плаќаат едно евро за три лукчиња - јас им давам шест врзопчиња (18 лукчиња) за евро. Малку им било - бараат уште едно. Компирот е 25 денари за кило - ним им го давам пет кила за две евра, ама сакаат да го земат за помалку. Не им попуштам многу - ако сакаат нека земат, ако не, нека одат кај друг. Сите знаат македонски, ама се кријат. Се разбираме некогаш на грчки, некогаш на македонски. Понекогаш им кажувам цените на македонски - се’ разбираат. Не знам зошто не доаѓаат во последно време. Тука е мирен народот. Никој ништо нема да им направи - ни ним, ни на колите", ни рече.


ПРАЗНИ СЕ И СУПЕРМАРКЕТИТЕ


Разговорот го продолживме со Александар Србов, шеф на супермаркет во Гевгелија. Вели дека и кај нив прометот не е како што бил до пред самитот во Букурешт.


"Многу помалку доаѓаат. Порано доаѓаа речиси секој ден - 30-40 проценти од муштериите беа Грци. Се жалат и колегите од другите супермаркети. Велат и по казината ги имало помалку. Општо, за нашиов крај, Грците се многу важни за економијата", ни рече Србов.


Го замоливме да ни објасни што е тоа што ги привлекувало да пазаруваат во гевгелиските супермаркетите.


"Разликата во цените, овде и кај нив, е многу значајна за нивниот семеен буџет. Овде за 50 евра ќе наполнат три колички, таму - нема да наполнат ни една. Исплатливо им е - доаѓаа да пазарат се’ што им е секојдневно потребно во домаќинството. Се зборува дека се плашат да доаѓаат, но не гледам причина, никој ништо нема да им направи. Се надевам дека брзо ќе се смени ваквата состојба", ни рече шефот на супермаркетот.


СПОРОТ НЕ Е ОД ВЧЕРА


Оптимистички прогнози и оптимистички тонови чувме и од градоначалникот на Гевгелија, Драги Делев, кој и официјално ни потврди дека е намален бројот на Грците што секојдневно доаѓаат во градот.

"Ги нема. Не доаѓаат. Периодот е прекраток и не можеме да ви понудиме никаква статистика, но се забележува дека многу е намалено. До пред месец-два влегуваа по 5-6.000 Грци неделно. Претежно доаѓаа во казината и на пазар. Секој втор автомобил низ градот беше грчки - но, сега ги нема. Многу посетени беа и стоматолошките ординации и супермаркетите, но и тие се жалат дека се’ помала е посетеноста. Сепак, добро е тоа што нема инциденти. Досега никој никому не му го изгребал или не му го оштетил автомобилот. Луѓето што имаат овде фабрики или погони редовно си доаѓаат и досега ништо не се пожалиле. Имаме 40 грчки фирми во Гевгелија, најголемиот дел од нив се мешовити, но има и фирми со 100 проценти грчки капитал. На гевгеличани не им е во интерес да прават било какви проблеми, затоа што така ќе ја нарушат својата егзистенција - од тоа живеат. Проблемот со името не е вчерашен и не очекувам нешто многу да се смени со самитот во Букурешт. Резултатот од Букурешт можеше да се претпостават и да се предвиди. На крајот повторно ќе треба да седнеме на маса и да се постигнеме некаков договор. Лично, не верувам дека скоро ќе се реши спорот, но тоа не значи дека до тогаш не треба да живееме заедно и да не соработуваме", вели градоначалникот Делев.

ИНАЕТОТ Е НА НАША ШТЕТА

Независно дали разговарате со пазарџиите, со случајните минувачи или со претставниците на локалната власт разговорот завршува со истиот заклучок - сите сметаат дека бојкотирањето на грчките производи и осудувањето на луѓето што планираат да одат во Грција на одмор може само да им наштети на гевгеличани и на Македонија, воопшто.


"Треба да се прави разлика. Поинаку размислуваат граѓаните што живеат далеку од границата, а поинаку мислат луѓето што живеат блиску до границата. Кога живееш на 100 метри од границата, не е пријатно чувството да живееш до затворена граница. Бевме изненадени од тоа што го гледаме на вестите од Скопје - летоци за бојкотирање, анкети во кои граѓаните се прашуваат дали ќе одат на одмор во Грција.. Никој нема корист од тоа", ни рече Кире Јанишлиев, советник за односи со јавноста на гевгелискиот градоначалник.

Friday, April 11, 2008

Независник


Заминувам. Заминувам. Те оставам, но не како порано. Овојпат засекогаш. Сега плачи - никогаш повеќе нема да ти дојдам. Ни кога врне дожд, ни кога тагата ќе ме совлада, ни кога лошо ми оди - никогаш, никогаш повеќе. Прости ми што можеби среќен ќе бидам, што ќе заборавам на сево ова што во овој момент толку многу ми значи. Дојдов да ти кажам дека заминувам.

