Showing posts with label опинчар. Show all posts
Showing posts with label опинчар. Show all posts

Wednesday, July 02, 2008

Опинци за Џон

Опинчарскиот дуќан "Џамбаз" во скопската Стара чаршија е едно од последните места во кои се продаваат обувките што непрекинато се носат на територијата на Македонија повеќе од 500 години. Ако некогаш биле жигосувани како одлика за руралното, денес опинците се привлечни и за домашните и за странските муштерии

Пишува. Васко МАРКОВСКИ
Снимил: Андон ДАВЧЕВ

Некогаш служеа само за правење шеги на нечија сметка или за нечие омаловажување, плеснувајќи му в лице дека е опинок, сакајќи да кажете дека вие сте со сина крв, а неговото семејство потекнува од рурална средина. Некогаш опинците служеа за од нив да се прават вицови, на работ на вулгарноста, и за разно-разни гатанки за српскиот модел на опинците, со врвови свртени нагоре. Но, знаете ли дека опинците се најстариот модел на обувки што на територијата на Македонија се користи непрекинато повеќе од 500 години, изработен во милиони примероци. Ова е приказна за опинците и за еден од последните опинчари во Скопје.

ОПИНОКОТ СИ Е ОПИНОК

Мала е веројатноста да сте поминале во скопска Стара чаршија, а да не сте го забележале дуќанот со излог полн опинчиња, килимчиња, бакарни и дрвени ракотворби, на стотина метри по култната кебапчилница Дестан. Излогот е до толку преполн со понуда, што, колку и да се обидувате, нема да ви успее да го прочитате името на дуќанот. Можеби немаше никогаш да дознаеме, ако не го запознаевме сопственикот.

"Во дуќанот сум од 6 години. Имам 60, значи тука сум 54 години. Занаетот го учев од татко ми, заедно со браќата и сестрата.. уште од најмали. Заедно со татко ми и мајка ми правевме опинци, папучи, сандали и разни обувки од кожа. Секој си имаше своја обврска - кој со шајчиња, кој каивчиња, ремчиња.. поголемиот брат шиеше на машина, а ние, помалите подготвувавме.. За време на Југославија, се знаеше - се чекаше ред за сандали, за опинци. Не можевме да постигнеме“.

“Имаше јаки занаетчии.. ја снабдувавме цела Југославија. Сега, откако почнаа се’ да увезуваат од Кина, од Хонг Конг, не ти се исплатува да произведуваш.. не’ сотреа. Преку ноќ демодираш.. денеска ќе произведеш, утре е демодирано.. Единственото што ти останува е опинокот. Тој не демодира. Има трајни вредности и го има само таму каде што му е местото", ни раскажа мајстор Даре Митревски, сопственик на опинчарскиот дуќан Џамбаз.

Веднаш расчистивме дека името нема никаква врска со Даре Џамбаз, патронот на скопскиот дом на хуманитарни организации, и дознавме дека името на дуќанот го смислила неговата сопруга, сакајќи да го отслика неговиот деловен темперамент.

НЕ ГО ДАВАМ ЗАНАЕТОТ

Сакајќи да добиеме поживописна репортажа се обидовме да испитаме дали мајстор Даре би сакал да ни демонстрира како се изработуваат опинци, но, како што претпоставивме, сфативме дека имаме работа со претпазлив мајстор, кој не би сакал туку-така да го продаде занаетот.

"Аа, не. Тоа не може. Ќе ви зборувам за опинците, но не давам никој да фотографира како работам. Така шапкарот, една улица погоре, си го продаде занаетот за 500 денари", решително ни рече.

Прифаќајќи ги правилата, почнавме со прашањата за опинците - какви модели има, како се изработуваат, кои се најчестите муштерии, како оди продажбата.

"Откако знам за себе, опинците се такви. Најстариот модел македонски опинци не се менувал повеќе од 5 века и секаде каде што Македонци на Балканот, мажите го носеле тој модел опинци. Тоа биле чевлите што се носеле за време на Отоманската империја. Нешто поинакви се српските, кои се разликуваат по клуновите на врвот на опинокот, долги и свртени нагоре. Само за клунот оди една третина од материјалот, но не можеш да ја качиш цената само поради врвчето. Меѓу поинтересните модели се траперските опинци, какви што носеа некогаш Албанците што доаѓаа по работа во Скопје. Тие се наједноставниот модел опинци, толку едноставни што човек може и самиот да ги направи", ни рече мајстор Даре.

НАЈВАЖНА Е КОЖАТА

За квалитетот на опинците, како што научивме, најважен фактор, покрај мајсторијата, е квалитетот на кожата. Опинците се прават исклучиво од телешка кожа, а процесот на изработка трае 5 дена.

"Ако сакаш да направиш добри опинци и тие да се продаваат, најпрвин треба да купиш добар материјал, да не жалиш пари за материјал и да не брзаш додека работиш, сакајќи да направиш поголеми количини. Се’ што правиш од кожа се прави пет дена. Првиот ден кожата се обработува во вода, вториот ден се обликуваат опинците, а последните три дена се ставаат на сонце, за да се исушат готовите опинци. Така си бара процесот, инаку нема да ја држи формата. Користам исклучиво телешка кожа, која е еластична и погодна за обработување. Важно е опинците да бидат збиено плетени, за да ја задржат формата кога ќе се исушат. За подобар изглед, добро е да комбинираш интересни бои, светло со потемно. Интересно е што телешката кожа на сонце ја менува бојата како и човечката кожа", уловивме дел од занаетот.

ОД 17 ДО 47

Како еден од последните производители на опинци, едни од најчестите муштерии на Митревски се културно-уметничките друштва и фолклорните ансамбли, но, како што можевме да видиме и самите додека уживавме во ладот на дуќанот, чести посетители се странците што дошле да ја разгледаат чаршијата.

"Има разни големини - од опинчиња за бебиња од два месеца, до опинци број 47. Има луѓе што купуваат број 17, број 18 уште кога ќе им се роди мало бебе. За споредба, еден пар чевличиња Цицибан се 2.000 денари, а кај мене ќе добијат пар опинчиња е 250 денари, направени од чиста кожа, а и докторите ги препорачуваат. Интересни се и за странците. Најголемите опинци што било кога сум ги направил се овие опинци, број 47. Ми ги порача еден Џон, од Ирска. Беше гостин во Владата, помина во дуќанов и имаше желба да му направам опинци - се заљубил во опинците што ги видел. Доаѓаат и други странци, им се допаѓаат, ама сакаат да ги земат за беспари. Но, нема за Црвен крст! Овде има кирија, има данок, а морам и јас нешто да заработам", ни рече мајстор Даре.

По него, дуќанот нема да има кој да го работи. Децата и снаите завршиле Економски факултет, а никој од нив нема да дојде да работи во дуќанот. Досега никој не посакал да го научи занаетот, а и мајстор Даре не сака да го пренесе било кому, се’ додека во него да прочита чиста душа и решеност да се биде опинчар, и во добро и во зло.