| Ацо, Црногорецот (Фото: Андон Давчев) |
Многумина ни беа рекле дека кога-тогаш мораме да напишеме нешто за Ацо Црногорецот, басистот на скопската група „Тор“ од раните седумдесетти, првиот македонски рок бенд кој настапил надвор од границите на тогашна СР Македонија, на загрепскиот „Бум фест“ бенд во кој тогашните хрватски менаџери ќе го откријат на Аки Ракимовски и подоцна ќе го поканат да стане фронтмен на популарните „Парни ваљак“.
„Само да го начекаш некогаш кога ќе дојде од Америка не' советуваа пријателите-консултанти за урбаните легенди од шеесеттите и седумдесеттите. Деновиве телефоните почнаа да ѕвонат: Ацо е во Скопје, со него мораш да се видиш! - почнаа да се јавуваат.
Во договореното време, на договореното место дојдоа. Ситна, и Ацо, Црногорецот - човек од два метра, со имиџ каков што веќе очекувавме: долга коса, - еднаш рокер - секогаш рокер! - со кожена јакна со реси, срдечен, позитивен и полн со искуство од кое многу можеме да научиме.
Разговорот трае со часови. Првпат се гледате, но муабетот тече како да се познавате отсекогаш. Многу нешта набргу ќе ви кажат дека во право биле сите што ви рекле дека со него мора да се видите, морате да го запознаете.
![]() |
| Зорица Поп-Панкова |
„Ацо Црногорецот е еден меѓу првите хипи луѓе, човек кој живееше со тоа време, времето на 1970-тите. Фронтмен во вистинскиот смисол на зборот. Едноставно доминираше на сцената - и со начинот на музицирањето и со неговата појава. Човек кој ги знае музиката и басот во душа и кои се дел од неговата душа. Така се поставуваше и се однесуваше. Но, кај него немаше нарцисоидност или - да каже: јас сум тој и нема подобар од мене. Почитувал и бил почитуван. Сум работела со многу басисти, но работата со него беше нешто сосема ново. Басот за него беше водечки инструмент и никој не смееше да биде погласен од него. Беше многу принципиелен кога требаше да доаѓаме на проби. Точно го знаевме времето кога требаше да дојдеме, но заминувањето дома секогаш беше оставено како отворено прашање се сеќава Поп-Панкова, која дел од својата кариера поминала пеејќи со „Тор“.
Магијата на музиката и амбициозноста во свирењето не го напуштиле ни по 1977 година, кога решил да замине во Америка, барајќи нови предизвици, пред се' како музичар. Пријателите ќе ви кажат дека зад него има многу интересни проекти, со големи музичари, но оти малку сака јавно да зборува за тоа. Како што ќе ви каже и самиот, колку повеќе се обидувал да влезе во нечија „туѓа“ музика, толку повеќе сфаќал дека треба да му се врати на коренот, на начин како што тоа го правеле Сариевски, Бадев и Кирил Манчевски.
„Дури и кога ги напушти овие, наши простори, тој продолжи да работи, за разлика од повеќето од нас кои сме се откажале со текот на времето. Сега кога се видов со него по толку многу години, видов колку многу работел тој во Америка и со какви музичари работел и работи. Слушнав некои негови идеи, така што воопшто не видов дека нешто се сменило кај него. Тоа е истиот човек, со истите размислувања, со истите принципи и ставови за животот, за музиката и за се' што се случува. Таквите се многу ретки вели Поп-Панкова.
![]() |
| Гарабет Тавитјан - Гаро |
„Ацо беше еден од пионерите на македоснкиот рок. Еден од луѓето од Македонија кои влегоа во рокот меѓу првите. Вежбавме кај него и едноставно, кај него, во таа куќа, се случуваше се' што понатаму ќе се случува во македонската музика. До тогаш се свиреше на игранки, а 'Тор' беше една од првите групи што имаа концерти. Имаше едно жолто комбе 'фоксваген', долга коса и беше одличен музичар. Беше во тек со времето и имаше визија. За жал, набрзо отиде за Америка и оттогаш не сме се виделе. Црногорецот беше една култна личност во Македонија. Како човек, за проблематичните беше проблематичен, за мирните - мирен, за тие што се коректни - коректен. Тој има еден проблем, а тоа е што средината не те разбира кога си еден чекор понапред. Тоа беше едно, комунистичко, време во кое тешко се пробиваа сите тие нови работи, кога милицијата ги шишаше младите што имаа долги коси. Тој тоа го сфати, па бараше полиберално општество се сеќава Гаро.
За Здравко Ситновски - Ситна, Ацо Црногорецот е, едноставно, човек кој е роден за да биде водач, доблесен човек, кој е добар колку што е голем.
![]() |
| Ситна |
Тешко е да се пишува за човек за кого ќе чуете такво шаренило од интересни нешта, кои сакате да ги споделите, а кој ве замолува во колку што е можно помалку зборови да го опишете. Но, да се обидеме:
Човек чиј гуру е шарпланинецот, за кој вели дека е како факултет. Пасиониран љубител на мотоцикли, во чија колекција има драгоцени мотори „Харли Дејвидсон“ и човек фотографиран за официјален постер на брендот, ако прифатат на постерот до американското да стои и македонското знаме. Индустријалец во чии хали биле произведени крилата на првите 2.000 воени возила „хамер“ кој уште од првиот работен ден во САД со утринското кафе си вели: денеска си одам за Скопје. До сега дошол околу 150 пати.




2 comments:
Супер!!
Уште да успееш да разбудиш носталгија кај сите нив, и ги вратиш дома...а до тогаш, продолжи да ни раскажуваш приказни за добра ноќ....баш како покојните ни предци.
Супер!!
Уште да успееш да разбудиш носталгија кај сите нив, и ги вратиш дома...а до тогаш, продолжи да ни раскажуваш приказни за добра ноќ....баш како покојните ни предци.
Post a Comment