Tuesday, September 21, 2010

Ариан Дема

Нема да погрешиме ако речеме дека Љани, како што го нарекуваат пријателите, поставувал високи стандарди во се’ што ќе фател да работи. Некогаш тоа го правел како гитарист на култните бендови “Пу група” и “Ден за ден”. Подоцна, тоа го правел во угостителството. Малкумина знаат дека тој е човекот кој го донесе во Македонија хамбургерот и концептот на фаст-фуд ресторани

Неговото име првпат го прочитавме на обвивката од албумот на “Ден за ден”, плоча што првпат се појави во нашиот дом еден петок, кога татко ми се врати од терен - градежен инженер, надзор на некаков објект кај Македонски Брод - со четири плочи, сакајќи со нив да ни каже дека за многу помалку пари можат да се купат дури четири плочи, споредено со “Made in Japan” на “Дип парпл” за која со брат ми, на почетокот на неделата, бевме потрошиле 700-800 динари.

Беше изненадување што воопшто нашол нешто, таму, кај Брод или Самоков, но и што решил да ни одржи една таква лекција, по големите пари што не толку одамна ги бевме дале за винил. Откривме нов македонски бенд, плоча со бајаги откачен “омот” - девојка распната на авион: “Ден за ден”. Секое разгледување и секое преслушување на “Ден за ден” носеше интензивен бран возбуда, восхит и мистика. Кои се овие луѓе? Како може да постои нешто толку генијално, а да не сме го знаеле до сега, да го немало на телевизија, да не сме ги виделе во “Екран”? Кои се овие вешти музичари и композитори, со едноставен, а фраерски имиџ, сликани пред кино “Култура”? Од кое маало произлегла таа магична музика, што звучи како раниот “Леб и сол”, а толку различна - песни во кои се насетува инспирација од фолклорот, но со толку откачено и инвентивно испреплетени мотиви. Остана надежта дека некогаш ќе запознаеме некој од нив, или дека - дај Боже - некогаш ќе им текне да се реоформат, да настапат некаде: Димитар Чочоровски, Ариан Дема, Драгиша Солдатовиќ и Владимир Јанкуловски.

Минуваа години. Разбравме дека бендот имал карма на комета - блеснал и заминал славно во вечноста, и покрај малиот тираж на албумот. Чочор заминал во Австралија, за Јанкуловски ретко кој знаеше нешто да ни каже, некои пријатели што подоцна ги запознавме, рекоа дека се познаваат со Солдатовиќ - “Лабиш“ - но не стигнавме да го запознаеме. Замина во вечноста. Најлесно му влеговме во трагата на Аријан Дема, гитаристот за кого разбравме дека бил сопственик на сендвичарницата на автобуската станица спроти “Драмски”, кај билетарницата - каде што прават вкусни сендвичи, со помфрит - четвртесто сечените пржени компирчиња, прелеани со некакви сосови чиј вкус долго се памети. Но, никогаш не собравме храброст да го побараме.


Музиката на “Ден за ден” нè возеше и во средношколските денови, кога хит-место за трошење на парите за на училиште беше “Камел”, спроти Соборна црква. Местото каде што се појави “хамбургер” - сендвич со плескавица, но не како во трафиките на “Метропол”, туку -  полн со салата, помфрит, кечап и мајонез - со вкусови слични како во Фритерија “Аријан” - наспроти Драмски.

По дваесетина години живеење на релација Брисел-Палма де Мајорка, Љани веќе една година повторно е во Скопје. Разговорот со него демистифицира многу од нештата за кои сме биле љубопитни.

Музиката почнала да го интригира уште од детството, додека ја гледал виолината со која вежбала сестра му. Набргу почнал и самиот да свири. Веќе на 21 година (1978) имал сериозен бенд, кој ставил силен печат на времето во кое живееле: “Пу група”, бендот во кој ќе ја создадат мегапопуларната и единствената забранувана македонска рокенрол песна, “Неправда”, која се дрзнала да пее за “имаш ти, немам јас”, во време кога системот проповедал еднаквост. По седум-осум години, пријателски решаваат да продолжат по различни патишта. Љани сè повеќе бил загреан да свири фјужн-џез. Им се придружува на Лабиш, Чочор и Јанкуловски - веќе формираниот “Ден за ден”. Бендот не успеал да ја фокусира енергијата за да го издаде вториот албум, за кој добиле понуда веднаш по првиот. Љани заминува во Белгија, каде што влегува во угостителскиот бизнис, но покрај него редовно е неговиот Гибсон Лес Пол - запознава менаџери од Германија, под чие водство свири со клупски лајв-бенд во елитните европски скијачки центри, со настапи закупени за една година однапред. Зиме во Брисел, лете во Палма де Мајорка, каде што работи како менаџер на ресторани. Пријателството со Гранит и со луѓето од “Пу” се одржало до денес.

Гранит Таќи: „Солото на 'Неп-
равда' е соло кое сака да го на-
учи секој гитарист во Македонија,
исто како рифот на 'Smoke on
the water' 
на  Deep Purple“ 
“Љани за мене е најголем југословенски гитарист на сите времиња - значи, не велам македонски, туку пошироко. Само му замерувам што престана да свири. Мислам дека е, сè уште, најголемиот виртуоз, дури и пошироко од тие југословенски рамки. Дури и најголемите критичари на тогашната сцена го прогласија за најдобар гитарист на тие времиња. Солото на “Неправда” е негово, тотално и е едно од најпознатите сола во Македонија, соло кое секој гитарист во Македонија се трудел да го научи, како што го учат по светот рифот од “Smoke on the water” од “Дип Парпл” сите што сакаат да научат гитара”, се сеќава Гранит, фронтменот на “Пу” и “Лева патика”.

На виртуозноста на Ариан се сеќава и Владимир Петрушевски - Фили, професор на Природно-математичкиот факултет, некогашен соборец на “Пу”, клавијатурист на тогашниот бенд “Листен”.


„Исклучително талентиран гитарист, со
одличен слух и извонредна имагинација“,
Владимир Петрушевски - Фили.
“Љани отскокнуваше од составот. Беше исклучително талентиран гитарист, со одличен слух и извонредна имагинација. Хендикепот што не знаеше ноти, успешно го надоместуваше со одлични идеи. Беше склон кон експериментирање, кое повремено знаеше да поприми и белези на ‘заебанција’. Да речеме, на еден од концертите што беа организирани во кошаркарската сала на ‘Работнички’ (1975 или 1976 год.) излезе маскиран како Индијанец, а во една од композициите дел од солото на гитара го отсвире со - гудало! Беше извонредно. Беше еден од оние што дадоа печат на тоа време”.

„Пристапот му беше максимал-
но професионален, доведен до
ниво на тотален дизајн“,
Слободан Живковски
Еден од луѓето кои имале прилика да го гледаат Љани одблиску е архитектот Слободан Живковски, авторот на обвивката на плочата на “Ден за ден”. Освен во музичките проекти, соработувал со него и во угостителските, како креатор на ентериерите на неговите угостителски локали.

“Имаше страшно специфичен модел на музички израз, што беше новина во таа област - бојата на гитарата, начинот на интерпретација, степенот на креативниот потенцијал. Мислам дека беше човекот што го промовира кај нас концептот на фаст-фуд. Пристапот му беше максимално професионален, целиот концепт беше доведен до еден тотален дизајн, што си ги даде своите резултати. Наметна и квалитет и имиџ и начин на работење, независно од неговото занимавање со музика - влезе во една друга зона, прагматична, којашто даваше резултати”.


Долго чекана средба со херојот.

No comments: