За луѓето што некогаш излегувале по местата каде што работеше, тој не беше келнер или „кој било келнер". Сале беше институција - домаќин кој ќе те услужи како човек, пријател кој ќе ти го исполни со ведрина излегувањето - човек кој ставил печат на едно убаво време на стотици скопјани
Не е можно да не го спомнеме кога од време на време ќе се видиме и ќе се заседиме со старите пријатели, со луѓето со кои некогаш сме ги минувале ноќите од студентските денови. Муабетот секогаш завршува со истите зборови и истата констатација: Сале беше институцуија, таков келнер нема да се повтори, кого сакаш прашај! Сме прашале многумина и секогаш сме го спомнувале со истото задоволство, а такви имаше стотици, илјадници - огромна дружина што почна да се создава во „Арарат“ во 1990 и да се зголемува во сите следни локали на Лаци и Сале.
 |
| Светислав Целе Трајковски |
Секој следен локал добиваше ново, откачено име - дотолку необични, што повозрасните колеги на работа, кои штотуку ве запознале, помислувале дека можеби со нив се подбивате, кога ќе ве прашаат каде излегувате, колку да го пробијат мразот на првиот контакт: „Тиква зелена“, „Рачки и тапани“.. И, да не го заборавиме крајот, иако најмалку познат - кусиот период кога нивни беше „Ван Гог“ во едно од неговите продолженија, пред безмалку десет години.
Решивме да го пронајдеме. Почнавме да буричкаме по телефонските именици, да се распрашуваме по пријателите на социјалните мрежи. Си најдовме убав повод да си поприкажеме за него и за времињата поминати заедно, да се обидеме да го пронајдеме. Пред нас се заредија убавите мигови поминати во 30-те квадрати, во локалот под денешна „Калдрма“ на влезот на Чаршија.
„Секогаш сум се чудел како може да носи толку чаши и шишиња со тоа малите рачиња. А, знаеш, колкаво друштво бевме! Многу пијачки се тоа - најчесто 'Бадел бренди', најубавиот!“, муабетот го отвори Светислав Целе Трајковски, еден од ликовите од неколкуте инвентар-дружини во „Арарат“ - пинтиско-драчевската, денес лондончанец.
 |
| Јане Бојаџиевски |
Од другата страна на Атлантикот се јави Јане Бојаџиевски, темпераментниот пријател од младоста, денес новинар на „Гласот на Америка“ во Вашингтон.
„Aко не ме памти, срам да му се пивата - ѕидарски - што сме ги испилле со дружината. Беше лик ко Чико од 'Загор' со легендарното кожено елече! - зиме, лете, се рабира, врз црна маица со кратки ракави. Олабавен тип. Иако пиевме по тројца едно пиво, во 'бош' ден, не ни мрчеше, ко на други места, дека мора секој да пие. Ако не - ај гитла! Не беше таков. Поздрави го многу од другата страна на Атлантикот!“, ни порача Јане.
„На линијаповторно го имаме Лондон. Уште еден лик од пинтиско-драчевската дружина во „Арарат“, Марјан Стојановски - Мац:
 |
Марјан Стоановски -
Мац |
„
Влагам таму - 'Арарат', 'Тиква'.. кое и да беше - ме гледа и со поглед ќе си направиме муабет: 'Кај си? Арен? Зелено?'. Викам: 'да' - и, сме се разбрале. Паматеше речиси за секого кој што пие. Макар што, 90 отсто, речиси сите, пиевме пиво. Знаеше да се нареди со чаши и шишиња, и иако беше така, широк, за чудо лесно се пробиваше низ народот, а нели, гужви беа. Арно ама, нели, на тие места речиси сите бевме инвентар, па беше нормално луѓето да му прават место - и тие се грижеа за него. Ниедно од тие места немаше да биде исто без Сале. И уште една работа - во ниту едно од тие места никогаш немало голем проблем. Сале ги решаваше проблемите пред да се случат. Сум бил сведок на две-три такви случки. А, кажи му 'Скопско, у зелена флаша', да видам дали не се сеќава на мене?!“, ни раскажа Мац, кој има бизнис со лифтови во Лондон, наседнувајќи на провокацијата кога му рековме дека Сале не го памети.
