ФРАНКОФОНСКИ КВИЗ
Македонец - финалист во квиз на француската "ТВ 5"
Скопјанецот Виктор Закар ќе ја претставува Република Македонија во финалето на популарниот квиз "Прашања за шампион", што се емитува на програмите на француските телевизии "Франс 3" и "ТВ 5".
Во натпреварот меѓу четирите члена на македонската екипа во Париз, што вчера го емитуваше "ТВ 5", тој го освои првото место, пред Владимир Бубалов од Скопје - на второто, Ивана Коцевска од Куманово - на третото и скопјанката Дијана Каранфилска од Скопје - на четвртото место.
Со освојувањето на највисоката позиција во националниот тим, Закар обезбеди место во финалето на специјалното издание на квизот што ќе се одржи на 27 март, во кое учествуваат тимови од десет земји-членки на Франкофонијата.
Квизот се емитува низ целиот свет преку програмите на "ТВ 5", а француската публика го следи преку Третиот канал на националната телевизија, "Франс 3". Станува збор за ултрапопуларен квиз, кој е предизвик и за учество и за гледање кај Французите од сите возрасти.
Учеството на квизот четворицата Македонци го обезбедија преку тестирањата што беа одржани во јануари во Скопје, при што беа проверени нивните знаења за францускиот јазик и француската култура. Финалето се игра во две групи од претставници на пет земји. Победникот од дуелот меѓу двајцата најдобропласирани од двете финални вечери ја добива главната премија на квизот, која изнесува 10.000 евра и патување.
(В.М.)
No comments:
Post a Comment