Не, не, не сум паднал во севдах. Не ми е намерата со овие стихови на Бјело Дугме да и’ соопштам на некоја жена дека ми дошло преку глава од неа, па сум решил да се занимавам со друга. Овие стихови ми се видоа згодни за друга работа, иако најчесто ми се поткреваат цревата кога ќе помислам на лидерите на некогашниот чобан-рок,.

Решив да ги оставам цигарите. И - ги оставив. Преку глава ми дојдоа. Ќе ги поскапувале.., на кутиите ќе ставале сликички со бели дробови заболени од рак.., тотално ќе забранеле да се пуши на јавно место.., ќе го укинеле просторот за пушење во кафулињата и во баровите.., на работа многу ни биле и пет-шест квадратни метри простор за пушење на 14 луѓе.., ако пушам цигари купени од шиткачи ќе сум финансирал тероризам, ќе сум хранел подземје...

Tuesday, April 08, 2008

Домино

Чајџилницата Ат-Ал во скопската Стара чаршија е едно од ретките места каде што се’ уште се игра домино, една од друштвените игри што веќе сме ги заборавиле.

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Милан СТРЕЗОВСКИ

Често го случаме изразот домино ефект кога некој сака да укаже дека еден избрзан и погрешен чекор може да предизвика серија негативни последици од кои може да настрада поширок простор отколку што се прептоставува. Исто така, често пати првата претстава кога ќе го чуеме зборот домино ни е низа од плочки наредени една зад друга, подготвени за некој да ги поттурне и да ни приреди необично шоу со вешто наредени форми. Но, најретко ни иде пред очи самата игра домино - купче плочки наредено на маса, змијулеста низа од плочки наредени една до друга и неколку играчи што размислувајќи ги кријат еден од друг плочките што им се паднале при извлекувањето. Можеби и нам никогаш немаше да ни текне на таа можност, ако случајно патот не не’ одведеше во чајџилницата Ат-Ал во близина на скопската Стара чаршија.

ЧАД И ВРЕВА

Првиот впечаток кога ќе влезете во чаџилницата ви го формираат гласните разговори со пријателски тон и прекумерната доза чад од цигари. Додека се соземате и додека размислувате каде да се сместите, станувате свесни дека еден необичен звук постојано се слуша од речиси сите краеви на локалот. Нешто подоцна ќе сфатите дека од сите страни се слуша тропањето на домино плочките, одвреме-навреме измешан со ѕвонливиот звук на лажичињата што го мешаат шеќерот во новата тура турски чај, штотуку послужен на некоја маса. Решивме да им се придружиме на тројцата мажи кои штотуку ги измешаа плочките на масата во аголот лево од влезната врата.

"Играме одамна. Ова е губење време, но и забава. Играме секојдневно, особено откако останавме без работа. Почнавме да играме одамна, пред повеќе од 30 години - порано ретко, но сега играме секој ден", ни рече Даут Мустафа, човекот што ни го посочија како еден од мајсторите, кој прифати прв да ни одговори на нашата љубопитност.

Чекајќи да му дојде редот за следниот круг, ни кажа дека негови соиграчи се Исамедин Кајоли и Гани Исљами, но не играат секој за себе, туку тој и Исамедин, ортачки, против Гани, кој важи за добар играч и решил да игра сам.

За да не им пречиме во играњето, решивме десетина минути само да ја набљудуваме играта и така да се обидеме да се потсетиме на правилата што некогаш сме ги знаеле.

МАРИФЕТ И ИШАРЕТИ

Снимајќи што се случува, брзо забележавме дека Исамедин некогаш ги отвора новите плочки силно тропајќи со нив по масата, а некогаш ги остава многу тивко, речиси незабележително за другите. Некогаш нешто им дофрла на другите играчи, а некогаш потпевнува по некоја песна на албански. Не беше тешко да сфативме дека и тоа е дел непишаните правила на играта - дека со песните и со дофрлањата го провоцира Гани, а со тропањето му дава знак на Даут, неговиот ортак, какви плочки му одговараат, а какви - не.

"Многу е важно да ги следиш плочките што ги ставаат другите. Така можеш да дознаеш кој што има и кому што му фали" ни рече Гани во една од паузите, откривајќи дел од неговата тактика.

Ни рече дека е важно да ги следиш плочките што ставиле противниците, па решивме да му направиме една блиц-проверка на крајот на партијата. И, навистина - веднаш знаеше дека плочката што му ја посочивме, пет и шест, ја ставил Исамедин, како што знаеше и дека плочката четири-три ја ставил Даут.

Целта на секој играч, како што ни објасни еден од луѓето што ја набљудуваа играта, е да ја заврши турата со што помалку плочки и со што помал број поени. Затоа секој се стреми што поскоро да ја затвори играта во моментот кога ќе види дека во рацети има плочки со мали бројки, како што пред еден миг направи Исамедин.

БОСАНЦИТЕ ИГРААТ ПОИНАКУ

Бевме љубопитни од каде дошло доминото, како се игра, од што се направени плочките..

