Showing posts with label Тетово. Show all posts
Showing posts with label Тетово. Show all posts

Wednesday, May 21, 2008

Најмалиот музеј на светот

Викендичката на скопјанецот Моне Златев во тетовското село Џепчиште на прв поглед по ништо не се разликува од соседните куќи. Но, разликата е огромна - во неа е сместен најмалиот етнолошки музеј на светот, со повеќе од 1.150 предмети во 7,2 квадратни метри

Пишува. Васко МАРКОВСКИ
Снимил: Андон ДАВЧЕВ

Се сеќавате ли на миговите поминати во подрумите на вашите предци, разгледувајќи наоколу разноразни предмети, обесени на клинче, за кои можете само да претпоставувате што се и за што служеле? Ви текнува ли колку долго можеа да траат таквите разгледувања, небаре сте поминале мали вечности откривајќи нови и нови приказни во предметите што некогаш секојдневно сте ги гледале во просториите за дневен престој во нашите домови? Таква возбуда во себе крие викендичката на скопјанецот Симеон Моне Златев, во тетовското село Џепчиште, каде што е сместена збирка од 1.150 такви предмети на површина од 7,2 квадратни метри.
МУЗЕЈОТ Е ВАШ

Ни беа потребни неколку средби со Моне за да се наканиме да отидеме да го видиме Најмалиот етнолошки музеј во Светот, како што ја нарекува нашиот домаќин неговата збирка. Таквата формулација најпрвин може да ви изгледа претенциозна или национал-романтичарска, но доволно е да го пречекорите прагот и барем малку да поразговарате со домаќинот за да се разубедите.

Тоа можеше да се забележи уште веднаш, на тргнување од Скопје накај Тетово, кога автоматски им го претставивме на колегите како сопственикот на музејот, на што веднаш реагираше, кротко велејќи:

"Не, сопственици сте вие. Музејот е ваш, на вашите предци. Јас сум само случајно човекот кој требало да се грижи за предметите што ви ги оставиле".

Збирката е сместена во едно сопче и во претсобјето во призејето на викендичката на Златеви. Годините веќе го преполниле просторот со предмети од домаќинството, семејното стопанство и социјалниот живот од пред нашата ера до 20 век. За можеме да влеземе, најпрвин моравме да причекаме домаќинот да извади дел од нив во дворот, формирајќи поставка на отворено.

"Ние, Македонците сме скромни. Нам не ни прилега да се фалиме дека сме први во нешто или дека имаме нешто што е најголемо во Светот. Затоа, имам желба да влезам во Гинисовата книга на рекорди со нешто што ќе биде најмало, со најмал етнолошки музеј на светот. Но, тоа не значи дека сме мали духовно. Често знам да им кажам на посетителите од странство дека Македонија и Македонците, можеби се сиромашни материјално, но оти не постои мерка што ќе ја измери нашата духовна големина. Затоа и влезот е бесплатен, од што многу често се изненадени странските посетители", ни рече Златев изнесувајќи во дворот нова тура изненадувања.

Музејот, како што дознавме од разговорот, досега го посетиле повеќе од 10.000 посетители од сите краишта на светот.

МИРИСОТ НА ИСТОРИЈАТА

Чекајќи ја средбата со полиците, имавме прилика да ги прочитаме искуствата на посетителите, од Америка до Јапонија, запишани на десетина јазици, и покрај ризикот туѓите искуства да влијаат на нашите впечатоци.

На страницата што ја отворивме по случаен избор, беа записите на Шаун Морел од САД, која вели посетата на музејот во викендичката на Моне Златев била "совршена презентација на македонското гостопримство". За Хенри Мол од Лос Анџелес, музејот во Џепчиште е "прекрасно место што сите мораат да го посетат". Меѓу нив беше и записот на Сара Дуклас од Калифорнија, за која посетата на музејот направила по којзнае кој пат да сфати дека "убавите нешта доаѓаат во мали пакети", а еден од највпечатливите записи беше кусата реченица на турски, запишана од Џејлан од Скопје, која вели: "Овде историјата има мирис".

Дворот полека се исполни со поставката што полека-полека ја нареди нашиот домаќин. На едниот крај во тревата веќе беше наредена мала одаја со софра и троножци врз црвен ткаен килим, а наоколу, како млади невести што ги служат гостите, стоеа кукли облечени во носии. На другиот крај - композиција од алатки за смоларење, за вадење смола од дрвјата на француски начин.

ПРИБЕЖИШТЕ И ИНСПИРАЦИЈА

Пред да влеземе, посакавме да ја дознаеме историјата на музејот.

