Се појави токму кога имамве полни џебови пари - сите пари што сме ги собрале за матурска, што сме ги заработиле како келнери или шанкери во некое од многуте кафулиња што се појавија, што тогаш ни беа интересни; парите што ќе ви ги дадат родителите за на училиште, за кино, за излегување. Се појави, и оттогаш речиси секојдневно живеевме со 'Баги', со луѓето што таму ги среќававме. Се роди ритуалот повремено да листаме по рафтовите со плочи - дури и кога немаш пари за купување, колку да си одбереш нешто за што ќе пекаш, да си дадеш поттик за нова доза штедење. Но, лесно беше. Се заработуваше, а и да е тешко - како да не го правиш тоа? Пред очите ви стои слика што до пред некој месец ви личела неверојатна - плочи за кои само сте можеле да сонувате дека некогаш ќе ги видите во Скопје: некомерцијални изданија, андерграунд етикети. Нешто што до тогаш би можеле да го најдете најблиску во Солун, во „Блоу ап“, веќе го имате во Скопје, во се' попопуларната „Мавровка“. Ви останува само уште да најдете пари.
Го откривме едно (про)летно пладне, 1991-ва, во еден од тесните коридори во „Мавровка“, кој завршуваше со поглед накај „Универзитетска“, веднаш наспроти „Стерна“, местото кое заедно со „Нипон“, на два-триесетина чекори од таму, зад аголот, ни беа нова идеја во скопскиот ноќен живот.
Тогаш го откривме и Манде - Владимир Мандичевски, човекот чиј лик ќе биде неразделен од сликата за „Баги Шоп“, местото што беше поврзано со секое музичко случување во градот. Запознавме човек кој на еден ненаметлив начин успеа да не' плени - човек кој многу знаеше за музиката, со препознатливата питомост, од кого можеше многу да се научи за економијата на новото време, дури и без збор да ви прозбори - само ако ги следите неговите постапки во бизнисот што го започнал. Имал 30 години кога се прекинале системите на поранешната држава, кога веќе немало редовен „дотур“ на музика - нешто многу ги погодувало и дискофилите. Кај да е, некој морало тоа да го направи. Се случило тоа да биде Манде, заедно со Жане, неговата тогашна сопруга - ликовите кои ни останале врежани во спомените на едно убаво време.
Гледајќи наназад, дваесет години подоцна, би можеле да кажеме дека за генерацијата што растеше со 'Баги', колку и да звучи мегаломански или како носталгичарско правење мит од времето на една младост, 'Баги' имаше историска улога. Ако го споделите таквиот впечаток со Манде, ќе ви заблагодари и доблесно ќе праша дали сте сигурни дека не претерувате. Но, таквиот впечаток не му е нешто што првпат го слуша, особено од луѓе од таа генерација, која била блиску до прагот на младоста во времето на раните деведесетти, златното време на 'Баги'.
![]() |
| Владимир Мандичевски - Манде |
Секој обид да се реконструира сликата за 'Баги Шоп', би бил некомплетен без Тошо Филиповски, ентузијаст-промотор на македонски бендови, сопственик на продавница за музика и некогашен инвентар-лик од 'Баги'. Го замоливме да прочепка низ меморијата.
![]() |
| Тошо Филиповски |
Ако некој ви останал во сеќавањето како голем фан на „Баги Шоп“ и како неисцрпен извор на позитивна пропаганда за „Баги“, Ангела Јовковска - Енџи од „Канал 103“ е меѓу првите што ќе ви се појават пред.
![]() |
| Ангела Јовковска - Енџи |
'Баги Шоп' не успеа да ги преживее борбата со пиратеријата и падот на куповната моќ на луѓето што поминаа убави години таму. Но, кучето од логото продолжува понатаму, потврдувајќи ја крунската поента на Енџи: „'Баги' беше повеќе од обична 'плочара' - беше концепт“.
Текст: Васко Марковски
Фото(монтажа): Ивана Кузмановска




No comments:
Post a Comment