На Википедија дознавме дека играта потекнува од Кина, но во чајџилницата не најдовме некој попрецизен одговор за потеклото на доминото. Според некои од луѓето што ги прашавме, доминото е индиско, според друг - арапско, а трет дофрли дека го измислле Евреите

"Не сум сигурен, ама старите кажуваа дека играта ја измислиле Евреите додека лежеле затвор. Некои кажуваа дека било измислено за војниците, за да го развиваат чувството за воена стратегија", ни рече еден од нив.

Од Исамедин, кој ни остави впечаток дека е најголем лутко во играта, разбравме дека во Македонија се игра домино со 28 плочки, означени со празни полиња и со бројки од 1 до 6. Додека ги запишуваше резултатите од последната тура, ни кажа дека некогаш играле со старите, црни дрвени плочки, но денес речиси сите играат со бели плочки, од мермер, од тврда пластика или од слонова коска.

"Кај нас се игра со овие, но Босанците играат поинаку. Тие играат со 45 плочки, на почетокот секој зема по 7 камења, а плочките се означени со бројки од 1 до 9", ни објасни Исамедин.

Кога го прашавме за лутењето, ни кажа дека лутината трае само додека трае играта, по што секој си оди дома опуштен и исполнет.

"Секој си ја гледа играта и разговорите главно се вртат околу играта. Нема политика и кога ќе излезеш од овде барем знаеш дека главата не ти е тапан од политика", ни рече.

АЏИ ШАЌИР

"Оваа партијата најдобро му оди на Гани, ама Даут важи за еден од најголемите мајстори во Ат-Ал", ни рече Шерафеттин Бислим кој дојде да ги гледа Исамедин, Даут и Гани откако одигра три партии на една од соседните маси. Чека да му дојде редот, или - чека бољи пар, како што се вели со јазикот на играчите.

Гани се покажа како добар мајстор, но неговите соиграчи велат дека Шеки е поголем мајстор и очекуваат дека со него играта ќе им оди потешко. Шеки, како што го викаат на прекар Шерафеттин, почнал да игра домино уште од дете. Оттогаш игра секојдневно. Најпрвин главно место за играње домино била чајџилницата Слога, на местото на денешната чистинка пред влезот на Чифте амам.

"Слога ја урнаа и ни се расипа друштвото. Оттогаш доаѓаме овде, во Ат-Ал", вели Шерафеттин.

Сепак, сите се согласуваат дека за најголем мајстор во Ат-Ал важи стогодишникот аџи Шаќир, татко на сопствениците на чајџилницата. Некогаш чувал овци, дошол во град, се оженил четири пати, а откако бил на аџилак во Мека, секој го именува како аџи Шаќир.

НЕ Е ЗА АМАНЕТ

Пред да заминеме и да ги оставиме да играат на раат, ги прашавме дали би сакале и нивните деца да играат домино и ја продолжат традицијата што и самите ја наследиле од нивните предци. Бевме изненадени што речиси никој не им го посакуваше тоа на неговите деца и никој не би им оставил на децата аманет да ја продолжат традицијата.

"Не би ги учел децата да доаѓаат овде. За нив е најважно да учат и да работат. Ако и тие, не дај Боже, останат како нас без работа - нека играат. Но, најважно е да учат и да работат - не им треба домино" ни рече Даут.

На зборот се придружи и Шеки, кој се согласи дека не би сакал неговите деца да доаѓаат на домино во чајџилница, но, оти играњето има незаборавни убави моменти, какви што се маратонските партии за време на рамазанските пости.

Зад нас ги оставивме звукот на плочките, чадот и вревата од пријателски разговори на прочуениот чајџилница ленгвиџ, на кој речениците почнуваат на еден јазик, продолжуваат, а завршуваат на трет - македонски, албански или турски - во сите можни комбинации. Ветивме дека наскоро ќе се вратиме, да свртиме и ние некоја партија со нив.

Tuesday, April 01, 2008

Шпанецот

Не е некој супермодерен или супербрз воз, какви што гледаме на телевизиските прилози од Франција или од Јапонија, но, сепак, на патниците им е посебно драг. Ретко кој го нарекува со фицијалното име - двомоторна дизел гарнитура, 712 - МАКОСА. За патниците тоа е, едноставно - "Шпанецот".

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Милан СТРЕЗОВСКИ

Можете ли да се сетите кога последен пат сте патувале со воз низ Македонија. Тешко? Не сте единствените. Но, во исто време не сте ни единствените што пропуштаат едно посебно доживување - релаксирано патување, без згрченоста во која ве ставаат големите брзини на патиштата, итајќи за да можете да стигнете десетина минути порано дома или до местото каде што сте тргнале на викенд. Пропуштате да се освежите и од вечно истите пејзажи, што ги гледате пробивајќи се кон вечно истите планински превои, кон истите наплатни станици за патарина или кон вечно истите места за починка. Сакате промена? Земете билет и качете се во Шпанецот, омилениот воз на патниците што одат за Кичево или накај Кочани.