"Кога беше време да бирам професија, многу сакав да се запишам на студии по етнологија. Во тоа време кај нас немаше такви студии, па решив да се запишам на архитектура. Завршив архитектура, цел живот работев како архитект, но етнологијата засекогаш ми остана како немир, како неостварена желба. А, музејот, почна да се создава самиот. Се’ почна со невестинскиот фустан на мојата мајка и со предметите што ги најдов во нашиот дом. Полека-полека збирката се зголемуваше, луѓето што ми се блиски дознаа за таа моја страст и веќе почнаа самите да носат секој по нешто што му се нашло во подрумот. Меѓу луѓето што знаеа за збирката имаше новинари од Радио Тетово, и од нив дојде првата идеја да почнам јавно да ги покажувам предметите што ги имав собрано, велејќи дека збирката веќе ја надминала границата на приватно задоволство. Така, почнаа да доаѓаат новинари, по новинарите почнаа да доаѓаат групи ученици, по нив странците и, еве, до денес во музејот поминаа повеќе од 10.000 луѓе од сите страни на светот. Тука се чувствувам најдобро и тука сум нашол мир и спокојство секогаш кога ми било тешко", ни раскажа Златев.

За збирката што ја создал во последниве 20 години се објавени повеќе од 60 репортажи во медиумите во Европа и во прекуокеанските земји, а Најмалиот етнолошки музеј веќе неколку години е дестинација што се препорачува во водичот за земјите од западниот Балкан на популарниот издавач Lonely Planet.

ПОКЛОНИ СЕ И ВЛЕЗИ

Конечно, дојде мигот што го чекавме со нетрпение, како што некогаш ги чекавме миговите да влеземе во подрумите на нашите дедовци. Бидете подготвени уште од прагот за милион прашања што ќе си ги поставите гледајќи ги предметите:

Чија е оваа стара машина за пишување, што ли наплаќал бакалот со оваа фискална каса од некое минато време, каква ли зделка е означена со овие точки и цртички на овој некогашен рабуш? Какви абери му пренесувал овој ротари телефон на некогашнот сопственик и за кого биле наострени оваа кама, сабја, бајонет или ова овчарско ноже? Ни на крај памет не би ви паднало дека оваа бакарна софра некогаш била на дното на Дојранското Езеро, каде што ја фрлило некое османслиско семејство напуштајќи ја Македонија.

Свесни дека може лесно да ви се случи да далдисате барајќи ги одговорите, се обидувате со нова стратегија - на пример, какви се’ звуци се кријат во оваа просторија. И, повторно тргнувате кон нова бескрајност - ѕвончиња, ѕвонци и прапорци, стари грамофони со рачка за навивање, зурли, гајдарки, двојници, кавал, полицајско свирче, едно од многуте радија лампаши со градовите испишани на плочата за бирање или телалски барабан од времето на кралска Југославија.. - нова крајност.

Се обидувате повторно - на пример, да дознаете што се’ се чувало во сандаците за чеиз веднаш оддесно во претсобјето, во сандакот од 1896 година обложен со камилска кожа или во патниот дрвен куфер којзнае-кога донесен од Америка.. - повторно се откажувате и повторно почнувате од почеток.

"Ете, за тоа ви зборував. Овде си го наоѓам мирот", ни рече Моне, како да сака да каже дека не сме единствените што така го доживуваат музејот.

И НАЈМАЛ И ПОГОЛЕМ

Средбата решивме да ја завршиме на масата во дворот, кај книгата со впечатоци, апликацијата за "Гинис" и деветте етно-календари со слики пд експонатите во музејот што ги објавил од 1999 година до денес. Зборувајќи за одговорот што го чека од издавачите на Гинисовата книга и за иднината на музејот, ни откри дека следниот чекор за кој размислува е да обезбеди нов, поголем простор за изложување на експонатите.

"Овде е веќе преполно, но не би го растурал музејот. Со или без Гинис, тој веќе си ја покажа својата тежина, со самото тоа што го посетиле 10.000 луѓе и што има збирка со предмети од пред нашата ера до 20 век. Сепак би било подобро барем дел од нив да бидат изложени во простор каде што ќе можат да дишат. Па, на крајот на краиштата, како што знам да се пошегувам со пријателите, Моне може да си дозволи луксуз да го има и најмалиот музеј на светот, но да има и некој поголем", ни рече.

За крај решивме и ние да ги внесеме нашите впечатоци во книгата на посетители. Блокирани од амбицијата со што помалку зборови да пренесеме дел од морето впечатоци од тоа што го видовме, најзгодна ни се виде една мисла на Ван Гог, опишувајќи ја сликата "Еврејска невеста" од Рембрант: би можел да ја гледам засекогаш и да бидам среќен.