Showing posts with label Рок Фест. Show all posts
Showing posts with label Рок Фест. Show all posts

Friday, May 07, 2010

Океан Пацифик



Во тие снамќорени времиња, кога од секој нов бенд се очекуваше да отсвири нешто што звучи како Мизар, се појавија „дечките од Титов Велес“, со оригиналност и луцидност кои бараа поинаков сетинг на умот за да бидат сфатени како што требa


На ова, дедо ми би рекол: „Еее.. то` беше бенд, не шака!“ - Бог да го прости! Навистина. Таков бенд тешко дека некогаш ќе се повтори, како и да ги ставиш на вагата. Сакаш „дајврзити“, сакаш свирачка супериорност, сакаш спонтаност и уиграност, сакаш зрело и духовито подбивање со авторитетите на музичката историја и индустрија? Тие се сето тоа - бенд составен од луѓе со различно верско и етничко потекло, со различни животни преокупации и предизвици, свирачи за кои е се` едно дали на гитарата и` фали некоја жица, на пример - втората, за да можат најнормално да го отсвират своето, со дух и мајсторство - ко жена му на Френк Запа да ги родила. Се` едно дали настапуваат со формација која била ад хок формирана, за некој настан за кој дознале во 5 до 12, ќе бидат доволно сигурни во себе и доволно опуштени, а вешти, да и` одржат весело лекција на инфантилната математичка прецизност на Моцарт, на провинциската претенциозност на Р. М. Точак или на фалбаџилакот за заводништвото на Џегер и на Фери. Океан Пацифик. Бенд кој мора да се обнови!


Името „Океан Пацифик“, веројатно првпат го сретнав во некое од есенските изданија на „Екран“, петочниот неделен магазин, кој повремено знаев да го купувам, особено наесен, кога, кај да е, требаше да се појави страницата со купонот и конкурсните правила за пријавување на Рок Фест, доцните Осумдесетти.


Уште веднаш, некој ми ја беше наполнил главата со негативна предрасуда за нив - „Океан Пацифик (Титов Велес)“. Дали Марјан Бугарот - другарот од маало кој денес вози супер-брз воз во Мелбурн, или, пак, некој од контраверзните осврти во „Екран“ на Грета Оџакова, за некоја од веќе минатите вечери на тогаш угледниот Рок Фест? Толку ми ја беа наполниле главата дека гледале иритирачки бенд, од кој немаш што да очекуваш - дури ни да им се ситиш гледајќи им го сеирот - што бев вчудовиден кога Џоле ми рече дека Баба, драгиот Баба со кого тогаш ме запозна, дошол таа вечер само нив за да ги гледа. Првата нивна свирка ја изгледав збунето, распнат меѓу контраверзните предрасуди и ентузијазмот на Баба. Но, во сеќавањето остана да тлее мислата: „Овие го имаат срањето!“, што би рекол драгиот поранешен колега Мирче Флашуле.


Лик со имиџ на чобан, со гунче и специјално пуштени бркови и шишки сечени ко со тенџере од еден литар ставено на фаца, свири на гитара со, очигледно, скршен врат (или митот веќе почнал да му упаѓа во меморијата на разумот!?), свири нешто што и јас, како Грета, тешко можев да го сфатам, а панкерите збеснаа - скокаа и се качуваа на сцената на огромно задволство на изведувачите.


Веќе не можам јасно да се присетам како поминаа годините (или месеците?) до следната средба со нив, до мигот кога пред мене се појави касетата „Демоскоп 2“ - белата – второто продолжение од тогаш култните компилации на макдонски рокенрол, изданија на Радиото Клуб 100, предвесникот на новиот бран во етерот по кој подоцна засурфа Стотројка. Во следните неколку месеци, да имаше уста да зборува касетофонот, сигурно ќе му дојдеше преку глава и ќе се развикаше: Доста веќе со таа Дабл Трабл! Доста веќе со тие Океан Пацифик.


Но, тешко дека некој можеше да остане рамнодушен на тоа – начинот на музицирање кој подоцна го откривме кај Френк Запа енд Д Мадрс оф Инвеншн. Во тие снамќорени времиња, кога од секој нов или помалку познат бенд се очекуваше да отсвири нешто што звучи како Мизар, се појавија тие, „дечките од Титов Велес“, со оригиналност и луцидност кои бараа поинаков сетинг на умот за да бидат сфатени како што треба, и приказни за обичните нешта, полни со драма и ведрина, навидум наивни, сериозно длабоки. На пример, Дабл Трабл. Песна што во тие догматски времиња пленеше со игнорирањето на хармонските правила на квинтниот круг, со текст кој прави длабинска анализа на општеството, раскажан на навидум наивен начин – од гитарист кој свири правејќи перфидни грешки и навидум ненадарен пејач, со сценски прекар Џими - Цока и Јусуф.


„Не оддалечувај се премногу од базата сине, оди до таму каде што си безбеден. / Смали ги амбициите со мене стари, јас сум скоро безвреден. / Било која цена да ја понудиш другар, сепак е ниска и нестварна / тоа е кокетирање, тоа е деформација, на младата генерација / Дабл трабл. // ..Има ли сево ова смисла? Не ли има премногу милиција? / Се' уште живееш со спомени од Стамбол, за Њујорк ствараш илузија. / Дабл трабл“.