НЕМА ВЕЌЕ КАРТОНЧИЊА

Сакајќи повторно да ја почувствуваме некогашната возбуда од патувањето со воз, решивме да се качиме во возот за Кичево што поаѓа од Скопје во 15:30 попладне. Не ни требаше многу за веднаш да почнат да навираат убавите спомени од некогашните патувања од новата Железничка станица. Чекајќи во редот за билет, се присетивме како некогаш со восхит сме ја гледале големата машина за печатење билети, со сите попатни станици испишани вертикално и хоризонтално, од која за миг излегуваше малото картонче кое некогаш кондуктерите го поништуваа со дупчалка. Денес тоа е поинаку. Билетите излегуваат од игличен печатач, а кондуктерите со себе носат автоматски печат.

Ги зедовме билетите и појдовме на перонот број 5, каде што не’ чекаше Златко Пецаков, ревизор на Македонски железници АД Транспорт, нашиот придружник за време на патувањето.

Таму го дочекавме Шпанецот.

Задачата на Пецаков, како што ни објасни, е да го контролира работењето на кондуктерите и нивниот однос спрема патниците.

"Влегуваме во возот ненајавено и следиме што се случува за време на патувањето, дали секој патник има билет, каков е односот на кондуктерите спрема патниците и дали патниците се однесуваат во возот според куќниот ред. Кога ни дозволува времето знаеме и да седнеме, да поразговараме со патниците со кои се гледаме често. Внимаваме да упаднеме во возот кога кондуктерите најмалку не’ очекуваат, а секогаш кога сме во возот сме тука и да им помогнеме на машиновозачите, ако нешто им затреба", ни раскажа Пецаков.

БЕА ДВАЕСЕТ, ОСТАНАА ДВА

Додека машиновозачот ги подготвуваше моторите за поаѓање, а кондуктерите ги проверуваа билетите, седнавме на едно од седиштата и имавме можност да поразговараме со кичевци што се неколку децении вработени од Македонски железници од Кичево, кои по работните обврски во Скопје патуваа кон дома, нормално, со воз. Подоцна од ревизорот дознавме дека разговараме со еден од најголемите стручњаци за железнички сообраќај во Македонија.

Од нив дознавме нешто повеќе за историјата на железниците во Македонија. Научивме дека во 1966 матурирала првата генерација отправници на возови во Македонија, попознати како црвенкапи, односно, правата генерација службеници што го контролираат влегувањето и излегувањето на возовите во и од железничките станици.

Разговарајќи, бевме изненадени колку бргу стигнавме од централната железничка станица во Скопје до станиците во Железарница, Скопје Север или во Ѓорче Петров. Кој би рекол дека во времето на најголемиот сообраќаен метеж во градот, од 15:30 до 16 часот, можете за 4 минути да стигнете од Нова железничка до Железарница, за 8 минути до Скопје Север, за 16 во Ѓорче Петров или за 21 минута во Сарај.

Нашите соговрници ги замоливме и да ни кажат, за споредба, колку време се патува од Скопје до Кичево со воз, а колку со автобус, но додека помладите се обидуваа да пресметаат, повозрасните колеги ги посоветуваа дека нивниот одговор секогаш треба да биде - не знам, зашто не е од нивни интерес да прават таква споредби.

Муабетот го свртевме на историјата на Шпанците, сакајќи да разбереме нешто повеќе, штом имаме прилика да разговараме со толку искусни соговорници.

Така дознавме дека се возиме во двомоторна дизел гарнитура од серијата 712, произведена во фабриката МАКОСА во Барселона, Шпанија. Во периодот од 1975 до 1983 година, тогашни Југословенски железници набавиле 20 гарнитури, составени од управувачница, приколка и управувачница, од кои сите 20 биле наменети за патнички сообраќај во Македонија. Од некогашните 20, денес во употреба се само две гарнитури, кои сообраќаат на линиите Скопје-Кичево и Скопје-Кочани, а две се дадени во Фабриката за шински возила во Велес, каде што чекаат за преуредување на ентериерот.

ЛЕСНО КАКО ВЕЛОСИПЕД

Патувањето го продолживме во кабината на машиновозачот, каде што имавме прилика да поразговараме за техничките перформанси на Шпанецот.

На смена беше Борче Насковски, кој работи како машиновозач од 1983 година.

"Да управуваш со воз е исто толку едноставно како да управуваш велосипед, но потребна е голема концентрација и искуство", ни рече Насковски.

Машиновоозач е од 1983 година, долго време вози и автомобил, но многу поголема километража поминал со воз. Не му прави некаква разлика дали вози воз или автомобил, но како машиновозач има една предност - може вози и со скрстени раце. Го замоливме да ни ги објасни командите во кабината.

