Friday, October 29, 2010

Лејланд


Еден од последните два „Лејланда“, фотографиран
во депото на ЈСП во Влае
Имаше нешто што правеше да ни бидат различни, помили од другите автобуси што се појавија подоцна. Питомиот, непретенциозен изглед, интересните детаљи на каросеријата, тивките мотори или убавите времиња, којзнае? „Лејланд“ - англискиот шмек на улиците на Скопје



Тоа се можеби првите автобуси што некогаш воопшто сме ги виделе, илјадници од нас. Црвени „четвртасти“ кутии, со питом изглед, одозгора бели, како на нив да напаѓале триесетина сантими снег. Можеби не можеме да се сетиме што точно, но имаше нешто што правеше да ни бидат различни, помили од другите автобуси што се појавија подоцна.

„Мајсторе, задња!“
(Фотографии: Васко Марковски)
Секој од нас во себе носи изобилство од различни спомени, изобилство од причини зошто за „Лејландите“ има посебно место во срцето. Луѓето што се возеа во „двојка“ ќе се сетат на симпатичните маки што ги имаа Ико кошаркарот или Тиле ракометарот од Ѓорче, толку високи што мораа да стојат кај квадратните отвори за луфтирање, со подигнати капаци. Средношколците ќе се сетат на зимите кога пред нос, до следната меѓустаница, ќе им избегаше „Лејланд“ - „селски“, на кој однадвор се прикачил некој доволно храбар или доволно луд, фатен за рачките кај сосила задржаната задна врата. Ќе се сетат на кондуктерите; на портокаловите сандачиња за билети, за портокалови или црвени жетончиња; на сивите рачки на десетина сантиметри под таванот, за кои како деца мечтаеле дека некогаш ќе ги достигнат; на „Мајсторе задња“, на плочките со името на производителот на каросеријата од Нови Сад, со адреса „Филипа Вишњича 21“, кои ги изнагледале возејќи се; или, ќе се сетат дека „Лејландите“ беа некако потивки од другите, подоцнежните автобуси, дека не им „галамеа“ толку моторите, не им чкрипеа толку кочниците.

Стојче Чанговски, механичар:
„
Сега стави му клуч, ќе запали од прва!“ 
Пред нас е средба што сме посакувале да се случи одамна - средба со „Лејландот“. Во депоата на ЈСП останале уште три. Еден од нив е обновен, подготвен да се изнајмува, како атракција на градот, како подвижен музеј на едно време. Стоиме на неколку метри од него. Со нас е Стојче Чанговски, механичар, сервисер на автобуси во автобазата на ЈСП во Ѓорче Петров. Со „Лејландите“ се знае од 1986-та, кога дошол да работи во ЈСП.

„И ден-денес кога ќе се расипе автобус слушам луѓе како велат: подобри беа 'Лејландите'. И, навистина, се покажаа поиздржливи, помалку се расипуваа, од сите други што дојдоа подоцна. Беа со полуавтоматски менувач, што ги правеше поедноставни за возење, без *кумплуг*. Имаа издржливи мотори. Сега стави му клуч, ќе запали од прва. Имаа издржлив мотор. Нека крене температура и до 100 степени, нема гајле, вози. Сите цевки му се од бакар. Толку беа издржливи, до скоро само 'Лејланд' користевме за влечење кога ќе ни останеа поновите автобуси 'дефект'. Моторите им се оригинал, англиски, а каросериите ги склопуваа во Нови Сад. ЈСП имаше околу 400. Единствена маана што имаа - воланот имаше послаб аншлак, па за вртење бараа повеќе маневри“, се сеќава Чанговски.

Влегуваме внатре. Срцето веќе трепери. Во разговорот со домаќините забележуваме една позната акустика: празен „Лејланд“, пред тргнување, на почетна станица. Ги разгледуваме податоците од сообраќајната дозвола: СК-504-РР, Лејланд 680, произведен во 1969, боја на каросеријата - крем 45 и светло црвена 71, 23 места за седење, 77 за стоење. Датум на прва регистрација: 16 април 1969 година. По улиците на Скопје извозел 2.400.000 километри. Светнат, како нов. Ги здогледуваме рачките кои некогаш сме мечтаеле да ги достигнеме, кои правеле да се чувствуваме големи откако веќе досегаме до нив. Познат распоред на седиштата и детаљ кој посебно ни се допаѓал, споредено со другите - се' е во една рамнина, ја нема „дупката“ на крајот на автобусот, местото каде што секогаш беше 'празно', како што сакаа да не' убедат возачите за да ја расчистат турканицата кај влезната врата. И, уште еден детаљ, неодминлив за феноменолошката историја на градот - капакот на механизмот за автоматско отворање (и затворање) на вратите: „Мајсторе, задња!“.