Но, тоа е само една од првите. Од нив се очекуваше коментар за секоја трендовски прогласена вредност во општеството, кое веќе драматично се менуваше. Фановите од време на време и ден денес ќе си спомнуваат на стиховите: „Пред дождот и по дождот – магла!“, „Нова Европа, нова Европа – место под сонце за секоја стока“, „Кавијар и лоза, виски и боза“, или стиховите од песната што некогаш им ја одбиле на конкурсот за Макфест, веројатно затоа што го насетиле подбивот кон фестивалот: „А ти би ме фрлила на ајкулите, би пуштила да ме однесат ветровите, но немој да мислиш дека и ти не си ранлива, за рибите и ти би била хранлива“.


Оние што со време ги откриле, ги паметат речиси сите свирки на кои Океан Пацифик се појавиле и направиле лудорија. Откако еднаш ги откриле, тешко дека пропуштиле некој од нивните следни настапи – групни или самостојни. Журката е загарантирана, без разлика дали ќе свират во преполн или празен Куршумли Ан, во некоја предавална на некој од техничките факултети во Скопје или во некое кафуле чиј привремен сопственик веќе научил дека нивните свирки носат добар промет.


На една од таквите свирки не' потесети Идриз Амети, фронтменот на скопските Бла Бла Бла.


„Првпат ги гледав во Клуб 21 во Чаршија. Изненадување уште од првиот такт: кои се овие? Од каде се? По некој миг сфатив дека гледам нешто сосема друго од она што сум го чул до тогаш на македонската сцена. Какво солооо!? Хаа!?.. Кој е овој? На што е? Имаат ли издание? По таа свирка следеше потрага по нешто нивно и ги следев речиси сите нивни настапи во градот. Тешко тоа некој да го повтори!“.

Еден од многуте големи почитувачи на Океан Пацифик е и Горан Станковиќ – Црни, басистот на легендарните Санаториум. За него Пацифик се најоригиналниот и најлудиот бенд што кога и да е се појавил на македонската сцена.



„Не знам во која категорија на рокот да ги ставам, освен во Океан Пацифик. Најконтраверзни настапи и текстови, што, во тоа време беше, многу смело. И до ден денес ги зборуваме по многу дешавки и заебанции што сме ги поминале по Рок фестовите. Пејачот, велешанецот, е приказна за себе. Најлудиот. Одлично си парираа со Цоката и мислам дека беа најандерграунд бенд, не само по свирка и понашање на стејџ туку и во нивните приватните животи“.


За феноменот Океан Пацифик не беше заслужно само неговото јадро: Јусуф и Цока. Луѓето што ги демнеа информациите за секој иден нивни настап знаеја дека има уште нешто што нивните настапи ги прави оригинални и интересни: кого ли ќе донесат за ритам секција? Каква ли формација ќе извадат на сцената? Менувањето на составот беше уште еден битен фактор што нивните настапи ги правеше оригинални. Дали на тапаните ќе седне Васко Четка - брат му на Цока, точен како метроном – или, и овојпат ќе дојдат со некој што ќе направи журка со призвук на чочек? Каков басист ќе се појави – Сокол, мајсторот за штекање, братучедот на Цока од Кавадарци – или, некој селебрити пријател, од некој друг бенд, кој улетал во последен момент колку да не ја откажат свирката? Како и да е – ќе има журка, и за публиката и за луѓето на сцената.


Такво искуство ни раскажа Ристо Апостолов, фронтменот на групата Водолија.


„Ми се јавува Цока по телефон и ми вели: ај да свириш бас со нас во Љубаниште, на фестивал. Утредента одам во Кавадарци кај Цока, ѓоамити ќе вежбаме, но ништо од тоа, бидејки на Цока му се шеташе, па заглавивме по кафани. Другиот ден наместо да вежбаме Цока ме однесе на слава кај негов пријател, а кога му спомнав да повежбаме, бидејќи не ги знам песните, ми рече дека во Љубаниште ќе пробаме. По два дена наводно везбање, односно шетање низ Кавадарци, тргнавме за Охрид. Кога стигнавме таму и кога падна муабет да вежбаме, Цока на тоа одговри: ако ги имаш увежбано песните и добро ги свириш, не си за во Океан Пацифик. И, така, не увежбан, се качив на бина со нив и направивме оригинална свирка, односно го свиревме Моцарт наопаку, ко што би рекол Цок'та. Со други зборови, и покрај нивниот навидум несериозен однос, сепак знаеја да направат атмосфера, користејки џез, рок и фолк елементи и текстови кои навистина имаа тежина“, ни раскажа Ристо.


За крај ни остана уште мислата дека е штета што денешните генерации рокенрол публика немале прилика да го видат тоа, бендот на кој му симнуваа капа сите тогашни авторитети во музиката – од искусниот Ристо Вртев, до почетниците кои допрва требаше да научат што е Маршал. Да формираме ли Фејсбук група да ги поттикнеме? Хмм.. Изгледа најдобро ќе биде да го послушаме советот на Идриз од Бла Бла Бла. „Не, никако не треба да се обноват. Не би сакал да ми го срушат убавиот спомен, како многу други. Ништо не се добива. Сега има ајкули кои би ги изџвакале и би ги фрлиле на буниште.“




Фото: Александар Стојанов + приватна збирка