"Максималната брзина на Шпанците е 100 километри на час, но условите на пругата во моментов дозволуваат максимална брзина од 70 километри. Десната рака управува со сопирачките, а левата речиси постојано е на манипулаторот, со кој се регулира брзината. За разлика од автомобилите, свирката овде е на ножна педала, на левата нога на свирка, а десната нога е на еден уред што го нема кај автомобилите - уредот за животна контрола. Како што гледате, со десната нога на десетина секунди давам сигнал. Ако педалата е пасивна десетина секунди, се вклучува сигнал дека нешто не е во ред. Ако повторно не реагирам, возот самиот ќе застане. Тоа значи дека за да се движи возот морам постојано да давам сигнал со педалата", ни одржа краток курс за возење Шпанец.

Пред да го оставиме да работи на мир, го замоливме да ни каже за техничките проблеми при искачувањето на стрмнините, за кои некогаш многу често се жалеа патниците.

"Денес веќе го немаме тој проблем. Порано моторите беа поставени многу блиску еден до друг, па потешко се ладеа кога ќе се загрееа на стрмнините. Гарнитурите што ги користиме денес, во 1999 и во 2001 година беа реконструирани, при што им беа раздвоени моторите, така што веќе немаме таков проблем", ни рече.

ВТОР ЛА МАНШ

Нашето патување заврши на железничката станица во Гостивар, каде што стигнавме во 17 часот, по речиси час и половина патување. Додека не’ испраќаше, нашиот придружни, ревизорот Пецаков, ни укажа дека пропуштаме да видиме одлични пејзажи, но најмногу од се ќе се каеме што нема да го видиме тунелот меѓу селата Лакавица и Зајас, низ кој се патува седум до осум минути и кој бил вториот тунел по должина во поранешна Југославија.

Меѓу железничарите што ги сретнавме на станицата во Гостивар беше и отправникот Исмет Балта, кој не’ пречека интересна провокација, велејќи дека пругата покрај која стоиме може да биде значајна како каналот Ла Манш и подводниот тунел што ги поврзува Велика Британија и Франција.

Го замоливме да ни објасни.

"Ако може Франција да поврзе под вода со тунел 110 километри кај Ла Манш, Коридорот 8 ќе биде вториот Ла Манш, зашто ќе ги поврзе Истокот и Западот - од Сирија, Ирак и Иран, преку Турција - до Италија и другите делови на Европа. Луѓето од Македонија ќе добијат воз до Охрид или до Драч и ќе можат за малку време да стигнат удобно до езеро, до море и едноставно да се вратат по викендот дома", ни рече Балта.

Шпанецот го продолжи својот пат кон Кичево. Сакајќи поскоро да се вратиме во Скопје, со тешко срце, се качивме во автобус.



Tuesday, March 25, 2008

Го преживеав Холокаустот

Скопјанецот Израел Бехар е еден од неколкуте македонски Евреи што го преживеаа систематското уништување на Евреите во концентрационите логори

Сите знаеме дека еднаш во годината, на пролет, има ден кога се означува годишнината од депортирањето на македонските Евреи во концентрациониот логор Треблинка во Полска. Но, речиси никој не знае што се случило со Евреите по студеното утро на 11 март 1943 година, кога почнало нивното депортирање во скопскиот Монопол и што се случило со нив во Треблинка. На една рака можат да се избројат луѓето што успеале да се спасат по влегувањето зад прагот на Монополот. Еден од нив е Израел Бехар (84), роден во Скопје, кој решил да се врати во родниот град по сите патешествија и несреќи што ги доживеал откако бил депортиран во скопскиот Монопол.

НИ СТАВИЈА ЗНАЧКИ...

"Роден сум во 1924 година во Скопје. На училиште одев во Еврејското маало, учев во Втората машка гимназија, а потоа се запишав на Трговска академија, на местото на денешна Градска болница. Таму учев две години, од 1941 до 1942 година. Но, дојде тешко време. Мајка ми беше вдовица и не беше во состојба да се грижи за нас, па готвеше кафе и переше алишта по туѓи куќи за да може да не’ прати на училиште. Тогаш дојдоа Бугарите, почнаа антисемитските мерки и закони, ни ставија значки и воведоа полициски час за Евреите. Живеевме во куќа кај Буњаковец, но не помина многу време - дојдоа Германците и Бугарите и не’ истераа од куќата. Отидовме да живееме во подрумот на мојата снаа. Но, не само што ни зедоа се’, туку требаше да платиме и данок на се’ што ни одзедоа. Освен тоа, моравме еднаш месечно да одиме во полиција и да плаќаме голем данок за да ни одобрат престој, зашто не ни даваа бугарско државјанство и не нарекуваа поранешни југословенски државјани.. Тогаш дојде 11 март", се присетува нашиот соговорник.

БЛОКАДА

Утрото на 11 март 1943 година ќе остане засекогаш во сеќавањата на г. Бехар. Тоа бил денот кога тој и неговото семејство биле принудени да го напуштат домот, не знаејќи каде одат и што ќе им се случи понатаму.


"Тоа беше тежок ден. Бугарите лажеа дека ништо нема да ни се случи - лажеа се’. Полициските инспектори играа карти со Евреите, а од друга страна собираа списоци на сите Евреи што живееја во Македонија. Сето тоа беше лага", вели г. Бехар.

