Владичките одежди од Матка
Ателје за изработка на владички одежди со компјутерски управувани машини во манастир од 14 век. Не е фикција - токму таква е работилницата на сестринството од манастирот Успение на Пресвета Богородица во скопска Матка
Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Снимил: Милан СТРЕЗОВСКИ
Сте забележале ли дека многу често меѓу луѓето што немале прилика да посетат некој од македонските манастири, откако во нив се врати монаштвото, често владее впечатокот дека животот таму малку се променил од средниот век до денес? Ако и вие така размислувате, што би рекле за манастири кои меѓусебно комуницираат со електронска пошта, за манастирски келии во кои има пентиум 4 со инк-џет печатач и манастир во кој има работилница со компјутерски управувани машини?
Не брзајте со заклучоците ако ова ви заличи на футуристичка приказна. Такво нешто има на десетина километри од Скопје, во манастирот Успение на Пресвета Богородица во Матка, во ателјето за изработка на свештенички и владички одежди.
"МАЛКУ БЕВМЕ ЗА ЧУВАЊЕ КОЗИ..."
Бевме изненадени кога дознавме за работилницата на сестра Перпетуа, сестра Доротеа и сестра Харитина, затоа што одамна го баравме одговорот кој ги облекува македонските владици и свештеници, од каде ги набавуваат свечените облеки во кои ги гледаме на големите празници и на редовните богослужби. Тргнавме за Матка, за од прва рака да разбереме нешто повеќе.
"Работилницата беше идеја на сестра Перпетуа. Кога го обновивме сестринството, во мај 1998 г., сакавме и нашиот манастир да има своја економија. Се обидовме да чуваме кози, од млекото правевме козјо сирење и јогурт, но се откажавме, затоа што не можевме се' да постигнеме три-четири сестри. Една од идеите беше да направиме работилница за одежди", ни рече сестра Доротеа, која не' пречека во манастирот наместо игуманијата, сестра Перпетуа, која морала да тргне на пат.
На почетокот монахинките не биле сигурни дали ќе успеат да го остварат тоа што го замислиле, но времето ја покажало чудотворноста на волјата и молитвата.
"Бев уплашена, зашто дотогаш воопшто не знаев да шијам. Не знаевме ни кроење, ни шиење - знаевме малку од малку да веземе, колку што сме научиле како девојчиња. Но, со Господ напомош, научивме", ни раскажа сестра Доротеа за почетоците.
Начинот на работа тогаш и сега многу е променет. Ако некогаш се' работеле на рака, денес речиси се е автоматизирано.
"Почнавме со мантии - со одежди за нас, за сестринството, сакајќи да видиме дали тоа ќе може да се развие во работилница. Кога почнувавме, везевме на рака, шиевме поедноставни работи. Фала му на Бога, од пред 4 години веќе шиеме свештенички и владички одежди, а од пред 2 години за везовите користиме компјутерски управувана машина и работиме од голо платно до готови комплети одежди", вели сестра Доротеа.
PROGRAM # 12
Во разговорот ни се придружи и сестра Харитина, најмладата монахинка во сестринството. Како што ни рече сестра Доротеа, со нејзиното доаѓање значително се модернизирал процесот во работилницата, а нејзина обврска се дизајнот и везењето.
"По занимање сум дипломиран информатичар, така што мојата главна работа се програмирањето на машините и дизајнот за одеждите. Користиме специјален софтвер за везење, кој ни помага за исцртување на мотивите и за програмирање на машините за везење", ни раскажа сестра Харитина.
Сакајќи да ни покаже како работи машината, ја вклучи програмата, која на дисплејот беше означена како Program #12.
Иглата почна да го протнува златно-жолтиот свилен конец врз црвениот италијански сатен. Малку по малку почна да се препознава и формата.
"Ова ќе биде средновековен крст, вплетен во кружна плетка. Формите веќе се исцртани со програмирањето, а додатокот на машината ги претвора во инструкции. Софтверот ви дава да одберете начини на везење, но треба да се внимава на машината да не и се зададат наредби што нема да може да ги извезе. Но, и за тоа има решение, ако ги работите дел по дел", ни откри нешто од мајсторијата.
Додека главата и иглата тропаа врз ѓерѓефот со оптегнатото платно, сестра Доротеа ни раскажа дека од платното ќе скројат епитрахил, додатокот како долг свилен шал што го ставаат свештениците над мантијата, кој бил нарачка за манастир во Грција.