Јанко Јанков, возач: „Од 1975 до 1980
се возеа само 'Лејланди'.
Сите сакавме да ги возиме.“ 
Своите спомени на „Лејландите“ со нас ги сподели и Јанко Јанков, возач на ЈСП од 1975 до 1985 година, денес пензионер. И за него „Лејландите“ биле ненадминливи, и покрај неколкуте недостатоци што ги имале.

„Кога дојдов во ЈСП имаше само два ФАП-а од старите, тие ги чуваа за пробно возење, кога не' тестираат за нови возачи. Се' друго беа 'Лејланди'. Од 1975 до 1980 се возеа само 'Лејланди'. Имаше два типа 'Лејланд'. На почетокот имаше неколку донесени од Англија, им се отвораа и шофершајбните. Сите што дојдоа подоцна беа склопувани во Нови Сад. Имаше само два со хидрауличен волан - сите сакавме тие да ги возиме. Во тоа време немаше многу линии со угорници, но, таму каде што имало, без проблем искачуваа. Само, малку ми беше страв со кочниците. Мислам дека не беше баш добар системот. Нема линија на која не сум ги возел. Кога ќе се сетам, најтешки за возење ни беа 19-ка и 5-ка, особено од 1980 до 1985. Секој гледаше да фати некоја селска линија, порастоварена“, ни раскажа Јанков.

Виктор Поповски
Обидувајќи се да најдеме некој што ги памети „Лејландите“ како конзумент, се сетивме на Виктор Поповски, еден од пријателите кои сериозен дел од своето време поминале во автобус, уште од средношколски денови. Се' уште добро ги памети „гужвите“, темплејт-средбите и маките што си ги имале во нив луѓето со „нестандарден“ раст.

„Супер е 'Лејланд'. Имам многу сеќавања. 'Лејландите' ми останале во сеќавање како симпатични, но повеќе се сеќавам на 'броевите', односно - линиите, како специфични патувања низ градот, секоја свој филм. На пример, имам едно чудо сеќавања од 19-ка. Секогаш преполна. Ќе успееш некако да седнеш, за накај Топанско, по некоја станица ќе застане над тебе некоја жена од Шутка. Ќе ти рече да станеш, ама, некогаш си расположен да стоиш, некогаш не. Е сега, ако решиш да не станеш, веќе имаш шоу: 'Ќе видиш ти во Шутка кога ќе дојдеш!'. Има милион 'дешавки' од 19-ка! Се сеќавам, еднаш од автобус се симнав директно во вода, насред Топаанско. Добар момент ми бил, на пример, кога ќе се качев во 6 наутро, во 3-јка. Јас се возев од прва до последна
станица. Редовно се среќававме со Иво Блузмен, јас за во 'Дистрибуција', тој - за во 'Кожара'. Се разбира, секое сабајле, во исто време во истиот автобус. Секој си го знае своето место и си седнува како што е ред. До 'Рекорд' веќе секој си фаќа место, си го знае местото и не менува. Истите луѓе, со години. 'Лејландите' ги памтам i по 50-ка, кога одев во школо, накај 'Коце'. Ги памтам 'скокчињата' на асфалтот пред 'Континентал'. Е, кој беше повисок, немаше шанси да не си ја удри главата од таванот, ако автобусот беше 'Лејланд', на пример како мене или како Тегла, кој редовно се возеше во 50-ка“, ни раскажа Виктор.