Дека нешто чудно се случува можеле да насетат уште рано наутро, околу 4-5 часот, кога низ прозорците виделе дека војската и полицијата ги блокирале улиците. Тогаш и на нивната врата затропале агенти, со долги стапови во рацете.


"Ни рекоа да земеме се’ што имаме, да ставиме се’ во шпедитерска кола. Одеа по сите еврејски куќи и почнаа да ги истеруваат луѓето. Беше многу студено, а еден бугарски агент ми рече да ги извадам чевлите велејќи: имаш многу убави чевли. Ми ги собу чевлите и капутот и така, бос и гол, тргнав со мајка ми, брат ми, снаа ми и со внучето кон Монополот. А таму беше ужас. Не’ истуркаа во големи хали за тутун, во истите згради што ги има и денес. Се’ мирисаше на тутун. До нив имаше пруга и најверојатно таму не’ однесоа зашто местото им било згодно за транспорт. Тогаш влеговме внатре, а полицајците почнаа да не’ тепаат со камшик. Го паметам главниот полицаец, тој со камшикот, го нарекувавме Татарин. Крвнички тепаше се’ што ќе види пред себе", се присетува г. Бехар.

ЗЛАТО ЗА ЛЕБ

Во деновите додека исчекувале да видат што ќе се случи со нив, пристигнале Евреите од сите делови на Македонија. Монополот бил од сите страни ограден со тараби, кои бргу се претвориле во место за трговија.

"Војската беше секаде наоколу. На почетокот јадевме кој што донел од дома, а подоцна ни даваа само леб, па луѓето мораа да даваат златници за леб. На тарабите доаѓаа Македонци, да ни носат леб за да земат златници. Полицијата и војската ги пуштаа малку да се приближуваат, да донесат леб, а подоцна да си одат со златниците. Така побегнаа тројца Евреи, кои се преправија во Македонци што подаваат леб од другата страна на тарабите. Излегоа и останаа живи. Јас тоа го видов", ни рече соговорникот.

Условите за живот во деновите пред да почне транспортирањето во концентрационите логори биле неподносливи, без санитарни јазли, без чиста вода, а подоцна се појавиле и вошки.

"Целта им беше да те понижат колку што можат. Да не се чувствуваш како човек. Откако ќе ти го одземат достоинството да ти биде се’ едно, да не пружаш отпор"

КРАЈОТ НЕ Е КРАЈ

Во периодот од 11 до 29 март, од Монополот биле депортирани 7.200 македонски Евреи. Во тоа време, како што ни раскажа г. Бехар, од Монополот успеале да излезат само Евреите што биле странски државјани и евреите лекари и аптекари. Тогаш настанала мешаница меѓу луѓето со странски пасоши, што било згоден момент за бекство. Така побегнал и нашиот соговорник.


"Излегов пред да почне транспортирањето за Треблинка. Мајка ми, еден брат и една снаа ми излегоа со италијански пасоши, а детето на брат ми го прошверцувавме преку болничкото возило. Се извлеков и јас и се сокрив кај еден роднина во Буњаковец кој беше шпански државјанин", ни раскажа низ воздишка г. Бехар.


Токму во моментот кога помисливме дека се спасил, следуваше најголемото изненадување. По три месеци криење во подрумот на неговиот роднина, г. Бехар успева да се префрли во Косово, сакајќи оттаму да продолжи за Италија.


"Но, токму тогаш Косово падна под германска управа. Нас не’ испофаќаа и не’ одведоа во логор - мајка ми, брат ми, снаа ми, јас и детето. Бевме во една голема зграда и оттаму - на воз, не’ одведоа на сајмиштето во Земун кај Белград. Земун беше под Хрватска и таму беа усташите. Тоа беше пеколот! Секоја ноќ доаѓаа усташите и не’ тепаа со мотки - не’ седнуваа на скалила и - удри по кого ќе стигнеш!", ни раскажа г. Бехар.

СЕПАК ВО ЛОГОР

Голготата во Земун траела два месеца, по што заробениците биле пренесени во германскиот логор Берген-Белзен, покрај Хановер.

"Патувавме околу 15 дена, без вода, без храна. Тоа беше голем логор, собираше повеќе од 100.000 луѓе. Работевме како коњи. Моравме ноќе, и зимно време, да копаме земја и да вадиме корења од шумата - само за да не’ мачат. Целиот камп беше ограден со електрична жица. Едно време работев ме надгледуваше еден словачки СС-овец. Беше електричар и за да не’ мачи, се забавуваше измачувајќи не со струјни удари. Тое беа поранешни криминалци, садисти..


