Showing posts with label истражувања. Show all posts
Showing posts with label истражувања. Show all posts

Tuesday, February 09, 2010

Кој е овој човек?


Човекот што го знаеме како Димитрија Миладинов од фотографиите на браќа Миладиновци отпечатени во учебниците, не е Димитрија Миладинов. Ова го тврдат луѓе блиски до семејството Миладиновци, повикувајќи се на изјави на членови на семејството Миладинови.

Како што ни пренесоа нашите извори, и луѓето од семејството со години се прашуваат кој е всушност човекот на црно-белата фотографија и како се случило токму тој лик да фати корен во македонската јавност како ликот на нивниот славен предок.

Како вистинскиот лик на постариот брат-преродбеник семејството посочува една фотографија од на Димитрија, фотографиран на помлада возраст.

Ќе се обидеме да стапиме во контакт со семејството и ќе побараме автентичен исказ за сознанијата што ги имаат Миладинови.

Види и: Лажните Миладиновци

Лажните Миладиновци


Не само за Димитрија. Јавноста има погрешна претстава и за ликот на Константин, тврди внукот на браќа Миладиновци Ристе Миладин од Струга, откривајќи нови моменти за вистинскиот лик на Димитрија Миладинов.

Постои само една автентична фотографија на Димитрија Миладинов, но таа не е ниту една од фотографиите што се отпечатени во книгите, учебниците и во публикациите што се однесуваат на Браќа Миладиновци. Ова го тврди Ристе Миладин, внук на славните преродбеници од Струга.

„Целата документација и сите фотографии се изгубени кога Митра, сопругата на Димитрија, импровизирала погреб во 1868 во Струга, откако пропаднале сите обиди за да се донесат телата на Димитри и Константин од затворот во Истанбул. На таквиот погреб, наместо телото, биле погребани во ковчег речиси сите работи што некогаш му припаѓале на Димитри, меѓу нив и фотографиите со неговиот лик“, ни рече Миладин.

Но, кој е човекот од фотографијата што ја знаеме како фотографија на Димитрија Миладинов?

Како што ни раскажа Миладин, според неговите сознанија, сликите со ликот на Димитрија се всушност уметничка интерпретација на ликот на неговиот предок, чиј автор е македонскиот сликар Димитар Кондовски.

„Тоа се слики настанати според устен опис на ликот на Димитри. Разни истражувачи ги прашувале жените од нашава фамилија да го опишат, па тие раскажувале - имал вакви образи, имал бакембарди... итн.“, ни рече Миладин.

Подоцна, како што ни рече, како фотографија на Димитри почнала да се користи и фотографија на Иван Миладин, страничен роднина на браќа Миладиновци, од роднини-деленици кои се отселиле во Бугарија.


„Тој тврдел дека е во ликот исти како стрико му, дека тој најмногу личел на стрико му, па му успеало да протурка негова фотографија, која подоцна била прифатена како фотографија на Димитри Миладин“, ни рече нашиот соговорник.

Како што дознаваме од него, не е проблематична само веродостојноста на ликот (физиономијата) на Димитрија Миладинов, туку јавноста има погрешна претстава и околу ликот на помладиот брат, Константин, која е исто така, уметничка интерпретација на Кондовски.

„Постои само една веродостојна фотографија на Димитри и само една фотографија со вистинскиот лик на Константин. Вистинскиот лик на Димитри може да се види само на една фотографија на која е сликан со тогашниот грчки владика Мелетие, а вистинскиот Констатнтин е Константин што е фоторафиран со неговите колеги од студиите во Москва“, ни рече Миладин.

Forum.com.mk ќе се обиде да дојде до нови информации за вистинскиот лик на Димитрија и Константин Миладинови и ќе се обиде да ги пронајде и единствените автентнични фотографии.


Види и: Кој е овој човек? Вистинските Миладиновци

Вистинските Миладиновци




Ги имаме. По неколкудневно трагање по вистинските ликови на браќа Миладиновци, дојдовме до копии од единствените автентични фотографии на кои е овековечен вистинскиот личен опис на струшките браќа преродбеници, Димитрија и Константин Миладинови.

Следејќи ги трагите на нашите извори, успеавме да
ги пронајдеме фотографијата на младиот Димитри сликан покрај неговиот близок пријател, владиката грчки Мелетија и единствената автентична фотографија на Константин, фотографиран со неговите колеги од Филолшкиот факултет во Москва, во 1858 година.

Аветнтичните фотографии откриваат една сосем нова слика за вистинската физиономија на браќата собирачи на народни умотворби, наспроти фотографиите и илустраиите што се масовно употребувани учебниците од јавното образование и во македонската публицистика воопшто.


Како што ни рече внукот на браќа Миладиновци, Ристе Миладин од Струга, тој неколку пати до сега се обидел да ја анимира јавноста и да повлијае во идните изданија да се користат вистинските ликови на Димитрија и Константин, но до сега ништо не е променето.

Единственото нешто кое би можело да биде резултат од неговите обиди е што во неодамна повлечената Македонска енциклопедија, поглавјето за Димитрија Миладинов е илустрирано со уметнички портрет изработен од македонскиот сликар Новица Трајковски, во кој како основа е земен ликот од фотографијата со владиката Мелетија.



Види и: Лажните Миладиновци , Кој е овој човек? , Третиот Миладин .


Третиот Миладин


Кога се пишува или се зборува за браќа Миладиновци, обично се мисли на Димитрија и Константин. Ретко кој, освен стручната јавност, знае дека исто толку заслужен за делото на Миладиновци е и нивниот брат Наум Миладин.

Истражувањето што го направивме во обид да ги открие единствените оригинални фотографии на Димитрија и Константин Миладинови, отвора нови загатки. Една од нив, која деновиве се отвори пред нас, по реакциите од читателите е и улогата на третиот брат, Наум Миладин, во создавањето на Зборникот на народни умотворби и неговата преродбеничка и учителска дејност.

Кога се пишува или зборува за браќа Миладиновци, обично се мисли на Димитрија и Константин. Ретко кој знае дека исто толку заслужен за делото на Миладиновци е и Наум Миладин, еден од шесте синови од вкупно деветте деца на Ристо и Султана Миладинови.

Како што дознаваме од истражувањата на публицистот Петар Чакар, објавувани во весникот „Нова Македонија“ во шеесеттите и во седумдесеттите години од минатиот век, речиси сите биографи на браќа Миладиновци - меѓу нив и Рајко Жинзифов и Кузман Шапкарев - во своите биографии главно се задржуваат на најстариот и најмладиот син - Димитрија и Константин. Во нивните записи Наум Миладин се споменува само попатно, главно како придружник на Димитрија за време на патувањата, и повремено престојувал и му помагал во работата во местата каде што бил учител. За Димитрија и Константин се знае дека како учители се посветиле на борбата за културно и духовно ослободување, за другите браќа се знае дека го продолжиле занаетот на нивниот татко - грнчарството - но за Наум не откриваат речиси ништо.

По барање на читателите, ја објавуваме единствената фотографија на Наум Миладинов, третиот брат-преродбеник, кому музиколозите му припишуваат огромни заслуги за музичката историја на Македонија, како прв собирач и запишувач на народни песни и автор на стручни трудови како "Увод во теоретиката на црковната музика".



Види и: Кој е овој човек? , Лажните Миладиновци , Вистинските Миладиновци .