Хмм.. Се изнамачивме обидувајќи се да го најдеме вистинскот да како да ја завршиме приказната за „Лејландот“. Што и да кажеш, те следи чувството дека кажуваш „Збогум“ на едно убаво време, за кое некогаш сме мислеле декеа никогаш не го заборавиме, а веќе сме почнало да ни бледее сеќавањето. На крајот, сепак се појави и податокот кој нафрли доза ведрина. Последниот „Лејланд“ е во гаражата во Ѓорче, стокмен како кутивче, подготвен за изнајмување, за тури низ Скопје. Па, да се организираме?


Friday, October 22, 2010

Сале Арарат


За луѓето што некогаш излегувале по местата каде што работеше, тој не беше келнер или „кој било келнер". Сале беше институција - домаќин кој ќе те услужи како човек, пријател кој ќе ти го исполни со ведрина излегувањето - човек кој ставил печат на едно убаво време на стотици скопјани

Не е можно да не го спомнеме кога од време на време ќе се видиме и ќе се заседиме со старите пријатели, со луѓето со кои некогаш сме ги минувале ноќите од студентските денови. Муабетот секогаш завршува со истите зборови и истата констатација: Сале беше институцуија, таков келнер нема да се повтори, кого сакаш прашај! Сме прашале многумина и секогаш сме го спомнувале со истото задоволство, а такви имаше стотици, илјадници - огромна дружина што почна да се создава во „Арарат“ во 1990 и да се зголемува во сите следни локали на Лаци и Сале.


Светислав Целе Трајковски
Секој следен локал добиваше ново, откачено име - дотолку необични, што повозрасните колеги на работа, кои штотуку ве запознале, помислувале дека можеби со нив се подбивате, кога ќе ве прашаат каде излегувате, колку да го пробијат мразот на првиот контакт: „Тиква зелена“, „Рачки и тапани“.. И, да не го заборавиме крајот, иако најмалку познат - кусиот период кога нивни беше „Ван Гог“ во едно од неговите продолженија, пред безмалку десет години.


Решивме да го пронајдеме. Почнавме да буричкаме по телефонските именици, да се распрашуваме по пријателите на социјалните мрежи. Си најдовме убав повод да си поприкажеме за него и за времињата поминати заедно, да се обидеме да го пронајдеме. Пред нас се заредија убавите мигови поминати во 30-те квадрати, во локалот под денешна „Калдрма“ на влезот на Чаршија.

„Секогаш сум се чудел како може да носи толку чаши и шишиња со тоа малите рачиња. А, знаеш, колкаво друштво бевме! Многу пијачки се тоа - најчесто 'Бадел бренди', најубавиот!“, муабетот го отвори Светислав Целе Трајковски, еден од ликовите од неколкуте инвентар-дружини во „Арарат“ - пинтиско-драчевската, денес лондончанец.

Јане Бојаџиевски
Од другата страна на Атлантикот се јави Јане Бојаџиевски, темпераментниот пријател од младоста, денес новинар на „Гласот на Америка“ во Вашингтон.

„Aко не ме памти, срам да му се пивата - ѕидарски - што сме ги испилле со дружината. Беше лик ко Чико од 'Загор' со легендарното кожено елече! - зиме, лете, се рабира, врз црна маица со кратки ракави. Олабавен тип. Иако пиевме по тројца едно пиво, во 'бош' ден, не ни мрчеше, ко на други места, дека мора секој да пие. Ако не - ај гитла! Не беше таков. Поздрави го многу од другата страна на Атлантикот!“, ни порача Јане.

„На линијаповторно го имаме Лондон. Уште еден лик од пинтиско-драчевската дружина во „Арарат“, Марјан Стојановски - Мац:

Марјан Стоановски -
Мац
„Влагам таму - 'Арарат', 'Тиква'.. кое и да беше - ме гледа и со поглед ќе си направиме муабет: 'Кај си? Арен? Зелено?'. Викам: 'да' - и, сме се разбрале. Паматеше речиси за секого кој што пие. Макар што, 90 отсто, речиси сите, пиевме пиво. Знаеше да се нареди со чаши и шишиња, и иако беше така, широк, за чудо лесно се пробиваше низ народот, а нели, гужви беа. Арно ама, нели, на тие места речиси сите бевме инвентар, па беше нормално луѓето да му прават место - и тие се грижеа за него. Ниедно од тие места немаше да биде исто без Сале. И уште една работа - во ниту едно од тие места никогаш немало голем проблем. Сале ги решаваше проблемите пред да се случат. Сум бил сведок на две-три такви случки. А, кажи му 'Скопско, у зелена флаша', да видам дали не се сеќава на мене?!“, ни раскажа Мац, кој има бизнис со лифтови во Лондон, наседнувајќи на провокацијата кога му рековме дека Сале не го памети.