..На 13 април 1945 година Германците решија дел од заробениците да ги пренесат во логорот Терезинштат во Чешка. Не’ натоварија во воз, околу 5.000 луѓе, со намера да го дигнат возот во воздух пред да стигнеме во Терезинштат. Речиси сите бевме заболени од тифус. Имав толку висока температура од тифусот - што не бев при свест. На 23 април, одеднаш возот застана. Гледаме - мир. Тоа беше блиску до местото каде што првпат се составија американските и советските трупи. Русите почнаа да ги отвораат вагоните и од нив почнаа да паѓаат човечки трупови. Од тифусот таму умре мајка ми", се присетува.

НОВИ ПОЧЕТОЦИ

Приказната на скопјанецот Израел Бехар не завршува со ослободувањето од германскиот логор. Нема да згрешиме ако кажеме дека таа можеби таму почнува. По неколку месеци пробивање на патот до дома успева да се врати во Скопје, но, во градот немало никого од неговото семејство, а и домот во кој живеел не бил веќе негов. Се вработува, ја запознава неговата животна сопатничка, г-ѓа Драгица и решаваат заедно да заминат на студии во Белград.


Токму кога ги завршуваат студиите по економија ја слушнале веста дека се формирала држава Израел. Заситен од лошите спомени од Балканот и Европа решава да замине во Израел. Се венчава за Драгица и заедно заминуваат за Израел. Таму работи на одговорни позиции во банка, а во меѓувреме завршува уште два факултета . Но, повторно му било судбина да си има работа со војна. Учествува во четирите војни во Израел во периодот од 1948 до 1973 година. Тогаш доаѓа понудата од централата на неговата банка во Швајцарија - некој треба да основа филијала на островот Кејман на Канарските острови.

"Во таа џунгла, во тие тешки услови успеав да отворам банка и таму дојдоа милијарди долари инвестиции. Кога дојдовме, таму имаше само еден автобус, без врата. Денес тоа е моќен финансиски центар. Таму бевме повеќе од 30 години, но силен ураган го уништи нашиот имот, каде што сакавме да живееме по пензионирањето. Цела година го поправав нашиот дом, но го продадов за 10 дена. За годишните одмори секогаш доаѓавме во Македонија, па пред некоја година решивме да се вратиме да живееме овде", ни раскажа г. Бехар, испраќајќи не’ од нивниот нов дом во скопско Злокуќани.






Текст: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Милан СТРЕЗОВСКИ, Андон ДАВЧЕВ + архивски фотографии

Friday, March 21, 2008

Македонец го премостува дигиталниот јаз

Веб-сервисот Jooce.com, чиј основач е Македонецот Александар Стојаноски, деновиве е топ-тема во рубриките за технологија на светските медиуми. Со помош на порталот секој може да добие свој виртуелен компјутер - потребен му е само пристап до интернет

Преку глава ви е од префрлање фајлови од компјутер на компјутер, од снимање фајлови на USB-свирче за да ги довршите на некое друго место, на некој друг компјутер? Ви се темни кога треба да испратите фајлови по и-мејл - да адресирате, да подготвите атачмент, да пишувате сабџект и порака иако веќе за се сте се договориле со примачот? Одите на YouTube сакајќи да ги видите спотовите од омилената група или пејач, или анимираните филмови на кои сте се радувале во детството, но ви се темни кога ќе помислите дека повторно треба да ја впишете "клучната фраза" во празното поле кај search?

Веќе не мора се да биде толку сложено. Заборавете и на USB-свирчињата, на режачот, на адресирањето и-мејл пораки и на пребарувањето видеоклипови одново. Појдете на Jooce.com, сервисот кој ќе ви даде виртуелен компјутер, кој ќе биде покрај вас каде и да одите. Причина повеќе за да го направите тоа, нека биде податокот дека еден од основачите на Jooce.com е Македонец, а проектот е поддржан од Менгрув капитал партнерс (Mangrove Capital Partners), фирмата што го поддржа развојот на Скајп (Skype).

СЕГА Е ПОЛЕСНО
Еден од основачите на Jooce.com е Македонецот Александар Стојаноски, главен офицер за операции и член на Управниот одбор на компанијата. Дипломирал меѓународна бизнис-администрација на Американскиот универзитет во Париз, а пред да го лансира Jooce, 7 години работел за Меѓународната стопанска комора со седиште во Париз (ICC), каде што бил одговорен за електронски бизнис, информатичка технологија, телекомуникации, даноци, царини и за односи со меѓународни организации.

"Jooce или 'Џус', како што се изговара на македонски, е еден вид виртуелен компјутер. Визуелно изгледа исто како да сте пред вашиот сопствен компјутер - сите податоци се презентирани преку икони, имате можност за пренесување фајлови со влечење и пуштање (drag and drop) и функционалност на десниот клик на глушецот. Во исто време, преку вашиот виртуелен компјутер можете да чувате најразлични податоци и фајлови и да комуницирате преку инстант-пораки со корисниците на Yahoo, MSN, ICQ, AIM i QQ. Наскоро планираме истото да го направиме и со и-мејл сервисите, така што посетителите ќе можат преку Jooce да примаат и да испраќаат пошта преку нивните постоечки и-мејл адреси. Во исто време, на декстопот има media player, на кој можете да репродуцирате аудио и видеофајлови", вели Стојаноски.

