Господи, прости ми за насловот, но не можам да најдам поинаков израз за да го искажам својот револт од она што годинава им се нуди на туристите во нашата туристичка Мека, македонскиот Ерусалим, Охрид.Со каков идентитет ги пречека Охрид туристите годинава и што автентично им понудија на гостите луѓето што биле благословени да се родат во градот со 365 цркви, градот на златните маски и торзото на Изида, покрај езерото што настанало кога Билјана заборавила да го затвори капакот на изворот, низ кое незабележано тече река, плива уникатната пастрмка, да живеат во котлината што со дух и со благородни растенија ја облагородил свети Климент Охридски... - колку и да набројуваш, нешто ќе пропуштиш.
Можеби е престрого на ваков начин да се суди за содржината што им се нуди на посетителите, но зарем не е невкусно во место што врие од приказни, кое дури и за секој поголем камен сплело некаква приказна, хотелите, рестораните и плажите да носат имиња како Акапулко, Корали, Немо, Коза Ностра, Дон Вито, Лас Америкас, Кадмо, Куба либре, Каза ди Папа или Ла Гоа. Колку ли не се познаваме или не се почитуваме себеси ако се обидуваме да ги импресионираме гостите со имиња што подражаваат нешто некаде, продавајќи кич, евтина музика, еспресо и празни зборови.
Каков спомен ќе им остане на луѓето што застанале да се фотографираат пред споменикот на свети Климент на градскиот плоштад итајќи што побргу да заминат оттаму поради неподносливиот мирис на чадот од лесковачките скари, распослани по кејот, по улиците или на зеленилото околу на Домот на културата? Многу е веројатно по некоја година, кога ќе се навратат на фотографиите, да речат дека се сликале пред споменикот на свети Климент - Лесковачки.
Таков lapus linguas со името на свети Климент можеби и не ќе беше грев ако плоштадот мирисаше на лескоечко ѓомлезе, наместо на лесковачки роштиљ. И можеби и апетитот ќе ви беше поголем ако наместо: Где си била кад сам био нико, сад си дошла кад сам пост'о неко, од терасите на рестораните ечеше: Во раката меџидија, нишан за Деспина. Ако... повеќе се познававме себеси, ако повеќе го почитувавме тоа што ни го оставиле предците.
Дали имињата Далга, Ј'но, Сараиште, Света Софија, Десарет, Стар чинар, Градиште или Два бисера се помалку привлечни за гостите и влеваат недоверба во квалитетот на храната или пијалаците? Зар нема да им стојат на плажите имиња како Дупнато кајче, Куќарката на дедо Јонче, или Кроток бран?
Ќе му текне ли некому да се сети малку на обичните нешта, на обичните луѓе, да им раскаже нешто за нив на гостите што доаѓаат во Охрид или и натаму ќе пречекуваме шемаџии, кафеџии и свежи туристи, како што Горан Бреговиќ ги опишува ентузијастите што наоѓаат задоволство да одат по галерии и по музеи во неодамнешното интервју за Форум плус.
Неговите зборови ме потсетија на едни стихови на израелскиот поет Јехуда Амихај, во кои ни пренесува бунт на еден ерусалимец против начинот на кој туристичките водичи им го претставуваат неговиот град на стадата туристи од сите страни на светот.
Еднаш седнав на скалите пред портата од кулата Давидова и ги спуштив двете тешки корпи крај мене. Група туристи се беше збрала околу својот водич, па им послужив како точка за ориентација.
“Го гледате човекон со корпите? Малку вдесно од неговата глава ќе видите лак од римско време. Десно, веднаш од главата.”
“Но тој се движи, се движи!!”
Си реков себеси: покајанието ќе им дојде само кога некој ќе им рече: Го гледате онаму оној лак од римско време? Не е важно: веднаш до него, малку влево и подолу, седи еден човек што од пазар си купил овошје и зеленчук.
Кој знае, можеби наскоро ќе чуеме дека и на охриѓани им здодеало од приказната што им се раскажува на туристите што доаѓаат да го видат македонскиот Ерусалим.
Кешке да е така!
http://www.forum.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=172&ArticleID=4625&EditionID=148&Page=1
1 comment:
се согласувам со Вас..не знаеме како да направиме една проста туристичка стратегија во која ќе промовираме наше..
Post a Comment