ОДЕЖДИ ВО МАТКА, МИТРИ ВО РАЈЧИЦА
Во работилницата, како што ни раскажаа сестра Доротеа и сестра Харитина, главно се изработуваат комплетни одежди за сите сталежи во Македонската православна црква - ѓаконски, свештенички и владички.
"Сега најмногу работиме за Соборниот храм. Претходно правевме одежди за црквата Св. Димитрија, од каде што ни дадоа голема доверба, кога почнувавме со работилницата, кога ни беше најважно. Во тоа време се работевме рачно - немавме ниту една машина. Оттаму ни дадоа материјал, да им сошиеме одежди. Откако видоа како им ги изработивме, беа задоволни, ни порачаа уште и така почнавме се почесто да добиваме порачки", ни раскажа.
Додека разговаравме, заѕвони мобилниот телефон на сестра Доротеа. Како што разбравме од разговорот, сестрите од манастирот во дебарска Рајчица прашуваа нешто за новата одежда на полошко-кумановскиот владика, дедо Кирил.
"Одеждата што е на куклата му ја шиевме на дедо Кирил, а во манастирот во Рајчица се изработуваат митри, капите што ги носат свештениците. За да си одговараат митрите и одеждите колку што е можно повеќе, редовно се договараме со сестрите од Рајчица околу шарите што ги веземе на одеждите", ни откри сестра Харитина.
Накусо поразговаравме и за вкусовите на македонските владици и бевме љубопитни чии одежди се најголем предизвик за сестрите.
Ни открија дека секој владика внимава на различни детали. Европскиот митрополит, господин Пимен, најмногу црпи инспирација од фолклорот, одеждите на струмичкиот владика дедо Наум најмногу наликуваат на одеждите на охридските архиепископи од средновековните фрески, а најхрабар во изборот на боите е дебарско-кичевскиот владика, господин Тимотеј.
ИНСПИРИРАНИ ОД ТРАДИЦИЈАТА
Посакавме да видиме како се исцртува везот во компјутерската програма. На готовите одежди што ги видовме препознавме и некои мотиви што сме ги виделе во македонските храмови и археолошки локалитети, па ја искористивме приликата да поразговараме малку и за дизајнот.
"Уште одамна, додека бев дома, си цртав на рака вплетени шари, од кои подоцна излегуваа крстови. Тоа го правев подолг период, а откако сум овде истото го правам на софтверот за дизајнирање на везовите. Во самите одежди, како во новата одежда на дедо Кирил, во основата има една шара што се повторува. Главно тој мотив го вплетувам зависно од тоа каков облик ми треба. Главно инспирација црпам од македонското црковно и културно наследство, кое го пренесувам преку везот", ни рече сестра Харитина.
"ШИЕМЕ СО МОЛИТВА"
Пред заминување, сакавме да дознаеме и како изгледа еден обичен ден во работилницата. Кога шијат, кога ги извршуваат другите работи во манастирот. Како што ни раскажа сестра Доротеа, додека работат владее непишано правило колку што е можно помалку да разговараат меѓу себе, а работата им тече со молитва. Денот во манастирот почнува со утринските духовни обврски на сестринството, кои обично траат два-три часа. Откако ќе завршат и индивидуалните и соборните молитви, се преминува на физичкиот дел од обврските кон манастирот, послушанието. Живеењето во манастир од сестрите бара да се грижат за уредувањето на дворот, на конаците и да ги извршуваат обврските во кујната, но најголемиот дел од времето за послушанието и го посветуваат на работата на одеждите.
"Во кое било послушание, што и да се работи, се трудиме колку што е можно помалку да зборуваме меѓу себе, освен кога е нужно за нешто да се консултираме или нешто да си подадеме. Додека работиме, секоја за себе кажуваме на глас Исусова молитва. Како што не' поучува светогорскиот старец Паисиј, се трудиме работата да ја извршуваме со љубов спрема оној што ќе ја носи одеждата. Важна е настроеноста тоа што се работи, да се работи со љубов. Затоа е голема и радоста кога имаме можност да видиме како свештеник или владика служи богослужба за толку народ, во одежди што сме ги изработиле во нашата работилница", вели сестра Доротеа.
Не испратија до манастирската капија. Сигурно забележаа колку нашата средба со нивните ракотворби беше љубов на прв поглед. Не ќе да беше случајно што ни подарија за спомен нешто што било изработено во нивното атеље - разделници за книги со мотивот од одеждата на дедо Кирил.
No comments:
Post a Comment