Меѓу погодностите што ги нуди Jooce е и можноста на вашиот виртуелен компјутер да собирате колекции од видеоклипови што се објавени на YouTube, а уште една погодност е што клиповите можете инстантно да им ги препраќате на вашите пријатели преку мрежата на "Џус" или преку нивните чет-сервиси.

"Единствениот начин да ги зачувате тие видеа досега, беше да си ги испратите по и-мејл на вашата адреса. Сега можете да ги чувате на виртуелниот компјутер и едноставно, со влечење и пуштање, да му ги префрлите на некој ваш пријател или, пак, на некоја ваша група пријатели или соработници", вели Стојаноски.

МОЖНОСТ ЗА УНИВЕРЗИТЕТИТЕ
Освен што ви нуди приватен простор за работа и за чување информации, Jooce има и јавен простор, во кој корисниците можат да ги преземаат сите фајлови што сте ги оставиле во јавниот простор.

"Оваа функција е особено интересна за големите универзитети, затоа што овозможува едноставен начин за размена на фајлови и информации меѓу професорите и студентите. Во иднина ќе овозможиме многу поголем избор на пренесување интернет-содржини, како што во моментов имаме можност со YouTube. Така на вашиот виртуелен компјутер на Jooce ќе можете да ги складирате и сите веб-статии што сметате дека некогаш ќе ви бидат потребни. Чувањето на тој начин е многу побезбедно, затоа што сте заштитени од проблемите што можат да му се случат на вашиот персонален компјутер. Тоа е чекор кон иднината и веќе сите големи гиганти, како Google, ги пренесуваат своите апликации на интернет, односно се насочуваат на работење со компјутер во облаци. Во исто време, според нашите информации, и Мајкрософт веќе разгледува можности како да ги пренесе своите апликации на интернет. Со нивното пренесување на интернет, и корисниците на Jooce ќе добијат можност целосно да работат во облаци", објаснува Стојаноски.

Можностите што им ги дава Jooce веќе ги користат неколку универзитети, меѓу кои е и најголемиот универзитет во Мексико, со повеќе од 200.000 студенти.

"Целна група ни се земјите во развој, како Кина, Индија и земјите во Латинска Америка. Во исто време разговараме и со Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје, за да видиме дали и тие се заинтересирани да се направи специфичен модел на Jooce за нивните потреби, но се уште сме во раните фази на преговори. Ние им нудиме едноставна комуникација меѓу професорите и студентите. Додека бев студент на Економскиот факултет во Скопје, најголемиот дел од материјалите за студирањето ги добивавме на хартија, како скрипти. Веќе нема потреба професорите тоа да го прават на физички начин, туку имаат можност со една единствена операција да им ги достават сите потребни материјали на студентите во електронски формат. Истовремено и катедрите, факултетите и Универзитетот во целост ќе добијат на тој начин јавен простор во кој ќе можат да разменуваат најразлични информации", вели Стојаноски.

ТОП-ТЕМА ВО СВЕТСКИТЕ МЕДИУМИ
Појавувањето на Jooce.com и можностите што им ги нуди сервисот на корисниците наидоа на голем одглас во рубриките за технологија на светските медиуми.

"Статијата за Jooce неодамна се најде на насловната страница на BBC News - Technology, каде што добивме одлична рецензија. Авторите на текстот најмногу беа фасцинирани од тоа што им овозможуваме на луѓето што не се во можност да купат компјутер да дојдат до свој компјутер, а исто така ставија акцент и на нашата соработка со владини организации што имаат свои бесплатни интернет-кафулиња во кои секој може да дојде и да има пристап до компјутер и до интернет. Обединетите нации проценуваат дека 500 милиони луѓе во светот секојдневно пристапуваат на интернет од интернет-кафулиња, испраќаат и-мејл, четуваат, бараат работа или ги уредуваат нивните профили на некоја од социјалните мрежи како Фејсбук или Мајспејс. На овие луѓе Jooce им дава виртуелен компјутер, во вид на десктоп за чување и размена на фајлови до кој се пристапува преку интернет. Имаме огромен интерес од земјите чии редовни корисници на интернет се прочуени како сајбер-номади, кои досега немаа можност да си ги организираат како што треба нивните дигитални животи. Ние им понудивме портал за комуникации на кој ќе можат да го направат тоа со едно пристапување, со едно логирање. На тој начин преку Jooce можат да пристапат до нивните дигитални информации во секое време и од секаде. Каде и да сте, вашите фотографии, музика, документи, видеа… се секаде со вас", вели Стојаноски.

Зад Jooce.com стои истоимената веб-компанија од Париз која е финансиски поддржана од луксенбуршкиот инвеститор Менгрув капитал партнерс, фирма што на почетокот го поддржа развојот на Скајп (Skype), податок според кој светскиот печат прогнозира за идниот успех на виртуелните компјутери на Jooce.


Пишува: Васко МАРКОВСКИ