Една од инвентар-дружините на „Тиква зелена“ беше дружината на Тина Иванова, сестра му на Изи, како што ја знаевме, ние, малку повозрасните - денес новинарка и музички критичар. Ја замоливме сподели со нас дел од сеќавањата.

Тина Иванова
„Киснев во 'Тиква'. Сале, беше белегот на таа култна 'дупка', маскота, секако во позитивен контекст. И сите кога ќе ги прашав: 'каде ќе излегуваш вечер?' велеа, 'кај Сале у Тиква'. Го паметам како многу добар човек, духовит, постојано насмеан. Со ситесакаше да си помуабети. Тој не беше обичен келнер, беше 'над-келнер', со сопствен, индивидуален имиџ. Не се издвојуваше од луѓето што излегуваа таму, и тој беше дел од толпата. И, точно знаеше кој што пие. Само ќе го погледнеш во очи и ти носи тоа што сакаш. Имаше специфичен начин на играње и мислам дека ги сакаше 'Фет Бој Слим', ама мислам дека слушаше се' што се пушташе во 'Тиква'. Сале е една од урбаните легенди на Скопје. Баш ме интересира што прави денес. Баш ми фалат тие времиња, безгрижни...“, се сеќава Тина.

Во разговорот накусо се надоврза и Емилија Рапоска, денес архитект, девојка од една друга дружина во „Тиква“.

„Сале? Супер човек! Секогаш расположен, ко гости дома да викнал, ко да не му беше работа, а мислам никој не го чекаше за пијачка. Значи - брз и расположен келнер - или, попрво би рекла домаќин“, ни рече Еми.

Приказната оставивме да ја заокружи Костадин Шурбановски - Шурбе, инвентар во локалите на Лаци и Сале, кому нивните места му беа првиот диџејски мегдан - на пример, за незаборавните четвртоци во „Тиква“.

Костадин Шурбановски - Шурбе
„Без Сале, 'Арарат' и 'Тиква зелена' немаше да бидат она што беа - култни места за излегување кадешто се собираа ОК луѓе и се слушаше кул музика. Никогаш нема да го заборавам специфичниот денс на Сале, карактеристичниот начин на поздравување со луѓето, смешките, муабетите... Се согласувам дека Сале беше маскота на овие места, и тоа во најпозитивна смисла на зборот, меѓутоа кај него мора да разграничиме две фази: првата, од 'Арарат' и раниот период на 'Тиква', кога слушаше екс-ју рокенрол и кога мислевме дека кожното тесно елече не го симнува ни кога спие, и втората кога, би рекол, се прошизичи, го пронајде својот имиџ (широка, релаксирана гардероба адекватна на опуштениот слободен животен стил). Но, си го профилира и музичкиот вкус, па веќе не сакаше се' што сакаат младите, туку квалитетна современа електронска музика, drum'n'bass, модерен хип-хоп... Со оглед на фактот дека моите први диџејски чекори ги направив токму во 'Тиква' - секој четврток - точно знаев која музика и која песна ќе го развесели и раздвижи. А ако си успеал да го разиграш Сале, што рака на срце и не беше толку тешка задача, тогаш си ја разиграл пола 'Тиква'. Сале беше еден од оние ненаметливо позитивни ликови што секојдневно ги гледаш и разменуваш муабет, ама никогаш не си се заинтересирал за неговиот приватен живот. Последниот пат кога го видов ми рече дека работи за квизот 'Милионер'“.

Многумина не' замолија да им кажеме каде е Сале денес, каде би можеле да го видат. Па, да ја споделиме радоста што го видовме:

Сале денес е чевлар, на пазарчето во Тафталиџе. Појдете му на муабет и доверете му да ги реши ги вашите маки со чевлите. Ќе ве услужи со истата ведрина и со истиот квалитет на услугата. За средба со Сале, вреди и чевли да искинете.