Една од инвентар-дружините на „Тиква зелена“ беше дружината на Тина Иванова, сестра му на Изи, како што ја знаевме, ние, малку повозрасните - денес новинарка и музички критичар. Ја замоливме сподели со нас дел од сеќавањата.
 |
| Тина Иванова |
„
Киснев во 'Тиква'. Сале, беше белегот на таа култна 'дупка', маскота, секако во позитивен контекст. И сите кога ќе ги прашав: 'каде ќе излегуваш вечер?' велеа, 'кај Сале у Тиква'. Го паметам како многу добар човек, духовит, постојано насмеан. Со ситесакаше да си помуабети. Тој не беше обичен келнер, беше 'над-келнер', со сопствен, индивидуален имиџ. Не се издвојуваше од луѓето што излегуваа таму, и тој беше дел од толпата. И, точно знаеше кој што пие. Само ќе го погледнеш во очи и ти носи тоа што сакаш. Имаше специфичен начин на играње и мислам дека ги сакаше 'Фет Бој Слим', ама мислам дека слушаше се' што се пушташе во 'Тиква'. Сале е една од урбаните легенди на Скопје. Баш ме интересира што прави денес. Баш ми фалат тие времиња, безгрижни...“, се сеќава Тина.
Во разговорот накусо се надоврза и Емилија Рапоска, денес архитект, девојка од една друга дружина во „Тиква“.
„Сале? Супер човек! Секогаш расположен, ко гости дома да викнал, ко да не му беше работа, а мислам никој не го чекаше за пијачка. Значи - брз и расположен келнер - или, попрво би рекла домаќин“, ни рече Еми.
Приказната оставивме да ја заокружи Костадин Шурбановски - Шурбе, инвентар во локалите на Лаци и Сале, кому нивните места му беа првиот диџејски мегдан - на пример, за незаборавните четвртоци во „Тиква“.
 |
| Костадин Шурбановски - Шурбе |
„
Без Сале, 'Арарат' и 'Тиква зелена' немаше да бидат она што беа - култни места за излегување кадешто се собираа ОК луѓе и се слушаше кул музика. Никогаш нема да го заборавам специфичниот денс на Сале, карактеристичниот начин на поздравување со луѓето, смешките, муабетите... Се согласувам дека Сале беше маскота на овие места, и тоа во најпозитивна смисла на зборот, меѓутоа кај него мора да разграничиме две фази: првата, од 'Арарат' и раниот период на 'Тиква', кога слушаше екс-ју рокенрол и кога мислевме дека кожното тесно елече не го симнува ни кога спие, и втората кога, би рекол, се прошизичи, го пронајде својот имиџ (широка, релаксирана гардероба адекватна на опуштениот слободен животен стил). Но, си го профилира и музичкиот вкус, па веќе не сакаше се' што сакаат младите, туку квалитетна современа електронска музика, drum'n'bass, модерен хип-хоп... Со оглед на фактот дека моите први диџејски чекори ги направив токму во 'Тиква' - секој четврток - точно знаев која музика и која песна ќе го развесели и раздвижи. А ако си успеал да го разиграш Сале, што рака на срце и не беше толку тешка задача, тогаш си ја разиграл пола 'Тиква'. Сале беше еден од оние ненаметливо позитивни ликови што секојдневно ги гледаш и разменуваш муабет, ама никогаш не си се заинтересирал за неговиот приватен живот. Последниот пат кога го видов ми рече дека работи за квизот 'Милионер'“.
Многумина не' замолија да им кажеме каде е Сале денес, каде би можеле да го видат. Па, да ја споделиме радоста што го видовме:
Сале денес е чевлар, на пазарчето во Тафталиџе. Појдете му на муабет и доверете му да ги реши ги вашите маки со чевлите. Ќе ве услужи со истата ведрина и со истиот квалитет на услугата. За средба со Сале, вреди и чевли да искинете.